Сеад Турчало: Властите на Република Српска спроведуваат „внатрешна сецесија“ за дестабилизација на БиХ

Интервју

25.03.25

Прегледи

Од 26 февруари годинава, па сѐ до денес, Босна и Херцеговина се наоѓа во најголема политичка криза од потпишувањето на Дејтонскиот договор во 1995 година. Тој ден, Судот на Босна и Херцеговина му изрече првостепена пресуда на претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, за непочитување на одлуките на високиот претставник, осудувајќи го на една година затвор и изрекувајќи му забрана за вршење на функцијата во траење од шест години. Од тогаш, па сѐ до денес, властите на Република Српска предводени од Милорад Додик, се впуштија во политичка авантура, која има за цел осамостојување, а потоа и сецесија на РС. За актуелната политичка ситуација во Босна и Херцеговина, разговаравме со деканот на Факултетот за политички науки во Сараево, Сеад Турчало, кој е одличен познавач на политичките прилики во БиХ и во регионот.

Како би ги опишале потезите кои власта во РС, на чело со Милорад Додик, практично ги повлекува од пресудата на Судот на БиХ до денес? Бевме сведоци дека во НСРС (Народното Собрание на Република Српска) изгласаа низа акти со кои се забранува работата на државните институции на територијата на тој ентитет, како и нацрт на нов устав, со кој се овозможува право на самоопределување, потоа формирање на конфедерација со други држави, па дури и формирање на војска на РС итн. При тоа се игнорира и времената мерка на Уставниот суд на БиХ, на дел од овие наведени потези.

- Постапките на властите на РС, после пресудата против претседателот на ентитетот, Милорад Додик, претставува кулминација на долгогодишната стратегија за оспорување на државниот суверенитет на Босна и Херцеговина преку практиката на т.н. „де факто внатрешна сецесија“. Таа внатрешна сецесија на РС, преку политички и институционални чекори кои ја зајакнуваат нејзината и онака енормна автономија во рамките на Босна и Херцеговина, со афирмација на активности што вклучуваат редуцирање на постоечките државни надлежности, дополнително беше поттикната со минатогодишната Декларација на сесрпскиот собор.

Таму се повикува ентитетот Република Српска да преземе чекори што ќе доведат до поништување на целокупниот развој на политичкиот систем на Босна и Херцеговина после 1995 година. Актите усвоени од Народното собрание на РС, вклучувајќи ја и забраната за делување на државните институции, нацртот на новиот устав кој овозможува самоопределување, формирање на конфедерални врски со други држави и формирање на сопствени вооружени сили, јасно ја покажуваат намерата за системска дестабилизација и постепено дерогирање на државниот уставен поредок. Тие, воедно, ја покажуваат и имплементацијата на заклучоците од Декларацијата.

Дали тие се појавија сега или било претходно планирано?

- Јасно е дека ваквите потези не се изолирани или спонтани, туку следат внимателно разработена стратегија на „постепена радикализација“, со која се поместуваат границите на прифатливото политичко делување. Игнорирањето на привремените мерки на Уставниот суд на БиХ, е дел од поширокото сценарио за креирање на институционална анархија која има двојна цел, од една страна да се тестира решителноста на државните институции, а од друга страна да се интернационализира кризата, со обид за наметнување на прашањето за статусот на РС, како релевантно меѓународно прашање. Значи, се работи за стратегија на таканаречената „тактика на свршен чин“, со која РС настојува да ги присили државата и меѓународната заедница на реактивни потези, оставајќи ги во дефанзивна позиција.

Инертноста на институциите

Додека го правиме ова интервју, налогот што Обвинителството на БиХ ѝ го упати на судската полиција на БиХ за приведување на Додик, како и на премиерот и на претседателот на НСРС, Радован Вишковиќ и Ненад Стевандиќ, сè уште не е спроведен. Тие се товарат за кривично дело - напад на уставниот поредок. Од СИПА (Агенцијата за истраги и заштита на БиХ) тврдат дека не одбиле да ѝ пружат асистенција на судската полиција, напоменувајќи дека на денот кога е издаден налогот, оцениле дека тоа би било високоризична акција. Како ја коментирате ваквата ситуација, во која полека се стекнува впечаток дека државата и нејзините институции го губат овој „натпревар“.

- Изостанувањето на реакција на домашните безбедносни агенции, особено на СИПА, на неизвршувањето на налогот за приведување на Додик, Вишковиќ и Стевандиќ, сериозно го загрозува кредибилитетот на институциите на Босна и Херцеговина. Овде не се работи само за безбедносна проценка, туку за непреземање ништо, што во пракса значи директна соучесничка улога на раководителот на таа агенција, во нарушувањето на уставниот поредок. Таквото однесување создава впечаток на институционална парализа, каде што одговорноста, од јасната извршна линија, се разводнува во бирократско оправдување за неактивноста.

Што е со ЕУФОР?

Што се однесува до улогата на ЕУФОР, таа секако може да биде значајна, но таа не е автоматска, ниту безусловна. ЕУФОР има јасен мандат, но тој вклучува делување по повик и барање на домашните институции. Со други зборови, ние не можеме пасивно да чекаме меѓународните сили сами да го препознаат моментот кога треба да интервенираат - иницијативата мора да дојде од нашите институции. Затоа е уште поопасен фактот што домашните безбедносни агенции и нивните раководни структури не ги преземаат потребните акции, бидејќи тоа значи дека државата де факто самата себеси си ја ускратува потенцијално вредната меѓународна помош. Како заклучок, клучно е јасно да се артикулира одговорноста на челните луѓе на нашите безбедносни институции - нивното нечинење не е само административен проблем, туку политичко соучесништво во сериозно загрозување на уставниот поредок.

Доколку не се сопре ваквата практика и не се преземат алтернативни сценарија на дејствување кои законите ги овозможува, БиХ ќе продолжи да биде заложник на политички манипулации и дестабилизација. А тоа е сценарио што не можеме да си го дозволиме.

Сведоци сме дека мноштво американски конгресмени, но и европарламентарци, го кренаа својот глас, барајќи и властите на САД и на Европската унија да дејствуваат. Дали воопшто може да дојде до тоа? Што е со меѓународниот фактор во целина?

- Сите релевантни меѓународни актери, од американски сенатори до европски парламентарци, јасно препознаа дека раководството на Република Српска, со своите постапки, отворено го става на коцка мирот, како најголема вредност. Токму поради ова, нивните притисоци и јасни апели, иако сè уште не се преточени во конкретни политички мерки, имаат јасна порака на поддршка на институциите во БиХ, особено на правосудството и на безбедносните агенции.

Присуството на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на нашиот неодамнешен панел во Сараево, дополнително го потврди овој факт. Сите недвосмислено изразија поддршка на институционалната рамка на земјата и истакнаа дека одлуките на судот мора да се спроведуваат без исклучок. Меѓутоа, и натаму е евидентна претпазливост во делувањето на меѓународните актери, кои вагаат помеѓу решителната реакција и стравот од ескалација на конфликтот на регионално ниво. Сепак, време е меѓународната заедница јасно да дефинира дека ова беше црвената линија, чие преминување едноставно треба да предизвика решителна реакција, бидејќи неодлучноста само ги охрабрува оние кои ги загрозуваат мирот и стабилноста во земјата и регионот. Кога стабилноста и мирот ќе се  урнат, тогаш секоја реакција е задоцнета и спиралата се шири во регионот. Тука не треба да заборавиме дека имаме најдолга граница со членка на ЕУ, потоа граничиме и со членка на НАТО и секој потрес со себе носи и негативни струења низ регионот.

Улогата на Русија и Србија

Јасно и гласно можат да се слушнат пораки, како во Европскиот парламент, така и во американскиот Конгрес, дека со кризата во БиХ управува Русија, но и дека поттикнува тензии и е ветер во грбот на Додик. Кој е вашиот коментар?

- Руската политика не е новост, туку добро документирана и стратешки осмислена практика на дестабилизација на периферните региони на Европа, како што е Босна и Херцеговина. Јасно е дека Москва на РС гледа како на една од своите лостови за држење на западните сили во постојана состојба на тензија и несигурност, создавајќи услови за креирање на латентна криза и слабеење на позициите на ЕУ и на НАТО.

Меѓутоа, далеку попроблематична и во однос на последиците, потенцијално подеструктивна е политиката на Србија и на претседателот Александар Вучиќ. Нивната континуирана вербална поддршка на активностите на Додик во Република Српска, не е само безопасна реторика за домашната публика. Напротив, таа испраќа јасна политичка порака дека Белград го поддржува, или барем го толерира, сериозното нарушување на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.

Па, каде, во тој контекст, е Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ?

- Политиката на Александар Вучиќ формално заснована на „стратешка амбивалентност“, е всушност опасен и циничен пристап со кој Србија се обидува да оствари регионална политичка корист, без да сноси каква било одговорност и последици. Пристапот на Вучиќ имплицира сериозна контрадикција, во која тој декларативно се залага за регионална стабилност и европска интеграција од една страна, и континуирана поддршка на деструктивните активности на раководството на РС во БиХ, од друга страна.

Всушност, јасно е дека Декларацијата на сесрпскиот собор од минатата година, во практика претставува референтна рамка на сегашните сецесионистички потези на раководството на Република Српска. Оваа комбинација на руската стратешка поддршка, на српската амбивалентност и нечинењето на безбедносните институции на БиХ, за кои зборував во претходните прашања, создава исклучително опасна динамика.

Шанса за трансформација

Пред неколку дена, во анализа на украинскиот портал, „Европска правда“, меѓу другото, беше констатирано дека, доколку државата БиХ успее да се избори со актуелните напади, „сузбивањето на овој сепаратистички бунт, може да го означи почетокот на трансформацијата на БиХ, во целосно функционална држава“. Како Вие гледате на ова?

- Тезата на порталот, „Европска правда“, дека актуелната сепаратистичка криза во Босна и Херцеговина, доколку се надмине, може да биде своевидна историска пресвртница за позитивна институционална трансформација на државата, не е без основа. Токму кризните моменти честопати се клучни пресвртници за длабоки и неопходни реформи и длабинско институционално реструктуирање. Сепак, треба да бидеме многу внимателни во проценката на таквото оптимистичко сценарио. Кризите, сами по себе, не водат нужно до позитивни исходи.

Значи, оваа криза не ни е шанса за трансформација?

- За моменталната криза навистина да стане можност за трансформација на Босна и Херцеговина во пофункционална држава, неопходни се јасни, плански потези на домашните и меѓународните актери. Пред сè, тоа подразбира суштинска реформа на постојната институционална рамка, особено на Дејтонскиот систем, чии лимити денес му се очигледни на секој сериозен набљудувач. Дополнителна причина за претпазливост е однесувањето на клучните политички актери во Република Српска, особено на Милорад Додик.

Тој не е само политичар кој користи реторичка провокација за дневно-политички цели, туку некој чија стратегија на сепаратизам е комбинирана со константна манипулација со чувствата на јавноста. На овој начин, Додик доследно и систематски ги става на коцка мирот и безбедноста. И тоа не е само политичка игра, како што често имаме обиди да се релативизираат овие потези, туку директно загрозување на институционално-правниот поредок на државата.

Затоа, меѓународните и домашните актери треба да постават јасна граница кон Додик и сличните актери. Тие што активно го уриваат уставниот поредок и намерно го делегитимизираат државниот институционално-правен систем, не можат да бидат прифатени како рамноправни соговорници.

Преговорите или обидите за компромис со нив би биле опасен преседан, бидејќи би го легитимизирале антиуставното дејствување, како прифатлив политички стил. Оваа криза навистина може да биде историска можност за редефинирање на Босна и Херцеговина како целосно функционална држава. Но, позитивното сценарио нема да биде автоматско. Тоа бара јасно дефинирани црвени линии, одлучност на меѓународната заедница, одговорност на домашните институции и недвосмислено отфрлање на оние актери, кои со своето однесување го загрозуваат уставниот поредок. Дури тогаш можеме да зборуваме за вистинска можност за трансформација на кризата во прилика, чувајќи го мирот како највисока вредност што ја имаме.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинар: Амил Дучиќ

Фотографии: Приватна архива