Миланов: Македонија не е буниште за неквалитетна храна – ригорозно ги следиме производите и дома и увозот

Интервју

18.02.25

Прегледи

Изгубената доверба во системот доведе до бројни шпекулации за квалитетот на храната што се консумира во нашата земја. Колку се тие оправдани, а колку не се разговараме со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, кој низ бројки за контроли и казни уверува дека државата си ја врши работата на тој план. Сепак, евидентни се несразмерно ниските казни, и обидите на операторите со храна да заработат на неквалитет. Од пресудно значење е, вели тој, граѓаните да ги пријавуваат неправилностите. Каде заврши вратениот кељ од Хрватска и што има на тезгите на зелените пазари, се дел од содржината на интервјуто, како и други актуелни прашања од оваа важна област.

Колку инспекциски контроли беа спроведени минатата година?

-Минатата година во рамки на редовните, вонредните и контролите кои се спроведуваат при увоз на храна, храна за добиток, животни и слично, извршени се 107.514 инспекциски надзори. Предмет на контролите на Секторот за инспекциски надзор беа: производство, промет, дистрибуција и угостителство, увоз и извоз со посебен акцент на имплементирањето и одржувањето на пропишаните стандарди како и соодветното означување на храната. Исто така има и мониторинг на храната од домашното производство и од увоз, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Фреквенцијата на официјалните контроли се вршеше во согласност со категоризацијата на објектите (операторите со храна) по ризик, при што категоризираните објекти кои се со висок ризик беа почесто контролирани од оние кои се категоризирани во низок ризик.

Што откривте?

-Официјалните ветеринари и инспекторите за храна минатата година спроведоа  приближно 50 илјади контроли во внатрешниот промет во рамки на редовните контролните и вонредните инспекциски надзори, при што донесени  се 6.231 инспекциски мерки, односно 5.306 решенија. Тоа се решенија со опомена, решенија со платен налог и решенија за привремено затворање додека операторот не ги спроведе мерките од надлежниот инспектор. Исто така, за утврдени недоследности се поднесени  и 43 прекршочни и три кривични пријави.

Дополнително, инспекциските служби на Агенцијата спроведоа и 58.385 контроли на увозните пратки и пратки кои транзитираат низ земјава, со храна од животинско и неживотинско потекло, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храната, добиточна храна и и храна за животни. Да споменам тука дека во секторот за храна од неживотинско потекло ние вршиме и контрола на увоз на материјали во контакт со храна, тоа значи кујнски прибори, преработувачката индустрија, различни видови на тави, ножеви и стакла, порцелан, пластика, смола, керамика. Значи, сѐ што доаѓа во контакт со храна. Исто и апарати, кафемати, фритези и сл.

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 1

Во нашиот разговор пред почетокот на ова интервју споменавте и дека сте наишле на запрепастувачка состојба во некои од контролираните објекти. На што конкретно мислевте?

-Спроведовме контроли во туристичките места Дојран, Преспа, Струга, Охрид, каде што по извршените 78 инспекциски контроли во над 120 објекти или оператори со храна, вкупно беа уништени 8,8 тони месо или храна, при што беа изречени 36 прекршочни глоби, а два објекта беа привремено затворени. Потоа уследија како редовни така и вонредни контроли со зајакнат интензитет, во основните и средните училишта. Беа опфатени градинките, кујните, потоа беа опфатени и сите бурекџилници и слаткарници на ниво на цела држава.

Најголем интензитет на контроли имаше пред новогодишните празници кога се подготвуваа новогодишни пакетчиња и тука, исто така, отркивме многу неусогласености, како на пример поминат рок на храна, неквалитетна храна која е воочлива и со голо око. Поднесовме прекршочни санкции, стоката беше одземена и транспортирана до местото на уништување.

По новогодишните празници таргет ни беа болничките кујни при што откривме дека голем дел од кујните не беа регистрирани како оператори со храна. Откривме и дека многу од нив не ги исполнуваат условите за добра хигиенска пракса, голем дел од вработените не беа обучени за таква работа и немаа санитарни книшки, за што поголем дел од директорите добија и прекршочни финансиски импликации и времен рок за усогласување со пропишаните стандарди. Мислам жално беше, не сакам да споменувам кои беа опфатени, но тоа беа објекти во цела Македонија, сите кујни, клиниките во Скопје. Се контролираше голем дел од инвентарот и опслужувањето, приготвувањето, складирањето на храната, добавувањето на храната. Треба да водат поголема сметка каква храна послужуваат на пациентите. Луѓето одат таму да се лекуваат, храната мора да биде безбедна. Поголем дел од оние кои ги контролиравме не го запазуваа тоа.

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 2

Дали за такви тешки дела против животот и безбедноста се доволни само прекршочни пријави?

Видете, тие исполнуваат одредени услови кои што се во согласност со законот и подзаконските акти. Онаму каде што имаме поголемо неусогласување на пример, ако не е регистриран како оператор за храна – да. Сепак, не можеме да ги оставиме пациентите да останат без јадење. Меѓутоа, инспекторот кога им дава насоки, веднаш и утредента оди да види дали е постапено. Цел ден ги контролира. Ќе ги контролираме и натаму, и ќе бидеме ригорозни во тоа.

Има инспектори, но не доволно

Имаше информации дека недостасуваат инспектори за безбедност на храна. Се подобри ли состојбата?

– Со напори и согласно со годишниот план за 2025 година очекувам дека во наредниот месец-два ќе имаме обезбедено и доволен број инспектори. Претходно, со реорганизација на самите инспектори, ја покривавме цела Македонија и мислам дека добро ја завршија работата. Сепак инспекторите се сликата на Агенцијата за храна и ветеринарство, тие се тие што треба да ги имплементираат законите и да даваат насоки како операторот со храна да работи, кои барања треба да ги исполни, да ја регулираат безбедноста и означувањето на храната и слично.

Колку инспектори има во моментов?

-Во моментов во Агенцијата има 226 инспектори во рамки на Секторот за инспекциски надзор. Агенцијата за храна и ветеринарство се состои од девет сектори меѓу кои и Секторот за инспекциски надзор. Поголемиот дел се официјални ветеринари и другиот дел се инспектори за храна. Или поконкретно, имаме вкупно 186 распоредени во 29 подрачни единици и 10 на гранични премини и 17 инспекциски места за контрола на храна од неживотинско потекло од увоз.

Тоа значи дека може да ја вршите работата, па каква е динамиката на контрола на храната, дали Агенцијата има свој распоред и дали излегува на терен за вонредни контроли и по допрен глас?

-Освен редовните и вонредните контроли ние имаме и таканаречен RASFF систем (Rapid Alert System for Food and Feed). Тоа е систем на ЕУ преку кој земјите разменуваат информации важни за безбедноста на храната, за кој Агенцијата за храна и ветеринарство е контакт-точка во однос на безбедноста и регулативите кои ги имплементираме дома. Во рамки на интегрираниот систем за контрола на безбедноста на храната којшто го имаме воспоставено, храната во земјава е предмет на редовни контроли кои се спроведуваат согласно Годишниот план за инспекциски контроли, но и со вонредни, кога се постапува по претставки поднесени од граѓани и правните лица, по добиени RASSF нотификации, како и во рамки на контролите по мониторинг програмите за безбедност и квалитет на храната. Кога станува збор за храна за луѓето, која се увезува во земјава, АХВ врши задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини.

Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и преглед на идентитетот и физички преглед на пратките. Сѐ додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, се ставаат под официјален надзор. Истите не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на незадоволителен резултат пратката се уништува во присуство на инспектор или се наредува нејзино враќање во земјата на потекло. За секоја пратка за која е добиен неусогласен резултат со прописите, инспекциските служби вршат лабораториски анализи на десетте последователни пратки од истиот производител.

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 3

Кој вид храна најчесто го контролирате?

-Пред сѐ увозната храна. Тука јас како директор сум многу ригорозен. Во зависност од тоа што секој ден во Европа и во светот имаме некој вид болест која се појавува и во балканските држави. Летово во август се појави болест на мали преживари која што ги опфати сите балкански земји, дури и европските земји, како што се Унгарија, Полска и Чешка, и син јазик во Италија и други земји. Ние одржавме состаноци со сите фармери и со сите сточари, дадовме насоки, одржавме обуки како треба да превенираат, и сега засега е успешно.

Само ќе дадам еден пример. Во август 16 илјади грла беа уништени во рок од еден ден од болеста ППР (чума), што значи дека добро се справуваме со оваа болест, а знаете дека Македонија е производител на млеко, имаме млечна индустрија, имаме крзна, имаме кожа, од што живеат повеќето оператори и сточари и фармери, и сега за сега успешно се бориме.

Исто така, дадов насоки за контролата на увоз на пилешко месо од Бразил, Венецуела и другите земји , и тоа побарав да се испита 100 отсто. Исто така и живите животни кои што се внесуваат, како што се свињи за товење, прасиња….мора прво да бидат контролирани во лабораторија за да се види дали се заболени. И мислам дека тоа наиде на одобрување од Владата, бидејќи по обезбедувањето документи од земјите на потекло од каде се увезуваат во Македонија, наидовме на 7 или 8 случаи со различни болести, но ние ги спречивме на самата граница.

Во Македонија постои мислење дека државата е буниште на регионална и европска храна која не се консумира во матичните земји поради неквалитет. Се согласувате ли со тоа?

-Не! Ниту една земја во светот не може да рече ние сме 100 отсто безбедни со храна. Секогаш може да се случи нешто. Меѓутоа можам да кажам дека во моментов сме многу ригорозни и ќе бидеме ригорозни. Нема да има простување кон никого кога станува збор за храна, затоа што од самата храна настануваат сите болести.

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 4

Како се случи овдешната инспекција да каже дека вратениот кељ од Хрватска не е контаминиран, а тамошните инспекции да тврдат дека е контаминиран со пестициди? Има сомневања дека отровниот зеленчук заврши на македонскиот пазар. Точно ли е тоа?

-Не е точно тоа. Пратката кај која неодамна хрватските фитосанитарни власти утврдија присуство на забранет пестицид воопшто не беше пуштена во промет. За инцидентот беше известено преку  RASSF системот на ЕУ. АХВ преку инспекциските служби направи надзор кај извозникот. Утврден беше и производителот од кој биле откупени спорните количини. Согласно надлежностите, понатамошната контрола ја презеде Државниот инспекторат за земјоделство, кој исто така направи контрола и како што информираа од таму, со контролата не е утврдена употреба на детектираниот забранет инсектицид.

Тоа не го контролираме ние, туку е надлежност на Министерството за земјоделие или државен инспекторат за земјоделие. Семенскиот материјал и одгледувањето е под нивна надлежност. Ние контролираме од нива до трпеза. Односно, кога ќе се набере производот од нива, тогаш е веќе надлежноста наша. Меѓутоа во случајов кељот е земен од каде што е земен и е направен директен пласман во Хрватска. Понатаму не навлегувам во истрагата. Тоа не се наши надлежности.

Доколку стоката требало да се врати за увоз во Македонија, тогаш сме надлежни ние. Во случајов робата е уништена горе на самата граница со Хрватска.

Граѓаните да пријавуваат

Сметате ли дека вршите доволно контрола, со оглед дека растат сомневањата во храната што се консумира?

-Контролите си продолжуваат. Секој сомнеж или недоследност во однос на безбедноста на храната, храната за животни, здравствената заштита или благосостојбата на животните потрошувачите може да ја пријават во Агенцијата, лично, писмено, електронски преку официјалната електронска пошта на институцијата  , како и преку бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Ние секоја недела имаме вонредни контроли. Како што реков, секој граѓанин, секој оператор, секој потрошувач може да јави ако види производ кој што не е безбеден, со изминат рок, неквалитетен, дури и нагмечување на амбалажата. Ние излегуваме веднаш на терен. Исто и за малтретирање кучиња или други животни.

Меѓутоа, мора да кажам дека сомнежите се едно, а она што го потврдуваме со спроведените инспекциски надзори и лабораториските испитувања кои ги вршиме на производите е нешто сосема друго. Сомнеж може да има секој потрошувач, а ние како институција постоиме тоа да го провериме и да го потврдиме или демантираме со контролите кои ги спроведуваме.

Минатата година во Базата на податоци по поднесени инцијативи за вршење на вонреден инспекциски надзор на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ добивме вкупно 317 иницијативи. Најчесто се пријави за неодговорно сопствеништво (36) потоа за напади и каснувања од куче (14). Што се однесува до храната, предност имаат иницијативите за сомнеж за труење со храна (13), производи со поминат рок на употреба (12), како и за присуство на контаминенти (8) и за нехигиена (7).

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 5

Господине Миланов, дали може да им гарантирате на потрошувачите овде преку ова интервју дека се спроведуваат сите прописи за безбедност на храната во поглед на адитивите, растворувачите, ензимите, аромите на храна и другите хемиски супстанци согласно директивите на ЕУ?

-Во нашата држава националната легислативa која се однесува на употреба на адитиви во храна континуирано се хармонизира со европската. Во случаи кога се појавува опасност за популацијата од небезбедна употреба на храна која содржи одреден адитив, без разлика дали овие информации доаѓаат од наоди при инспекциски контроли на официјалните државни инспектори за храна или од европскиот систем за информирање за небезбедна храна RASFF, се преземаат соодветни мерки како што се повлекување на небезбедни производи или донесување решенија за забрана во однос на спорниот адитив додека не се измени националната легислатива. Ние сме усогласени во европските регулативи 90 отсто.

Употребата на адитивите кај нас е строго ограничена и истите согласно Правилникот за адитиви е дозволено да се додадат во храната единствено за да го подобрат технолошкиот состав во текот на производството, подготовката, обработката, преработката, пакувањето транспортот и чувањето, без притоа да имаат штетно влијание по здравјето на потрошувачите. Операторите се должни да користат исклучиво адитиви кои се дефинирани во листата на дозволени. Обврска за операторите е и да ги почитуваат дефинираните максимално дозволени концентрации. Задолжително е и означувањето на адитивите во декларациите на производите, дури и тогаш кога адитивите кои се користат во производството и се присутни во готовиот производ дури и во изменет облик.

Во тој дел мислиме дека ги почитуваат самите производители и увозници или извозници.

Во Законот за безбедност на храна е наведено дека декларацијата за состав на храната треба да биде напишани јасно и читливо. Но многу често на производите гледаме описи со микроскопски ситни букви како да е со намера да се сокрие составот. Како се борите против тоа и зошто има кршење на таа одредба од законот?

-Правилникот за информации поврзани со храната кој АХВ го донесе во 2015 година согласно регулативата на ЕУ, ја дефинира и големината на буквите со која треба да бидат испишани задолжителните информации за потрошувачите на пакувањето. Претставувањето на задолжителните информации на означувањето на прехранбените производи кое се наоѓа на пакувањето или е прикачено на производот треба да се печати на начин кој ќе обезбеди јасна читливост, со користење на мали букви со големина еднаква или поголема од 1,2 mm.

Во случај кога пакувањето на производот е со површина помала од 80 cm², големината на малите букви треба да биде еднаква или поголема од 0,9 mm. Секоја неусогласеност што ќе ја забележиме повлекува последици на штета на операторите, производителот или увозникот што го застапува.

Би сакал да додадам дека како транспарентна институција ги почитуваме потрошувачите и нивното право на избор за тоа каква храна сакаат да консумираат, но и нивното законско право да реагираат секогаш кога сметаат дека се загрозени нивните права како потрошувачи вклучително и правото соодветно да бидат информирани за производот кој го купуваат бидејќи согласно одредбите од Законот за безбедност на храната, секој производ кој не е деклариран или не е соодветно деклариран, е небезбеден. Како што спомнав и претходно, и за оваа недоследност секој потрошувач може да пријaви во Агенцијата лично, писмено, електронски на  ,  или на бесплатната линија за потрошувачи 0800 3 22 22.

milanov makedonija ne e buniste za nekvalitetna hrana intervju respublica 6

Излегувате ли на зелените пазари?

-Да, и таму наидуваме на недекларирани производи како месо, сирење, кои се продаваат на тезгите иако надворешната температура е 40 степени. И таму има доста казни, прекршоци. За првпат влеговме и на Бит пазар, на Стара чаршија, Пластичарска улица. И таму имаше многу работа.

Забрането е продавање однапред сомелено месо

Дали може да гарантирате дека зеленчукот и овошјето што се продаваат на отворени пазари и во супермаркетите се безбедни за јадење, без штетни остатоци од пестициди?

-Генерално, граѓаните во земјава јадат безбедна храна, иако секогаш се можни инциденти со храна од домашно производство или од увоз. Никој не може да гарантира 100 процентна безбедност. Покрај лабораториските тестирања кои се вршат во рамки на инспекциските контроли, Агенцијата за храна и ветеринарство, постапува и по поднесени претставки.

Во однос на известувањата кои Агенцијата како контакт-точка ги добива од европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни, во кои се известува и за небезбедни количини овошје и зеленчук со наод на пестициди, согласно воспоставените процедури, постапено е по сите нотификации добиени во 2024 година. Од 01.01. до 31.12.2024 година примени се и реализирани вкупно 23 нотификации, од кои 13 се однесуваат на небезбедна храна по потекло од нашава земја, а останатите се заради направен увоз на небезбедна храна. Земјите кои известиле за небезбедна храна се Италија, Хрватска, Шпанија, Полска, Австрија, Грција Белгија.

Тоа значи дека треба посилен мониторинг?

-Почнувајќи од 2012 година, Агенцијата за храна и ветеринарство ја спроведува и Мониторинг програмата за безбедност на храната во внатрешниот промет при што од откупните пунктови и од прометот се земаат и лабораториски се тестираат различни категории производи, во различни временски периоди. Програмата е составена од неколку потпрограми во рамки на кои се земаат и лабораториски се анализираат мостри храна, во однос на различни параметри како што се микробиолошки критериуми, определување на присуство на остатоци од пестициди, тешки метали и нитрати, присуството на микотоксини во одредени видови прехранбени производи, и мониторирање на материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната.

Со Мониторинг програмата се опфатени различни категории на храна како што се зеленчук, овошје, брашно, леб, пекарски производи, храна за доенчиња и мали деца на житна основа и млечна храна за доенчиња, млеко  и млечни производи и други.

Во 2024 година, за определување на  присуство на резидуи од пестициди лабораториски се испитани 170  мостри. Добиени се 8 позитивни мостри на одредени резидуи од пестициди за производи како што се бабури, пиперки, грозје, кафен ориз, морков и корнишони, земени од скопскиот, кумановскиот и струмичкиот регион.

Дали ги контролирате јајцата што доаѓаат на пазарот од Тетово со оглед дека тоа подрачје важи за многу загадено?

-Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува контроли кај производителите, увозниците и трговците со јајца, вклучително и на оние од тетовско, во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите.

Дали Агенцијата има сознанија дека во големите маркети се случува продавачите кои послужуваат сувомесната храна и сирења со ракавици, на пауза ги држат своите телефони и пак продолжуваат со послужување со истите ракавици. Што треба купувачот да направи во тој случај за да се заштити?

-Пак ќе кажам, купувачот треба да се јави кај нас. Во тој случај ние излегуваме веднаш на терен. Еве, јас ги охрабрувам граѓаните да пријавуваат веднаш штом ќе забележат такво однесување. Ние мораме да се заштитиме и да знаеме што јадеме. Граѓанинот има право на слободен избор каква храна ќе консумира, а операторите со храна се должни да ги почитуваат законските обврски и да гарантираат таа за потрошувачите да биде безбедна.

Зошто и покрај одредбата мелењето на месото да се случува во моментот кога се купува, тоа не се почитува и маркетите повторно продаваат пакувано мелено месо за кое купувачот не видел што е ставено внатре?

-Со Правилникот за барањата по однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо, не е дозволена продажба на мелено месо во рефусна состојба, однапред сомелено. Потрошувачите може да купат мелено месо во месарница само ако месото се одбере од нивна страна и истото се сомеле  во нивно присуство, или ако тоа е сомелено, односно подготвено во специјализирани објекти, кои се одобрени и регистрирани во Агенцијата за храна и ветеринарство. Ние ќе излеземе деновиве со информации за извршени контроли и јавноста ќе биде запрепастена од тоа што го најдовме по супермаркетите. Наидовме на мелено месо кое е подготвено во несоодветни услови. Казните се огромни, максимални.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Дарко Андоновски