Крстиновска: Кина се обидува да ги освои гласовите на што повеќе држави

Интервју

06.11.25

Прегледи

Дискусиите во нашата земја за македонско-кинеските односи и особено за влијанието што го има Пекинг врз Скопје, добија засилен тон откако ЕУ- интеграциите по којзнае кој пат заглавија во чекалницата. Но, колку оваа релација е релевантна за иднината на Македонија е сосема друго прашање кое низ интервју се обидовме да го расветлиме со Ана Крстиновска од Естима, специјалист за надворешна политика со фокус на односите меѓу ЕУ, Кина и Западен Балкан. Таа во нашиот разговор за Рес публика нагласи дека Кина не може никогаш да биде алтернатива за ЕУ, бидејќи таква интеграција не е дел од кинеската понуда. Но го објасни интересот на Кина за Македонија. Вели дека тоа е, меѓу другото, и затоа што сме централна држава на коридорот кој го поврзува пристаништето во Атина, кое е во доминантна сопственост на кинеската фирма.

Зошто Македонија е важна за Кина?

-Според кинеските принципи во надворешната политика, малите држави некогаш може да бидат исто толку важни, како и големите играчи и одржувањето добри
односи со сите овозможува нивната поддршка да биде мобилизирана кога тоа ќе биде во интерес на Кина од различни аспекти. Тоа го гледаме, на пример, во кинескиот пристап кон Пацификот, каде Кина соработува и со најмалите островски држави за да го прошири своето влијание. Во Обединетите нации и во други мултилатерални организации каде членува и Македонија, Кина се обидува да ги освои гласовите на што повеќе држави, без оглед на големината, за да добие поддршка и да помине некоја резолуција или друг документ за којшто се гласа. Тоа е особено важно во организации каде и малите држави можат да блокираат некој аспект од донесувањето одлуки, како ЕУ или НАТО.

Македонија е важна и симболично, во поглед на кинеските напори што повеќе држави да ја признаваат Кина, наспроти Тајван, нешто што ние добро сме го почувствувале на своја кожа пред триесетина година. И секако, имаме стратешко регионално влијание како централна држава на коридорот кој го поврзува пристаништето во Атина, кое е во доминантна сопственост на кинеската фирма КОСКО, со останатиот дел од Европа.

Кина се воздржува

Дали Македонија покажува доволно отпорност кон кинеските влијанија?

-Македонија одржува добри односи со Кина, но во последните години се воздржува од секаква стратешка соработка и ја ограничува соработката на области кои не се чувствителни или немаат безбедносни импликации. Причините за тоа се повеќекратни: растечката поларизација и недоверба кон Кина која ја покажуваат големите западни држави и наши стратешки сојузници – како САД, ЕУ, Обединетото Кралство итн, нашето членство во НАТО, повеќе инфраструктурни проекти со спорни последици од аспект на добро управување, животна средина итн, кај нас и во регионот. Тука се вбројуваат и искуството од соработката со Кина во текот на претходните години кога не постоеја вакви дополнителни предизвици, но сепак ние како држава не успеавме да оствариме некои значајни придобивки, поради што постои и извесна доза на скептицизам дали соработката сега и во иднина би била воопшто во наш интерес во услови на целосно асиметрични односи со огромна држава како Кина. Во тој контекст како држава, на централно ниво и кај креаторите на политики постои извесна свесност за сите потенцијални придобивки, но и ризици од поголемо кинеско влијание, извесна отпорност, додека Кина се обидува да гради поинтензивни односи со локалните власти и чинители од граѓанското општество, како универзитети, медиуми и невладини организации.

ana krstinovska intervju respublica 1

Како е поставена Македонија кон оската Белград-Будимпешта-Пекинг?

-Несомнено е дека Унгарија е стратешкиот центар за Кина во Европа и дека Македонија и повеќе држави во регионот тесно соработуваат со Унгарија како
регионален центар и пред сè држава членка на ЕУ, која активно го поддржува проширувањето кон Западен Балкан. Соработката меѓу елитите, поткрепена со идеолошка синергија и деловни интереси, се важен елемент во јакнење на улогата која Унгарија ја игра во регионот и во Македонија. Во таа смисла, можеме да зборуваме за некакво индиректно кинеско влијание преку унгарското присуство во Македонија, на пример преку влезот на новиот телеком оператор кој има стратешко партнерство со Хуавеј. Но, досега нема индикации дека тоа е некаква смислена стратегија од страна на Кина, туку се чини дека е повеќе бизнис опортунизам. Во секој случај, треба внимателно да се следи дали ваквите иницијативи за соработка ќе ги почитуваат обврските кои сме ги презеле како држава, во поглед на безбедност на податоците на корисниците на телеком-услугите.

Зошто забелешката во Извештајот за Македонија на Европскиот Парламент за тоа дека унгарскиот заем е всушност од кинеско потекло, не предизвика посериозни реакции во Македонија?

-Таа забелешка не беше во оригиналниот Извештај на известувачот Вајс, туку беше дополнително додадена како амандман, веројатно од некоја од надворешните страни кои ја добија првичната верзија. Она што со сигурност е потврдено е само временското следство на унгарскиот кредит од Кина и македонскиот кредит од Унгарија. Доколку постојат докази или документи дека кредитот директно нè става под кинеско влијание, како што е тоа случај со кредитот за автопатиштата, би требало да бидат објавени за да можеме да извлечеме поинаков заклучок. Во моментов, јавно достапниот договор за унгарскиот кредит на страната на Собранието покажува дека се работи за сосема различен модел на договор и Кина никаде не се споменува. Според тоа, поголем фокус кај јавноста оправдано ќе се стави на тоа како ќе се користат и отплаќаат средствата од унгарскиот кредит.

ana krstinovska intervju respublica 2

Колку е возможно Кина да ги постигне своите политички цели преку културна и економска соработка со Македонија?

-Во моментов економската соработка со Кина е релативно ограничена и ние какодржава немаме некоја поголема економска зависност, бидејќи немаме голем процент од надворешниот долг кон Кина и позначајни кинески инвестиции, како што е тоа случај во Србија. Најголемите ризици и можности се поврзани со трговската размена каде што дефицитот постојано се зголемува. Нашите граѓани и компании во голема мера зависат од кинески производи, суровини и репроматеријали поради куповната моќ и конкурентноста на компаниите. Од друга страна, и покрај повеќе потпишани договори за поттикнување на извозот, постојат различни предизвици и бариери за ние да извезуваме повеќе кон Кина.

Што се однесува до културната соработка, и ако тука ги вклучиме пошироко аспектите на „мека моќ“ преку образовната, научната, медиумската соработка и размена, и таа е важна алатка за постепено градење на односите на сите полиња и нивоа кои Кина во иднина би можела да ги искористи не само за културна промоција, туку и за пласман на сопствените идеи за светот, управувањето, односите со Западот и слично. Постепено преку овие полиња Кина може да влијае пошироко на јавните перцепции и политики за Кина и прашања кои ја засегаат, како и да гради легитимитет за надворешна политика која би одела во различна насока од востановените цели за евроатлантска интеграција.

Можност за постепено влијание

Дали Кина може да стане конкурент на ЕУ во Македонија со оглед на нашиот бесконечен евроинтеграциски пат?

-Не, Кина не може никогаш да биде алтернатива за ЕУ, бидејќи таква интеграција не е дел од кинеската „понуда“. Она што може да направи е да влијае, постепено и на долг рок, на слабеење на ентузијазмот за членство во ЕУ, користејќи го фактот дека условите кои ни се наметнуваат не се фер и заморот од предолгото чекање, и да користи различни празнини таму каде што не сме усогласени со ЕУ за да ги унапредува сопствените интереси, пред се некои системски слабости кои би требало да ги надминеме во евроинтегративниот процес, како што се корупцијата, нетранспарентните зделки, ниските еколошки стандарди итн.

Што може да ѝ понуди Кина на Македонија за да го придобие нејзиното внимание?

-Да понуди комерцијални инвестиции во области кои нудат некаков технолошки трансфер и би ѝ овозможиле на Македонија да го реосмисли и подобри сопствениот економски модел, преку нови технологии, производи и пазари. Инвестиции кои нема да се засноваат на „трка кон дното“, односно евтина работна сила, државни субвенции и пониски стандарди од регионот или ЕУ, туку ќе водат кон економска трансформација и нови извори на раст.

ana krstinovska intervju respublica 3

Освен евтина стока на македонскиот пазар, Кина не покажа некоја поголема одлучност за додворување на Македонија. Дали тоа значи дека ги почитува стратешките правци на нашата земја или го чека вистинскиот момент да се умориме од неостварената европска приказна?

-Нашата стратешка определба секако дека ги обликува условите за соработка со Кина, но не е пресудна. Кина има многу поинтензивна соработка со различни држави членки на ЕУ, што значи дека членството во ЕУ не е никаква пречка за остварување на соработка, сè додека се следат правилата и минимум стандардите. Но, ние како мала држава сме економски помалку интересни, на пример од соседна Србија. Таму политичките елити секогаш се подготвени да и понудат на Кина најдобри услови кои неретко дури и се косат со домашните закони и интересите на локалната економија, само за да остварат зделки и да ја задржат за возврат политичката поддршка на Кина за Србија, особено по прашањето за Косово.

Има податок дека околу 1.500 лица од Македонија го изучуваат кинескиот јазик главно преку институтот Конфуциј. Што Вам ви говори оваа бројка? Дали културната соработка се одвива по нагорна линија и дали е тоа говори за кинеско влијание?

-Конфуциј институтот е важна алатка за културна дипломатија која досега се покажа како многу делотворна кај нас. Големиот интерес за изучување на кинескиот јазик покажува дека граѓаните, особено младите, го перцепираат тоа како додадена вредност за нивната иднина, за наоѓање работа и слично. Во таа смисла, во контекст на унапредување на кинеското влијание, преку Конфуциј институтот како и преку останатите алатки за културна соработка, претставувањето на Кина како економска можност, технолошки лидер и посакувана дестинација или модел игра клучна улога.

Сепак, треба да се има предвид дека кинеската страна и извори во голема мера прикажуваат идеализирана „розова“ верзија за државата и ги прикриваат или цензурираат проблемите кои секако дека ги има и во Кина, како и секоја друга држава.

Таквите наративи изоставуваат на пример дека Кина е авторитарен, еднопартиски систем во кој индивидуалните човекови права не секогаш се почитуваат, или се обидуваат тоа да го спинуваат како предност на кинескиот модел на управување.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фото: Наке Батев