Скопје со години се соочува со сериозни проблеми – загаден воздух, недоволно зеленило и сè потешко управување со отпадот. Марјан Калевски од Зелен хуман град не сака да зборува за Скопје само преку бројки и статистики – за него главниот град е жив организам што постојано бара грижа и внимание. Во интервју за Рес публика, во улога на носител на советничката листа на ЗХГ во Скопје, тој говори за својата визија за поуреден и почист град, каде граѓаните ќе можат да дишат чист воздух и да имаат повеќе зелени простори. Неговиот пристап е практичен, но во основа има едноставна идеја: Скопје мора да стане град во кој луѓето се чувствуваат дома.
Кога зборуваме за Скопје, прво што ни се појавува е неговата грда слика – неисчистени улици, преполни канти, секојдневно загаден воздух. Што би направиле прво за да се види јасна промена?
Најмалку 60% од вкупниот комунален отпад во градов и земјава е биоотпад. Првото нешто што Зелен хуман град би го направил откако би добил мнозинство во Советот на Град Скопје е ставање во функција на двете биокомпостари што Градот веќе ги има набавено како резултат на изгласан програмски предлог на ЗХГ во Советот. Тие би ги поставиле во различни општини на места лесно достапни за граѓаните за тие да може самостојно да го одлагаат својот биоотпад. Потоа би набавиле биокомпостари за сите останати општини на Скопје, со што би ги елиминирале трошоците за транспорт на овој отпад. Паралелно инсистираме на меѓуинституционална соработка помеѓу Министерството за животна средина и Градот Скопје за целосна промена на системот за управување со отпад кој е заглавен со депонирање како во 19 век. Инсистираме на воведување на концептот Нула отпад кој веќе постои во стратешки документи за управување со отпад. Тоа значи дека во старт мора да се спречи генерирањето отпад и мора да се воспостави темелна примарна селекција како на биоотпадот, така и на останатите видови комунален отпад: пластика, стакло, хартија, метал, електронски и кабаст отпад. Тој отпад потоа ќе се однесе во центри за селектирање кои понатаму ќе го извезат селектираниот отпад во земји кои имаат стандарди и услови за рециклирање.
Единственото нешто што во земјава можеме да рециклираме по некакви станарди е биоотпадот од кој ќе добиваме органско ѓубриво/хумус и биогас и може да рециклираме градежен шут кој со механичка обработка понатаму ќе може да се реискористи за градежен материјал. Секако, да не го заборавиме и кабастиот отпад од кој дел може многу лесно да се реупотреби преку центри во градска надлежност за поправки и надградување. Како мнозинство во Советот на Градот Скопје би почнале со стратешки инвестиции во биогасни централи (да речеме на Дрисла или на друга соодветна локација) каде што ќе се носи биоотпад од прехранбена индустрија од околината на Скопје и отпад од гранки и лисја што го собираат ЈП Паркови и зеленило. Одредена количина лисја е неопходно да остане околу дрвјата за природните процеси да течат непречено. Една таква гасна централа би произведувала метан кој ќе се искористи за производство на електрична енергија. Биогасните централи во комбинација со фотоволтаичните системи на кровните површини на институциите под надлежност на Град Скопје би обезбедувале обновлива енергија со што би се намалила зависноста од валкано произведената енергија од РЕК Битола и секако би се намалиле трошоците.

Во една Ваша изјава како решение на аерозагадувањето предлагате „да има 24-часовен мониторинг во живо“ за индустриските капацитети. Како ќе го направите тоа?
За да се спроведе 24-часовен мониторинг во живо, неопходно е да се донесе Законот за контрола на индустриски емисии со кој ќе се обврзе секој загадувачки индустриски капацитет јавно, во реално време, да ги објавува податоците од мерењето на загадувањето што го предизвикува. Но, и Градот Скопје сепак има што да направи околу ова. Градот има ингеренција над сите индустриски капацитети со Б-интегрирана дозвола, а со Законот за инспекциски надзор во животната средина инспекторите на Град Скопје имаат право да присуствуваат на здружен надзор заедно со Државниот инспекторат за животна средина каков што беше случајот со Цементарница УСЈЕ.
Кога би добиле мнозинство во Советот, Градот Скопје би поставил мерни станици периметарски околу поголемите индустриски загадувачи (и со А и со Б интегрирана дозвола), а и општо густа мрежа на мерни станици низ градот зашто тоа е еден од начините за лоцирање на загадувачите. Според европски препораки, нема потреба од толку мерни станици во ЕУ, но тоа се земји каде што важат законите, а ние сме Див Запад каде што не важат закони и секој може да потплати за да загадува, впрочем законите како што сега се поставени, на индустриските загадувачи повеќе им се исплати да платат казна ако ги фатат по некоја случајност, отколку да работат по стандарди.
Исто така, сè уште не е комплетиран регистарот на сите индустриски капацитети со Б- интегрирана дозвола, а има и многу такви капацитети што работат на диво. Итно би го завршиле регистарот и би пратиле инспекции до сите капацитети дали работат според дозволата, а тие што не ги исполнуваат критериумите или воопшто немаат дозвола би ги санкционирале.
Предлагате фотоволтаични панели на покривите на јавните институции. До каде е таа идеја? Колку институции ќе бидат вклучени и во кој рок? И што ако некоја институција нема услови (структурни, финансиски) за поставување?
Уште пред да го формираме ЗХГ, со здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. пред 7-8 години сме поднесувале предлози до локалната и до централната власт за поставување на фотоволтаици на покривите на сите објекти во сопственост на државата и локалната самоуправа и ставање топлотна изолација на објектите што ја немаат и да се направи замена на начинот на загревање на објектите кои користат фосилни горива, дрва или јаглен како енергенс. Да нѐ послушаа тогаш, денес веќе ќе зборувавме во кои корисни проекти да ги инвестираме заштедените финансии бидејќи инвестицијата во фотоволтаици се враќа за околу 7 години. Поставувањето на фотоволтаични системи на објектите под надлежност на Градот е борба против енергетската сиромаштија, а сепак се спроведува само во рамки на грантови шеми, што е поразително, бидејќи не се работи за инвестиција која не би можела етапно да се реализира во текот на еден четиригодишен мандат. Токму тоа планираме да го направиме.
Оние институции кои немаат структурни услови за поставување фотоволтаици би биле покриени со електричната енергија произведена во биогасните централи. Сепак, најголем дел од институциите под надлежност на Град Скопје имаат кровни површини со соодветна (јужна) поставеност. Ако сите соодветни кровни површини на објекти на Град Скопје се покријат со фотоволтаични системи, би се произведувале над 18 илјади MWh годишно. Тоа е пандан на потрошувачка на 1.500 домаќинства годишно. Сега, пред локалните избори, гледаме повеќе најави за инвестиции во фотоволтаични системи за училишта, но за жал сè се прави обратно во земјава за мала група на моќници да имаат корист. Наместо до сега да беа поставени фотоволтаични системи на покривите на сите јавни објекти со приоритет на оние кои имаат најголема потрошувачка, сведоци сме како државата дава јавно земјиште на приватни инвеститори кои воопшто не ја намалуваат цената на електрична енергија, напротив ја зголемуваат. И како капак на сè, Собранието изгласа измена на Законот за урбанистичко планирање според кој може да се прават сончеви фарми и на плодно земјиште, а законот важи ретроактивно што значи дека оние кои веќе бесправно направиле соларна фарма на плодно земјиште сега се легални.
Едукација и казни за Скопје без отпад
Отпадот и депониите се проблем што не престанува. Предлагате компостари и зелена енергија. Како ќе го организирате управувањето со кабаст отпад, неправилно фрлање и каква е вашата стратегија за рециклирање?
Ниту институциите на централно, ниту тие на локално ниво одвојуваат сериозни финансии за масовна едукација на населението. Ова е еден од клучните аспекти на кој ние би се осврнале кога би биле мнозинство во Советот на Град Скопје. Но, едукација за концептот Нула отпад како единственото визионерско решение за управување со отпадот, е само еден дел од процесот.
Втор многу важен сегмент се мерките за поттикнување примарна селекција и за правилно одлагање на отпадот, а видовме сите дека дури и минорен поттик дава резултати. Како пример ќе ги наведам поените што се добиваат со апаратите за селекција на пластика што се поставени во маркети ширум земјава, како и враќањето на ДДВ за скенирање фискални сметки. Креативните решенија за поттикнување на скопјани да селектираат и правилно да го одлагаат отпадот во перспектива би ги комбинирале и со казнени политики, зашто светските искуства покажале дека ова е рецептот за успех – едукација, стимулација, санкција.

Преполните контејнери, кабаст отпад расфрлан во секоја населба — тоа не е само естетски проблем, туку и здравствен ризик. Имате ли некаков план како да запре оваа практика на неодговорност и кај институциите, но и кај граѓаните?
Одговорноста за расфрланиот отпад е само кај институциите. Како прво, институциите се тие кои во соработка со градежната мафија неплански и по никакви стандарди за нормално живеење го избетонираа цел град со згради. Илјадници станови празни зјаат само, за неколку моќници, во соработка со големите партии да си остваруваат профити. И сега, откако градот е начичкан со згради, не се поставени доволно контејнери за да ги опслужат сите тие бетонски чудовишта, ниту пак контејнерите редовно се празнат, ниту па некоја институција се посветила преку одржливи политики и законски решенија да го редуцира отпадот во Скопје. За да имаме чист град, наместо контејнери за мешан отпад, би се посветиле ревносно на спроведување на концептот Нула отпад. Тоа значи поставување компостари и контејнери за примарна селекција и масовна кампања за едукација по сите медиуми (телевизии, радија, социјални медиуми) за селектирање, но и за редуцирање на отпадот.
Триесет и пет години откако „си играме“ држава немало институционална едукација за спроведување на првото начело од пирамидата на третманот на отпадот – спречување тој воопшто да се создаде. Оваа задача примарно би ја доделиле на Комунална хигиена Скопје, но секако и Градот преку одвојување средства од буџетот би спроведувал комплементарни активности. Институциите се должни да постават пример кој граѓаните би го следеле.
Нашиот пристап е едукација во комбинација со мерки за поттикнување, но и евентуално санкционирање на сите луѓе што нема прописно да го одлагаат отпадот и покрај сите укажувања и олеснителни околности. Исто така, предвидуваме задолжително санкционирање за сите вработени во институциите кои ќе потфрлат во некој дел на системот за управување со отпадот.
Зелен катастар и правда за градот
Урбанизмот во Скопје може да се опише како „див запад“. Како ќе го санкционирате неконтролирано градење?
Градот Скопје нема градежна инспекција, следствено нема надлежност да издава решенија за уривање или да урива дивоградби. Но, она што може е да утврдува случаи на дивоградби, да ги проследува до надлежни институции и да се бори сите дивоизградени згради да се уриваат, бидејќи тие се закана за безбедноста на сите нас. Инвеститорите да ги обештетат сите луѓе кои купиле стан во дивоградба. Тоа мора да се направи систематски без да се прават отстапки на инвеститори блиски до партиите. Криминалната урбанизација го претвори Скопје во бетонски резерват на црни пари. Ова не само што е прашање на намален квалитет на живот, туку и прашање на дискриминација. Станбената правда е социјална правда, а гентрификацијата придонесува дел од нашите сограѓани да не може да си дозволат купување или изнајмување живеалиште во населба која тие ќе ја изберат, следствено принудени се да бараат живеалишта во периферни делови кои се подалеку од нивните работни места, од училиштата, факултетите, итн.
Зелен хуман град го застапува концептот на консолидирани соседства во кои на најмногу 15 минути одење пеш се обезбедени сите неопходни пратечки јавни содржини (градинка, училиште, амбуланта, детско игралиште, спортски терен, парк за миленици, објекти од областа на културата, урбани градини, биокомпостара, пазар, итн.). Онаму каде што не задоволуваат капацитетите на градинки и училишта до пешачки радиус, не смее да се дозволува нова станбена изградба. Во делови на Скопје воопшто не е инвестирано и има наши сограѓани кои живеат, учат и работат во супстандардни услови.
Визијата на ЗХГ за Скопје е инвестиции во јавни објекти и содржини околу кои ќе се обединува заедницата и рамноправен пристап до истите за сите жители на Скопје.
Зеленилото што го имаме сè повеќе се намалува, се бетонира, се узурпира, луѓето гледаат. Кои локации се први за спас?
Наш прв приоритет е комплетирање на Зелениот катастар. Во овој контекст морам да ја споменам и историската одлука што Советот на Град Скопје ја донесе во мандатот 2021-2025 благодарение на ЗХГ – во Скопје сите решенија за интервенција врз зеленило јавно се објавуваат на https://mojgrad.mk/zelenilo/ и секој жител на Скопје има можност да го обжали решението и да спречи сечење на дрво кое објективно не е за сечење. Прво е Водно, преку негова заштита со Генералниот урбанистички план за Скопје, потоа Кањонот Матка преку инсистирање Министерството за животна средина и просторно планирање да го стави под привремена заштита, а паралелно Собранието да усвои закон со кој ќе се репрогласи за заштитено ова вредно природно богатство. Следно, Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба, Расадник, Француските гробишта, Кале, Аквадуктот, Скупи се простори чие зеленило мора да се заштити, како и бреговите на реките Вардар, Треска, Лепенец, Серава и Маркова Река кои мора да се исчистат и да станат нови паркови, зелени коридори и рекреативни зони.
Она што на Скопје особено му недостига во поглед на одржливо управување со зеленилото е активноста негување. Корупцијата и крадењето во институциите резултираат со неодвојување соодветен буџет за негување на зеленилото, но и немање доволно, како ни соодветно обучен кадар ниту опрема за тоа да се спроведе.

Безбедноста на пешаците и велосипедистите е постојано занемарена. Сите ветуваат зони без автомобили, нови велосипедски патеки, намалување на брзината на клучни улици? Дали е тоа остварливо?
Апсолутно е остварливо. Гледаме како сè повеќе големи градови низ Европа и светот затвораат улици за автомобили, прават пешачки зони и ја зголемуваат велосипедската инфраструктура. ЗХГ со години ги застапува во Град Скопје и ги поддржува барањата за велосипедска инфраструктура и мерки за смирување на сообраќајот на граѓанската иницијатива На Точак.
Неопходно е еднаш засекогаш во овој град да ја усвоиме Визија нула, бидејќи тој концепт опфаќа мерки и политики кои, на пример, на Хелсинки годинава му донесоа нула жртви во сообраќајот. Понатаму, неопходно ни е зголемување на ефикасноста на јавниот транспорт, решавање на паркирањето и оформување на мрежа велосипедски ленти и патеки со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа.
Транспарентноста не е опција, туку основа за реални резултати
Сите овие проблеми не се решаваат само со ситни мерки, туку со системски пристап. Како ќе ја осигурате политичката волја, финансиските средства и институционалната поддршка за реализација на овие ветувања од Вашата програма?
Кога Зелен хуман град би го добил мнозинство во Советот, дел од опструкциите ќе бидат отстранети. Секогаш сум целосно искрен и така и сега морам да кажам дека кога ќе се дојде на власт се гледаат сите скриени проблеми за кои речиси никој не зборува јавно, но верувам дека една група млади, посветени, ентузијастични луѓе како нас, кои пред сѐ се многу креативни, нема да има проблем да изнајде решенија.
Второ нешто што е многу важно да се нагласи е буџетот. Манипулација е дека нема доволно пари. Ако има пари за луксузирање, значи има пари и за основните приоритети на скопјани. Трет факт е дека меѓупартиските пресметки може да влијаат негативно дури и кога се работи за спроведување добри политики. Но, нашиот најсилен адут е транспарентноста – отворената и искрена комуникација со нашите сограѓани. Многу веројатно е дека дури и да би добиле мнозинство, некои од активностите многу тешко ќе се спроведуваат поради саботажите и опструкциите од високопартизираните претпријатија и институции под надлежност на Градот. Единствено што можам да кажам е дека тој пеколен преоден период мора да се помине заеднички и со доверба. Немаме друг начин да си го вратиме Градот назад освен да ги преземеме институциите и дел по дел да ги истиснуваме бескрупулозните партиски поданици, а да ги заменуваме со луѓе кои имаат емпатија кон своите сограѓани и професионален интегритет да ги спроведат доследно нашите политики за зелено и хумано Скопје.

Граѓаните се скептични — многу ветувања, малку реализација. Што ќе направите вие за да успеете она што го ветувате, и како ќе се извлечете од циклусот на „идни ветувања, сегашни одложувања“?
Транспарентноста е една од најсилните страни на ЗХГ. Благодарение на ЗХГ сите седници во Советот на Град Скопје се пренесуваат во живо и скопјани, а и цела Македонија можат да ги следат. ЗХГ ги има првите советници во Македонија кои ги објавуваат на веб-страница (МојГрад.мк) материјалите за претстојната седница веднаш штом ги добиеме, за да може граѓаните, не само да знаат за што ќе се одлучува, туку да бидат активни учесници во создавањето на тие одлуки, преку можноста за давање забелешки и сугестии која постои на самата страница. Директната демократија е еден од стожерите на ЗХГ. Тука објавуваме како гласале нашите советници на секоја точка што била на дневниот ред и нашите гласови биле секогаш во насока на поддршка на добри политики за граѓаните, заштита на зеленилото, животната средина и животните. Не сме се противеле на добри политики (како што правеа сите останати), без разлика од која партија биле предложени и сето тоа лесно може да се провери/докаже. Ова се нашите постигнувања со само 2 од 45 советника за изминативе четири години и одговор на прашањето зошто мнозинството скопјани треба нам да ни ја даде довербата на претстојните локални избори за советници во Советот на Град Скопје.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотографии: Томислав Георгиев
