fbpx

Стефан Андоновски: Лошо стоиме и со дигитализацијата и со дигиталните вештини кај граѓаните

Интервју

01.08.24

Прегледи

Во Македонија дигиталната трансформација може да значи дигитална преобразба, со оглед на тоа дека европските земји се значително пред нас на тој план. Бидејќи светот незапирливо галопира кон автоматизација на сите области, а ние сме дел од светот, разговаравме со новиот министер Стефан Андоновски за тоа што ќе прави државата за да фати чекор во процесите. За почеток, вели тој, ќе се посветат на тоа веќе за 4 години вадењето на документи односно аплицирањето да бидат достапни на еден клик. Ќе биде донесен и закон за иста важност на електронски и хартиен документ. Има идеја и за отворање на канцеларии во општините кои ќе помагаат граѓаните во руралните места да се едуцираат или да добиваат електронски услуги. Го прашавме министерот и за сајбер безбедноста и безбедноста на личните податоци, но и за клучното прашање: како ќе парираат на платите кои ги дава приватниот сектор на ИТ инженерите.

„Македонија 2025“ пред три години спроведоа истражување од кое произлезе дека само 35 отсто од населението во Македонија е со дигитални вештини, во споредба со ЕУ каде што е 54 отсто. Не е ли тоа малку со оглед дека за дигитална трансформација треба и самите граѓани да се вешти во областа?

- Според сите индикатори, Македонија е најслабо рангирана во регионот по дигитални вештини кај граѓаните, а особено тоа ја зафаќа популацијата 35 плус, што значи дека ние имаме граѓани кои што не ги имаат вештините кои што треба да се користат. Тоа е делумно поради образованието – знаете дека информатика се учи само во две одделенија во основното образование и после во еден клас во средното гимназиско образование. Тоа значи дека недостасува формалното образование кај младите, но дополнително недостасуваат можностите за градење вештини кај возрасната популација која што веќе го поминала процесот на образование. Затоа, една од главните компоненти на следната стратегија за ИКТ ќе биде токму градењето на систем во кој што ќе дадеме дополнителни дигитални вештини за повозрасните и за сите граѓани – не само за оние кои што се во училиште и кои ќе ги опфатат реформите во образованието, туку и за оние кои што се веќе во јавниот сектор и во приватниот сектор.

Рековте дека во првите 100 дена ќе имате нови 20 услуги на е-порталот. До каде сте со тоа, со оглед дека 30 дена веќе поминаа, а следуваат и летни одмори?

- Во првите 30 дена се сретнавме со повеќе од 10 институции кои што имаат веќе некој вид на процес на дигитализација на своите системи и имаме направено мапирање на повеќе од 150 услуги кои што можат да бидат дигитализирани. Првичната идеја беше да дигитализираме 20 услуги, но сега амбициите нѝ се поголеми тоа да бидат повеќе од 20 услуги и второ, да бидат услуги кои што многу се користени од граѓаните. И мислам дека во првите 100 дена ќе успееме да ја реализираме оваа цел.

Кои услуги би биле тоа?

- Во моментот можам да откријам дека станува збор за користени услуги кои на граѓаните им ги нудат Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија и труд, дел од агенциите, но и некои приватни институции за чии услуги има јавен интерес.

Еден клик до услугата

Претпоставувам дека ќе почнете од проширувањето на услугите на е-влада и е-услуги. Што се планира таму? Има истражување и кое покажува дека граѓаните не ги користеле доволно ни тие услуги што им биле на располагање?

- Постои податок во Државниот завод за ревизија во кој што еден корисник зачленет на владиниот портал користел 0,5 услуги, што значи помалку од една услуга по корисник. Откривме зошто тоа е така. Еден аспект е што луѓето недоволно знаат дека постои порталот. Вториот аспект е дека на порталот не се нудат секогаш вистинските услуги, значи се нудат услуги кои што граѓаните не сакаат да ги користат или не им се потребни. И третиот аспект е дека можеби порталот не е доволно лесен и едноставен  за корисниците. Има и четврти аспект кој што го откриваме постојано, а тоа е дека не се сите услуги дигитални на порталот, туку тоа се хибриди во кои што аплицирањето е можеби онлајн на портал, но треба да го извадите документот во хартија.

Така што, се фокусираме на сите овие аспекти: промоцијата, подобрувањето на порталот, зголемувањето на бројот на услуги и достапноста до истите и се надевам дека од првите сто дена па натаму, ќе има веќе зголемен број и на корисници на порталот, сега се помалку од 150 илјади, но и на услуги кои што секој корисник би ги добил на тој портал.

Фотографија од Стефан Андоновски

Претходно имаше ветувања за едношалтерски систем, но тоа не успеа. Сега има ново ветување дека само со еден „клик“ ќе бидат достапни сите услуги...

- Јас го нарекувам процесот електронски едношалтерски систем. Точно е, не успеа целосно процесот на едношалтерски систем, но скрати многу од процесите и овозможи многу побрзо да се стигне до бараната услуга. Се сеќавате дека фирма се отвораше за еден ден, што беше рекорд и во европски рамки. Ако успееме да ги поставиме сите услуги на една платформа кои што ги нуди државата и општински и државни услуги и за граѓани и за бизниси, мислам дека ќе го скратиме и времето поминато на тој портал, со помалку кликови, со поедноставна употреба. Мислам дека можеме да стасаме за 4 години сите услуги да бидат достапни на, ние го нарековме еден клик, нека бидат и повеќе кликови, но на едно место или преку мобилен телефон или преку компјутер.

Проблем е што некои институции не ги прифаќаат електронските документи како што се изводи и сл. Ќе се изедначи ли конечно валидноста на печатените и на електронските документи?

- Веќе испратив допис до сите институции да ги потсетам за валидноста на електронски издадените документи кои што имаат свој код, кој што секоја институција може да го провери за да ја потврди валидноста на документот. Потребни се одредени измени на Законот за електронски документи, кои што се поврзани со еден поголем проблем кој што го имаме, а тоа е електронската архива. За жал, во моментов Македонија нема законодавство кое што дозволува само електронско чување на документи кај институциите и тие се обврзани со специјални закони да чуваат документи во хартија. И затоа секоја од нив бара хартиен доказ затоа што го чуваат потоа како досие. Законот полесно ќе го промениме и на тоа работиме, но ќе биде потешко да овозможиме дигитална инфраструктура за да може секоја институција тие податоци да ги чува на свои сервери. Се надеваме дека во наредниот период ќе успееме.

Тоа ќе биде макотрпен процес, но процесот на дигитализација и на еднакво значење на електронски издадениот документ со хартиениот веќе е започнат и ние ќе го динамизираме работејќи на тоа целосно да го дигитализираме за институцијата да не мора да чува и хартиена и електронска архива. Но, во прво време мора да имаме преодни фази во кои што ќе биде задолжително чување и на електронска копија во хартиена форма.

Притоа се важни и безбедносните прашања. Има ли државата капацитет да гарантира безбедност на податоците барем во делот на користењето на е-услугите во институциите? Имаше неколку упади во минатото....

- Безбедноста е многу важна. Има анегдота дека кај нас не може да има сајбер напади на податоците затоа што ги чуваме во хартија, но често кога ни се случуваат поплави, пожари во архиви, запалени архиви, се покажува дека ни хартиената архива не е толку безбедна како што сакаме да мислиме. Но, анегдотата на страна, веќе почнавме, формиравме работна група за изготвување на нова стратегија за сајбер безбедност и истата започнува со работа оваа недела. Ќе ги дефинираме основите за сајбер стратегијата, основните стандарди, патоказите по кои што ќе се движиме во работата и се надевам дека до есен веќе ќе ја имаме подготвено сајбер стратегијата. Во работата се вклучени сите институции кои имаат што да кажат и имаат свој удел во работата како што се МВР, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за национална безбедност, разузнавање, одбраната итн.

Паралелно ќе работиме и на законот за сајбер безбедност кој што ќе значи воедначени стандарди за институциите за да ја имаат заштитата која што им е потребна. Во ова Министерство ќе се формира и сектор за сајбер безбедност, но и сектор кој што ќе има инспекциски надзор над имплементацијата на овој закон и ќе проверува дали институциите навистина се придржуваат до стандардите кои што им се зададени.

Фотографија од Стефан Андоновски

Сѐ е тоа супер, но како ќе привлечете ИТ кадар во институциите кога приватниот сектор ги плаќа 3-5 пати повеќе од државниот?

- Тоа е едно од прашањата со кои што се соочуваме и е навистина проблематично. Во ниту еден момент не треба да си создаваме илузии дека државата може да плаќа исто како приватниот сектор, ќе се согласите дека тоа не е случај ни во другите професии, па ние сепак имаме квалитетни правници во државниот сектор иако приватниот во адвокатурата или нотаријатот ги плаќа многу подобро, имаме и квалитетни сметководители и во приватниот и во државниот сектор, инженер, архитекти итн. Но, мораме да најдеме начин за да ги мотивираме подобро вработените во јавниот сектор кои што се од дефицитарните професии.

Имаше идеја за еден систем на плати во кој што ако се утврди дека одредена професија е дефицитарна може да биде наградена дополнително, и се надевам дека во наредниот период со следниот буџет ќе размислуваме на овој аспект, како овие професии кои што се дефицитарни да ги компензираме подобро во институциите за да останат. Имаше една идеја за формирање на специјална агенција за дигитализација во која што лицата кои што ќе работат ќе бидат подобро платени, а ќе работат во други институции. Нашата идеја е дека овие лица треба да останат да работат во своите институции како ИТ кадар меѓутоа треба да бидат подобро платени. Се надевам дека ќе успееме да најдеме решение за тоа.

Канцеларии за дигитални услуги

Ќе направите ли нешто за поголем пристап на населението од руралните области до дигиталната инфраструктура, со оглед дека повеќето немаат?

- Многу добро прашање затоа што ние зборуваме за дигитализација во која што би биле задоволни оние кои што веќе користат дигитални алатки. Но, дали тоа ќе значи дека ќе го подобриме животот на луѓето кои што не користат дигитални алатки? Тоа мора да нѝ биде еден од топ-приоритетите. Затоа сметам дека е добар начин со отворањето на дополнителни канцеларии во кои што ќе бидат вработени наши луѓе и ќе работат во една точка од каде што сите услуги ќе може да се добијат онлајн. Тоа за граѓаните ќе го направат администратори, не треба да го прават граѓаните. Со отворањето на вакви канцеларии во повеќе населени места мислам дека ќе ни успее овој пристап. Идејата нема да биде да отвориме 3-4 во големите центри, па тука да имате по 8 по 9 вработени луѓе, туку во секоја општина да отвориме канцеларија за една точка на услуги при што сите услуги што ги дава националниот портал може да ги добиете односно некој да ги направи за вас, и во исто време дури ќе служат како портал за пристапување или за дообука или за тренинг на луѓето кои што ќе сакаат да дознаат како полесно да пристапат на порталот. Постојат идеи и за отворање на терминали или киосци за вадење на документи – нешто што го имаме и во соседствотo.

Според извештаи на Европската комисија, само 9 отсто од малите и средни бизниси во Македонија ги продаваат своите услуги преку интернет, а само 22 отсто ги користат социјалните медиуми за да го промовираат својот бизнис? Има ли пооптимистички податоци во меѓувреме, бидејќи во оваа област брзо расте статистиката?

- Според последните податоци, околу 85 проценти од бизнисите имаат интернет пристап. Тоа е добар податок, но плаши податокот што не сите од нив имаат дигитализација на процесите внатре или ги нудат своите услуги онлајн. Ако за сѐ беше лоша корона кризата – добар напредок направи во овој дел, па многу голем дел од бизнисите 2020, 2021, 2022 ги нудат своите услуги онлајн. Она што размислуваме да го направиме е поддршка на бизнис-секторот за дигитализација. Бидејќи, ова е само 31-от ден во Владата, сѐ уште немаме развиено модалитети затоа што се прави ревизија на досегашното работење на Фондот за иновации и на Законот за поддршка на инвестициите за тоа како функционирале и кому се давани средствата.

По завршувањето на оваа ревизија планираме нов модел на приватниот сектор особено на микро-малите и средните претпријатија за нивна дигитализација, и ќе се обидеме преку заеднички напор, дали тоа ќе биде субвенции од државата за дигитализација, дали ќе биде заедничко вклучување во проекти, да ги вклучиме во овие процеси за нивна дигитализација. Бизнисот може да биде мотор на процесот на дигитализација, но треба да му се даде вистинската платформа, да не биде партиско финансирање на партиски подобни бизниси за невистинска иновација на процес на дигитализација.

Фотографија од Стефан Андоновски

Во претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ имаше акција „компјутер за секое дете“ односно за секој ученик, што не беше лош проект, но не се одржа на долги патеки. Планирате ли да го заживеете?

- Идејата беше одлична за тоа време затоа што се водеше од тоа дека секој треба да има пристап до компјутер, во време во кое што не секое дете имаше пристап до мобилен телефон. Јас бев трета година средно кога се воведе проектот, сум бил директен корисник на овој проект, но мислам дека не беше обмислен од аспект на тоа дека студиските и образовните програми во средните училишта не беа развиени за да можат компјутерите веднаш да бидат вклучени во наставата и наставниците и професорите не беа дел од тој процес затоа што не беа доволно обучени за да можат да ги држат предавањата преку компјутер. И затоа често се случуваше сѐ уште да ви диктираат и вие пишувате, а дури и немавме доволно место, бидејќи компјутерот е пред вас, па немавме простор да пишуваме. Тоа беше затоа што некои наставници едноставно не сакаа да влезат во тој процес.

Мислам дека треба да размислуваме паралелно, во исто време да ги развиваме студиските програми, за што веќе разговараме со дел од нашите меѓународни партнери, и да вклучиме критичко мислење, дигитална писменост, иновации, роботика во основното и во средното образование, а паралелно со тоа да им дадеме на учениците хардверски можности за тоа. Она што го прави Министерството е да го координира овој процес, нема да влеземе во авантура сега ние да бидеме тие што ќе купуваат за потребите на училиштата затоа што знаеме дека тие се под локалната самоуправа и веќе голем дел од локалните самоуправи тоа го прават, но ние ќе ги воведуваме овие програми за дигитална писменост и за иновации во училиштата, а онаму каде што ќе се појави потреба, ќе бидеме партнер на училиштето да донесеме и опрема.

Постојат многу домашни ИТ компании кои што обезбедуваат услуги за странски пазари, но не се дел од процесите за дигитализација на земјава. Планирате ли вклучување на такви компании и што може да им понуди државата како заработка кога тие имаат милионски бизниси со странство?

- Во моментов тоа што се случува е искористување на македонскиот ИТ кадар од страна на странски компании. Тоа што е добро е што овие ИТ инженери се одлично платени и можат да ја гледаат својата иднина тука во Македонија. Аспектот што треба да се подобри е што тие немаат свои продукти туку работат на туѓи продукти кои што се развиваат во Шведска, во Велика Британија, САД или во Германија, а нашите луѓе  работат активно на нивно развивање. Веќе разговараме со определен број на странски компании кои што се присутни тука и со наши од дијаспората кои што работат во Македонија и во дијаспората, тука да развиваме продукти, и Македонија да биде извозник на ИТ продукти, не само на ИТ знаење.

Мислам дека созреавме доволно во таа област и веќе не треба само да развиваме процеси туку и производи. Можеби ќе бидат скептични нашите пријатели од странство за квалитетот, но мислам дека веќе имаме квалитетен кадар тука кој што може да покаже дека и продуктите може да бидат квалитетни. Ќе треба да работиме и на маркетинг стратегија за промоција на овие продукти во странство. Ова е нешто слично како да извезувате туризам, луѓето треба да почнат да веруваат дека вие сте вистинската дестинација за да дојдат. И тоа е следната фаза која што мислам дека треба да ја преземеме.

Правила за сајбер хигиена

Сајбер-безбедноста е слаба точка во целиот свет, но тоа не е оправдување за Македонија кога им се случуваат напади. Што може да се направи за да се подобри сајбер - безбедноста?

- За жал, во моментов, немаме стандарди за сајбер безбедност на државните институции. И тоа е она што ќе го работиме со стратегијата што ја спомнав погоре, за да зацртаме кои се минимум стандардите што секоја институција мора да ги има за заштита на сопствените системи. И вториот аспект е сајбер обуката на кадарот што работи во државните институции. Ќе развиваме и наши модули за основна обука за сајбер безбедност, ја нарекуваат уште и сајбер хигиена за да знаат вработените во јавните институции дека таа е многу важна и на што треба да се внимава. Третиот аспект е напредна обука за луѓето кои што ќе се грижат за сајбер безбедноста и ќе ги креираат стандардите тука од Министерството, тоа ќе го направиме и со наши напори како Министерство, но и со нашите меѓународни партнери кои што ќе ни помогнат да ги обучуваме луѓето кои што ќе работат тука на сајбер безбедност.

Фотографија од Стефан Андоновски

Дигитализацијата помага и во борбата против корупција. Што може да очекуваат граѓаните на тој план?

- Борбата со корупцијата е врвен приоритет на Владата, исто како и дигитализацијата, и едното без другото не можат. Планираме дигитализацијата да биде клучна алатка во борбата со корупцијата. Тоа ќе го направиме преку контрола на судирот на интереси, превентивно, да видиме во процесот на јавни набавки дали некои имаат судир на интерес, дали ако некој е член на комисија за евалуација за јавна набавка има близок роднина, брат, сестра, дел од семејството, е добавувач или дел од некоја компанија, ќе се појави информација дека постои потенцијал за судир на интерес, кој ќе превенира, и ќе имаме алатка за превенција. Но, сакаме да го активираме и процесот на репресија односно реакција по случено кривично дело и за тоа ќе биде многу важно поврзувањето на Управата за јавни приходи со Царинската управа, со МВР, финансиско разузнавање и финансиска полиција заедно со катастарот и со Агенцијата за вработување. Ако сите комуницираат на една иста платформа и си разменуваат побрзо податоци, ќе биде многу полесно за Управата за јавни приходи да открие даночно затајување, или богатење без основ кое што се случува и кај политичките функционери и кај дел од бизнис светот. Така што, тие проверки низ институциите ќе бидат полесни.

Ќе може ли да има бенефит и здравството во однос на централизирањето на податоците за пациентите, што може да биде корисно во итни случаи кога треба да се знае медицинската историја за да се интервенира медицински?

- Здравството е можеби најсложениот сектор за дигитализација, и не само во Македонија, туку и во светот затоа што станува збор за законски заштитени лични податоци на многу децентрализирана мрежа на лекари и на уште по децентрализирана мрежа на фармацевтски куќи. Така што, тежок е процесот на дигитализирање, но тука пак имаме најголем напредок во минатото како што е воведување на системот „Мој термин“ кој што значеше дигитализирање на процесот на закажување на прегледи, и вториот степен кој што го направи делумно владата на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и владата на СДСМ го заврши, е делот со електронски рецепти.

Има и мобилна апликација „Мое здравје“ која што требаше да биде информативна за граѓаните но таа за жал не нуди никакви посебни услуги. Два аспекти се клучни на кои што ќе се работи, тоа е подобрување на системот „Мој термин“ за да биде потранспарентен кон граѓаните, затоа што во моментов не знаат кај кој доктор има место, кон кој доктор се упатени, кои доктори се најзафатени. Вториот аспект она што Вие го кажувате е медицинската историја да биде исто така дигитализирана за да може да има пристап со соодветни дозволи за да може да се добива и второ и трето мислење за дијагноза. Државите од регионов направија нешто многу интересно, а тоа е читање на рендгенски скенови за да може да се намали гужвата, затоа што ако на пример немате во Кочани рендгенолог кој што ќе ја чита вашата слика, но ако сликата е дигитална таа лесно може да се прочита во некој друг здравствен центар, без да морате да патувате таму. На овој начин многу се намалиле листите на чекање, така што тоа се аспектите на кои можеме да размислуваме.

Последно прашање, но можеби најважно, се видовте со министерот Тошковски па дали ќе има новитети околу начинот на издавање на лични документи на граѓаните?

- Ќе има новитети, планираме дел од услугите кои што ги нуди МВР да ги дигитализираме целосно на националниот портал, и заедно со МВР да работиме на некои нови услуги, но ни претстои нивно дефинирање.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фото: Наке Батев