„Ако направиме ретроспектива на човечката цивилизација низ вековите, ќе видиме дека никој не се сеќава ниту на еден министер или сенатор, туку се сеќава на Микеланџело, на Рембрант, на Сенека, на Конфучиј, на Спиноза... Сакам да кажам дека уметноста и филозофијата се водилки кои го осветлуваат патот“, вели сликарот Киро Урдин, кој глобално е познат како автор на првата слика работена низ целиот свет, „Планетариум“, дел од истоимениот мултимедијален проект. Нескротливиот дух му овозможил професионално да трага по себе, од правник до уметник, и секогаш „патот да го открива одејќи по него, и да не бара разгазени патишта“. А по тие патишта еве го на прагот од деветтата деценија од животот, во интервју за Рес Публика, каде што зборуваме за чувството дека Македонија е изневерена, за планетата Земја и за други општествени теми, кои го носат до сознанието дека „богатството е една голема илузија“.
Добре дојдовте дома. Колку време помина од вашата последната посета? Како Ви изгледа ова враќање во Македонија?
Јас сум дома нонстоп. Се оддалечувам и се враќам. Македонија е мојот магнетизам. Кај мене тоа не е носталгија, тоа сум јас. Некогаш имам морници кога доаѓам, затоа што тука е архивата на мојата меморија и тука чувствата се многу интензивни, богати, тоа е еден магичен дел од мојот живот, кога си доаѓам тука. A, како го доживеав ова враќање дома? Ќе го цитирам Ворен Бафет, кој на едно новинарско прашање како го постигнал успехот, одговара: „Не знам како, ама знам дека се опкружив со луѓе поумни од мене и мислам дека е тоа тајната на мојата компанија“. Всушност, што сакам да кажам? За да се има успех, неопходна е интелигенција. Факултетското образование кое го имаат луѓето кои ја водат земјава 30 години не значи ништо, гледајќи ја моменталната состојба каде се наоѓаме. Ние досега немавме морална личност, секоја чест на исклучоците. Немавме личност со интернационално искуство, која не е клиентелистички настроена. Личност која нема желба за моќ. Немавме креативен човек, со патриотска желба да ги поврзе сите алки во таа игра (сите умни луѓе), за да се случи спас на татковината, спас на народот. Многу неискуство, необразование, ниту познавање на политиката, ниту контакти во европските и светските структури. Токму такви луѓе ја водеа Македонија и направија многу штета и на државата и на народот.
И ете, така го доживеав моето сегашно враќање дома. По толку мои проекти со кои ѝ се посветував на земјата, промовирајќи ја на сите континенти во светот во 21 век, чувствувам дека токму таа, Македонија, е изневерена. И да ви кажам, се чувствувам фрустрирано поради тоа.
Сите спијат освен воената доктрина
Неочекуван дефетистички став од вас. Зарем вие не бевте оној што на сè гледа со оптимизам?
Јас сум правник по професија, студирав на Правниот факултет во Белград. Две години бев цимер во Белград со Вук Драшковиќ, а таму еден период бев цимер и со Владо Камбовски и со новинарот Владо Мокров. Низ животот сум собрал различни искуства. Клиентелизмот и корупцијата во Македонија ја уништија вербата кај обичниот човек дека тука може да се направи нешто добро и земјава да е место за пристоен и достоинствен живот. Денес личи невозможно да се бориш против нив.
А, и мојот „Планетариум“, неговата идеја беше невозможна, како и битката со клиентелизмот и корупцијата, но на крај излезе слика масло на платно, тешка 300 кг и долга 48 метри, и ја носевме седум луѓе. Знаете, имав толку силна енергија и верба и влегов во сите тие забранети места. Но, во животот мора да се верува дека она што не е можно, всушност, можно е да се направи. Денес таа слика се наоѓа во Danubiana Meulensteen art museum, еден од најголемите музеи во Источна Европа, во Словачка, на граница со Унгарија, Австрија и Словачка. Ние сега имаме смена на власта и неопходно е да се верува дека тие треба да ни донесат подобра иднина и дека направените грешки кон татковината ќе бидат коригирани. И најдолгиот пат ќе биде скусен со првиот чекор. Ајде да го видиме тој чекор. Тука е мојот оптимизам, инаку сум многу реален затоа што работам според чувство и инстинкт, а тие се прецизни.
Во моментов кога светот има две воени жаришта, целта на Планетариумот беше симболично да го обедини светот, онака како што беше и насликан во 1996/’97, но изгледа таа не е постигната?
Сите спијат, а само воената доктрина си работи 24 часа. Историјата не е хемиски процес. Но, јас сум роден пацифист и мислам дека човекот може многу повеќе да добие со добро отколку со лошо, и тоа е едноставно, лошото е деструкција, а доброто е градење. Целиот живот на мој начин се борам за градење и за поставување мостови на пријателства, на соработки, на иновации... Една точка насекаде, сите точки во една и така тргна мојот Планетариум. Една уметност во сите уметности, сите уметности во една.
Мора да сме свесни дека планетата Земја се претвора во глобален контејнер, загадена почва, загадено море, животинските видови изумираат, алгите и инсектите изумираат. Тоа е точката во која современиот човек покажува дека не само што потекнува од животно, туку дека според степенот на развој е зад животното. Нејасно е како човекот како вид овозможува таков технолошки развој, а не презема ништо за трупањето капитал и отпад. Сериозно сум загрижен за планетата Земја и ме боли кога гледам како се уништуваат шумите, реките и се трошат природните ресурси, без да се размисли за последиците што ги оставаме. Тоа го доживувам како удар врз мене. Цел живот го посветив на таа идеја за планетата Земја. И раслојувањето на светот, жариштата кои ги имаме се водат од економски и еколошки причини, за ресурси. Треба да станеме свесни и да се обединиме за заштита на планетата Земја, да ја спасиме од нас самите, идејата за заедничкото, единственото добро.
Уметноста стана инструмент на капиталот
Колку размислувате за овие општествени теми?
Секој ден сум окупиран со Македонија, а ги следам и случувањата во светот. Во животот разбрав една работа, дека богатството е една голема илузија. Претставува создавање на сопствен проблем, затоа што кога се има капитал, тој треба да се умножува, да се задржува. А, никому не му е потребно повеќе од дом со место за преспивање, питка вода и храна. Доколку имаш три оброци, тоа е луксуз. Колку поедноставна храна јадеш, толку подолго ќе живееш. Сиот недостаток на духот е пополнет од конзумеризмот, кој таа празнина ја мултиплицира во повеќе правци. И кога ќе го разбереш тоа, ќе ја сфатиш вредноста на родителите, децата, љубовта, пријателствата, животинскиот свет, природата... Тоа е животот. Тоа е богатството. Не пропагирам идеална дистрибуција на материјалните богатства, меѓутоа неопходно е да се има свест дека секој треба да живее и да ги има тие основни работи за живот.
А успевате ли да работите, да сликате?
Да. Мене ми е важно да сликам. Насликав многу добри цртежи. Имам околу 9.000 афоризми. И постојано работам, пишувам, правам филмови. По големите платна на Планетариумот и Табула раса, за време на ковидот се префрлив на мали формати, кои ја означуваа родителската љубов кон детето, бидејќи бев изолиран и се чував за да не настрадам од вирусот. Тие формати ѝ ги посветив на ќерка ми Дона. И на тој начин работата ни овозможува да бидеме живи и да го искусиме животот на поинаков начин, преку задачите што ги имаме пред себе.
Минатата година имав одличен успех во Букурешт, и сега летово изложувам таму, на покана од Музејот на романскиот селанец во Букурешт, кој во 2006 година беше прогласен за најдобар музеј во Европа. Со изложбата на фотографии „Луѓе од долината Омо“, кои ги правев за време на моите патувања во Африка. На нив се членовите на племињата Мурси, Боди, Квего, Мугон, Ари, Бана, Хамар, Аробе, Каро, Сурма, Диме, Консо... кои преживуваат и живеат во долината Омо.
Колку уметноста може да нè хуманизира?
Може да нè хуманизира, но има голема мана. Таа денеска 90 % е инструмент на капиталот. Уметноста не е мода, ниту доаѓа, ниту си оди, таа останува. За мене таа е извор. Чисто. Не треба да е убава, да биде допадлива, туку таа треба да биде вистинска. Таа е порив. Но уметноста е наивна и секој може да манипулира со неа. Ама ја гледам како шанса, како совест. Тој естетски поглед на душата кон нешто повозвишено. Е, така таа може да го хуманизира општеството. Да влезе во порите на духот, некогаш видливо, некогаш невидливо. Знаете, постои таа светлина на уметноста која е бесмртна. Ако направиме ретроспектива на човечката цивилизација низ вековите, ќе видиме дека никој не се сеќава ниту на еден министер или сенатор, туку се сеќава на Микеланџело, на Рембрант, на Сенека, на Конфучиј, на Спиноза...
Сакам да кажам дека уметноста и филозофијата се водилки кои го осветлуваат патот. А, хуманизмот не постои само кај луѓето, постои и кај животните, дури искуството ми вели дека животните некогаш се поголеми хуманисти од луѓето.
Колку уметникот Киро Урдин му го олесни животот на правникот Киро Урдин со уметноста?
Има една мисла која ми се провлекува низ животот, а искуството ја потврдува: „Каде што постои право, не постои правда“. Како непоправлив оптимист, цел живот верувам дека постои правда, а ако не постои, тогаш со сите свои капацитети се борам за неа. И кога ќе направам некоја непромислена работа која ми одзема година-две, најпосле сфаќам дека определбата ми била вистинска, бидејќи подоцна ја наоѓам таа внатрешна структура на активноста што сум ја направил. Патот го откривам одејќи по него, а не барам разгазени патишта.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова
Фотографии: Приватна архива