Во услови на продлабочена еколошка криза и бавна зелена транзиција, прашањето зошто политиките за животна средина не даваат очекувани резултати станува сè поактуелно. Иако законодавството е во голема мера усогласено со европските стандарди, јазот меѓу стратегиите и нивната реална имплементација останува значителен. Дополнително, јавниот дискурс е сè почесто обременет со дезинформации и поедноставени наративи кои ја поткопуваат поддршката за неопходните реформи, додека институциите не успеваат доволно јасно и разбирливо да ги комуницираат зелените политики и нивното влијание врз секојдневниот живот.
За причините за ваквата состојба, улогата на институциите, влијанието на дезинформациите и предизвиците во клучните сектори како управување со отпад, енергетика и квалитет на воздухот, разговараме со Бојана Станојевска Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени.
Која е главната причина за слабите резултати во трите главни сегмента од животната средина – управување со отпад, енергетика и зелена транзиција и загаден воздух? Дали се работи за пропаганда, за ширење дезинформации, за незнаење од страна на институциите или се штитат бизнис интереси?
-Тврдењето дека пропагандата е примарен фактор за неповолните состојби во секторот животна средина е научно и емпириски неодржано. Сегашната состојба е директна последица на децениско системско занемарување и свесно маргинализирање на еколошките прашања заради одржување на социјалниот мир. Клучниот проблем лежи во евидентниот диспаритет помеѓу напредната легислативна рамка, усогласена со правото на ЕУ и нејзината реална имплементација во пракса. Иако постојат воспоставени казнени механизми, тие во голема мера остануваат нефункционални, особено во домените на управување со отпад и квалитет на амбиенталниот воздух. Индикативни се податоците од Министерството за внатрешни работи, според кои, наспроти евидентната пролиферација на нелегални депонии, во Секторот за прекршоци при Министерството за транспорт во 2024 година биле процесирани само 22 предмети, а во 2025 година само 24 . Ова ја потврдува тезата за недостиг на капацитети и ресурси за целосно спроведување на реформите, што резултира со селективно владеење на правото.
Секторот животна средина бара комплексен системски пристап и висок степен на меѓуинституционална координација. Наместо тоа, сведоци сме на доминација на „проектниот менаџмент“ финансиран од меѓународни донатори, каде активностите се реализираат според принципот на најмал отпор, а не според реалните приоритети. Па така, наместо стратешки инфраструктурни проекти (регионални системи за отпад, пречистителни станици и енергетска инфраструктура), фокусот често се става на микро-проекти со симболичен ефект, кои служат за дефокусирање на јавноста од неуспехот во реализацијата на капиталните инвестиции.
Исто така, неопходен е континуитет и зачувување на стручниот кадар кој поседува институционална меморија, со цел да се обезбеди одржливост на процесите низ повеќе политички циклуси.
Иако дезинформациите и пропагандните наративи се присутни во јавниот дискурс, тие не можат да се квалификуваат како главен виновник за стагнацијата. При постоење на цврста политичка волја и јасно дефинирана стратегија за системски промени, надворешните влијанија и обидите за опструкција на реформите имаат маргинално значење. Суштината на напредокот лежи во трансформацијата на животната средина од трошок во стратешка инвестиција за развој на државата.

Дали во последните години забележувате организирани наративи или кампањи кои ја дискредитираат зелената транзиција во регионот и кои се најчестите дезинформации или митови што се шират кога станува збор за овие три најважни еколошки области?
-Во последните години, евидентно е присуството на организирани наративи кои се стремат да ја дискредитираат зелената транзиција, прикажувајќи ја како дестабилизирачки фактор за националните економии. Овие кампањи најчесто се потпираат на селективни вистини или целосни митови, со цел да се зачуваат интересите на секторите базирани на фосилни горива. На пример, во енергетскиот сектор се пласира тезата дека преминот кон обновливи извори на енергија (ОИЕ) неизбежно ќе доведе до енергетски колапс и до драстично зголемување на сметките за струја за домаќинствата. Дезинформацијата го занемарува фактот дека производството на енергија од јаглен станува сè поскапо поради давачките за емисии на карбон диоксид и високите трошоци за одржување на застарената технологија. Наративот свесно ги премолчува долгорочните придобивки од енергетската независност преку сопствени обновливи извори.
Во секторот управување со отпад се шират дезинформации дека регионалните центри за управување со отпад или постројките за енергетско искористување на отпадот се поголема закана за здравјето, отколку сегашните диви депонии. Овој наратив ја користи оправданата недоверба на граѓаните во контролните механизми на државата и уште позасилено придонесува кон организираниот отпор против современи санитарни депонии, каде преку дезинформации за „увоз на опасен отпад од Европа“ се блокираат проекти кои треба да ги заменат вистинските еколошки бомби како што се неконтролираните ѓубришта кои секојдневно ги загадуваат сите медиуми во животната средина.
Овие наративи не се само производ на „незнаење“, туку често се и стратешки пласирани за обезбедување одредени поени и заслуги во локалната заедница. Доколку јавната дебата се води исклучиво преку емоционални и дезинформациски пораки, се губи просторот за стручна анализа на решенијата. Ефикасен одговор на овие кампањи не е само контра-пропаганда, туку транспарентност и силни институции, кои со факти и конкретни резултати ќе го демонстрираат бенефитот од зелената трансформација односно од проектите кои водат кон одржлив локален економски развој.
Во што верува јавноста?
Колку јавноста реално ги разбира главните извори на загадување – домаќинства, индустрија, сообраќај и како дезинформациите влијаат врз поддршката за мерки како ограничување на фосилни горива или промена на начинот на греење?
-Разбирањето на јавноста за изворите на загадување е често фрагментирано и под силно влијание на сензационализам наместо на научно засновани податоци. Ова создава плодна почва за дезинформации кои директно ја поткопуваат поддршката за клучните еколошки реформи. Перцепцијата на јавноста за изворите на загадување: домаќинствата, индустријата и сообраќајот, често е редукционистичка. Наместо да се согледа кумулативниот ефект на сите овие сегменти, јавниот дискурс често се сведува на барање на „единствен виновник“, што е стратешки искористено од различни интересни групи за дефокусирање од вистинските решенија.
Иако постои општа свест дека согорувањето е штетно, недостига подлабоко разбирање за придонесот на секој сектор поединечно. Така на пример, домаќинствата често се перципираат како жртви на енергетската сиромаштија, што ја отежнува имплементацијата на мерки за промена на начинот на греење. Јавноста тешко прифаќа дека индивидуалните ложишта се доминантен извор на ПМ10 честички, особено кога изостануваат субвенции за одржливи алтернативи. Дополнително на ова, цврстите честички не се единствениот причинител на загадувањето на воздухот. Освен цврстите честички постојат и други загадувачки супстанци (органски испарливи соединенија, полицклични ароматични јаглеводороди, тешки метали и сл.) за кои во моментот немаме континуиран мониторинг, а се уште поштетни за здравјето.
Постои тенденција за генерализација или се верува дека индустријата е единствениот виновник или дека со поседување на А-интегрирана дозвола проблемот е решен. Инспекторите контролираат редовно, но на национално ниво ни недостига државна лабораторија која ќе може брзо и точно да го потврди резултатот од мониторингот кој го обезбедил операторот. Во однос на сообраќајот, стариот возен парк често се минимизира во споредба со индустриското загадување, иако придонесот на сообраќајот кон аерозагадувањето во урбаните јадра е константен и линеарен во текот на целата година. Една наша анализа во 2020 година покажа дека сообраќајот придонесува во летниот период за дури 60% од емисиите на цврсти честички.
Дезинформациите директно влијаат врз поддршката за рестриктивни мерки, како што е ограничувањето на фосилните горива, со што секоја мерка за забрана на нееколошки горива (како јаглен или влажно дрво за огрев) се претставува како социјално неправедна. Без јасна комуникација за придобивките по јавното здравје и без обезбедени финансиски алтернативи, дезинформациите лесно го трансформираат еколошкото прашање во класен конфликт.
Иако темите поврзани со животната средина се високоексплоатирани во медиумскиот простор и постои солидна база на стручни анализи и стратешки документи, сепак се соочуваме со значителен предизвик во пренесувањето на овие информации до пошироката јавност. Проблемот не е во недостатокот на податоци, туку во начинот на кој граѓаните ги апсорбираат и интерпретираат истите. Пошироката јавност сè уште доминантно ги креира своите ставови врз основа на парцијални и непроверени информации пласирани преку социјалните мрежи, наместо преку релевантни научни извори. Овој феномен на „рекла-кажала“ информираност создава дисторзија на реалната слика и ги маргинализира суштинските проблеми. Кај значителен дел од популацијата е евидентна и целосна незаинтересираност за темата, што дополнително го отежнува процесот на едукација и мобилизација за еколошки промени.
Ако направиме компарација со состојбата од пред една деценија, забележлив е одреден напредок во разбирањето на еколошките причинители, но таа промена е ограничена на релативно мал, критичен круг на граѓани. Голем дел од популацијата сè уште не го препознава сопствениот антропоген притисок врз животната средина, а најкритичната точка е недоволното разбирање на директната корелација помеѓу деградираната животна средина и јавното здравје. Сè додека еколошките прашања се доживуваат како апстрактни концепти, а не како директна закана за физичката добросостојба на поединецот, поддршката за радикални реформи ќе остане на ниско ниво.

Колку институциите и владите придонесуваат за конфузија со недоволна или неточна комуникација за зелените политики?
-Институциите и владите сносат примарна одговорност за јавната конфузија, честопати поради реактивен наместо проактивен пристап во информирањето. Недоволната, ненавремената или технички преоптоварената комуникација, создава информативен вакуум кој лесно се пополнува со шпекулации и дезинформации. Многу често се презентираат зелените политики преку сложени административни и технички термини без да се преведат на јазик разбирлив за просечниот граѓанин. Кога јавноста не ги разбира директните импликации на овие процеси врз секојдневниот живот (цени на енергенси, квалитет на воздух, нови работни места), се јавува природен одбранбен механизам и недоверба.
Конфузијата дополнително се продлабочува кога постои очигледен контраст помеѓу она што е напишано во стратегиите и она што се случува во реалноста. Државата промовира „зелена агенда“, а состојбата со животната средина постојано се влошува. Оваа недоследност испраќа збунувачки сигнали до јавноста и ја девалвира сериозноста на зелената транзиција.
Во однос на инвестициите, инвестирањето во овој сектор е често проектно и фрагментирано. Наместо континуирана национална кампања за подигање на свеста, институциите комуницираат само во рамките на конкретни проекти финансирани од донатори. Штом заврши проектот, прекинува и комуникацијата, со што се губи институционалната меморија и континуитетот во едукацијата на граѓаните.
Главниот придонес на институциите кон конфузијата е нивната неспремност да ја претворат зелената транзиција во заедничка општествена вредност. Сè додека зелените политики се комуницираат како „обврска кон Брисел“ или „проектна активност“, а не како суштинска потреба за подобро здравје и економски развој, јавноста ќе остане подложна на манипулации и скептицизам.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Петрушевска Поповска
Фотографии: Личн архива
