fbpx

Сања Божиновска: РЕК Битола е од исклучителна важност за Македонија

Интервју

24.09.24

Прегледи

Енергетскиот сектор веќе 15-ина години служи за големи заработки на трговци со струја, но и на компании кои, соработувајќи со државното претпријатие за производство на електрична енергија ЕСМ, заработуваат сериозни пари од тендери. Најчесто, трговците и фирмите се поврзуваат со луѓе кои биле блиски до тогашните владејачки партии. Од друга страна, пак, ЕСМ е во сè полоша финансиска состојба, но и капацитетите се дотраени и не можат да обезбедат доволно електрична енергија за потребите на државава. Во вакви услови, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ смета дека состојбата ќе се подобри со формирање на посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Затоа, можеби најактуелна нова министерка е Сања Божиновска, која со стапувањето на функција предизвика лавина реакции во јавноста. Јавноста ја интересира дали со нејзиното влегување во новоформираното министерство, ќе се успее да се регулира и да се управува енергетскиот сектор, кој важи за Ел Дорадо за семејствата на политичарите кои, во тесна спрега со властите, прават милионски зделки. Министерката Божиновска, во ова интервју одговара на многу отворени дилеми поврзани со овој сектор, но може да се забележи дека добрата заработка на луѓе поврзани со власта ја согледува само во минативе седум години, кога на власт беше СДСМ, а не и пред тоа, иако и во времето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, ова беше вносен бизнис за некои блиски до тогашната власт.

Министерке Божиновска, дали и во иднина ќе гледаме како роднини и блиски, овој пат на политичари од ВМРО-ДПМНЕ, одеднаш стекнуваат компании за тргување со електрична енергија, машини за копање јаглен во РЕК Битола, експресно дооформуваат парцели за енергетски објекти или добиваат вносни тендери за набавка на деривати и гориво за енергетските објекти?

-Ви благодарам за можноста да одговорам на многу прашања во ова интервју. Јас сум личност што отворено зборува за сите прашања, не кријам никакви работи од мојот живот, бидејќи имам чиста совест. Кога некој од нас се нафаќа на јавна функција, треба да знае дека неговиот живот ќе биде предмет на интерес и немам проблем со ништо, но имам проблем кога тие приказни се иницирани од луѓе кои се плашат од она што следува – а тоа е точно утврдување на досегашните криминали во областа на енергетиката и стопирање на сите сомнителни зделки. Отворена сум за комуникација, но затворена сум за секој обид да се искористи некој факт од моето минато за нечиста игра, за да ми се наштети. Можам само да им порачам на сите оние кои мислат дека нешто ќе направат со ова, дека навистина направија нешто – успеаја да ме направат уште порешителна да се борам со корупцијата и со нивните бизнис-зделки.

Јас не се плашам од работа, не се плашам од удари, се навикнав овие месеци, имам план и решена сум да направам промена во досегашниот систем, каде што се случувала најголемата корупција. Решена сум да поставам систем што нема да дозволи да има корупција, нема да дозволи да има тендери во четири очи или, пак, други договорени работи.

Факт е дека многумина од претходната власт, од позиција на моќ, станале сопственици на фирми за производство на електрична енергија. Во таа смисла, мојот став е дека не е забрането никому да го прави она што го наумил, но верувам во совеста, етиката на секој поединец што е дел од актуелната власт. Дополнително, грешките и нечесните игри на секој политичар од минатата гарнитура се доволен мотив за секој што презел одговорност самиот да одлучи како ќе работи за доброто на државата. Затоа, сакам да верувам дека за сите политичари кои се дел од актуелната власт, општествениот интерес, интересот на државата и доброто на граѓаните е посилен во однос на личната корист. Тука ја гледам разликата помеѓу сегашната власт и претходната. Впрочем, народот ни даде доверба, но истовремено и огромна одговорност која мора да ја оправдаме. И тука немам никакви дилеми.

Дали ќе се одбраните од очекувањата на вашите сопартијци дека сега тие треба да заработуваат од енергетиката? Како?

-Секој што презел одговорност да биде на клучна раководна позиција, да придонесе кон развојот и унапредувањето на државата и да мисли пред сè за интересот на граѓаните – треба самиот да си се носи со последиците доколку реши да се инволвира во такви релации. Знаете, можеби секој што, по претпоставка, свесно ќе влезе во тие води ќе се труди да го направи тоа во согласност со постојните закони, но колку тој потег би бил етички, верувам дека ќе суди јавноста, пред сè.

Доаѓате од бизнис-секторот. За Вас и за мене, како долгогодишен економски новинар, разбирливо е дека бизнисот треба да носи заработка и да му се даде шанса да се развива. Но, така, со разбирање, почнува и спрегата бизнис – власт, па најчесто се влегува во маѓепсан круг во којшто одредени компании, за да бидат дел од големата и вносна игра, почнуваат да ја делат заработувачката со партиите кои им го овозможуваат бизнисот. На што ќе бидеме сведоци во иднина?

-Како човек кој целата своја кариера ја поминал во приватниот сектор, сметам дека бизнисот ја движи економијата и треба да расте, но никако по цена на тоа да се задоволуваат нечии партиски или политички апетити на сметка на граѓаните. Цврсто стојам на ставот дека, доколку низ институциите на системот се докаже нечија вина за тоа дека на сметка на државата и граѓаните се збогатил или извршил криминално дело, тој треба да си понесе одговорност и да се соочи со последиците од таквите злоупотреби.

 Енергетскиот сектор е прилично нетранспарентен. ЕСМ се покажа како претпријатие со кое новинарите имаа(т) сериозни проблеми за да добијат јавни податоци. Дали ќе се зголеми транспарентноста?

Секако, само со транспарентност може да покажеме дека сме поинакви. И не само тоа, со транспарентност ќе ги спречиме и обидите за корупција. ЕСМ била комплетно затворена институција, тоа ќе се смени веднаш. Ќе инсистирам на максимална транспарентност, на доследност и на редовен пласман на информации за потребите на медиумите и општата јавност. Тоа ќе важи за сите институции кои се под министерството.

Енергетскиот сектор нема да биде место за партиска заработка

ЕСМ е во лоша состојба. Се држи на стаклени нозе. Што со ова, некогаш добро претпријатие? Кои се плановите?

-Убаво рековте, некогаш добро претпријатие. Прашање е како дојде до оваа ситуација АД ЕСМ последниве години да има сериозни проблеми со ликвидноста и со задолжување во комерцијалните и меѓународните банки за да има средства за тековно работење. Новиот Управен одбор пред себе има тешка задача да ја консолидира компанијата. Но факт е дека само нови проекти може да донесат зајакнато портфолио на АД ЕСМ и додадена вредност за компанијата.

Колку е лоша состојбата?

-Во моментов се врши скенирање на состојбата и наскоро ќе ја знаеме точната слика.

Каде се главните проблеми?

-Растот треба да дојде од инвестиции во нови производни капацитети, а тие не постоеле во периодот од јуни 2017 заклучно со август 2024 година. Зборувам за производен капацитет што ќе донесе нов приход, што ќе го збогати портфолиото на друштвото и ќе придонесе во зголемувањето на домашното производство. Производството на електрична енергија е главниот приход на ЕСМ. Вие не може да очекувате зголемено производство со нула инвестиции во нови капацитети или да очекувате зголемени приходи во услови кога амортизацијата на постојните капацитети расте, како и трошоците за нивното одржување.

Во овој контекст, забележана е една инвестиција преку изградбата на 10-мегаватна фотоволтаична централа изградена над исцрпените рудни наоѓалишта во кругот на РЕК Осломеј. И за реализација на тој проект им беа потребни 4-5 години. Верувам, ќе се согласите со мене, тоа е премалку – нов инсталиран капацитет за толку долг период, во услови кога беше дискутабилно тековното одржување на останатите постројки низ подружниците на ЕСМ.

Понатаму, во услови кога само декларативно промовирате нови проекти на хартија, во реалноста речиси ништо не се случува. Во РЕК Битола се намалуваат резервите на јаглен, па под тоа објаснување претходните раководства на ЕСМ и на РЕК Битола почнаа масовен увоз на јаглен со образложение дека ќе биде потребен за термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“. Предмет на дополнителна анализа ќе биде каков бил квалитетот на јагленот што се увезувал и како влијаел тој врз работата на термоблоковите. Уште еден сериозен проблем бил ископот на јаглен во рудниците на РЕК Битола. Сите бевме сведоци дека беа инвестирани околу 17 милиони евра за нова механизација, со која РЕК Битола самостојно ќе го експлоатира поголемиот дел од јагленот потребен за работа на термоелектраните, но тоа не се случи.

Напротив, голем дел од таа механизација не била ни вклучена, не работела на терен, а во меѓувреме повеќекратно се зголемиле трошоците за ангажирање надворешни фирми за ископување јаловина и јаглен. Не треба да заборавиме дека и еден од термоблоковите, поради пожар, остана надвор од електроенергетскиот систем повеќе од една година. Тоа, всушност, ја чинеше фирмата нови милиони евра насочени кон поправка и оспособување на блокот, а за сметка на помалото производство, директно се влијаеше врз остварениот приход. Ова што ви го набројав се само дел од причините зошто денеска ЕСМ е во исклучително незавидна состојба.

Дали ЕСМ се обезвреднува за утре да се јави стратешки партнер кој, малку по малку, ќе влезе и ова јавно добро во иднина да го доприватизира?

-Не би сакала да верувам во такви сценарија. Планот на оваа Влада не е да го приватизира ЕСМ, туку со свои ресурси да го консолидира и да го направи сериозен регионален играч на пазарот на електрична енергија. За да дојдеме до тоа, ние сме исправени пред сериозен предизвик. Таму претстојат зафати за промена на електростатските филтри за заштита на животната средина. Анализите кои се во тек ќе покажат дали е потребна и дополнителна рударска опрема, па и квалификуван кадар, со цел комбинатот самостојно да ги обезбедува потребните количини јаглен за континуирана работа на термоелектраните.

Сепак, тоа што сè уште го гледаме РЕК Битола како стожер на македонскиот електроенергетски систем нема да нѐ поколеба во намерите да продолжиме со диверзификација на проектите, да инвестираме во обновливи извори и да ја спроведуваме зелената транзиција. Веќе почнавме процеси кон зелената транзиција, како и конкретни чекори кон праведната транзиција која, практично, како процес, оди во пакет со зелената транзиција. Сепак, треба да е јасно дека нам ни треба и базна енергија од постојните електрани. Ние сме земја во која расте инсталираната моќност во фотоволтаици, имаме енергија од ветер, но ни недостигаат капацитети кои треба да ни бидат на располагање 24 часа. Ни недостига базната енергија која во најголем дел доаѓа токму од нашите термоелектрани.

Каков е точниот план за РЕК Битола?

-Овој рударско-енергетски комбинат е всушност и еден од нашите најголеми приоритети во периодот што доаѓа. Мислам дека на сите им е јасно дека е од суштинско значење, но истовремено е и капацитет стар над четири децении, а резервите на јаглен се ограничени. Една од целите ќе ни биде модернизација на комбинатот во техничко-технолошка смисла и значително подобрување на перформансите за производство. Истовремено, ќе преземеме чекори за намалување на загадувањето преку промена на електростатските филтри. Веќе напоменав дека во зависност од резервите на јаглен во постојните рудници, не ја исклучуваме можноста да инвестираме во дополнителна рударска механизација, која директно би влијаела врз намалување на потребата од ангажирање механизација и работна сила од надворешни фирми.

На кој енергенс ќе се префрли, ако се префрла на друго гориво?

-Со завршување на топловодот кон Битола, жителите на овој град, со општините Могила и Новаци, ќе добијат топлинска енергија од РЕК Битола. Топлинската енергија во перспектива се очекува да го замени начинот на затоплување за време на грејната сезона, и значаен дел од жителите, компаниите и институциите да го напуштат греењето со еколошки неприфатливи енергенси. Планираме изградба на когенеративна гасна електрана во РЕК Битола во согласност со строгите еколошки стандарди, која ќе обезбеди стабилно и континуирано производство на електрична и топлинска енергија, а токму со тој проект ќе започне и енергетската транзиција на комбинатот.

Какви се плановите за ТЕЦ Неготино?

-Со изградба на кракот за гас до ТЕЦ Неготино и преку ревитализација и модернизација на централата, одиме кон создавање предуслови за продолжување на животниот век на енергетскиот капацитет за најмалку три децении, при што како погонско гориво би се користел природниот гас. Со посветеност кон овој проект, верувам дека во наредниве пет до шест години ќе имаме уште еден електроенергетски капацитет што ќе ја потврди заложбата на Владата кон зелена транзиција.

Дали доцниме со оваа транзиција кон зелена енергија?

-Факт е дека, во земјава, инсталираниот капацитет од обновливи извори е во пораст. Во наредните години ќе расте бројот на ветерни паркови, фотонапонски електрани, но истовремено, на Македонија ќе ѝ биде потребна и базна енергија од која не можеме да се откажеме доколку сакаме стабилен електроенергетски систем, односно енергетска безбедност, воопшто.

Мора да се забрза енергетската зелена транзиција

Регионот вложува во енергетски капацитети, а кризата покажа каде е Македонија. Во многу лоша позиција, увезувавме јаглен и мазут, а активиравме капацитети што ги прегазило времето. Затоа, целта на вложувањата не е само изградба, туку новите капацитети да се од обновливи извори. Колку е реално ова?

-Во пораст е инсталираната моќност од обновливи извори, но ние не сме подготвени, како држава, да го затвориме производството од термоелектраните што се, практично, изворот на базна енергија. Односно, термоелектраните ќе ни бидат на располагање сè додека не се создадат предуслови за транзиција, при што наместо јагленот, како погонско гориво би го користеле природниот гас. Во моментов, во РЕК Битола и РЕК Осломеј работат 3300 вработени, од кои исто така во процесот на транзиција нема да остане ниту еден без работа.

Во моментов активно се работи врз Инвестицискиот план за транзиција од јаглен, при што се дефинирани неколку подрачја за интервенции и инвестиции. Планот дефинира сеопфатен пристап и предлага проекти и инвестиции во повеќе области: обновливи извори, преносна електроенергетска мрежа со цел да се обезбеди доволен преносен капацитет, капацитети за складирање на енергијата, промовирање на енергетската ефикасност, чиста топлинска енергија, економска регенерација.

Од аспект на економската диверзификација, Планот предвидува ревитализација на општински индустриски зони и привлекување зелени инвестиции. Дополнително, се работи врз развивање конкретни програми за доквалификација и преквалификација на вработените во дел од производните капацитети.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со меѓународните финансиски институции како ЕБОР, Светска банка, Европска инвестициска банка, ИФЦ, активно работи на Платформа за праведна енергетска транзиција, во чии рамки инвестициите всушност ќе бидат приоритетни. Енергетската транзиција се очекува да отвори многу повеќе можности и просперитет, а една од целите е засегнатите региони да прераснат во хабови за иновативност, при процесот на енергетска и економска трансформација.

Треба ли да се плашиме од 1 јануари 2026, кога ЕУ ќе ни воведе дополнителни давачки за производи што содржат CO2? Да појасниме за читателите, 78,6 % од извозот е во ЕУ, а 42,29 % е само во Германија, каде што коалициската Партија на зелените многу внимава на ова. Дали ќе имаме поскапување на македонските производи кои можеби нема да бидат конкурентни?

-Во декември земјите од Западен Балкан ќе одржат состанок со Европската енергетска заедница, на којшто кај сите земји од Западен Балкан ќе биде нотиран напредокот кон зелена транзиција. Сепак, факт е дека ниту една земја не може да ги исполни политиките и роковите од ЕУ за декарбонизација, затоа што е тоа директно поврзано со Системот на ЕУ за тргување со емисии. Ова, практично, значи дека сите земји од WB6 ќе треба да плаќаат одреден надомест поради неисполнети критериуми за количината емисии на јаглерод диоксид. Нашата намера е тие средства што би ги издвоиле како надоместок повторно да останат во Македонија, односно како држава, преку АД ЕСМ, да ги реинвестираме во проекти што ќе ги исполнат строгите европски критериуми и ќе бидат во функција на зголемување на инсталираниот капацитет на обновливи извори.

Дали ќе ја продолжите практиката на претходната влада да се поставуваат фотоволтаици на земјоделски обработливо земјиште?

-Сметам дека е сосема погрешна политиката обработливо земјоделско земјиште да се пренаменува за изградба на фотонапонски електрани. Мојот став за оваа тема е јасен и ќе се заложам ваквата практика да стане минато.

Пристапот до мрежа и капацитетот на мрежата?

-Веќе создаваме предуслови за реализација на конкретен капитален енергетски проект во областа на домашната електропреносна мрежа. Станува збор за реконструкција на 110-киловолтниот далновод Валандово – Струмица и изградба на нова трафостаница 400/100 KW во селото Милетково, во близина на Гевгелијa, што ќе овозможи дополнително зајакнување на преносната мрежа на АД МЕПСО во југоисточниот дел од земјава. На овој начин значително ќе се намалат загубите на електрична енергија и ќе се зајакне стабилноста и доверливоста на мрежата.

Овој проект е, во основа, дел од зелената транзиција на домашната енергетика бидејќи, покрај намалување на загубите на електрична енергија, зајакнатата преносна инфраструктура ќе овозможи да се приклучат околу 1170 MW дополнителни обновливи извори, кои во моментов не се во функција поради ограничениот капацитет на локалната електропреносна мрежа. За реализација на овој проект и зајакнување на преносната мрежа се наменети 26,4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот електропреносен систем оператор АД МЕПСО.

Издавање на потребните дозволи. Брзо и без многу чекање, а и без портабл-нуклеарки?

-Како министерство, не отфрламе ниту една можност или сценарио за изградба на капацитети кои ќе значат додадена вредност на македонскиот електроенергетски систем. Во моментов, во тренд се нови технологии што ќе ги разгледаме, ќе ги анализираме и ќе донесеме одлука како понатаму.

Нема да има ценовни шокови за граѓаните со електричната енергија

Сегашната цена ќе биде до 1.1.2025 година. Ќе има ли поскапување по Нова Година?

-Тековната цена на електричната енергија, благодарение на Владата, се зголеми само минимално. Стандардот на граѓаните ни е на прво место, и тоа се гледа преку законските измени за Законот за енергетика, иницирани од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со коишто се гарантира дека нема да има ценовен шок. Така, цената од 1 јули годинава се зголеми, но сосема минимално. За домаќинствата во првиот блок таа остана непроменета, во вториот блок се зголеми за 0,85 %, во третиот беше коригирана за 1,92 %, а во четвртиот блок за 1,88 %.

Евтината струја, од друга страна, беше зголемена за 0,65 %.  Во наредните месеци, пред да почне новиот регулиран период од 1 јануари 2025 година, интензивно работиме врз реорганизација на енергетскиот сектор во Македонија. Со податоците од анализите од работењето на АД ЕСМ и од состојбата на сите електроенергетски капацитети во државата, ќе имаме и фактичка слика и проекција за очекувањата од хидропотенцијалот, како и од потрошувачката на електрична енергија.

Колку и по која цена би продавала електрична енергија ЕСМ на ЕВН Хоум?

-Рано е да зборуваме на оваа тема, бидејќи во моментов се прават анализи и проекции.

Дали ќе престанат субвенциите на цената на електрична енергија и ќе имаме ли ценовен шок?

-Преку сите достапни механизми со кои располагаме, целиме кон заштита на  граѓаните од ценовни шокови. Секако, истовремено ќе треба и да направиме добра стратегија за да го консолидираме АД ЕСМ во финансиска и во техничко-технолошка смисла.

ЕУ ни посочува да нема субвенционирање на цената. Ќе ја послушате ли или ќе барате флексибилно решение?

-Европската Унија е наш стратешки партнер и секојдневно заеднички работиме врз подобрување на постојните закони во оваа сфера, но истовремено од голема важност ни е интересот на граѓаните и нивната заштита од ценовни шокови.

Ќе работам транспарентно

Стапивте на функција како една од најбогатите министерки досега. По завршувањето на функцијата, година или две потоа, дали ќе ве видиме уште побогати, благодарејќи на тоа што ќе кроите закони за кои ќе знаете како најдобро да ги искористите?

-Позицијата министер за енергетика, рударство и минерални суровини практично е мојот прв работен ангажман во државниот сегмент. Целата кариера ја градев надвор од Македонија, во приватниот сектор, и сигурна сум дека посветеноста и трудот што секој поединец ги вложува во тоа што го работи се најзаслужни за резултатите што ги остварува. Ќе работам транспарентно и според словото на законите. Што се однесува на регулативата, таа ќе се приспособува исклучиво за поголеми придобивки за граѓаните и кон ефикасна и квалитетна заштита на јавниот интерес. Во овој контекст, сметам дека треба да се преземат активности што треба да се канализираат преку создавање легислатива во однос на трговијата со електрична енергија.

Вицепремиер и премиер донесоа Закон за енергетика, којшто денеска токму тие и нивните семејства најдобро го користат. Дали ќе имаме реприза? Како да немаме реприза?

-Законите се за да го штитат државниот апарат и граѓаните, и тука мојот став е јасен. Во овој контекст, како што и веќе потенцирав, секоја потенцијална измена во Законот за енергетика ќе биде исклучиво во интерес на граѓаните и, секако, на државата.

За вселувањето во новата зграда: како ќе се чувствувате да влезете и да работите во простории кои со години не можеа да добијат технички прием, а сега, само со експресни законски измени, наеднаш станаа функционална зграда?

-Создавање од темели сосема нова институција е и тежок и сложен процес. Со мојот тим, во изминативе 80 дена, работевме за што побрзо да ги завршиме неопходните законски измени, со цел МЕРМС во најкус можен рок да стане целосно оперативно. Цело лето функциониравме во две канцеларии во седиштето на Владата. Деновиве конечно сме во простории што наредниот период ќе бидат централно седиште на новата институција.

Дали на крајот од мандатот ќе оставите функционално и транспарентно министерство?

-Цврсто сум убедена дека креираме ефикасна и стручна институција која ќе работи според позитивните законски прописи и според сите стандарди за транспарентност.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Горан Теменугов

Фотографии: Наке Батев