Новинарка и активист за правата на жените – тоа е нашата хрватска соговорничка Снјежана Павиќ. Таа смета дека жените трпат насилство секаде, па дури и во најбогатите земји и дека погрешно ги учеле да внимаваат во темните улички, бидејќи тие се во најголема опасност во нивните домови. Вели и дека новинарките се редовно жртви на агресија, помалку платени од колегите и посочи дека истражувањето во ЕУ покажало дека политичките новинарки и оние кои пишуваат за правата на жените се седум пати повеќе изложени на насилство отколку нивните колеги мажи. Зборувавме и за Ведрана Рудан, за сексуалното злоставување на најмладите, како и за многу други заеднички теми на Македонија и Хрватска.
Снjежана, намерно чекав да помине 8 Март за да го направиме ова интервју, бидејќи знам дека се залагате жената да има еднаков општествен третман со мажот сите денови во годината, а не само на тој ден. Кога ќе се разбијат предрасудите за жената?
-Тоа го правиме секој ден, јас и ти и секоја жена која се обидува да живее во хармонија со себе и со она што го сака. На овој начин се спротивставуваме на застарените општествени норми кои би ги ставиле сите жени во ист калап, во улога на мајка и домаќинка која молчи и се жртвува да биде на услуга на другите 24 часа - дома и на работа. Како да се домашни животни, а не луѓе. Не верувам дека целосно ќе ја искорениме женската нееднаквост сѐ додека живееме во глобален систем кој се заснова на експлоатација на послабите, сиромашните, оние од руралните области, имигрантите, луѓето од другите раси.
Сепак, многу е направено во последните 30 години и не гледам дека овој напредок може да се запре, и покрај политичкиот раст на ултра-конзервативната десница која повторно би ги затворила жените во нивните домови. Балканските мажи одбиваат да се менуваат и не само тие, па статистиката покажува сè помал број на бракови и помалку деца. Жените наоѓаат други начини на отпор.
Дали и во Хрватска жената е прво сопруга и мајка, а дури потоа човечко суштество?
- Сè уште не нѐ сфаќаат сериозно, без разлика дали сме новинарки, лекарки, писателки, работиме во училиште или во продавница. Важно е што вели мажот. Жените се украс, и нивно е да молчат. И денес гледаме важни дебати на јавната телевизија без ниту една жена: иако од 2010 година, жените во Хрватска го сочинуваат мнозинството од оние кои дипломираат на универзитетите и бранат докторати. Сè уште нѐ сметаат, пред сѐ, за машина за раѓање. И поради тоа сме омаловажувани и деградирани на работа. Сè уште е тоа машко општество, создадено за мажи.
Ние во Македонија сметаме дека жените се подобро третирани во ЕУ. Дали е тоа така и во Хрватска?
- Претпоставувам дека на жените генерално им е подобро онаму каде што платите се повисоки и општеството функционира подобро, па има повеќе градинки и домови за стари лица, судовите и социјалните служби се поефикасни. Имаат помал товар врз нив, имаат посилна поддршка од општеството. Но, проблемот никаде не е решен. Не постои земја од ЕУ која може да се пофали дека го искоренила насилството врз жените во семејството или дискриминацијата на работа. Што ви значи статистички високата плата, ако општеството е така организирано што мајка на мало дете мора да остане дома и да се грижи за децата, бидејќи нема доволно места во градинките, како што е случајот во богатата Германија?
Многу жени во Хрватска ми кажаа дека сакаат да можат да работат 4 часа на ден. Германија го има ова, но многумина таму веруваат дека тоа води до дискриминација, бидејќи со половина работно време ги немате истите професионални можности, вашата плата и подоцна пензија се значително помали, и вие сте повеќе зависни од партнерот.
Поранешните социјалистички земји како Словенија и Чешка се високо рангирани во статистиката за правата на жените: тие наследија релативно добра институционална структура од социјализмот со социјална грижа за децата и постарите лица и традиција жените да работат во сите сектори. Затоа денес тие имаат, на пример, повеќе жени научници или политички новинарки.
Дискриминација и стереотипи
Важите за една од активистките за женски права во хрватското општество. Дали тоа Ви носи плус или минус во животот?
-Ми дава голема сила и задоволство тоа што можам да го напишам токму она што ми лежи на срце. Тоа е голема привилегија и голема радост. Истражувањето во ЕУ вели дека политичките новинарки и оние кои пишуваат за правата на жените се 7 пати повеќе изложени на насилство од нивните машки колеги. Од 2017 година пишувам колумна за правата на жените во Јутарњи лист, насловена по романот на големата Марија Јуриќ Загорка, „Невина во лудница“. И Загорка беше навредувана и омаловажувана во нејзино време, па дури и децении подоцна. На пример, не ѝ дозволуваа да пишува свои текстови, не ѝ дозволуваа ни да седи во иста просторија со машките колеги. Ја ставиле во мала соба и ѝ дале само да преведува. Па така ќе преведеше текст од унгарски весник кој таа го напишала и објавила под псевдоним.
Мојата колумна е плод на големо незадоволство: Бев многу несреќна кога поради кризата во печатените медиуми во Хрватска повеќе не можев да работам како политички известувач за земјите од регионот. Читајќи странски медиуми, сфатив дека тоа редовно им се случува на жените после 40, дека се маргинализирани и дури тогаш почнав да станувам свесна за сопствената положба како жена. Секако, во големата новинарска криза кај нас не беа жртви само жените.
Што најмногу Ви пречи во односот кон жените?
-Тоа што толку мажи, а и жени, сметаат дека сѐ е во ред. Дискриминацијата и родовите стереотипи се толку вкоренети што ги доживуваме како природни и неизбежни. Како да сме родени да бидеме куќни помошнички, како да нѝ е во гените да готвиме и чистиме за другите, на работа да работиме двојно повеќе а за помала плата. Неодамна имаше емисија на јавната телевизија за демографијата: неколку мажи се пожалија пред камери дека жените повеќе не сакаат да имаат деца, па како тоа? Не постои свест дека е неопходна сосема нова култура, дека мажите се тие кои мора радикално да се променат и да ги прифатат жените како човечки суштества со еднаква вредност.
Семејствата многу ги поддржуваат своите ќерки, сакаат тие да се образуваат, дипломираат и работат, но откако ќе се венчаат и ќе добијат деца, се враќаат на животниот стил на бабите, ставајќи ги сопругот и децата пред нивните потреби. Речиси две третини од жените и само една третина од мажите сега дипломираат на факултет. И мизогинската култура се шири на Интернет, охрабрувајќи ги младите мажи да веруваат дека жените мора да бидат покорни и да им служат како слугинки и кукли за секс.
Во Македонија имаше случај, министерка да дофрли коментар на опозициска политичарка на сметка на нејзиниот статус на немажена жена која никогаш не родила деца. За волја на вистината овој инцидент предизвика лавина од жестоки реакции кон министерката. Како Вие би одговориле на таков коментар?
-Грозно е министерка да нападне друга жена затоа што не родила. Впрочем, каков аргумент е тоа? И министерката за финансии носи одлуки на своето работно место кои ги засегаат вработените, банките и сопствениците на мали бизниси – а ни самата не е банка или сопственик на мал бизнис. Да беше критикувана од машки пратеник, сигурно немаше да му држи лекции дали има деца или не. Тоа е вообичаен сексизам да ги третираме жените сосема поинаку отколку кон мажите.
Каква е положбата на новинарките во Хрватска и во регионот?
-На Запад, на новинарките долго време не им било дозволено да се занимаваат со политика и економија, но кај нас тоа не е случај, а жените често го сочинуваат мнозинството во редакциите. Но, каде и да има мнозинство жени, тоа е знак дека нашите плати се ниски, а престижот на професијата опаѓа. Уредниците и најплатените колумнисти сè уште се во огромно мнозинство мажи, а новинарската професија е организирана на таков начин што на жените со мали деца им е тешко да преживеат и професионално да напредуваат.
Истовремено, во редакциите и кај новинарките постои слабо развиена свест дека се дискриминирани и затоа што се жени. Новинарството е оптоварено со низа други проблеми, така што овој женски проблем е помалку видлив: весниците губат приходи од продажба, сите медиуми губат приходи од реклами, што ги прави поподложни на политички притисок и поради тоа нашиот кредибилитет слабее и губиме читатели и гледачи.
Јавното мислење денес е обликувано од социјалните мрежи и алгоритми контролирани од моќни луѓе како Илон Маск, кој отворено ја поддржа екстремната десница во Германија и Велика Британија. Тоа е голем проблем за демократијата, мислам дека финансирањето на сериозно и независно политичко новинарство ќе треба да се реши на ниво на ЕУ. Притоа, ќе мора да ги земеме предвид и земјите како Македонија кои се во пристапниот процес: не може да очекувате зајакнување на демократските институции без новинарки и новинари кои мора да бидат способни да ја вршат својата работа без страв, со плата достојна за човек.
Чувството на немоќ убива
Што ќе им порачате на новинарките во Македонија бидејќи и тие сè помалку платени, изложени на напади, јавно стигматизирање и мизогинија?
-Секоја од нас се бори, барајќи своја формула како да преживее и во исто време да го зачува своето ментално и физичко здравје. Открив дека учеството во протести и разни акции ми дава голема сила и големо задоволство. Можеби не се гледа веднаш што сме постигнале, но сум покажала што мислам и веднаш се чувствувам подобро. Чувството на немоќ е она што убива. Поврзување, обединување, солидарност: пред неколку години се запишав на образовната програма за женски студии во Загреб: таа се организира секоја година онлајн, па бев во група со жени од различни генерации од Сплит, Риека, Сараево, Нови Сад и Скопје.
Во Македонија доста се зборуваше за интервјуто на Ведрана Рудан на ХРТ. Таа е популарна во регионот но тоа интервју посебно ја издигна. Треба ли жена смртно да се разболи за да допре до срцата дури и на оние кои не ја сакаа како авторка? Што тоа ни кажува за односот кон жените?
-На жените се гледа многу построго отколку на мажите. Кога мажот е амбициозен, тоа е одлично. И ако жената е амбициозна, таа веднаш ќе биде сфатена како агресивна, насилна и зла. За истото однесување, мажите се фалат, а жените се осудуваат. Ведрана Рудан докажа дека вообичаените критериуми не важат за жените: својата колумна ја понуди на голем број медиуми, бесплатно, а сите ја одбија, иако е јасно дека колумната ќе биде исклучително читана. Ведрана Рудан ја отпишаа во Хрватска поради наводна вулгарност. А кога фудбалскиот тренер пцуе тоа е многу симпатично. Сите околу нас пцујат. Но, ако си жена, сè се брои како причина за дисквалификација: или си премногу убава, или си грда, или си премногу млада, или си премногу стара. Среќна сум што Ведрана Рудан и покрај тоа што беше игнорирана и презирана од големите медиуми, стигна до голем број читателки. Како и Марија Јуриќ Загорка.
Во колумна во Јутарњи лист напишавте дека според Советот на Европа 700.000 Хрвати доживуваат сексуално злоставување до својата 18 година. Жртвите се претежно од женски пол. Тоа е премногу дури и за македонски стандарди. Имате ли сознанија дека тоа е само балканско поведение или го има насекаде?
-Бројката ја изнесов врз основа на проценките на американските организации кои се занимаваат со сексуална злоупотреба на деца и инцест. Нивните експерти проценуваат дека секое четврто дете е изложено на некаква форма на сексуална злоупотреба. Тоа е страшно и речиси никогаш не се зборува за тоа толку колку што заслужува тежината на темата. Таткото на психоанализата, Зигмунд Фројд, зборуваше за масовната сексуална злоупотреба на девојчињата во виенските буржоаски семејства, но тој мораше да ја напушти оваа теза под притисок.
Западот почна повеќе да зборува за сексуална злоупотреба на деца во последните дваесетина години, благодарение на серијата скандали во Католичката црква или други големи институции, како што се извидниците во Америка, кои исто така организирано ги замолчуваа жртвите и ги заштитуваа насилниците. Секоја наша држава е како таа довчерашна црква: експертите знаат дека сексуалното и друго насилство врз децата е широко распространето, знаат дека тоа остава страшни доживотни последици - а државата не прави ништо. Инцестот е табу, сексуалните злосторства се единствениот вид криминал каде јавноста ја осудува жртвата, а не сторителот.
Македонија е надвор од радарот на европските институции за тие теми. Првата помисла ми е ако една Хрватска се соочува со тоа, како ли е во мојата земја која има слични општествени корени и социјално милје како и Хрватска? Како да се решиме од ова зло?
-Ова се случува во сите земји, богати и сиромашни. За жртвите е многу тешко да зборуваат за тоа, бидејќи кога зборуваат, сè уште се стигматизирани од срам и вина. Кај нас дури и жените кои биле силувани во војната не сакаат да признаат, бидејќи силувањето за нив се смета за срам. Во Америка, жртвите на свештениците педофили се огласија по 30 или 40 години, а Франција и низа други земји ги менуваат своите закони за да го спречат застарувањето на сексуалните злосторства врз малолетници. Исто како што не постои застареност на воените злосторства, на некој што работел во логорот Аушвиц и денес му се суди.
Експертите велат дека на жртвите често им требаат многу години да кажат некому што им се случило. Кога владата реши да ги искорени туберкулозата и неписменоста, вложи многу пари и труд во тоа, па денес нема повеќе неписмени, и мал е бројот на заболени од туберкулоза. Сè е можно кога се сака.
Старото добро новинарство
Тоа се важни теми кои ја одредуваат менталната структура на поединецот во општеството и вкупното здравје на заедницата и способноста да дејствува колективно. До кога тие теми ќе бидат табу на Балканот?
-Еве, сега зборуваме за тоа. Мислам дека е многу важно гласно да се зборува за тоа што им се случува на жените и за ужасните последици од тоа што општеството им го врти грбот. Можеби мислите дека е приватна работа ако мажот ја тепа сопругата, но во такво семејство и децата многу страдаат, а кога ќе пораснат, многу од нив ќе развијат психички проблеми. Значи целото општество трпи и плаќа кога маж тепа жена, а ќе плаќа децениско лекување, боледување и инвалидски пензии за жртвите на неказнето семејно насилство. Погрешно нѐ учеа да се плашиме од темни улици и непознати мажи, статистиката вели дека жените се во најголема опасност во сопствениот дом. Повеќето жени се силувани и убиени од нивните сопрузи и партнери, потоа татковците и браќата.
Старото, класично новинарство е сè уште од клучно значење: за педофилијата и семејното насилство почна повеќе да се зборува благодарение на новинарките и новинарите кои имаа време да истражуваат и да бараат луѓе кои се подготвени да сведочат. Вака се менува општеството: со години се знаеше како познатиот продуцент Харви Вајнштајн ги третира жените во Холивуд, но општеството почна да се менува дури кога написите за тоа беа објавени во Њујорк Тајмс и Њујоркер. Мораше да има медиуми и уредници кои им овозможија на своите новинари да истражуваат повеќе од шест месеци. Тоа е важноста на новинарството: ниту една жртва не би проговорила самата бидејќи се плашеа од моќниот Вајнштајн. Текстот кој покрена лавина и го промени ставот на општеството немаше да може да го напише новинарка кој работи на три работни места за да преживее.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Приватна архива