Македонија и градот Скопје во изминативе години бележат високи нивоа на загадување што ги искачија на врвните места на светските листи за најзагадените места во Европа и светот. На тема-загадување разговаравме со Пејо Кировски, кој веќе 17 години работи како државен инспектор за заштита на природа во Државниот инспекторат за заштита на животна средина и е еден од вкупно 22 инспектори за животна средина кои го контролираат загрозувањето на животната средина на територијата на целата држава.
Г-не Кировски, при едно Ваше неодамнешно појавување во јавноста споменавте дека бројот на инспектори од областа на животната средина изнесува само 23 за територијата на цела држава. Дали вие како колектив имате испратено официјално барање до Владата за зголемување на тимот на Инспекторатот? Дали имате разговарано со новиот состав на Владата околу ова? Каков е ставот на оваа Влада околу ова?
Секоја година сите органи на управата согласно законската регулатива до 31 август во тековната изготвуваат План за вработување за наредната година. Се доставува до Министерство за финансии, Министерство за јавна администрација (МЈА) и Министерството за односи меѓу заедниците. За 2024 година Планот е одобрен од МЈА, но истиот не е одобрен од Министерството за финансии. Во него се планирани 3 нови вработувања на инспектори. Планот за 2025 со 9 нови вработувања на 6 инспектори и 3 административни службеници исто така не е одобрен од МФ. Нови инспектори се неопходно потребни: во октомври 2024 замина во пензија еден инспектор, во 2025 заминува уште еден, во 2026 уште тројца инспектори заминуваат во пензија, еден инспектор е на боледување подолг период. Моментно вкупниот број на инспектори е 22, од кои 18 се за животна средина, тројца се за заштита на природата и двајца водостопански инспектори.
Според Вас, локални инспектори за животна средина има само во околу 45 отсто од општините. Ова значи дека значаен дел од природата и заедниците во државата се оставени без никаква заштита. Кои може да бидат трајните последици од оваа состојба?
Согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина до крајот на 2022 година, сите општини требаа да назначат општински инспектори за животна средина, додека за природа и водостопански инспектори се само на централно ниво. За жал, само 45 отсто од општимите имаат назначено општински инспектори за животнасредина, што значи многу општини се без спроведување на законодавството од аспект на општината и дел од надзорите ги вршат Државниот инспекторат за животна средина.
Неколку Ваши колеги и поранешни и в.д раководители на Инспекторатот имаат изјавено дека Инспекторатот не располага со доволно потребна опрема - на пример теренски возило за надзор на планински региони. Дали ова значи дека оние места кои се недостапни не ги посетувате? Дали недостатокот на опрема влијае на работата и денес?
За ефикасен и ефективен инспекциски надзор питребни се човечки ресурси и материјално технички средства. Веќе години наназад не се одобрува набавка на возила, посебно теренски каде за вршење надзор на одредени локации треба да се врши надзор со возила на правните субјекти, што го прави надзорот однапред најавен и во случаи кога има потреба од вонреден инспекцискинадзор.
Многу пари се потребни за чистење на линданот
Што се случува со локалитетот Пеленица, каде беше детектирано дека има 40.000 тони линдан, а како што знае јавноста овој локалитет беше омилено место за излет на основните училишта со години наназад?
За локалитетот Пеленица направени се прелиминарни истражувања во однос на загадувањето и количини на отпаден линдан и пресметка на трошоци, при што се чека на обезбедување на високи финансиски средства.
Линданот треба исто така да се отстрани и од кругот на поранешната фабрика ОХИС. Која е опасноста од неостранувањето на линданот врз околината и за луѓето?
За опасностите по здравјето и животната средина од жешката точка ОХИС е многупати говорено и пишувано. Потребно е најбрзо што може континуирано да се врши ремедијација и отстранување на отпадниот линдан. Овие активности побаруваат високи финансиски средства за завршување на малата, а посебно за т.н голема депонија.
Минатата недела Владата донесе Одлука, Министерството за животна средина и просторно планирање да префрли 24.453.000 денари наменети за чистење на контаминираната локација во ОХИС на сметката на Мулти-партнерскиот фонд за животна средина. Дали овие средства се доволни за тоа?
Овие средства ги обезбедува Владата од Буџетот секоја година, но се далеку од доволни за комплетна ремедијација на просторот.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Жаклина Ѓорѓевиќ
Фотографии: Дарко Андоновски