Иако правото на здрава животна средина е загарантирано, во Македонија сè уште постојат бројни предизвици кога станува збор за неговата заштита и остварување. Недостатокот на институционална координација, неефикасната казнена политика и отсуството на специјализирани судии и обвинители за еколошки случаи се само дел од проблемите што ја кочат борбата против загадувањето и уништувањето на природните ресурси. За овие прашања разговараме со Никола Јовановски од Центарот за правни истражувања и анализи, кој објаснува зошто Македонија сè уште нема ефикасен систем за еколошка правда, какви се законските празнини и што е неопходно да се промени за граѓаните да добијат вистинска заштита од еколошката штета.
Постои ли еколошка правда во Македонија?
Ние се обидуваме да дојдеме до еколошката правда. Наједноставно дефинирана, еколошката правда значи остварување на правото на здрава животна средина за секој поединец или делегирање на таа здрава животна средина во секоја сфера на нашето современо живеење. Сѐ поактуелно станува во рамките на ЕУ и во светски рамки, а кај нас ние се трудиме, меѓутоа, патот засега е тежок од објективни причини кои што се сведуваат на тоа дека имаме голем дел од работите што треба да се променат, пред сѐ во законски и во институционални рамки.
Првиот синоним за здрава животна средина кај нас, особено во ек на грејната сезона, е аерозагадувањето. За каква еколошка правда можеме да зборуваме во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух?
Најново во однос на воздухот што ќе се случува во иднина е една надзорна расправа која ќе биде организирана од на Собранието на Република Северна Македонија и ние тоа го поздравуваме, бидејќи во неколку наврати ние баравме да се спроведе надзорна расправа или на една маса да седнеме сите чинители кои работат во делот на еколошката правда и да разговараме во однос на воздухот. Претходно, за првпат добивме една одлука што е начелен став на Врховниот суд, иницирано по тужби од Центарот за правни истражувања и анализи преку адвокатско друштво, во однос на правото на здрава животна средина.
Беа поднесени 11 тужби од физички лица кои живеат во најзагадените градови во земјава по два основи - првиот беше дека не е донесен Национален план и стратегија за заштита на животната средина во последните осум години и вториот дека со законот за амбиентен воздух, дозволено е да бидат само 35 дена во текот на годината. За жал ние имаме многу повеќе. Во тужбата беше дека правото на животна средина може да биде загрозено и со несторување, со неносењето на овие документи, државата индиректно го загрозила правото на здрава животна средина.
Има ли некаква разрешница?
Од управните судови добивме пресуди каде што беше образложено дека судот не може да ѝ наложи на државата да носи такви документи, додека пак од Врховниот суд беше донесен начелен став во кој се вели дека судовите имаат право и треба да го обезбедат правото на заштита на животната средина и од друга страна, дека правото на здрава животна средина може да се загрози и со несторување, како во случајот со неносењето на овие документи. Исто така, Врховниот суд укажа на тоа дека граѓаните имаат право да го бараат ова право пред управните судови, понатаму нели да се бара надомест на штета.
Во кој дел мора итно да се работи за граѓаните да видат конкретен бенефит?
Најважно е да се работи на Стратегијата, односно на Националниот план за заштита на воздухот. Потребно е да се направи една работна група која што би се занимавала со овој проблем и да изготви долгорочен план за справувањето со загадувањето со воздухот. Тоа значи конкретно да се преземат некои мерки, бидејќи во изминатиот период не сме виделе ниту една мерка која што се однесува на намалување на загадувањето на воздухот, макар била и онаа многу популарна мерка, беше преземена и во соседството на пример во Босна и Херцеговина, во однос на возилата, еден ден возеа оние кои што се со парен број на таблици, другиот ден оние со непарен.
Колку тоа би довело до намалување на загадувањето е прашање, бидејќи во Скопје многу голема улога игра пред сѐ поставеноста на градот, а второ урбанистичкиот хаос кој што влијае на протокот на воздух и понатаму сите оние прашања кои што остануваат отворени, од дали сѐ уште имаме греење на нафта и мазут од државните институции или греење на дрва од страна на граѓаните, особено она дрво кое што не е соодветно за греење или кое што е влажно и уште повеќе загадува.
Имаме проблем со јавното добро и општествената свест
Кои се најголемите празнини, и законски и институционални?
Според мене, најголемиот проблем сѐ уште е откривањето на кривичните дела што се однесуваат на животната средина како и на нивното процесуирање. Голем проблем сѐ уште е и законската регулатива, но и ресурсите со кои што располагаат институциите.
Дали граѓаните ги знаат своите права?
Ние во државата имаме проблем со јавно добро и општествена свест, не само во делот на еколошката правда, генерално во живеењето во нашата држава. Граѓаните делумно ги знаат своите права. Најчесто не знаат каде да го пријават загадувањето. Второто прашање е кој ќе постапи по нивната пријава, заради тоа што во Министерството за внатрешни работи сѐ уште нема одделение за животна средина кое што е укинато во 2008 или 2010 година.
Со новата систематизација е предвидено реоформување на ова тело. Понатаму комуникацијата помеѓу МВР, Инспекторатот и Обвинителството не е најдобра, пред сѐ поради тоа што мислам дека како кадар не можат да ги покријат сите тие сегменти кои што се однесуваат на загадувањето на животната средина и на крај доаѓаме до судиите и јавните обвинители. Немаме специјализирани судии кои работат животна средина и не би можеле да имаме периодов, бидејќи има намален број на судии. Понатаму немаме ниту обвинители кои работат исклучиво животна средина. Само еден обвинител од обвинителството за организиран криминал доаѓа на состаноците за еколошка правда и таму завршуваат предметите.
Каква е казнената политика?
Неспецијализираноста на судиите и процесираноста на предметите прават овие случаи најчесто да завршат со условна казна или евентуално парична. Постапката многу ретко завршува како кривично дело за кое ние се залагаме, бидејќи сметаме дека казната треба да биде соодветна. И висината на казната успеавме да ја зголемиме во измените на Кривичниот законик, зашто ние бевме иницијатори и сметаме дека сега висината на казната е соодветна, меѓутоа треба да биде и досудена од страна на судовите.
Дали ваквата казнена политика ги охрабрува сторителите?
Мислам дека кај нас преовладува мислењето дека нема да бидам казнет или нема да ме видат, па заради тоа и се повторуваат ваквите дела. Од друга страна и поминуваат со „благи“ казни, тука е најголемиот проблем, или условно. Во странство, ова се сериозни кривични дела за кои следува казна затвор. Од 2010 до 2024 година, најголемиот дел од предметите завршуваат со запирање на постапката, парична казна-глоба, многу малку завршуваат со осудителни пресуди или ретко со казна затвор. И тука се поставува прашањето, дали ние треба да делуваме превентивно, во делот на подигање на јавната свест и едукација на граѓаните или треба да делуваме репресивно, односно да ги зголемиме казните и казните да бидат спроведувани во целост?
Условната казна е некаков вид осудителна казна, но дали таа ја постигнува целта? Истото е и со паричната казна, и ќе ви дадам конкретен пример - ако некоја голема компанија или фабрика е казнета со 50 илјади евра, направила штета во однос на загадување на река и на рибниот фонд, за таа фабрика не е проблем да ги исплати тие 50 илјади евра, но штетата е неповратна, бидејќи не може да се врати во претходната состојба природата. Се поставува прашањето: Колку и како таа казна делувала на таа компанија? Замислете да се досуди и мерка забрана за работа во одреден период, можеби тогаш компаниите ќе се запрашаат што направиле и дали би го направиле тоа во иднина.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Катерина Топалова Дејановска
Фотографии: Слаѓан Милошевски