fbpx

Румена Бужаровска: Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме

Интервју

07.09.21

Прегледи
Rumena Buzarovska Silno veruvam vo segasnosta i vo idninata i vo vrednostite sto sega gi gradime 1

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори, вели во интервјуто за МКД.мк и за respublica.edu.mk една од најпопуларните денешни македонски писателки, Румена Бужаровска, чии книги достигнуваат високи тиражи и во Хрватска и во Србија. Смета дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. „Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.“

Бужаровска е и книжевен преведувач и вонредна професорка по американска книжевност на англиската катедра на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Литературна Европа во живо (Literary Europe Live). Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Нејзините раскази се преведени на англиски, хрватски, украински, српски и германски, а токму во Хрватска и Србија тиражите на нејзините книги постигнуваат невообичаени бројки дури и за овие простори. Токму за тие простори, за загубениот поранешен југословенски простор и вредности, зборуваме со Бужаровска, која имала само 10 години кога се распадна Југославија.

Како ретко кој македонски уметник сте присутна и на бившојугословенските простори. И со преводи и со поставка на театарските сцени на Вашите дела. Колку овој наш, македонски културен простор Ве ограничува, и како се освојуваат тие нови простори?

- Во рамките на самиот простор не се чувствувам многу ограничена. Ние сме релативно млада книжевна култура, што овозможува простор за отворање нови перспективи, експериментирање, поставување јазични, книжевни и културни вредности или пак стандарди. Ако живеете, на пример, во Велика Британија, која има толку богата книжевна и јазична традиција, вие не учествувате толку директно и активно во создавањето на културата, со оглед на тоа што пред вас имало илјадници писатели или филолози. Од тој аспект е прилично возбудливо да се работи во средина во која има неограничени можности за создавање и истражување.

Но од друга страна, ограничувања има од едноставна причина што земјата е мала и македонскиот не го зборуваат многу луѓе. Исто така, Македонија не им звучи егзотично или интересно на странските издавачи, па ги интересира да објават авторка на раскази од Македонија колку што кај нас ги интересира издавачите да објават поетеса од Естонија. Преводот секогаш претставува пречка – финансиска од една страна, од друга и техничка, оти не многу луѓе го зборуваат јазикот и умеат да преведуваат од македонски. Па така, новите простори се освојуваат тешко. Југословенските – малку полесно, зашто јазикот им е близок, како и културата, а нѐ обединува и заедничка историја, па и чувство на носталгија.

Rumena Buzarovska Silno veruvam vo segasnosta i vo idninata i vo vrednostite sto sega gi gradime 2
Што е заедничко на овие бившојугословенски простори во смисла на вредности, стандарди, присутност на културата во секојдневниот живот...?

- Главно имаме слични проблеми. Закоравен патријархален систем, корупција, насилство, нетрпеливост кон други народи и вери, алкохолизам, неквалитетен живот, низок стандард... Секако, нѐ обединува и заедничката историја, која играла улога во создавањето на овие проблеми. Културата во секојдневниот живот зависи и од културната политика на државата. Главно секаде е повеќе или помалку запоставена. Не познавам многу писатели што можат нормално да живеат само од пишување, на пример. Да, еве во Белград многу се чита, театарот е на повисоко ниво, но тоа е само во Белград, а и преведувачите на тие книги што се читаат се ниско платени.

Таа заедничка културна сцена во бивша Југославија беше многу развиена, влијателна, силна... Не сте ја доживеале, ама верувам дека ја дознавте. Каде се изгуби таа сила? Што ни се случи, па сите тие вредности некако да ги загубиме и нешто друго да дојде на сцената, кое најблаго речено може да се квалификува како кич и невкус?

- Не ја доживеав културната сцена во Југославија бидејќи имав 10 години кога се распадна државата. Дури во последните години ја запознавам преку моите колеги од тие простори. Интересно е што се јавува нова постјугословенска сцена, која исто така е многу силна, но не може да се наметне подеднакво како поранешната, со оглед на тоа што сега сме повеќе мали држави, па постојат реални политички бариери и граници. Кога имате една територија, полесно се движите и полесно се идентификувате. Вака, сите имаме мали расцепкани идентитети, а од друга страна сите ѝ припаѓаме на една иста сцена и тоа многу добро се гледа и по тоа дека сите се дружиме и соработуваме меѓусебно.

Не мислам дека вредностите на сцената може да се квалификуваат како кич и невкус. Тука ја мешаме културната со естрадната сцена. Патем, и за кичот има место во една култура, како што има и за поезијата, или за џезот, или за класичната музика. Само што прашање е дали постојат механизми да се промовира културата, и дали, да речеме, државата им помага на уметниците или на културните работници.

Порано мoжеби државата немаше механизми, ама некако се знаеше кому каде му е местото. Кичот едноставно немаше пристап до, на пример националните телевизии, јавните сервиси, што не е случај денес. Очигледно денес ни се потребни тие државни механизми. Какви?

- Искрено не знам како изгледало тоа порано... Сепак мислам дека не е толку прашање до тоа дали ќе има кич по телевизии или не, туку дали ќе има и друга содржина, т.е. колку и дали воопшто е вреднувана или присутна културата. Мислам дека традиционално не се спроведуваат добри културни политики, дека лошо се раководи со националните културни институции и дека власта културата ја смета за третостепен ресор. Затоа им се чудам и им се восхитувам на независните уметници како функционираат во оваа средина.

Што се случува на македонската културна сцена? Има ли некакви поместувања, некои нови генерации што можат да нѐ донесат барем на ниво на вредностите што ги имавме, а да не зборуваме за нешто понапред, нешто ново, освојување некои нови простори...?

- Не знам дали се сеќавате, но порано воопшто не беше популарно да се читаат македонски автори. Тие се читаa во затворени кругови, а и домашната книжевност што ни ја пласираа во училиште преку лектирите тешко комуницираше со нас – во неа имаше многу страдање и мачење, а малку радост и малку хумор, речиси воопшто.

Новите генерации автори ја оживеаја сцената и направија македонската јавност да чита и да бара дела од домашни автори. Секако дека има поместување на границите и освојување нови простори – новата книжевност пластично ја опишува нашата реалност, со што е архив на нашето време, но тоа го прави критички и смело.

Rumena Buzarovska Silno veruvam vo segasnosta i vo idninata i vo vrednostite sto sega gi gradime 3

Еве, пред некое време излезе првиот македонски квир-роман. На книжевната сцена доминираат авторки. Истото се случува и во филмот, па и во театарот има поместување. Искрено, не верувам дека порано било подобро. Можеби порано помалку сме знаеле, па така ни се чинело. Или пак сме биле помлади, па младоста сме ја асоцирале со вредност и добросостојба.

Ако ги преброите продадените билети за концерти, изложби, филмови и театарски претстави во Македонија, продадени книги... што може да заклучите за тоа каде одиме?

- За жал, не можам да ги пребројам, а навистина би сакала некој тоа да го направи. Искрено ме интересира колку тоа се чита, не се чита или се оди или не се оди по концерти и театри, посебно во споредба со другите соседни држави, но земајќи ја и предвид финансиската состојба на просечниот граѓанин. Не смееме да заборавиме дека за повеќето, културата е луксуз. Кога немаш можност да платиш сметки, секако нема да купиш книга, или да одиш на концерт.

Како да го вратиме она што значи вистинска вредност, не само во културата, туку и во смисла на етика, морал, достоинство, чест...?

- Јас не верувам дека сме ги изгубиле вистинските вредности, ниту пак мислам дека порано вредностите биле вистински. Силно верувам во сегашноста и во иднината, и во вредностите што сега ги градиме. Вредностите, во минатото, на пример, биле авторитарни и исклучиви. Целата наша културна сцена се состоела само од мажи, етнички Македонци, кои зборуваат за своите искуства.

Тие ‘вредности’ потоа се пренесуваат во општеството и културата, па нормално е во 21 век една голема партија што наводно се залага за вредностите што пропагираат еднаквост меѓу мажите и жените, на локални избори да излезе со неодамна објавени 16 мажи кандидати за градоначалници, и ниту една жена. Системот со вредности во минатото, и тој во кој и јас сум растена, е систем на авторитарност и насилство од страна на помоќниот и привилегираниот. За мене, феминизмот претставува начин во кој преку соработка, разбирање и доверба, овој магичен круг на моќ ќе се скрши, и за сите нас ќе дојдат подобри времиња.

 

Новинар: Александар Дамовски Фото: Роберт Атанасовски

Интервјуто го изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со онлајн платформата www.respublica.edu.mk на Институтот за комуникациски студиикако дел од проектот Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество што го финансира Британската амбасада во Скопје.