Пешева: Колку сме поблиску до промени, толку нападите се пожестоки

Интервју

24.11.25

Прегледи

О2 Иницијатива е една од најактивните граѓански организации која повеќе од десет години работи на теми поврзани со животната средина. Овој тим од активни жени, цела декада волонтерски се бори за чист воздух, транспарентност и одговорност на институциите. Паралелно, постојано се соочува со организирани дезинформации и онлајн напади – секогаш кога критички ќе проговори против власта или големите градежно индустриски бизниси. Од закани и координирани кампањи на социјални мрежи до следење, телефонско вознемирување и обиди за дискредитација – активистките на О2 ги почувствувале речиси сите форми на притисок чија цел не е само да ги заплашат, туку и да испратат порака до пошироката јавност дека критичкото мислење не е добредојдено

Ели Пешева, во интервју за Рес публика, вели дека нападите за замолчување не се локален феномен, туку дел од поширок регионален и европски тренд. Но, за разлика од државите во ЕУ, во Македонија институциите ретко реагираат или нудат заштита за граѓанските активисти.

Во Вашето долгогодишно искуство како О2 Иницијатива, кога најчесто се соочувате со напади и притисоци и што е тоа што ги предизвикува?

Од нашето 10-годишно искуство, нападите секогаш се појавуваат во моментите кога критикуваме владејачка структура. Поминале сите партии, но моделот е ист: кога ќе укажеме на проблеми, особено кога сме блиску до вистинска промена, започнува лавина напади. Нападите најчесто се појавуваат кога со нашата работа ќе нарушиме нечиј план, проект или интерес – политички или бизнис. Ние работиме со факти, анализи и правни аргументи. Кога нема контрааргумент, следи напад врз личната репутација. Тоа е класичен обид да се поткопа кредибилитетот.

Проблемот е и психолошки: кај нас критика најчесто се доживува како напад и институциите реагираат дефанзивно, агресивно, наместо да гледаат на критиката како можност за подобрување. Сме имале ситуации, да речеме, кога дури нè поканувале на средби, па потоа повторно сме биле мета на напад затоа што тие средби и состаноци биле со намера за позитивен пи-ар за иницијаторот, и потоа повторно сè се враќало по старо. Но, она што е заедничко е дека секогаш е од позиција на власт и на моќ.

Од каде доаѓаат тие напади? Дали преку социјалните мрежи, преку медиумите или се директни изјави на политичари?

Во најголем број случаи нападите започнуваат на социјалните мрежи. Ретко кој официјално ќе застане зад таков потег. Но низ годините имаме видено и многу потешки форми на притисок: телефонски вознемирувања, следење, закани кон членки и нивните семејства. Тоа е реалноста со која сме се соочувале. Она што е карактеристично е дека нападите доаѓаат во бран – интензивно започнуваат, траат кратко и потоа одеднаш престануваат. Токму затоа се препознаваат како оркестрирани.

eli peseva intervju respublica 1

Кои конкретни наративи или говор на омраза најчесто се користат?

Наративите се секогаш исти: дека сме странски платеници, дека работиме за опозицијата или „некој друг“. Тоа е универзален шаблон за дискредитација на секој што критикува. Вистината е дека О2 никогаш не работела за партија, бизнис или странски интерес. Кај нас нема хонорари – сè е волонтерска работа, посветена на јавниот интерес. Иако е болно да гледате како ви го валкаат името, сепак години на транспарентна работа ни донесоа кредибилитет кој јавноста го препознава.

Да заплашат еден — да обесхрабрат илјадници

Што е целта ваквите кампањи и напади?

Целта на сите овие притисоци не е само да нè заплашат или да не замолчат нас, туку да испратат порака до пошироката јавност. Има многу луѓе за кои, разбирливо, кога ќе видат на какви притисоци се изложени одредени активисти за своите ставови или дејствувања, ќе си речат „мене тој луксуз во животот не ми треба“ и ќе се повлечат и сами себе ќе се замолчат. Значи, автоцензурата го постигнува ефектот, кој инаку би го терале преку социјалните мрежи или преку јавно малтретирање и омаловажување.

За среќа, има многу граѓани и активисти кои не подлегнуваат. Иако не сум била изложена на најтешките облици притисок како некои од колегите активисти, знам колку е значајна поддршката меѓу луѓето кои поминале низ тоа. Никогаш не сме се чувствувале сами – има голема заедница која знае да застане зад вистинската работа.

Како се справувате?

Зависи од тоа каде се случува нападот. Ако е на наши профили – реагираме, дообјаснуваме, аргументираме. Отворени сме за дијалог со секој што има погрешна претстава. Но, ако нападот премине во закани, реагираме формално. Имаме случаи пријавени во МВР, но искуството покажува дека институциите немаат капацитет за справување со сајбер-насилство. Сме имале и моменти кога нападите биле толку интензивни што амбасади нè повикале да ни дадат поддршка. По тие средби, интересно, нападите нагло престанале.

eli peseva intervju respublica 2

Како овие дезинформации влијаат на вашата работа и личниот живот?

Вознемирувачки е. Колку и да мислите дека сте навикнати, тоа ве исфрла од колосек – вас, вашето семејство и работата. Сите ние имаме примарни професии и ова го работиме волонтерски. Токму затоа, кога нападите се интензивни, влијаат на секојдневието. Но, како и многу работи во државата – овие циклуси траат кратко. Често се политички или бизнис-координирани и брзо згаснуваат кога им станува непријатно или штетно. Проблем е само периодот додека траат.

Нападите не се локален феномен, туку регионален шаблон

Споменавте дека во вашата „борба“ имате поддршка. За каква поддршка се работи, дали од медиуми, од други граѓански организации или од меѓународни партнери?

Поддршката доаѓа од многу страни: медиуми, други граѓански организации, соработници, локални групи, па и странски амбасади. Често самите нè контактираат за да прашаат што се случува и дали ни треба поддршка. Она што ни значи најмногу е спонтаната поддршка на граѓаните – луѓе што нè познаваат, ја следат нашата работа и реагираат кога ќе видат неправда. Тоа е најсилниот доказ за довербата што сме ја граделе со години.

eli peseva intervju respublica 3

Со оглед на тоа дека целта на нападите, меѓудругото, е и обесхрабрување на обидите за некакви промени, како го оценувате влијанието на еко-движењето во земјава последниве години?

Еко-активизмот е една од најважните граѓански сили во државата. Имаме големи проблеми со воздух, вода и почва – и без активисти тие теми едноставно би исчезнале од фокус. Не смее да не обесхрабрува и по некој пораз од време на време, бидејќи долгорочно, кога ќе погледнеме промените кои сме ги направиле и патот што сме го изоделе, сме направиле многу. Ова денес е резултат на она што се сработило изминатите години. Тоа се многу различни групи, многу активни групи на граѓани, кои сакаат да бидат ангажирани за овој тип на теми и кои знаат да ги постават приоритетите во поглед на животната средина – дали е тоа чист воздух, почва, или вода.

Ако се вратиме десет години наназад, свеста на граѓаните е драматично променета. Тоа е директен резултат на упорноста на многу групи низ државата. Да, промените се спори, но ги има и се реални.

Дали забележувате слични шаблони на дезинформации насочени кон еко-активистите во други земји во регионот?

Да. Шаблонот е буквално идентичен: исти зборови, исти сценарија, ист стил на напади. Овој модел е присутен низ целиот регион. Разликата е што во државите-членки на ЕУ постојат механизми за заштита: институции кои откриваат сторители и покренуваат постапки. Кај нас тоа не функционира. Затоа, регионот останува многу ранлив на вакви организирани кампањи.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Бјанка Станковиќ

Фотографии: Наке Батев, приватна архива О2 Иницијатива