Стојменова-Дух: Во Словенија е скандал ако јавна услуга не работи еден час – во Македонија нема ни службен мејл

Интервју

25.02.25

Прегледи

Македонија ја има Емилија Стојменова - Дух, виничанка и Словенка која последниве години се искачи и се симна на политичките скалила во Словенија. Лидерка во дигиталната трансформација на Словенија, прва министерка која не беше Словенка и чиј мајчин јазик не е словенечки и прва жена - вонредна професорка на катедрата за ИКТ на Факултетот за електротехника во Љубљана. Неодамна таа се соочи со дидкриминирачки коментар и навреди од лидерот на опозицијата и поранешен премиер Јанез Јанша поради тоа што е „дојденка“. Затоа, таа е вистинска личност да одговори на прашањата за дигитализација, за разликите меѓу Македонија и Словенија, но и како е да биде цел на националистички напад во земјата која од нејзината 16-годишна возраст ја смета за своја друга татковина. Во интервјуто слушнавме комплимент за високата покриеност на Македонија со интернет, но и критики и совети како да оди нашата држава напред.

Какви се Вашите искуства како министерка во Словенија? Какви се политичките стандарди во Словенија и какви услови треба да се исполнат за да се стане министер?

-Ќе бидам многу искрена. Не сакав да се занимавам со политика. Студирав електротехника, најпрво работев во меѓународна приватна фирма за телекомуникации, а по докторатот се префрлив на Факултетот за електротехника. Имав и имам многу европски финансирани проекти кои се занимаваат со policy making. Policy making е збор, кој и на словенечки и на македонски се преведува како политика, а има многу поразлично значење од дневна политика која ја познаваме и која се занимава со сѐ друго освен со креирање на политики кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните во една држава.

Кога ме покани претседателот на владата да се придружам во неговиот тим, влегов во владата со најискрена желба дека ќе можам да се занимавам со policy making со што имам искуство и ме прави среќна. За жал, со тоа се занимавав 10 отсто од времето, обично на меѓународно поле. Дома, во Словенија, најголемиот дел од времето се занимавав со сѐ друго освен со реална политика. И едноставно сфатив дека не сум таков човек и дека на други полиња можам да придонесам многу повеќе.

Какви услови треба да се исполнат? За жал, и во Словенија не постојат некои формални правила во смисла на образование и искуства. Обично е препуштено на раководствата на партиите кои ја формираат владата. Кај некои се повисоки стандардите, кај други не. Така што и во Словенија може да најдете министри со завршено средно образование, лидери, дури и претседатели на влада, личности кои биле во затвор, итн.

Во државна управа без компјутер

Словенија е напредна држава во однос на Македонија, па дали може да ни кажете на кое ниво е таму дигитализацијата?

-Во Словенија сме многу критични. Ако истото прашање му го поставите на случаен минувач во Марибор, на пример, ќе наброи цел куп на проблеми. За среќа, постојат стандардизирани индикатори кои прават споредба со останатите држави во ЕУ и светот кои јасно покажуваат дека Словенија е една од поразвиените земји на полето на дигитализацијата. Речиси целата територија е покриена со high speed broadband и 5G, што значи дека во Словенија, без разлика на тоа каде живеете, ќе имате пристап до добар интернет.

Да, постојат уште некои 10 проценти на домаќинства кои уште немаат оптика, ама мора да земете предвид дека во Словенија луѓето живеат буквално насекаде, оддалечени ридови и планини и слично, и градењето на инфраструктура на тешко достапни места е голем и скап предизвик. Генерално, сликата е многу подобра од многу други и поразвиени држави во ЕУ. Во Словенија сме добри и на полето на дигитални јавни услуги. Најголемиот дел од нив се достапни на интернет, базите на податоци се прилично добро поврзани и на таков начин го олеснуваат животот на граѓаните и функционирањето на државата.

Најголем предизвик остануваат дигиталните знаења и вештини. Само половина од популацијата има барем основни дигитални знаења и вештини и тоа мора да го поправиме. Ама и во овој случај Словенија не се разликува од повеќето држави во ЕУ.

Во Македонија имате семејство кое веројатно споделува искуства со Вас околу овдешното ниво на дигитализација на јавните услуги. Може ли да се направи споредба меѓу Македонија и Словенија на тој план?

-Моето семејство живее во источна Македонија, во Виница. Дигитализацијата не е тема за која редовно разговараме, ама сепак основните работи ми се познати и морам да признам дека сум изненадена од нивните искуства. Некогаш позитивно, на пример со тоа дека покриеноста со Интернет е многу добра.

И некогаш многу негативно. Не можам да поверувам, на пример, во фактот дека мајка ми која работи во државна управа веќе повеќе од една деценија нема службен меил и компјутер. Уште користи приватен компјутер. Во Словенија, на пример, е скандал ако некоја од јавните услуги не работи еден час или два, од друга страна во Македонија државната управа нема службен меил. Тоа ми е едноставно незамисливо.

Во последната деценија и повеќе многу студенти од Македонија одат да студираат на словенечките универзитети. Што ги привлекува таму?

-Да, во Словенија има сѐ повеќе и повеќе студенти од Македонија и тоа на сите можни насоки и на сите универзитети. Обично станува збор за високо мотивирани млади луѓе кои доаѓаат со јасна цел да завршат студии и да си најдат добра работа или во Словенија или да продолжат некаде во другите ЕУ држави. За среќа голем дел остануваат во Словенија.

Што ги привлекува? Тоа е моја субјективна оцена, ама претпоставувам дека ги привлекува близината до Македонија, културата која сепак не се разликува толку многу, јазикот кој иако е многу поразличен е сепак од иста група на јазици и со малку труд може да се научи. И секако можностите кои ги имаат за подобра иднина.

Што може да препорачате за Македонија побргу да фати чекор со Европа на планот на дигитализацијата? Кои се основните принципи за да се постигне напредок?

-За почеток треба да се направи добра анализа на база на реални податоци, каде е моментално Македонија во споредба со останатите држави во Европа, и тоа на полињата на електронски комуникации, дигитални знаења и вештини, дигитални јавни услуги, сајбер заштита, дигитализација на економија, итн.

Кога ќе се направи таа анализа, следи подготовка на стратегија и пред сѐ конкретен акциски план, со дефинирани проекти, финансиски средства, индикатори, временска рамка и одговорни луѓе и организации, кои ќе се погрижат за имплементација на акцискиот план. Важно е и да има константен мониторинг, да се зачува вистинската насока и да се пресретнат разни проблеми.

Ако претходно споменав дека во Словенија сме неверојатно критични, имам впечаток дека во Македонија сме премалку критични и пребрзо сме задоволни со резултатите односно да се пофалиме дека нешто имаме иако можеби постои само како идеја во некоја глава.

Не сакам пофалби од Јанез Јанша

Дали беше тешко една Македонка да влезе во словенечка влада?

-Мислам дека моето национално потекло не одлучуваше за тоа дали ќе бидам министерка или не. Од друга страна, бев прва министерка која не беше Словенка и чиј мајчин јазик не е словенечки. Ама сум и прва жена - вонредна професорка на катедрата за ИКТ на Факултетот за електротехника во Љубљана, така што изгледа имам нешто во себе што ме тера да орам ледини (се смее, н.з.)

Неодамна имавте непријатно искуство со коментар кон Вас од словенечкиот политичар Јанез Јанша кој освен што Ве навреди рече и дека никогаш не требало да Ве примат во Словенија. Дали Ве разочара коментарот? Имаше ли некаква општествена реакција на таквиот дискриминирачки испад или помина незабележано?

-Такви коментари не се ретки. Особено доаѓаат од екстремни политичари од десницата во моменти кога се чувствуваат загрозено. Примерот кој го спомнувате е особено проблематичен затоа што дојде од водач на најголема опозициска партија и поранешен премиер на државата.

Дали ме разочара? Познавајќи го начинот на кој функционира, ништо не може да ме изненади, ниту да ме разочара. Искрено, не би ми било пријатно да добивам пофалби од таков човек. Тој претставува сѐ што лично верувам дека е погрешно. Повеќе ме загрижува каде оди светот и дискурсот кој се развива. Сите ние сме или ќе бидеме некој вид на мигранти. На крајот на краиштата сите сме луѓе. За среќа, најголемиот дел од Словенците се добри луѓе кои прифаќаат странци и осудуваат такви реакции.

Каде подобро се вклопува Словенија со моменталните карактеристики- во Западна Европа или се уште има белези од Балканот?

-Зависи кого прашате и на кои теми (се смее, н.з.). Ако гледаме според развиеност, освестеност за еколошки теми, јавни услуги, социјална држава, Словенија дефинитивно е западна Европа. Ако пак погледнеме во начинот на социјалниот живот, тогаш е поблизу со Балканот. Мислам дека е еден добар микс. И мислам дека така е најдобро.

Македонија се бори за членство во ЕУ. Од Вашето искуство во Словенија што би и препорачале на Македонија за побргу да го фати возот за ЕУ?

-Да ги најде најдобрите луѓе што ги има, без оглед на тоа дали се политички определени или не, дали се опозиција или коалиција, дали живеат во Македонија или не, да направи најдобар можен тим кој има искуства со меѓународна политика и добро познава како функционира Европската Комисија и да соработува добро со администрацијата на ЕК. Секако дека ЕУ не е идеална и без никакви проблеми, ама моментално ја гледам како најдобра можна структура во светот, каде демократијата е на највисоко ниво, економски е доволно моќна и човековите права се заштитени.

Каква е разликата да се живее во земја надвор од ЕУ и во земја членка на Унијата?

-Тешко ќе одговорам на ова прашање бидејќи кога се преселив во Словенија имав 16 години и немам искуство со живеење надвор од Унијата како возрасна личност. Сепак, како државјанка на ЕУ можам слободно да патувам насекаде, имам право на користење на различни јавни услуги во сите земји членки. Пред сѐ се чувствувам заштитено. Дури и ако случајно дојде на власт автократ кој не би почитувал владеење на правото, верувам или барем се надевам дека ЕУ ќе ги искористи сите можни механизми да ги заштити граѓаните на Словенија.

Што Ви недостасува најмногу од Македонија? Доаѓате ли често?

-Најмногу ми недостасуваат родителите и семејството. За жал не доаѓам толку често. Со оглед на тоа дека и сестра ми живее во Словенија, почесто доаѓаат нашите родители тука.

Сега откако во Вашето портфолио е и министерување во словенечката влада, дали било кој од политичките гарнитури во Македонија Ве контактирал со покана да ја ставите на располагање Вашата експертиза за дигитализација на Македонија?

-Не.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фотографии: Приватна архива