Марковски: Скопје се претвори во урбано сираче за кое никој не води грижа

Интервју

23.09.25

Прегледи

Скопје со години се соочува со сериозни предизвици – од загадувањето и отпадот, преку урбанистичкиот хаос и уништувањето на зеленилото, па сè до сообраќајната небезбедност и недостигот на транспарентност. Наш соговорник е Горан Марковски, кандидат за градоначалник на Скопје од „Независни заедно“, кој во своите јавни настапи често зборува за инженерски пристап во решавањето на градските проблеми. Со него разговараме за најгорливите теми што ги засегаат скопјани.

Г-дине Марковски, Скопје со години е на врвот на листите за најзагадени градови. Кои конкретни мерки би ги презеле за намалување на загадувањето на воздухот и како ќе го балансирате социјалниот аспект со еколошките стандарди?

Ако вака продолжи, Скопје и понатаму ќе остане на врвот на оваа неславна листа, со големи шанси таму да стане и остане неприкосновен лидер. Уште долго време. Од негрижа создадовме еден канибалистички град, град кој почна самиот себе да се разјадува.

Загадувањето на воздухот е проблем за којшто во Скопје се говори повеќе децении. Се говори, а ништо не се презема. Значи, треба да се почне од почеток. Прецизно, квантитативно и квалитативно, да се мониторираат клучните аеро загадувачи кои можат да бидат поделени во четири групи: депонии, индустрија, сообраќај и домаќинства. Секоја од нив си има свои специфични техничко-технолошки, но и социјални аспекти. Од таму и решенијата кои се вградени во изборната програма се базираат на стручен инженерски приод, односно на прецизни алгоритми и издржани технички мерки за секоја група загадувачи пооделно.

Но што и да се прави, треба да бидеме свесни дека долго таложените проблеми не можат да се елиминираат преку ноќ. Ќе треба време Скопје да исчезне од листата на критично загадените градови. Време и посветеност. И секако знаење. Многу знаење.

goran markovski nezavisen intervju respublica 3

Друг сериозен проблем е ѓубрето и дивите депонии. Имате ли систематско, долгорочно решение за управување со отпад, вклучително и задолжителна селекција и рециклирање? Како ќе ги мотивирате граѓаните активно да учествуваат?

Секако. Без современо решение за управување со отпадот во кој градот сѐ повеќе ни тоне, несериозно е човек да се кандидира за градоначалник на Скопје. Решенијата кои ќе бидат предложени,  исто како и оние за намалување на загадувањето на воздухот, се изработени од стручни тимови. Засега можам само да кажам дека не постои добро и трајно решение на овој проблем без селекција на отпадот. Таа некаде ќе мора да се направи. Или во нашите домови (за што граѓаните би биле стимулирани) или во специјални контејнери или на крајната депонија. Колку селектирањето е во порана фаза толку трошоците за трансорт на отпадот до депонијата се намалуваат. А токму тие   доминираат во структурата на цената на чинење на управувањето со отпадот. Истовремено ќе биде максимално вклучена дигитализацијата и се разбира современите технолошки уреди.  И секако, истовремено со ова, потребна е и перманентна едукација на најмалите, но и на повозрасните.

Нималку лесна задача за сите нас. Но, токму деновиве ја гледаме и на себе ја чувствуваме алтернативата на ваквиот пристап. Ако сака да се развива, би рекол и да опстане, Скопје мора што побрзо да се исчисти од сите видови ѓубре.

Животот се вреднува со прескапо платени квадрати

Урбанистичкиот хаос и бетонизацијата сериозно го уништија јавниот простор. Дали би ги ревидирале веќе донесените планови и какви мерки ќе преземете за поголема транспарентност во урбанистичкото планирање?

Би рекол алчноста по пари и корупцијата го уништија јавниот простор. Непочитувањето стандарди, удоволувањето на желбите на поединци, немањето контролни механизми, стручното проституирање и сл., придонесоа Скопје, односно неговиот јавен заеднички простор да ја изгуби битката. Да се претвори во урбано сираче за кое никој не води грижа. Градот ни го претворија во една (пре)голема спална соба. Во животен простор вреднуван единствено со прескапо платени метри квадратни. Простор ограничен со ѕидови и со по некој прозорец  чија визура овозможува само воајерска ролја во приватните животни сцени на соседите. Најтрагично во оваа грда скопска реалност е тоа што веќе упропастеното не може да се поправи. Урбаната грдотија како некој современ археолошки артефакт за бедотијата на нашето цивилизациско, општествено и стручно ниво уште долго ќе го девалвира градот. Тоа е навистина поразително чувство.

Имајќи ја предвид процедурата на планирањето на просторот, која патем кажано мора да се почитува, сосема  логично е, сѐ до донесувањето на Генералниот план на Скопје, сите ,,непрописно” донесени детални урбанистички планови да бидат ставени во мирување. Во спротивно настанува една апсурдна ситуација во која усвоените детални планови го креираат генералниот план за градот. Наместо обратно.

Во исто време, мора веднаш да се прекине со нарачаните урбанистички планови од потенцијалните инвеститори. Тука има директен конфликт на интереси на штета на јавниот простор и интерес. Плановите треба да се нарачауваат односно да се финансираат единствено од страна на општините, односно градот, а ревидираат од страна на компетентни стручни лица, при што секој учесник во процесот мора да поседува осигурување за направена штета од непочитување на стандардите. Од висината на осигурувањето ќе зависи можноста за учество во изработка на соодветен план. Плановите ќе бидат објавени на посебна интернет страна. Можеби, користејќи ги швајцарските искуства, треба да се започне и со пилот-проект според кој потенцијалниот инвеститор, пред да добие одобрение за градба, ќе има обврска на локацијата да го исколчи до проектираната висина идниот објект, со што сите заинтересирани страни ќе можат да го видат габаритот на новопланираниот објект.

 Зелените површини во Скопје се сè помали. Кои се Вашите конкретни предлози за заштита на постојните и проширување на нови зелени зони?

Форсирање на изведба и  редовно одржување на паркови со различна големина, фаворизирање на подземни сообраќајници и подземни гаражи (доколку мора да ги има), неприфаќање на шпекулативни урбанистички планови, трансформација на веќе асфалтирани и бетонирани површини во зелени (проект – од автомобилот на човекот) и сл.  За жал некои шанси, како на пример онаа со локацијата на Треска се веќе неповратно изгубени. Замислете каква додадена вредност на квалитетот на животот  на скопјани, особено на оние од Буњаковец, Капиштец и Тафталиџе ќе создадеше еден модерен парк со разни содржини од областа на културата, спортот и забавата? Замислете да се изведеа три подземни нивоа паркинг на целата површина на локацијата со што сите околни улици ќе беа ослободени од (непрописно) паркираните возила? Сега само тоа ни преостанува.

Изгубените зелени шанси во градското јадро мора да се надоместат со такви зони во околината на Скопје – со оформување и осмислување на зелен појас околу градот, исполнет со бројни содржини за спорт и рекреација: Матка – Сарај – Кеј на Вардар – Гази Баба – Марков манастир – Водно. Тоа се места на кои жителите на Скопје, особено помладите, ќе можат активно да го минуваат слободното време. Каде можеби ќе никнуваат идните спортски шампиони. Места каде ќе може полесно да се дише.

 

goran markovski nezavisen intervju respublica 7

Во Вашите интервјуа често се повикувате на „инженерски пристап“. Може ли да објасните кои конкретни инженерски методи или модели би ги примениле за урбанистичко планирање, контрола на градежништвото и безбедноста на објектите?

Пред сѐ почитување на пропишаните стандарди и конкретна одговорност за нивно непочитување. Тоа е едно од главните начела на ,,инженерскиот пристап”. Стандардите произлегуваат од висок квантум на претходно стекнато знаење и искуство. Измислени се за да му помогнат на човекот, да не троши време и енергија на нешто што е веќе добро осмислено и решено. Затоа нивната примена создава сигурност и безбедност.  На секое ниво. Почнувајќи од урбанизмот, преку архитектурата и завршувајќи со безбедноста на објектите.

Не треба повеќе скопјани да бидат жртви на непрописната (надвор од стандардите) градба на поединци. На необезбедените градилишта, големата бучава, оштетената инфраструктура, нарушениот мир, на непочитување на работното време, на загадувањето од правта, на разнесената кал од камионите…. Денешната технологија (камери, дронови и сл.) овозможува 24 часовно мониторирање на овие процеси што создава услови за навремена реакција на надлежните.

Еко превоз и нулта смртност

Јавниот превоз е нефункционален, има сообраќаен метеж, а велосипедските и пешачките патеки често се небезбедни или непостоечки. Како ја гледате иднината на урбаната мобилност – од автобуси и трамвај, до велосипедски ленти, пешачки зони и ограничување на сообраќајот во центарот?

Квалитетниот јавен превоз треба едновремено да задоволи два услови. Да биде ефикасен (предвидлив) и истовремено да не ја загадува животната средина. Засега блиската иднина ја гледам во употреба на електрични автобуси со различна големина и во помасовно користење на електрични такси возила со поефтина тарифа. Тоа е проект кој бара стручен пристап, детални анализи од секаков вид, релевантни симулации, паметни инвестиции, дигитални алатки и др. Тука би го вклучил и проектот за градски воз за чија ефикасност е неопходна координација со автобуските линии.

Колку подобар јавен превоз, толку повеќе шанси за квалитативни промени на нашите животни навики.  Мојата визија за сообраќајната иднина на Скопје е во насока на дестимулирање на употребата на патнички возила, особено во централните градски населби и  во создавање услови за повеќе пешачење, употреба на велосипеди и сл. Противник сум на форсирање изградба на нови катни гаражи, бидејќи со нив не само што се стимулира користење на возила, туку едновремено се уништуваат и слободните зелени површини. Премногу од скапоцениот простор на градот се потроши за паркирање, голем дел од катните гаражи можеа да одат под земја.

Потполно сум свесен дека сето ова нема да оди нималку  лесно и без отпор. Но, сум сигурен дека ваквите решенија ќе го спасат Скопје од сообраќаен  метеж, загаден воздух, нездрав живот. Од заостаната провинција ќе го претворат во современ Европски град. Град во кој жителите ќе бидат поставени на неговиот пиедестал.

goran markovski nezavisen intervju respublica 18

Сообраќајната безбедност е на најниско ниво со години. Какви политики и конкретни мерки предвидувате за да се заштитат пешаците, велосипедистите и ранливите категории учесници во сообраќајот?

Нулта смртност на скопските улици. Тоа ќе биде цел од која нема отстапување. Прескапи се животите на луѓето, а непроценливи оние на младите. Затоа се што спаѓа во ингеренции на градот ќе биде веднаш преземено. На критичните точки ќе се постави засилено осветлување и  јасни предупредувачки сигнали од секаков вид, ќе се фаворизираат пешачките и велосипедските патеки и ќе се спречи нивна узурпација од страна на возилата. Ќе се искористат сите искуства на понапредните.

Тука треба да се напомене дека за реализација на сето ова е потребна добра соработка и координација со министерството за внатрешни работи. Верувам дека таа нема да изостане. Впрочем интересот за побезбеден сообраќај е заеднички.

Секој глас се слуша

Граѓаните често чувствуваат дека одлуките за градот се носат зад затворени врати. Како ќе обезбедите нивниот глас навистина да се слуша?

Искрено, повеќе ,,стравувам” од преголема транспарентност во моето работење. Поборник сум на што поголема отвореност во делувањето што претпоставувам се должи на личната определба за чесен и домаќински однос  кон финансиските и други ресурси на градот, за кратење на сите непродуктивни трошоци, но сигурно и на мојата верба во предностите на демократскиот пристап со соработниците. Професионално реализиран и ослободен од било каква деструктивна суета ќе иницирам формирање на повеќе работни тела за поефикасно решавање на тековните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Меѓу другите овде ќе ги споменам Советот на млади, на пензионери, еднохрани родители, на лица со посебни потреби. Информациите за сите донесени одлуки и за буџетските трошоци ќе бидат лесно достапни на официјалната вебстраница на градот. А отчетноста пред советниците и пред пошироката јавност, односно медиумите, ќе биде моја обврска, а не добра волја.

goran markovski nezavisen intervju respublica 24

И конечно, како независен кандидат со ограничени ресурси и без силна партиска поддршка, како планирате да ги реализирате вашите идеи и да обезбедите соработка со Советот на Градот и централната власт?

За мене централна власт ќе бидат граѓаните на Скопје, а подобрувањето на нивниот живот мој централен интерес. Имајќи го ова на ум, подготвен сум да го вложам сето свое знаење, умеење, стручност, искуство, авторитет, трпение и творечка енергија за градење мостови помеѓу луѓето, а не за нивно уривање. Посакувам и подготвен сум за соработка со сите оние кои му мислат добро на градот. Било да се тоа проактивни граѓани, луѓе од неговата администрација, од Советот или од централната власт. Уверен сум дека добронамерното, отворено и исчистено од сите гревови делување, мое и на советниците од платформата „Независни заедно“, ќе наидува на поддршка или добронамерна критика, а не на опструкции, зашто влогот е огромен.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Фотографии: Томислав Георгиев