fbpx

Кирил Михајлов, пожарникар доброволец: Државата 32 години ни нема дадено ниту денар

Интервју

20.08.24

Прегледи

За пожарите и за противпожарните капацитети вообичаено зборуваме само во лето, кога ги гледаме апокалиптичните сцени од шумите што горат. Вака го почнавме муабетот со Кирил Михајлов, старешина на Доброволното противпожарно друштво од Свети Николе, со намера ова интервју да биде предупредување и апел да не трае темата само овие денови. Михајлов вели дека иднината е во доброволното пожарникарство и повикува итно да се почне со редизајн на законите што ќе им овозможат мост со државата. Иако и сега никој не ја спречува државата да им помага. Благодарен е на огромната странска помош од Велика Британија и од Германија, и додава дека им се потребни специјални возила за шумски пожари на отворен простор, како и систем за рано предупредување. Разочаран е од инертноста на државата за современ кризен менаџмент, како и од фактот дека пожарните возила се стари претежно над 35 години. Откри и дека колегите пожарникари, во случај на повреда при акција, немаат никакво осигурување. Интервјуто е приказ на ноншалантноста на една земја, во случајов нашата, кон современите опасности што ги носи иднината.

Неодамна имаше големи пожари во Светиниколско. Имавте ли доволно опрема за да ги совладате?

- При последниот огромен пожар во нашата општина, се соочивме со големи предизвици. Иако, за среќ,а имаме солидна личнозаштитна опрема и располагаме со 6 противпожарни возила, од кои само едно е целосно опремено за ваков тип на инциденти, сепак се соочивме со недостиг од соодветна опрема и од возила специјализирани за гасење шумски пожари и пожари на отворен простор. Ова значително го отежнува нашето дејствување на непристапни терени, бидејќи за нив е потребна специфична специјалистичка опрема и возила, за да можеме поефикасно и поуспешно да се справиме со пожари од ваков обем и природа. Од каде ви доаѓа таа опрема што ја имате?

-Целокупната опрема и возила што ги користиме се добиени преку донации од различни партнери и институции. Најголемиот дел од опремата и возилата ги добивме благодарение на нашиот стратешки партнер, „Операција Флоријан“ од Велика Британија, кои ни донираа 3 противпожарни возила и разна противпожарна опрема. Покрај тоа, Германската амбасада од Скопје ни донираше разна софистицирана противпожарна опрема и четирицикл, којшто е еден од нашите најголеми адути во справувањето со шумските пожари. Од нашите институции, сакаме да ја истакнеме донацијата од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, која ни преотстапи теренско возило и четирицикл на трајно користење.

Ви помага ли генерално државата и со што ви помогнала досега, бидејќи, според закон, државата е должна да ја опреми доброволната противпожарна единица, а исто така и да ја финансира?

-Како што спомнав во одговорот на претходното прашање, досега од страна на државата ни се отстапени две користени возила. Меѓутоа, во однос на финансиите, немаме добиено ниту еден денар во изминатите 32 години. Ова се должи на сегашното застарено, нефункционално и сложено законско решение, како и на досегашната тотална незаинтересираност на државата за креирање современ кризен менаџмент, којшто ќе нѐ приближи до најдобрите и најразвиените противпожарни системи во Европа, каде што доброволното пожарникарство е основата.

Државата не обучува пожарникари

Колку време постои доброволната противпожарна едница од Свети Николе?

-Доброволната противпожарна единица од Свети Николе во континуитет постои повеќе од 89 години.

Кирил Михајлов, пожарникар доброволец: Државата 32 години ни нема дадено ниту денар

 Дали државата ви помага барем во обуките на пожарникарите?

-Од причина што државата досега нема создадено сопствен капацитет за обука на пожарникарите, бевме принудени да бараме асистенција од страна на нашиот стратешки партнер „Операција Флоријан“, којшто, покрај нашата единици, обучи и околу 85 % од пожарникарите во државата. Притоа, не беше опфатена обука за гаснење шумски и пожари на отворен простор. Овие обуки ни беа овозможени преку Дирекцијата за заштита и спасување, каде што сме дел од два противпожарни модули: на ниво на државата и регионален, од Турција до Босна и Херцеговина. Како се обучувате?

-Повеќе од 95 % од обуките ни се дадени од врвни инструктори од „Операција Флоријан“ од Велика Британија, кои ни обезбедија базични и напредни обуки за урбани пожари, поплави, земјотреси, сообраќајни несреќи и прва помош. Тука сакам да истакнам дека тројца наши членови станаа и инструктори за дишни апарати, додека во однос на шумските и пожарите на отворен простор, се обучуваме преку модулот ИПА на ЕУ, со учество на наши пожарникари на домашни и на меѓународни противпожарни кампови.

Имате ли сознание колку доброволни противпожарни друштва има вкупно во државата?

-Според направената сеопфатната анализа, во нашата држава се реално активни околу 15 друштва, од кои 7 поседуваат противпожарни возила, а останатите со скромна, претежно рачна опрема, учествуваат во справувањето со шумските и со пожарите на отворено.

Мислам дека светиниколската доброволна противпожарна единица важи за една од најопремените. Колку луѓе сте и дали одите на помош и во други општини?

-Земајќи ја предвид долгата традиција и потребата за континуирано следење на најсовремените противпожарни безбедносни трендови, притоа гледајќи ја инертноста и незаинтересираноста на сите надлежни институции за унапредување на пожарникарството, и ставајќи акцент врз доброволното пожарникарство во нашата држава, нашето друштво беше принудено да преземе иницијатива за пронаоѓање стратешки партнер, што вроди со плод во далечната 2007 година, со позитивниот одговор од страна на хуманитарната противпожарна асоцијација „Операција Флоријан“ од Велика Британија, која до денес, на ниво на цела држава, донираше 35 целосно опремени противпожарни возила и повеќекратна обука на пожарникарите.

Нашата единица е составена од 20 обучени пожарникари и повеќе од 50 членови.

На повик за помош од страна на соседните општини секогаш излегуваме на терен, како и при мобилизација од страна на двата модула на Дирекцијата за заштита и спасување, при што како пример ќе го споменам апокалиптичниот пожар на планината Серта, што беснееше до пред некој ден.

Што се однесува на тоа дека сме една од најопремените единици во државата, би сакал да кажам дека тоа се должи и на иновативниот пристап на нашите членови. Тука сакам да ја истакнам иновацијата на нашиот член Дарко Петрушев, кој ги надгради двата противпожарни четирицикла во мини противпожарни возила, кои се покажаа како многу ефикасни во борбата со шумските и со пожарите на отворено.

Имате ли сознанија каква е состојбата со опременоста на другите доброволни единици?

-Да, според нашата анализа, 7 од 15 доброволни противпожарни единици располагаат со 21 донирано противпожарно возило, но со просечна старост над 35 години, додека останатите 8 активни друштва располагаат со разна донирана личнозаштитна и друга разна опрема.

Тука сакам да истакнам дека овие денови значително се подигна свеста кај населението,  кај бизнис-заедницата и кај институциите, така што обемот на личната заштитна опрема и на основната опрема за пристап кон шумските и пожарите на отворен простор (мешини за вода, челични метли, гребалки, моторни пили, комбинезони и сл.) секојдневно се зголемува и затоа сè уште не можеме да излеземе со конкретни бројки.

Што ако се повреди пожарникар...?

Ви помага ли општината?

-Да, ни помага. Тука особено сакам да ја истакнам посветеноста на градоначалникот, г-н Дејан Владев, и на Советот на општина Свети Николе за унапредување на безбедноста на населението и на природата со перманентното годишно зголемување на финансиските средства за нашето хумано друштво. Што добиваат вашите колеги пожарникари за ангажманот при актуелните пожари? Дали барем сега, во итната ситуација, државата ви понуди некаква помош или сами се снаоѓавте?

-Нашите колеги пожарникари добиваат само морална сатисфакција, дека сме спасиле нечиј живот, имот или некоја шума. Државата во оваа итна ситуација не ни понуди помош што би можеле да ја истакнеме. Сами се снаоѓавме. Оттука, сакам да изразам огромна благодарност до бизнис-заедницата и до граѓаните, кои секојдневно ни помагаат со сервисирање на нашите возила и опрема, со донации за подобрување на условите во нашата противпожарна станица (клима-уреди), со рачен алат за гаснење, со донирање вода, освежителни пијалаци, лекови, маски и сл.

Во случај на повреда при гаснење, ако пожарникарот нема здравствено осигурување, имате ли помош од државата?

-Пожарникарите на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе не се колективно осигурени; неколку од членовите имаат лично животно осигурување. Ја користам можноста до апелирам до  осигурителните компании да ни излезат во пресрет не само во поглед на нашето осигурување, туку и за издвојување повеќе финансиски средства за спонзорирање на доброволните противпожарни друштва, а со тоа ќе се намалат и нивните трошоци за настанати штети од пожари.

На вашата веб-страница прочитав дека противпожарните возила ви стојат во гаража стара 70 години. Не се сети ли некој досега да помогне да добиете солидно место за гаражирање на возилата?

-Во моментов, во супстандардниот гаражен простор што го поседуваме, гаражирани се навалното возило DENNIS, двата четирицикла и приколката, додека на атмосферски влијанија, механички оштетувања и грабежи се изложени 3 противпожарни возила.

Општината ни обезбедува финансиски средства за тековното работење на друштвото, но планираме да искористиме и мал дел од нив за градењето наменска гаража.

Сакаме да ја искористиме можноста да апелираме до сите институции, до бизнис-заедницата и до сите хумани граѓани да ни излезат во пресрет и да ни донираат финансиски средства според своите можности, за да ја изградиме гаражата што ќе ги спаси и ќе им го продолжи векот на нашите возила и опрема, а со тоа тие ќе бидат подолго време во служба на населението и на природата.

Имате ли магацин за чување на опремата?

-Немаме конкретен магацин за чување на нашата противпожарна опрема и поради тоа, моментално ја чуваме во две простории од нашата станица. Наменската функционална гаража исто така ќе биде и простор за складирање на нашата опрема. Исто така забележав дека, на вашата веб-страница, сте објавиле дека од возила имате само едно големо противпожарно возило, едно лесно, едно комбе  за транспорт на опрема и луѓе и два четирицикли. Доволно ли е тоа да се совлада еден поголем шумски пожар?

-Ни оддалеку, бидејќи возилата претежно се за урбани пожари и за сите останати инциденти.

За шумски пожари ни се потребни опрема и специјални возила со кои ќе бидеме во можност да стигнеме до тешко пристапен терен, заради подобрен брз одговор за ефикасно и ефективно настапување на пожарникарите.

Што имаат пожарникарите од лична опрема и каде ја чуваат?

-Нашите пожарникари имаат личнозаштитна опрема за справување со сите видови на инциденти и таа се чува во адекватна просторија. Каква опрема ви недостигаше при неодамнешниот пожар кога настрадаа и домови на локалното население?

-Ни фалат соодветни специјални возила за шумски и за пожари на отворен простор за непристапен терен, систем за мониторирање и за рано предупредување за настанување на пожари на отворен простор, големи танкови за вода со депласман од 20 до 32 тона, софтвер за брза мобилизација и комуникација на единиците на терен и многу друга противпожарна опрема.

Излегува дека странските земји се позаинтересирани да помогнат со опрема и обуки отколку нашата држава. Ве разочарува ли тоа?

-Да, секако дека нѐ разочарува, но ние секогаш бараме начин за да се доопремиме со соодветна модерна опрема, возила и добивање обуки, преку разни домашни и странски донатори, во насока на побезбедна заедница и природа. Иднината е во доброволното пожарникарство кое функционира во многу напредни држави.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фото: Приватна архива