Правосудството во изминатите години не престанува да биде болна точка како за граѓаните, така и за судиите кои сметаат дека не се единствените виновни за недостигот на доверба во судската власт. Даниела Алексовска Стојановска е судијка во Основниот Кривичен суд Скопје повеќе од 12 години, период во кој сведочела на бројни трансформации и предизвици во правосудниот систем. Во ова интервју, таа отвора важни прашања за состојбата на правосудството, ниското ниво на доверба на граѓаните во судската власт, како празните судски места и одливот на кадар не само што го зголемуваат обемот на работа за постојните судии, туку влијаат и на квалитетот на одлуките и на времетраењето на постапките. Како искусна судијка, таа го истакнува значењето на меѓусекторската соработка и на системите за дигитализација кои сè уште не се целосно имплементирани.
Веќе 12 години сте судијка во Основниот Кривичен суд во Скопје. Од тогаш до денес може ли да направите една куса ретроспектива за правосудството, земајќи го предвид ниското ниво на доверба на граѓаните во правосудството и дали препознавате дел од вината за ваквата перцепција и кај самите судии?
-Прашањето наметнува сеопфатна анализа гледано ретроспективно низ постапките во судските предмети кои беа во изминатиот период. Но, ќе издвојам неколку како најкардинални, кои сметам дека директно се рефлектираа врз мнението на граѓаните за судската власт.
Пред сè, би ги идзвоила настаните поврзани со т.н. СЈО, за кои сметам дека претставуваат едно силно обележје за неoдамнешниот период. Неговото формирање во 2015 година, организациската поставеност, екипираноста и ентузијазмот со кој започна да работи, влеваа голема надеж кај граѓаните за сузбивање на високо профилираниот криминал. Но, наспроти големите очекувања, разочарувањето беше уште поголемо, кога скандалите поврзани со т.н. СЈО, ја потресоа јавноста и за само пет години, следуваше укинување на највисокото тело, од кое се очекуваше да го сузбие криминалот во државата. Јавниот обвинител кој требаше да биде олицетворение на правичност и чесност и да гони сторители на најтешки кривични дела, самиот беше обвинет, а подоцна и осуден за тежок криминал со изречена ефективна казна затвор. Иако предметите започнати по обвиненија на т.н. СЈО, продолжија да се процесуираат, а дел од нив стасаа и до жалбена постапка, сепак незначителен е процентот на оние кои станаа правосилни и каде што пресудите се извршуваат. Голем дел од овие предмети беа укинати и вратени на првостепениот суд, со одредени напатствија при повторното судење. Меѓутоа, да не заборавиме, имаше и предмети (конкретно предмет по кој и јас имам одлучувано), каде првостепената пресуда се укинува, не поради грешка на судот, туку само затоа што, во меѓувреме законодавецот изврши измени на Кривичниот законик, поради што е потребно обвинението да се услогласи според измените на законот. Во тој предмет, токму поради измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои значително беа намалени казните за кривичното дело- Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик, настапи апсолутна застареност на кривичното дело за еден од обвинетите.
Застареноста се случи не само во конкретниот предмет (во кој беа одржани 56 рочишта, беа испитани 40 сведоци и изведени огромен број на материјални докази), туку и во други предмети, што се рефлектираше со нанесување на двојна штета за државата, а со тоа и на самите граѓани. Како прво, штетата која била нанесена со сторување на кривичното дело, останува ненадоместена, а како второ, со застареност на кривичното гонење, сите трошоци сторени во текот на постапката паѓаат на товар на буџетските средства. Повторно и во овој случај, како и вообичаено, судот беше посочен како причинител за вака нанесената штета на државата, а со тоа посредно и на граѓаните.
Ваквите коментари, граѓаните некритички и безрезервно ги прифаќаат, без да знаат дека причината за ваквиот исход е токму во законодавната власт, која „преку ноќ” го измени законот, без при тоа да предвиди какви негативни реперкусии ќе предизвика неговата примена. Причини за опаѓањето на довербата во судството има уште многу, меѓутоа, наведените ги издвојувам како најкардинални, кои сметам дека директно се рефлектираа врз мнението на граѓаните.
Секако дека причини за недоверба во судството има и во самите судови. Како еден од клучните причинители би ја акцентирала тромавоста на целокупната постапка, кога граѓаните треба да „изодат” долг и макотрпен пат додека да ја остварат правдата и тука сите судии при постапувањето треба да се раководиме од девизата дека задоцнетата правда не е правда. Особено револт кај граѓаните се создава кога ќе настапи застареност на кривичното гонење, па своето оштетно побарување треба да го реализираат низ уште една судска, сега граѓанска постапка, каде што според сегашната состојба патот до крајната разрешница често пати е уште подолг, поради обемноста на предмети по кои постапуваат судиите. Во овој контекст, посебно ќе ги издвојам и случаите за донесени осудителни пресуди против судии. Сметам дека е погубно за целата судска фела кога делителите на правдата ќе се најдат на спротивната страна од законот. Но, од друга страна, пак, ценам дека поединечните случаи треба да бидат извоени и да добијат своја правна разрешница и да се прифатат како исклучоци, наместо врз основа на нив да се креира севкупното јавно мислење за судството.
Во најновиот Извештај на Европската комисија за напредокок за нашата земја се забележува дека „независноста и непристрасноста во судството треба да се подобри“, се оценува дека е потребно и подобрување на квалитетот на правдата, но и дека „нивото на доверба во судството останува да е ниско“. Како ги коментирате овие оценки?
-Неспорно е дека нивото на доверба во судството е на незавидно ниско ниво. Но, да бидеме реални и да се запрашаме – дали може да се очекува владеење на правото и подобрување на квалитетот на правдата, со празни судови? Бројот на судии во државата е на алармантно ниско ниво. Во моментов има само 354 судии, а за споредба, оваа бројка во 2020 година била 504 судии, што значи рапидно се намалува бројот на судии. Присутни се и коментари дека, кај нас има поголем број на судии според број на жител во споредба со многу други европски земји, меѓутоа не треба да се занемари фактот за обемот на работа кој еден судија кај нас ја врши во предметите, во однос на судиите во тие земји. Ова, пред сè, е детерминирано од екипираноста на одделението на секој судија со административно-технички и стручен кадар, но, исто така, и од асистирањето кое треба го вршат другите државни органи во текот на постапувањето на судот.
Според тоа, ќе нагласам дека, не само судските места, туку станува алармантен одливот и на помошниот кадар. Ова директно се рефлектира врз квантитетот на обврските на судијата, а несомнено влијае и на квалитетот на испорачаната правда. Од друга страна пак, иако не е за утеха, но треба да се има во предвид дека довербата во судството и во голем број други земји не е на многу повисоко ниво отколку кај нас. Како за пример, ќе набројам само неколку од нив, па така довербата во Литванија е на само 2,7%, во Полска на 2,9%, во Италија на 3,1 %, во Хрватска на 5,4% и сл. Сметам дека при утврдување на степенот на доверба треба да се земат предвид пред сè, мислењата и искуствата на лица кои имале директен контакт со судот и по кој било основ биле инволвирани во судски предмети, како најмеродавен показател за впечатокот кој при тоа го стекнале севкупно за судот, што значи не само за судиите, туку и за целокупниот друг персонал, од кој е составен судот. Верувам дека голем број од досегашните испитаници, воопшто немале контакт со судот, а често пати одредени мислења се наметнуваат како стереотипи, без конкретна и издржлива основа.
Судот и институциите комуницираат по писмен пат
На еден ваш неодамнешен јавен настап наведовте дека понекогаш потребни се недели, дури и месеци за одредена информација од друга институција да стигне како одговор до вас. Дали има пречки во функционирањето на Платформата за интероперабилност, која би требало да ги поврзе сите институции и да им го олесни работењето?
-При постапувањето на судот клучна улога имаат одредени државни органи и институции. Од огромно значење за ажурно постапување на судот е Министерството за внатрешни работи. Иако живееме во време на дигитализација, незамисливо е кога ќе се каже дека судот во рамки на редовното постапување, со другите државни органи сè уште кореспондира по писмен пат. Овој начин на комуникација одзема драгоцено време, кое директно се рефлектира на долготрајноста на судските процеси.
Потребата од интероперабилност, иако беше поставена како еден од долгорочните приоритети уште во 2019 година во Ревидираната стратегија за информатичко-комуникациска технологија во правосудството за 2019-2024 година и овој проект беше поставен како приоритетен, сепак неговата имплементација доцни. Платформата за интероперабилност, според Извештајот на Европската комисија, е клучна за подобрување на ефикасноста на правосудниот систем во земјата, бидејќи ќе овозможи побрза и посигурна размена на податоци.
Експертите од оваа област сметаат дека сосема е применлива Платформата за интероперабилност на Министерството за информатичко општество и администрација, која значително ќе ја подобри ефикасноста на судските постапки. Во услови кога сè уште не е имплементирана оваа Платформа, не би можела да кажам дали има пречки за нејзиното функционирање. Меѓутоа, сметам дека како привремено решение до целосната имплементација на Платформата за интероперабилност, би можело, во судовите да се постават контакт лица, кои по потреба ќе поседуваат безбедносен сертификат и ќе имаат привилегиран пристап до релевантни податоци во институциите, особено со оние чии податоци се од клучно значење во секојдневното постапување на судот, како што се: МВР, Централен регистар, Агенцијата за катастар на недвижности, УЈП и слично. Преку овие контакт лица, ќе се овозможи на судот да ги прибавува потребните информации за судските постапки, без упатување на формални барања до институцијата, што значително ќе го скрати времето на постапување.
Постојат оценки дека казните поточно судските пресуди за потешки кривични дела се на ранг со некои од полесните кривични дела. Овие оценки одат на линија на оценката во новиот Извештај на ЕК дека „перформансите во однос на борбата против корупцијата се влошени“... Може ли на судењата кои се од интерес на јавноста да им се даде поголема динамика на закажување рочишта за да завршуваат во побрз рок?
-Верувајте дека концентрацијата на изведување на докази, односно спроведување на ефикасна кривична постапка е од голема важност и за самите судии. Зборувам од лична перспектива, а верувам дека е тоа така и за секој од моите колеги, кои постапуваат во посложени предмети, дека кога се спроведува концентрирана судска постапка, тоа е полесно за самиот судија. Најмалку посакувана опција е одлагање на судско рочиште, бидејќи судијата вложил труд и време да се подготви за предметот, потрошени се и други ресурси (материјални, технички, кадровски и сл.), за да се обезбедат услови за тоа рочиште, изгубено е времето кое е наменето за тоа рочиште, а се губи и дополнително време за подготовка на наредното рочиште, во смисла на повторно испраќање на покани, наредби, писма, ургенции и слично.
Најмалку посакувана опција е наместо судско рочиште, да се изготви само записник за одлагање. Идеално би било да нема одлагање на судските рочишта и во судница да бидат обезбедени сите законски претпоставки за одржување на рочиштето, за да судијата може да го спроведе судењето. Но, наспроти тоа, во пракса бројни се случаите кога судските рочишта се одлагаат поради разни причини. Тоа предизвикува зголемување на бројот на закажани рочишта во предметот, што значи и побрзо пополнување на судскиот роковник, кое негативно се рефлектира и на долготрајноста на процесот. Секако дека во меѓувреме доаѓаат и други предмети кои имаат приоритет во одлучувањето, како што се предмети во кои е изречена мерка притвор или мерки на претпазливост, предмети со меѓународен елемент, предмети по повторување на кривичната постапка, укинати предмети или предмети кои имаат краток рок пред засатреност на кривичното гонење и сл., а судот има должност за еднаков пристап кон странките, што значи дека не може со ажурирање на постапката за еден предмет да го оневозможи правото на странката во друг предмет за остварување на навремена правна заштита.
Според тоа, сметам дека обврската секоја странка да си ги обезбеди своите сведоци или оштетени, кога ќе се издигне на законски ранг, дури во такви услови би можеле да зборуваме дека вината за пролонгирање на судската постапка може да ја бараме на страна на судот.
Штетата со измените на КЗ е непоправлива
Со измените на Кривичниот законик од 2023 година застареа судски процеси против функционери за злоупотреба на службена положба. Министерот за правда најави јавни дебати за нови законски измени со цел да се корегираат спорните измени кои во јавноста беа оценети како контроверзни. Како искусна судијка, колку сметате дека новите измени на КЗ или целосно нов КЗ ќе можат да ја поправат направената штета?
-Измените на Кривичниот законик, кои одамна се најавуваат или пак т.н. нов Кривичен законик, (кој одамна е веќе завршен и во чија работна група бев и јас од редот на практичарите), може да превенираат само идна штета. Штетата која беше предизвикана со измените на Кривичниот законик од 2023 година е непоправлива, бидејки нема начин да се обноват постапките за веќе застарените кривични дела, а секако тука е и обврската на судот секогаш да го применува поблагиот закон, што значи дека ако по извршување на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, кое е инкоропорирано во чл.3 ст.2 од Кривичниот законик.
Тоа би значело дека доколку се донесат нови измени на КЗ со построги казни за делата, за кои претходно беа намалени со измените на КЗ од 2023 година, тие би биле во примена само за кривичните дела кои ќе бидат сторени во иднина, по стапувањето во важност на тој закон, но никако не би можеле да имаат важност ретроактивно, односно за кривичните дела кои биле сторени пред негово донесување.
Може ли да наведете барем пет препораки кои сметате дека се неопходни со цел да се корегира моменталната перцепција за судството и за судиите?
-Судството е една од трите власти, но во никој случај не е третата, односно последната власт во државата. Ова треба да го знаат не само граѓаните, туку потребно е пред сè, да го почитуваат другите две власти со немешање во работата на судот, а со цел да им го овозможиме на граѓаните уставно загарантираното право на владеење на правото.
Потребна е целосна независност на судството, пред се финансиска (самостоен судски Буџет), како начин за непречено функционирање на судот.
Поголема транспарентност во судството, потребно е правилно информирање на јавноста. Сметам дека само точната и навремена информација, дадена директно од судот може да превенира нејзина погрешна интерпретација или евентуална шпекулација.
Подобра ефикасност и концентрација на судските процеси, која би се постигнала со потполна екипираност на судовите како со професионален, така и со административно-технички кадар. Сметам дека за испразнетите работни места (одлив на кадар поради различни основи), не треба прибавување на согласност од Министерството за финансии, бидејки станува збор за однапред испланирани буџетски средства за таа намена и не се врши зголемување на бројот на вработени, туку само пополнување на веќе испразнетите места.
Конечно треба да се воспостави Платформата за интероперабилност, која значително ќе го скрати времетраењето на судските постапки, а со тоа ќе се подобри и квалитетот на судската правда, што е во насока на владеење на правото и поголема правна сигурност на граѓаните, во чие име ги носиме и судските пресуди.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Жаклина Хаџи-Зафирова
Фотографии: Дарко Андоновски