fbpx

Лидија Димковска: Иако често се „вмрежуваме“, развиваме синдром на страв од блискост, од взаемност, од солидарност

Интервју

17.10.24

Прегледи
„Сé повеќе луѓе се засегнати со судбината на бегалството, миграциите, номадизмот, доброволно или не, со релативизирањето на идентитетот, веднаш штом ќе ја преминете границата, со разнишувањето на интегритетот на личноста веднаш штом ќе морате на овој или оној начин за да се ‘снајдете’ во новата средина, во започнувањето нов живот “, вели писателката Лидија Димковска. Таа во своето творештво се занимава со овие теми, кои вкоричени живеат во Македонија и така ѝ стануваат неа, но и нам блиски по емпатија. Овие прашања напати се претешки за човековите плеќи, како и македонските теми кои ги гледа од Словенија, а ги носи и ги чувствува на своја кожа. За новиот роман, за отуѓувањето, за книжевната сцена и за тоа, дали дојде време да се „фати пустелија“ со Димковска разговараме за РесПублика.

Има многу поводи за разговор со Вас, но Вашиот последен роман „Единствен матичен број“ нека биде директен повод за ова интервју. Го доживеав како предупредување за алиенацијата која му се случува на светот, па и нам тука. Што Ве иницираше за темата? Дали во пишувањето тргнавте од тоа или од таму?

-Со години размислував за роман за отуѓувањето, но истовремено и за кипарското гео-политичко прашање, бев опседната со поделбата на Кипар од 1974 година, па на крај ги обединив овие две теми и на тој начин се роди „Единствен матичен број“.  Ми требаше многу време за да најдам најсоодветна врска помеѓу отуѓувањето и кипарското прашање, а тоа се случи преку семејството на Никос Авра(а)м, останат без едно а во презимето откако се преселил со Македонката Милка во Скопје, веднаш по првиот воен удар на Кипар, во јули 1974 година, а добивајќи Единствен матичен број.

Семејството Аврам, дисфункционално, несреќно семејство на отуѓени поединци, е налик на пустелијата што Никос, парадоксално, сака да ја фати, а таа веќе го опкружува. Пустелијата во романот се здобива и со конкретна форма, во вид на антикомуна во која би живееле отуѓени поединци, без присила од страна на некого, на власта, на системот, туку доброволно, што е и најтешко и најстрашно. Но, нашиот свет веќе наликува на пустелијата, нели?  Катерина Аврам тоа добро го знае и се чини дека бара излез, или којзнае, можеби влез во неа, но тоа му го оставам на секој читател одделно да го протолкува и да го разбере.

Кипарското прашање е повод за расплетување на семејните комплексни односи на фамилијата Авраам во кои силно се впечатливи прашањата за неприпадноста и идентитетот. Зошто? Како Вам тие прашања Ви се блиски?

-Прашањата за идентитетот и интегритетот, за неприпадноста, за мигрантското искуство, за човекот и човештвото, за поединецот во светот и светот во поединецот, за малите луѓе за кои не пишува ништо во историските учебници, за историските премрежиња кои судбински го обележуваат ликот, за потрагата по дом, заедништво, љубов итн., се дел од темите кои ме интересираат веќе со години и на еден или на друг начин се провлекуваат во сите мои романи, раскази и во многу од моите песни. Живееме во време и во свет во кој овие прашања им значат на сé повеќе луѓе, бидејќи и сами се засегнати со судбината на бегалството, миграциите, номадизмот, доброволни или не, со релативизирањето на идентитетот веднаш штом ќе ја преминете границата, со разнишувањето на интегритетот на личноста веднаш штом ќе морате на овој или оној начин  да се „снајдете“ во новата средина, во започнувањето нов живот.

Тоа е товар напати претежок за човековите плеќи, особено ако ја нема поддршката во новото опкружување, на системско, но и многу лично, интимно ниво. Старото опкружување, постојаниот дом, татковината со безбројните системски проблеми што му ги наметнува на поединецот, исто така може да биде причина за незадоволство, неприпадност, неидентификација. Човекот е сложено битие и мене ме интересира токму таа сложеност, составена од мали и големи, видливи и невидливи рани, пукнатинки, процепи, надежи и очаи.

Пишувам за прашања што ми се блиски по емпатија, по хуманистичка линија и тоа е особено видливо во „Единствен матичен број“. Чинам дека приказната е поподатлива за доживување, идентификација, препознавање, емпатија и вживување во ликот на Катерина. Морам да признаам дека раскажувачката перспектива во романот ја сменив неколку пати, те во прво, те во трето лице, но на крај се решив Катерина да биде раскажувачката, бидејќи таа е и најзасегната од сé што се случува во романот.

Што се однесува до дилемите – колку и да му припаѓаат на еден конкретен човек, со нив може да се поистовети кој било од нас. Сите болки се лични и универзални, како и сите таги.

„Кипарското“ и „македонското“ прашање се различни

Дали Кипар го препознавте во нашиот општествено – политички контекст?

-Освен во референцата дека во меѓународната, но пред сé во кипарската јавност постои „кипарското прашање“, како што во македонската и во меѓународната јавност постои „македонското прашање“, во друго не гледам сличност со нашиот општествено-политички контекст. Не смееме да заборавиме дека северниот дел на Кипар политички е резултат на воената инвазија од 1974 година кога турската војска изврши воен удар над островот, а јужниот, грчкиот дел е од 2004 година член на Европската унија.

Северниот „непризнаен“ дел, односно признат само од страна на Турција, не може да се стави во ист кош со „непризнавањето“ на Македонија од страна на пооделни соседи, бидејќи се работи за сосема поинакви причини и последици. Да, членството на јужниот дел од Кипар влезен во ЕУ би сакала да го поврзам со Македонија – односно со нејзината желба да влезе и самата во ЕУ. Ама тоа зависи не само од надворешните фактори туку и од нас самите.

Дали си го нормализиравме одродувањето, отуѓувањето? Дали развивме синдром страв од блискост?

-Добра дијагноза поставивте – страв од блискост, Ви благодарам. Да, изгледа го развивме тој синдром на страв од блискост, од взаемност, од споделување, од солидарност, од меѓусебна помош, од тоа да сметаш на останатите, од тоа тие да сметаат на тебе итн.

Парадоксално – иако често се „врмежуваме“ при најразлични проекти, иако „споделуваме“ информации, иако се одѕиваме на социјалните мрежи преку беззборовни знакчиња, всушност, сите тие односи остануваат површни. Ретко кој има време, а и помисла, да им пишува на своите „виртуелни“ пријатели подолги пораки, писма, да им се обраќа лично, инбоксот сè повеќе станува бизнис-алатка, а не поштенско сандаче за чести пријателски обраќања.

Но, и во секојдневниот живот сè помалку имаме време за другите, а и за нас во тие односи. Отуѓувањето на најразлични начини станува нормално, а ретко може да се фати обратен правец кога веќе врските се скинати и кога остануваат само спомените. Сеќавањата, се всушност знакот дека нешто (неповратно) завршило.

Со години живеете во Словенија со семејството. Каква е Вашата перспективата на Македонија од таму?

-Мојата перспектива не е само од таму, туку и од тука, постојано сум во тек со сé што се случува во Македонија, а при секое доаѓање или пак, преку блиските луѓе, многу нешта ги чувствувам и на своја кожа. При мојот последен престој во Скопје, на пример, не можев да стигнам до гробиштата Бутел, затоа што не возеше ниту еден автобус до таму. Не можев да стигнам ни до Кратово затоа што во текот на денот вози само еден автобус за назад, и тоа во претпладневните часови. Итн.

Не живеам толку далеку и толку отсутно од Македонија за да ја гледам само од словенечка перспектива. Како и повеќето жители на Македонија кои сè уште живеат во Македонија, и јас сметам дека земјата уназадува, квалитетот на живот се влошува, системот не функционира, постојано барајќи вина во другите, транзицијата се претвори во константна состојба односно не може повеќе да се нарекува транзиција туку статус кво.

Спомените помагаат за создавање приказни

Добитник сте на бројни домашни литературни награди, вклучувајќи ја и последната Роман на годината. Член сте и на Друштвото на писатели, кое до скоро се соочуваше со внатрешни превирања. Како ви изгледа литературната сцена и се што се случува на неа? Дела, награди, наградени....

-Македонската книжевна сцена е богата, разновидна и жива, просто неверојатно е колку книжевни настани се случуваат, за жал најмногу во Скопје, но за среќа сé повеќе и во останатите населени места низ земјата. Промоции на книги, читања, гостувања, книжевни фестивали... И публика за сите тие настани, што е најважно. Младите автори и авторки се особено ангажирани во нови форми на книжевно живеење.

Што се однесува до делата и наградите – секоја година има барем по неколку одлични книжевни дела што ќе го издржат судот на времето. Се радувам што во 2025 година, како претходна добитничка, ќе бидам член на жирито за наградата „Роман на годината“ затоа што тоа ќе ми овозможи комплетен увид во тековите на современиот македонски роман.

Друштвото на писателите започна нова, се надевам подобра приказна и моите очекувања се големи, па затоа можеби и нереални. Во секој случај сметам на повеќе настани, дебати, ангажираност во однос на книжевни и културни прашања, но и свесност и ангажираност за светот во кој живееме. Нели е време ДПМ да организира дебата, читање, што било за Газа, за Украина, за писател(к)ите зафатени со воените жаришта, за квир заедницата, за малцинствата во Македонија, за сите ранливи или горливи прашања што би требало да го измачуваат интелектуалецот? Или писателите повеќе не се интелектуалци? Исто така очекувам ДПМ да се посвети на прашањето за авторските права, за заштитата на автор(к)ите во целокупниот културен систем, да го поддржува творештвото на младите, на малцинствата, на секого кој создава вредна книжевност.

ДПМ мора да биде место кадешто, пред сé, ќе им се посветува внимание и време на современите, живи автор(к)и, на нивните книжевни дела и егзистенцијални потреби, но не треба да се заборави и на авторите кои не се повеќе меѓу нас, само не преку вечни комеморации, туку преку жив интерес за нивните дела инкорпориран во современите книжевни струи и среде денешните читатели и читателки.

ДПМ, секако, онолку колку што може, би требало да се грижи и за македонската литература во странство, да ја поврзува со останатите литератури во светот на конкретни начини, не само преку церемонијални договори. Времето ќе покаже колку новото раководство на ДПМ ќе успее да направи нешто повеќе, но да не заборавиме, и ние членовите треба активно да учествуваме во иницијативите и проектите што сакаме ДПМ да ги реализира.

Колку чинат спомените за Македонија? Колку се товар / бреме што го носите?

-Спомените постојано се создаваат, од секаде и со секого, не постојат само оние што сум ги понела од Македонија. Од толку многу настани и случувања немам ни време за да се сеќавам! Затоа не ги ни чувствувам како бреме. Бреме ми се тековните нешта, оние што сега ги создаваат спомените на кои можеби ќе им се навраќам во иднина.

Никогаш не заминав дефинитивно од Македонија, ама ни од каде било во светот за да имам само спомени. Спомените се резервирани за затвореноста, гетоизираноста и пасивноста на дијаспората како состојба на духот, не како живот во друга земја. Мене спомените ми помагаат во создавањето приказни, но приказните секогаш се поврзани и со животот сега и овде, односно каде било и кога било.

Дали денес треба „човек да фати пустелија“ – како што вели Никос и каде е таа? Каде треба да е „гаражата“ на секој од нас?

-Пустелијата е далеку повеќе од гаража кајшто човек може да ја „фати“, да побегне, да се сокрие, да се осами. Најдобро би било никој да нема потреба од тоа „да фати пустелија“. Но ако веќе мора, тогаш нека ја побара сопствената онаму каде што мисли дека го чека.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фотографии: Приватна архива