Никола Маџиров, 1973, е поет, есеист, преведувач. Неговите стихови се преведени на четириесетина јазици и објавувани во поетски збирки и антологии во Европа, Азија и Америка. За книгата „Преместен камен“ (2007) ја доби наградата „Браќа Миладинови“, но и престижната европска поетска награда за автори од Југоисточна Европа, „Хуберт Бурда“. Во 1999 г. ги добива наградите „Караманови“ за книгата „Некаде никаде“ и „Студентски збор“ за „Заклучени во градот“.
Ова интервју се случува во период кога и покрај пандемијата, поезијата и поетот ги наоѓаат своите патеки низ светот во кои течат и ечат. Неодамна , тој ја доби веста дека е добитник на Пекиншката награда на уметничката независна мрежа во Кина за современа светска поезија (2021), веднаш по меѓународно признатиот поет Дуодуо.
Маџиров е најпознатиот, а можеби и единствениот македонски современ поетски номад. И токму поезијата е причината за неговото децениско талкање од едно место во друго, од една земја во друга. Претставува ли некогаш тоа патување бегство или пак е враќање кон себеси?
Враќањето кон себеси е најсуштинското бегство. Честопати кога зборуваме за бегството, мислиме на напуштањето на себеси или на напуштањето на домот. Но, што ќе се случи доколку бегството го разгледуваме како напуштање на наметнатата нормалност, што ако бегството е враќање кон чистотата на првичната перцепција на светот? Претходно не можев во нормалниот тек на мислите да го поврзам бегството со враќањето, но сега ги гледам како нераздвојни љубовници на стварноста. Во нашиот јазик враќањето најчесто има негативен идиомски одраз во огледалото на секојдневната реалност — „си ја подви опашката“ или „си легна на брашното“. Враќањето е повеќе од физичко освојување на старите простори. Тоа е сенка на созревањето или метафизичко затворање на еден животен круг. Враќањето е јадро на цикличните обреди на ритуалноста. Да се вратиш во собата во која си израснал и да се видиш себеси како дете кое се плаши само од остри предмети, а не од луѓе. Има ли посилен израз на созревањето, провлекувајќи се под масата на променетите времиња и простори? Пред извесно време поразговарав со режисерот Вим Вендерс зa динамиката на просторите и нивното живо сведочењe за одминатото и илузорното присуство на луѓето и процесите. Тој првин трага по хоризонтите на просторот, а потоа во длабочините на неистражената просторност ја копа приказната. Раскажувањето во неговите филмови ги оживува световите на тие неврамени простори додека широчината на градовите и пејзажите како издолжени сенки се вдомуваат во очите на гледачот, но самиот тој вели дека токму поетите се тие кои ни помагаат да го разбереме светот. Од друга страна, Чеслав Милош во неговата „Арс поетика?” пишува: „Користа на поезијата е во тоа што таа нè потсетува / колку е тешко да се остане иста личност, / зашто нашиот дом е отворен, на вратата нема клуч, / а невидливи гости влегуваат и излегуваат.“ Потребата да се отпатува кон непознатото е поврзана со чистата детска љубопитност, но најтегобниот миг при патувањата е оној кога треба да се заклучи вратата од сопствениот дом што се напушта — какво големо предавство наспроти довербата на светот кој те пречекува со отклучена врата и отворени раце. Сепак, ќе продолжам да патувам додека телото не се измори од сенките на непознатото.
Ковидот нѐ задржа сите. Како вртелешка која застанала во својот највисок лет поради дефект, недостаток на електрична енергија. Се почувствува ли дека го губиш тлото под нозете?
Прекрасна е сликата на вртелешка закопана во височините кои изгледаат страшни дури и тогаш кога можеби се единственото засолниште од приземноста на актуелната стварност. Ковидот ни го донесе стравот од невидливото. Со оглед на тоа што низ Македонија постојано минувале освојувачи кои сакале да ги вкоренат сопствените знаци на културно или економско присуство, стравот станал суштинска алка на обединувањето на луѓето, кои се зближувале токму против владетелите на стравот. Секој страв предизвикува неплански силни прегратки со најблискиот, но стравот што сега го живееме ги раздвојува и нашите сенки. Стравот од предвидливото е обединувачки, наспроти стравот од невидливото кој раѓа далечини. Филозофот Бауман зборуваше за „течниот страв“ кој постојано ја менува формата, страв кому не можеме да му дадеме облик, да го лоцираме и да се оттргнеме од него. Самиот го искусив работ на смртта, борејќи се со оваа невидлива болест, со лузните што таа ми ги остави врз белите дробови и сеќавањето. И така, полека, со тие лузни се навикнуваме да ги откриваме убавините на мигот и тајните простори во и вон нас. Ковидот не е нова нормалност, туку продолжување на старата лудост за доминација над сите текови во природата. Без оглед на маските врз нашите лица, многу маски паѓаат токму кога сме донесени пред огледалото на смртта. Живеам со тивката вина на преживеан, зашто речиси сите во мојата болничка соба не успеаја да ја извојуваат битката со вирусот. Сепак, човечката обновлива способност за восхитување од повторливоста на утрото е над секоја свест за отсуството, за крајот. Верувам пишувањето е залажувачко, но прекрасно одложување на крајот. Пишувањето е трајна одмазда на минливиот глас.
Не си поет кој тежнее кон тоа да објавува често, да зборува на различни локации и настани, а сепак, те има. Твоите зборови насочуваат како крајпатници кои помагаат да не се загуби насоката. Кој е твојот одговор на тоа, како гледаш на можноста да се објавува и на изборот да се мери што и кога ќе се каже?
Отсекогаш сум ги замислувал зборовите како слики врамени со тишина. Или како крајпатни знаци со длабоки корења испреплетени под земјата. Како што поротата може да го искористи личниот ракопис како непобитен доказ во отпочнат судски процес, така може трајниот суд на читателската или книжевната историја да казни врз основа на книжевниот ракопис. Живеев со наметната вина дека пишувањето е трошење на личното време, а сега заспивам со сопствената вина дека непишувањето е загубен живот. Секој напишан збор е знак изгребен врз површината на сеќавањето на светот. Честопати се прашувам кому му значат сите тие единствени отпечатоци од прстите врз вратите кои секојдневно ги отворам, врз „тачпадот“ од лаптопот, врз болните места на телото? Изговорените зборови во самотија се тие невидливи отпечатоци или скулптури во воздухот и не постои министерство за внатрешни работи кои ќе ги архивира како отпечатоци на едно присуство. Затоа постои оној што запишува, но постои и министерството за внатрешни чувства на читателот. Во хинди јазикот за „вчера“ и „утре“ се користи ист збор и на тој начин зборот за „денес“, односно „сега“, станува уште потежок и посуштински. Можеби затоа вдишување на сегашниот миг со сите негови мириси и загадености, сега ми се чини поблизок отколку очекуваната динамика на објавување. Кога пишувам се откажувам од сега, во името на вчера и утре. Пишувам со сета страст и со сета свест за немоќта за документирање и преобликување на сето она што сум го одживеал или отсонувал. Книгите што сум ги објавил се одврзани бовчи на слободни бегства, на лична и просторна колебливост, потрага по дом во кој сите шкафови и прозорци се отворени. И верувам, сите книги кои би ги објавил, би биле полни со различни зборови за сегашност, со емпатија за сите отсуства и за сите неостварени прегратки во отсуство на стравот.
Отсекогаш уметниците, интелектуалците го омеѓувале времето во кое живеат со свои видувања на многу состојби. Што е тоа што тебе најмногу те сепнува во македонската денешница?
Нема подобра слика за односот на поезијата и идеологијата од зборовите на Киш кој вели дека поезијата е сомнеж, а идеологијата отсуство на сомнежот, дека идеологијата е надвор од поезијата, надвор од книжевноста, дека големата заблуда карактеристична за векот што го живееме се состои од испреплетување и мешање на политиката и книжевноста, дека таа врска нам книжевниците ни е наметната. За да не се разбереме погрешно, ние стануваме политички битија уште со првата забрана од родителите, припитомени меѓу наследените социјални норми наспроти сoпствените инстинкти. Дури и Шимборска ја започнува својата песна „Деца на епохата“ со стиховите: „Ние сме деца на епохата, / епохата е политичка.“ — ние сме политички бидејќи епохата е политичка, а не обратно. Секој од нас застанал на прагот на суровата политичка прагма, но секогаш постои засолниште зад аголот на стварноста, а уметниците се тука не да ја потврдуваат или негираат стварноста, туку да ја преоткриваат и преобликуваат. Тешко е денес среде толкава врева да се зачува сопствениот глас, зашто многу поопасно и побесцелно е да викаш кога никој не може да те слушне, отколку да прошепотиш кога сите ќе замолкнат. Сепак, ако има нешто што е поопасно од агресијата на политичката секојдневност, тоа е нагонот да се стане и остане жртва. Самопрогласената жртва и омразата, заедно со здодевноста, се идеални предуслови за човечка затруеност. Гласното оплакување над самиот себеси и морализирањето над другите, се најсилните деструктивни оружја на самопрогласената жртва. Критичкиот ум не плаче над сопствената судбина и не го преобликува сопствениот гнев во општа омраза, криејќи го своето згрчено лице зад маската на некоја голема идеја или идеологија. Да не заборавиме дека секој диктатор најлесно собирал маси на тој начин што успевал сопствената болка да им ја наметне на другите како да е нивна и врз тоа лабораториско семе да изгради платформа на омразување. Идеологијата е само скафандер на личната омраза. Вбодувањето отровен трн во сè што ќе се придвижи, е најлесен начин да се прогласиш за револуционерен и временски присутен, оти убиецот е поважен од жртвите. Така памети историјата. Но, единствено кога ќе излеземе од виорот на омразите, само тогаш ќе може да сфатиме какви лузни на лудилото сме си нанеле едни на други, на ист начин на којшто војникот ја сфаќа апсурдноста на униформата, кога ќе застане пред симетричноста на воените гробишта.
Историјата се повторува во поглед на македонскиот јазик. Она што било предизвик на авторите од повоениот период повторно се исправува пред нивните наследници. Како писател, како ги доживуваш континуираните напади, негирањето на јазикот на кој создаваш?
Се родив на Балканот со наследен пејсмејкер на срцето, кој постојано ќе ја смирува аритмијата на еден наследен ментален конфликт Исток-Запад. Длабочината на конфликтот не е во спротивставените страни на светот, туку во чинот на неговото наследување низ историјата, затоа што наследните болести најтешко се лекуваат, исто како што наследените имоти и ниви најтешко се поделуваат. Наследив јазик, мaкедонскиот, кој повеќето не го признаваат на Балканот, можеби затоа што е дел од него и неговата историја, а тука војните се случуваат за подобро минато. Македонскиот јазик преживеа повеќе абортуси и сега секој обид за негово убивање ќе мора да го вклучува и најтешкиот акт при секое убиство — сокривањето на трупот. А во овој случај тоа би бил обидот за сокривање на сите книги напишани и преведени на македонски јазик. А секако тоа не е возможно — не може да се сокрие или убие паметење кое се наследува и се пренесува. Затоа мислам дека е апсурдно да се размислува дека на кој било јазик може да му биде одземен животот, зашто покрај толкуте писмени и уснени сведоштва, ќе треба да му биде одземено и раѓањето. Пишувам на мајчин јазик, роден во татковината. Јазикот како мајка — земјата како татко: така стои запишано во нашиот јазик, иако повеќе се гледам како дете кое му се чуди на светот без да ги знае јазиците на именувањата на предметите, улиците и морињата. Верувам во именувањето на нештата — моето презиме Маџиров означува „бездомник, оној кој ги напушта домовите“ и тоа го дознав отпосле, на едно од патувањата во земјите од Блискиот Исток, откако често го напуштaв домот. Кога бев дете, за мене црвеноперките живеeја само во Црвеното Море, додека за Црното Море не постоеше дење и сета прав од луѓето што некогаш сме ги љубеле леташе само над Мртвото Море. Секој нов освојувач на Балканот првин ги менува имињата на градовите и улиците, а потоа луѓето се борат за зачувување на личното време и чистината на детството преку нарекување на улиците со нивното старо име. Само јазикот на детството не може да биде убиен, затоа што не постои во архивите на општата историја. Во едно свое писмо до Пол Селан, Амихај пишува: „Навистина тежок товар ставаш врз мене, да го носам цел Израел на рамења. Секој што пишува на хебрејски јазик го врзува своето постоење со она на јазикот и на луѓето.“ Од друга страна, палестинскиот поет Махмуд Дарвиш велеше дека сонува да биде поет од Троја за да го посведочи на поинаков начин нејзиниот пад, наместо досегашните сведоштва напишани од поетите на победничката страна. Еднаш реков, да се биде поет од поразениот и разурнат град или „роден во згазено племе” како што би рекол Блаже Конески, е поголем предизвик за пишување, отколку гласно да се тажи за светот од кристалните соби во храмот на освојувачите. Постојат јазици колку што постојат гласови во секој од нас. Би сакал да зборувам на јазик за кој постои збор за секоја нијанса на светот, зашто сегашните кодифицирани јазици се само обид за припитомување на универзумот во кафезот на нашата рационална моќ за објаснување. Сепак, честопати се прашувам како изгледа натписот врежан врз надгробната плоча на јазиците што се прогласуваат за одумрени? Дали цивилизацијата остава свежо цвеќе на гробот секое утро или таму гнијат само вештачките цвеќиња на историските факти? Историјата запишала дека убишкиот, северозападен кавкаски јазик што се зборувал во Турција, починал на 7 октомври 1992 година, со смртта на последниот негов говорник Тевфик Есенч. Каде се сега сите тие зборови и извици на восхит и болка, болка која се претвора во светско наследство со оглед на тоа што археолозите не можат да ги откопаат овие загубени зборови низ времето? И овој наш разговор е гласно и запишано постоење на јазикот, на отелотворените мисли. Понекогаш мислам дека зборуваме гласно од страв дека зборовите умираат побрзо од лагата за вечност.
Многу автори говорат за своето време низ песните, низ уметноста. Ги раскажуваш ли своите искуства низ поетското сито? Колку уметниците се обременети од општественото, политичкото секојдневие?
Две складни прашања во моите мисли се гонат во круг како два лава во набљудуван кафез: може ли поезијата да го промени општеството и може ли општеството да ја промени поезијата? Или пак, зошто да се променува нешто кога и политичарите и поетите сонуваат за вечност? Надреалистите го поставија прашањето за промена на животот, а не на општеството и светот, но зошто човештвото има потреба често да зборува за промена или крај на светот? Дали е тоа само вербално ослободување на стравот од извесноста на смртта или пак суштинско незадоволство од актуелната подреденост на животот? Кога светот се повикуваше на светите канони како единствен спас, започнуваа религиските војни. Кога се повикуваше на слободното движење на капиталот, почнуваше колонијализмот. Кога се повикуваше на принципот на социјална и економска еднаквост, се јавуваа диктаторите. Сите чисти идеи како вербата во возвишеност, во слобода или во милост, беа рушени од предаторската жед за контрола и акумулација. Поезијата, за жал, честопати била во служба на деструктивните нагони на темните фигури на човековата историја, а некои од нив и самите се декларирале како поети, како Мао Цетунг или во поново време, Радован Караџиќ. Верувам во чистината на поетската мисла, онаа за која зборуваше Хана Арент или Емил Сјоран, верувам дека искреноста постои исправена спроти наметнатата стварност, на начин на кој фантазијата опстои наспроти лагата. Концентрираната политичка моќ и општествениот притисок за сезнаен уметник наметнаа неприродна дилема за тоа дали пишувањето поезија денес е повеќе битка да не се остане обезличен или е изворен нагон да се биде личен? Дали поезијата е штит или огледало? Историјата ги слави само битките, дури и кога тие се претвораат во порази, но никогаш повлекувањата, дури и кога се покажале како победи. Пишувањето поезија денес се смета за повлекување, за последна линија на одбраната од безличност. Поезијата и врз напукнатото огледало на стварноста го покажува истото убаво и ранливо човечко лице.
Дигитализацијата донесе многу олеснувања во достапноста на литературата. Секој може да ја носи својата библиотека во џебот. Како да ги искористиме тие придобивки за афирмација на читачката култура?
Електронскиот простор не го замислувам како бунар во кој стиховите потонуваат и се претвораат во археолошки експонати. Многумина сметаат дека бегството во сајберспејсот е мотивирано од истите стравови и копнежи како и бегството кон предградијата, а Лори Андерсон велеше дека технологијата е само оган околу кој се собираме за да си раскажуваме приказни. Во такви услови на седостапност можеме ли да зборуваме за архетипската осаменост на поетот, за некакво модерно испосништво или електронско монаштво преку тотален информатички целибат при што креативноста не би се изедначила со енциклопедичноста? Со свесноста за океанската непрегледност на информациите и делата, секој автор и авторка се надеваат дека токму нивните текстови се островот на кој некој ќе застане да одмори со отворени очи пред да продолжи со „крстосувањето“ — термин кој за разлика од „сурфањето“ остава повеќе простор за контемплативно усвојување на текстот. Преминот од џебна книга кон џебна библиотека, нè направи безбедни куратори во затоплената галерија на напишаното, наместо гладни археолози-истражувачи на заборавените текстови. Сепак, дигитализацијата или дематеријализацијата на книгата стана значаен чекор во доближувањето на литературата до нас, оние кои исто полека се дематеријализираме. Порано читателите требаше да допатуваат до текстот, сега текстот патува за да ги најде читателите. Електронскиот свет го избриша времето меѓу одживеаното и напишаното, меѓу напишаното и објавеното, меѓу објавеното и прочитаното, а токму во таквото изминато време, што денес недостасува, авторот и читателот не стареат, туку созреваат. Недостасува мистиката на времето и креативниот процес, а мистиката е одложување на вистината, а не нејзино сокривање. И покрај сè, не ги замислувам зборовите заробени меѓу корици, изгравирани врз некој тежок камен или заплетени во електронската мрежа. Секоја книга може да биде запалена од премногу светлина или од заборав, секој камен може да стане содржина на ѕид од затвор или од библиотека, секој електронски збор може да биде избришан уште пред да изјавиме вечност. Сè е во движење: јазикот се менува, музејските клучеви ʼрѓосуваат, бојните полиња стануваат археолошки наоѓалишта, буквите некогаш биле слики — сега сликите се јазици. Дигитализацијата не ја означува ниту смртта ниту раѓањето на книгата, таа е нејзина мумификација пред ножот на времето. Човек може подеднакво да се изгуби во лавиринтите и на традиционалната и на дигиталната библиотека на светската книжевност и подеднакво може да остане без зборови и пред отворената книга и пред осветлениот екран. Кога некој умира, оние што се присетуваат на неговите зборови, молчат. Кога книгата ќе се отвори, молчи целиот свет.
Новинарка: Сузана Мицева Фото: Георги Кончалиев
Интервјуто го изработи информативниот портал www.kanalvis.com во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студии, како дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.