- Анимозитетите се политички спектакл за мобилизирање на гласачи.
- Сегашните политичари, судии и обвинители се создавачи и заложници на клиентелистички систем.
- Политиката на Владата се базира на создавање големи надежи и розови приказни.
Политичката сцена во Македонија е пред „експлозија“, едни влегуваат други излегуваат од власта, а довербата на граѓаните во политичките елити е во постојано опаѓање, и оттука, како што вели политикологот Марко Трошановски во интервју за Рес публика, очигледно е дека на политичарите им е потребно да создаваат надеж и да ги маскираат своите неуспеси низ кампањи на дезинформации. Фокусот на членство на земјата во ЕУ може да доведе до нов бран разочарување, затоа што таа комотна позиција и пораки од владиниот врв дека ќе влеземе во ЕУ побрзо или до 2030 година, се апсолутно неточни, оценува Трошановски, кој е претседател на Институтот за демократија, чија анализа на јавното мислење за процесот на пристапување кон ЕУ покажа пад на довербата на нашите граѓани кон ЕУ. Во интервјуто зборуваме и за тоа дали внесувањето на Бугарите во Уставот автоматски подразбира почнување на преговорите – надежи подгреани од власта во кампањата за уставни измени, и за многу други прашања чии одговори фрлаат нова светлина врз актуелните политички случувања.
Власта последниов период личи на дуќан. Едни влегуваат, други излегуваат. Какви математики преовладуваат - политички, партиски или можеби дури и лични?
Политиката не може да биде имуна на лични анимозитети, амбиции и на партиски интереси. Тоа што кај нас се случува не е исклучок туку го има во сите земји во светот. Но, отсуствува или е проблематична, онаа димензија која што се однесува на програмски или вредносни стандарди во формирање на коалиции и назначување на високи политички функции. Оттука, мислам дека сите комбинаторики, а со кои се занимаваат и медиумите, дали мнозинството во парламентот ќе биде со 64, 68 или 69 гласа, се нерелевантни и се помалку важна перспектива. Поважно е што не видовме ниту една програмска цел, определба или идеја поради кои всушност се случуваат овие нови рекомпонирања и реконструкции. Не слушнавме, ниту видовме поради кои заслуги или незаслуги одреден министер е сменет или пак номиниран. Тоа дополнително ја „убива“ довербата на граѓаните кон процесите и начинот на водење на политиката во нашата земја, и ги зголемува разочараноста на луѓето и нивната недоверба во институциите. И конечно, го еродира нашето општество и нашето државно ткиво.
Каде се наоѓа граѓанинот во ваквото водење политика?
Граѓанинот е на маргините на политичката дебата и на маргините на услугите кои треба политиката да му ги дава. Граѓанинот е и во заложништво и безизлез должејќи и на некоја партија поради својата кариера во администрацијата или поради решавањето на семејни прашања, негови или на неговите пријатели и роднини. На тој начин имаме поделеност на два табора, луѓе кои се од една страна заложници и според тоа се неслободни и не можат да дејствуваат ниту да размислуваат слободно, а од друга страна се големо море на граѓани, гласачи, кои не се препознаваат во ова политикантство. Тие се и на маргините на политичкиот процес, одлучувајќи да „пркосат“, но и да премолчат, да апстинираат или да се иселат од државата.
Може ли сегашниот парламент со ваков однос на силите (на последното гласање за избор на министри власта имаше 65 гласа) да издржи нови сеизмички потреси како, на пример, политички прегрупирања со цел да се дојде до 80 гласови за уставни измени?
Мислам дека за разлика од претходниот парламент кадешто или преку лични убедувања, или преку преку заложништво и уцена беше постигнато мнозинство за уставните измени од Преспанскиот договор, овој парламентарен состав ја нема таа композиција и распределба на пратенички места за преку слични тактики да се обезбеди мнозинство за уставни измени. Оттука, мислам дека упорното и наметливото инсистирање на Владата за уставни измени без да се отвори за дискусија со опозицијата, нема да вроди со исход и можност за уставни измени. Имајќи ги предвид и условувањата што во меѓувреме излегоа и од коалициските партнери Демократски сојуз, ДОМ, Алтернатива, Алијанса, барем засега, уште повеќе се комплицира веројатноста дека ќе се случи некакво усогласување. Притоа, не верувам дека некој надворешен притисок може да ги промени работите, освен да се постигне, условно речено, некаков договор за предвремени парламентарни избори на кои би претходеле или евентуално би следеле уставни измени. Ова е повторно политиканство за кое зборувам, но тоа го гледам како единствено можно сценарио за да се поместат работите во насока на обезбедување на двотретинско мнозинство.
Но, барем од тоа што го гледаме, јасно е дека целта за 80 пратенички гласови е недостижна. Тогаш, што го мотивира премиерот Димитар Ковачевски за такви акробации?
Мотивот е секако повторно создавање на конфронтирачка поларизација во општеството како средство за притисок, но и инает, наместо низ дијалог да се гради консензус. Како што порано нè делеа на „патриоти“ и на „предавници“, сега се делиме на ЕУ и анти-ЕУ групации. Во таа насока мислам дека голем дел од мотивацијата за овие акробации е во функција на претстојните избори. Со овие комбинаторики се прави притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, прво, за да му се намали коалицискиот потенцијал кон албанските партии кои се приклучија на тој таканаречен европски фронт, и второ, да се влијае на подривање на рејтингот на опозициската партија до следниот датум за избори. Но, тоа, во услови на исцрпена јавност, деморализирана држава, не е воопшто во јавен интерес, а уште помалку во интерес на менталното здравје на нацијата.
Колку е паметно да се прават нови поделби во услови кога се бара единство околу стратешките цели?
Ние многу погрешно го разбираме концептот на единство, а исто така и на поделби. За да има единство треба да се уважат интересите и барањата на сите актери кои треба да го изградат тоа единство, што кај нас не е присутно во политичкото дејствување. Да се потсетиме дека во ниту еден од покрупните чекори, со исклучок на Рамковниот договор од Охрид, иако сите сме за ЕУ и НАТО, немавме процес на консултации помеѓу сите актери, со цел вклучување на идеите и визиите на политичките ривали. Еве и за францускиот предлог опозицијата не беше дел од преговорите на ниту еден начин, туку беше ставена пред свршен чин. Затоа делумно е разбирлив и анимозитетот кај нив. Не може да се води политика на целосно негирање на постоењето на политички ривали. Идејата на демократијата е да преговараме за своите интереси, но и да договараме минимален политички компромис. Ние тоа го немаме, иако во јавните говори се инсистира на единство, што е најблаго кажано лицемерие. Тоа е евидентно и во законодавниот процес во парламентот каде амандманите на опозицијата, не само сега, туку и во претходните пратенички состави, се исклучуваат априори. Што, пак, значи дека целосно е поништен или занемарен процесот на она што се нарекува делиберативна демократија, дискусија или дебата која што е заснована на аргументи. Сето тоа доведе до анимозитет и меѓусебна недоверба кај политичките партии кои не се гледаат себеси како дел од една заедничка политичка групација која треба да работи во интерес на државата, туку се гледаат низ призма на конфронтација со цел уништување на политичкиот ривал.
Некои сметаат дека идејата е сите албански партии да се приклонат кон СДСМ и да се изолира ВМРО-ДПМНЕ. Колку е тоа остварливо со оглед на длабокиот анимозитет меѓу актерите во албанскиот политички блок, но и со убедливото водство на анкетите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ?
Анимозитетите во албанскиот блок се повеќе фарса отколку суштински проблем, додека за разлика од албанскиот блок, кај македонскиот тие се суштински и непомирливи. Досега не сме виделе на централно ниво коалиции помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако неформално тие се случија на локални избори, на пример во Кичево на последните локални избори. Заедничкиот именител на политиката се интересите, и овие анимозитети на кои сведочи јавноста се повеќе политички спектакл за мобилизација на гласачи, а кога некоја партија ќе дојде на власт, тие се ставаат на страна и преовладуваат интересите. На крајот на краиштата видете ја и политиката на Алијанса, видете ја претходно и на Алтернатива, каков беше нивниот критички однос кон „криминалците од ДУИ“ како што ги нарекуваа, со кои сега заедно ја делат власта и „го трасираат европскиот пат“ на земјата.
Оправдани ли се критиките дека албанскиот камп има поважна улога во Владата отколку македонскиот камп?
Од една страна, оваа Влада не би постоела без ДУИ, од друга страна ДУИ, пак, тешко дека наскоро ќе има подобра позиција од оваа во која е сега. Проблем е, само, што оваа реалност не одговара на начинот на кој е поставена државата преку Охридскиот рамковен договор, со кој не се оправдува таквата мајоризација. Но, еве да речеме дека во суштина формално-правно не е важно кој ќе биде во политичката арена, иако таквата состојба ги подрива смислата и суштината на Охридскиот рамковен договор и го става мнозинството граѓани на оваа земја, на некој начин, во заложничка позиција, што е многу опасен тренд – бидејќи национализмот не се вклучува или исклучува на копче, туку е пожар кој тешко се гаси. Затоа што, начинот на кој што се практикува Охридскиот рамковен договор, има многу малку врска со идејата за мултикултурализам и мултиетничко општество, туку е сè повеќе модел на нефункционална, осакатена, консензуална демократија по примерот на БиХ, во која сите бркаат етнички поени со што уште повеќе го еродираат ткивото и она што се вика социјална кохезија на нашата држава. Кроењето на централните политики и општинските територијални граници по етнички линии, прави голем проблем во нивото функционирање и обезбедување на социоекономски развој. Ако пред 20 години тоа можеби имало смисла поради маргинализацијата и дискриминација на албанската заедница, сега овие проблеми се надминати во голем дел и мора да тераме кон граѓански концепт без оглед кој на кој етникум припаѓа. Од денешна перспектива тоа само го кочи развојот на оваа држава. За жал особено албанските партии не можат да излезат од оваа матрица и веројатно така ќе биде уште долго време, на штета на сите нас кои живееме тука.
Дали Левица може да биде најголемиот профитер од „војната“ која беснее меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?
Левица веќе значително профитира и тоа делумно е и разбирливо. Напластената фрустрација на луѓето од потрошените години и животи на разграбување на општествениот капитал, на етнички натпревар помеѓу партиите, мораше некаде да биде артикулирана, и тоа неизбежно се случи во таа политичка понуда што моментално постои. Не секогаш поддршката произлегува од политичко идеолошко препознавање, туку и од револт и пркос против „естаблишментот“. Таа опција делумно ги вербализира работите на начин кој што одговара на фрустрациите и надежите на луѓето, тоа е популизам и тој има ефект во политиката. Особено кога сè останато има малку врска со јавен интерес и здрава демократска политичка култура.
Има ли формула што ќе ги обедини сите домашни сили за остварување на стратешките интереси на државата и на граѓаните?
Тоа е многу комплексно прашање за кое во суштина има навидум едноставен одговор кој е тешко да се спроведе. Зошто? Затоа што тоа подразбира здрава политичка култура, здрава политичка понуда и партии кои размислуваат надвор од своите тесни интереси. Меѓутоа, ние такви партии во моментов немаме, а ниту пак здраворазумски етнички партии. Делумно само СДСМ има некакви политики на инклузивност базирани на граѓански концепт, на кој оваа држава, според мене, треба единствено да се базира. Сè друго нè носи кон бесконечни конфронтации, фрагментирање и опасни идеи за реорганизација на државата во најрадикална смисла. Спасот е во инклузивен и поотворен демократски изборен модел. Нашите емпириски истражувања покажаа дека една изборна единица воопшто не им помага на малите партии за повеќе пратенички мандати. Но, комбинираната употреба на отворените листи во изборниот модел секако е едно од решенијата, затоа што и на локално и на централно ниво таа поттикнува препознавање на индивидуи кои работат за интерес на заедницата. Со комбинирана употреба на отворените листи во изборниот модел, таквите луѓе имаат многу повеќе шанси да дојдат на власт и да стекнат моќ за донесување одлуки. Значи, тоа е едниот начин. Демократизацијата на статутите на политичките партии е втор многу важен чекор, бидејќи сега тие служат како организациски структури кои се во функција само на тесното раководство на партијата, па дури и само на лидерот, како што е во ДУИ. Демократизацијата на тие статути е многу важна и мора да се случи. Третиот аспект е ветинг во судството. Но, не ветинг како во Албанија кој го осакати целиот правосуден систем на земјата и остави голем вакуум помеѓу потребниот број судии и обвинители и наталожените судски предмети. Кај нас е потребно преиспитување на судските одлуки преку независно тело и проверка на имотната состојба на судиите, што веќе со месеци очигледно тенденциозно се одложува. На тој начин ќе се создаде човечки капитал кој и со сега поставената законска рамка може да ја води државата во подобра насока. Сегашните политичари, судии и обвинители се создавачи и заложници на систем кој е крајно клиентелистички и, би рекол, во одреден дел и недемократски.
Колку ќе ги чинат политичките елити погрешните очекувања дека војната во Украина ќе биде билет за експресен воз за Западен Балкан до ЕУ?
Мислам дека се лажат. Првичниот импулс пред една година по руската инвазија беше токму таков: сега е момент на итност и воена состојба и сега поради оваа ургентност на ситуацијата ќе се замижи и сите ќе влеземе во ЕУ. Се виде апсолутно дека не е така, речиси ништо значително не се случи изминатава година освен условеното започнување преговори кое што го добивме, поместување на визната либерализација и кандидатскиот статус на Босна и Херцеговина. Меѓутоа тоа воопшто не одговара на првичните очекувања за брз влез во Унијата, туку е само еден чекор на долгиот пат кон таа европска интеграција. Тоа е првата самоизмама која си ја правиме ние и која ни ја продаваат политичарите. Вториот момент е што, како што се развиваше војната, Украина доби значително поголемо геополитичко значење како и политичко внимание и наклонетост од страна на ЕУ. Портфолиото, на пример на Украина не е кај Вархеји, туку директно го раководи Урсула Фон дер Лајен. Тоа укажува каква политичка тежина и се дава на земјата. Од друга страна, Балканот заедно севкупно е 16-17 милиони население и има околу 100 милијарди бруто производ. Украина е речиси три пати поголема по население и има два пати поголем бруто национален производ или околу 200 милијарди евра. Да не зборуваме за ресурси, за храна поради капацитетите за житни култури што ги има и најважното дека е бедем од заканата од Русија која нема да исчезне, туку напротив ќе се зголемува во претстојниот период. И во сета таа констелација, мислам дека е поголем ризикот Балканот да стане маргинален интерес на политиката на проширување на ЕУ, без оглед што ќе ни зборуваат колку сме ние важни, колку нè сакаат и така натаму, а Украина да го добие приоритетот за што побрзо приближување. Иако и за тоа реално се сомневам имајќи предвид како различно гледаат на проширувањето двата столба на Унијата - Франција и Германија. Сумирано, мислам дека таа лагодна позиција на нашиве елити дека сега ќе влеземе во ЕУ побрзо или до 2030 година, е апсолутно неточна и ако се прави свесно, е манипулација.
Што се нашите политичари во овој случај: наивни, политички кусогледи или неспособни да антиципираат геополитика?
Од сè по нешто. Дел се наивни, дел се кусогледи, дел се политички опортунисти што е разбирливо за секој политичар кој мора да одржува некакво ниво на надежи и очекувања кај електоратот. Би рекол на нашата земја дури ѝ е потребна преамбициозна идеја и визија за забрзан евроинтеграциски пат, бидејќи нивото на деморализираност е многу високо, но тоа си доаѓа со цена. Гледајте на анкетите каков пад се случува на европскиот кредибилитет во земјава. Така што, потребно ни е да веруваме во нешто. Проблемот е што димензионирањето на тие очекувања од страна на властите е несразмерно. Не само сега, туку уште со Преспанскиот договор, менаџирањето со очекувањата како дел од техника на односите со јавност која ја практикува Владата, се базира на големи надежи. Ама ефектот од тоа кога нема да бидат остварени е и голем пад. Кој високо лета, ниско паѓа, и токму тоа ни се случи.
Имаме различни информации за ЕУ интеграциите на Македонија и што нè очекува. Да почнеме од основните - дали сме или не сме ги почнале преговорите и колкава е разликата на ЕУ пакетот што го доби Македонија со оној на Албанија?
Па, голема е. Тоа е преседан во историјата на проширувањето. Не постоела ваква преговарачка рамка за една земја како што е таа за Македонија визави Албанија. Очигледно и јасно ни е поставен уште еден услов, што не е единствен. Нашиот прогрес секогаш ќе биде условен со резултатите од билатералните односи, преку вториот Протокол, од резултатите на таканаречената Историската комисија, од испорачувањето на мерки од наша страна кои што ќе ја задоволат бугарската страна... Тоа се услови кои за жал немаат врска со Копенхашките критериуми. Сума сумарум би рекол дека ниту внесувањето на Бугарите во Уставот формално-правно автоматски не подразбира почнување на преговорите, за што за жал малку се зборува во земјава. На крај на преговарачката рамка ние велиме дека ќе ги испочитуваме сите заложби што сме ги презеле во Протоколот со Бугарија. Во тие заложби стои дека ние ефикасно ќе се справиме со говорот на омраза, дискриминација и слично, нешто што е прилично растеглива категорија. Бугарите, почнувајќи уште од оваа година очигледно го напластуваат досието на критики кон Македонија дека потфрламе во овој домен, како што се небулозните и предимензионирани реакции во случајот со Пендиков. Така што, и да ги внесеме Бугарите во Уставот, на крајот пак можат да ни кажат „еве не сте ги реализирале сите обврски што сте ги презеле од Протоколот и имаме право да кажеме дека нема да почнете преговори“. Ова е малку веројатно да се случи, но формално како можност постои.
Но, почнати ли се преговорите или не се почнати?
Во суштина се почнати, но нема да продолжат. Условите за нас и за Албанија не се исти. Ние немаме почнато преговори под исти услови како Албанија. Односно, нашиот почеток е условен.
Зошто политичарите го прават ова, внесуваат хаос во информирањето на јавноста, имајќи предвид дека ЕУ интеграциите се една од ретките точки каде сите партии или речиси сите, имаат ист став? Што треба да знаат граѓаните за патот на Македонија кон ЕУ?
Како што кажав претходно, политиката на Владата се базира на создавање големи надежи и розови приказни. На политичарите им е потребно да создаваат надеж, да ги маскираат своите неуспеси низ кампањи на дезинформации, што е делумно разбирливо. Меѓутоа тоа мора да се прави со мерка, бидејќи создаваат луѓе коишто се цинични, коишто не веруваат, и луѓе кои што се поларизирани и како такви не се корисни за државата и за демократскиот процес. Кому му требаат такви граѓани, соседи, соработници? Тука нема заеднички интерес.
Како ја оценувате политика што Македонија ја води кон Бугарија во последните недели? Дали имаме јасна политичка стратегија или сме во постојано повлекување?
Мислам дека за разлика од минатата година кога бевме во постојана политика на отстапување и самопонижување, снисходливост кон сите видови бугарски напади, сега е подобрено балансирањето помеѓу потребата да се излезе во пресрет на бугарските барања и од друга страна да се заштити националниот дигнитет и достоинство. Подобрен е начинот на кој земјата реагира. Не е лесно да се балансира со бугарските постојани обиди за дестабилизација на земјата, меѓутоа, исто така, беше конечно време да се укаже на достоинството на граѓаните кои живеат тука. Втора работа е дека обврските што ги преземаме со вториот протокол имаат далекусежни последици кои мора однапред да ги согледаме и да предвидиме чекори кои ќе нè заштитат од злоупотреба. На пример, сме преземале обврски во делот на говор на омраза дека ќе спречуваме активности на приватни субјекти насочени кон поттикнување на насилство. Еве со Пендиков, целиот државен врв го осуди нападот, сторителите беа приведени и против нив почнаа судски постапки, но повторно добиваме декларација од бугарското Собрание дека, не само што не правиме доволно, туку и дека поттикнуваме вакви дела. Притоа, воопшто не се почекаа институциите да дадат одговор, туку Бугарија се дрзна сама да одлучува во име на нашиот систем. Значи односот е злонамерен и катастрофално погрешен од бугарска страна. Во такви околности тешко е да се балансира и да се развива некаков однос на добронамерна соработка и приближување меѓу двата народа, притоа не давајќи ѝ на Бугарија ниту еден издржан аргумент дека реагираме исто како тие што се однесуваат кон македонското малцинство таму кое не го признаваат.
Какво влијание остава денешното водење на политиката на следните години? Каква политичка сцена може да очекуваме и дали може некогаш да се надеваме на политички партии кои зборуваат за идеологии и мерки за подобар живот наместо за партиски пазари?
За жал, имам песимистички очекувања за нашата земја, барем за наредните неколку години. Она што мислам дека нè чека се секако години на повторен подем на популистичката политика, на меѓуетнички конфронтации и меѓу Македонците и меѓу Македонците и Албанците. Покрај тоа, начинот на кој што е поставен нашиот политички систем тешко создава можност за една партија со здрава политичка агенда и кадровска политика, на луѓе со интегритет и способност, да излезе и во краток период да ги освои симпатиите на луѓето. Како што беше на времето, на пример, ДА (Демократска алтернатива на Васил Тупурковски, н.з.) која само за неколку месеци успеа да влезе во власта. Сега не може да се препознае таква партија, освен Левица која секако ќе има значителна политичка улога во наредниот парламент. Промени секако ќе се случуваат во наредниот период, меѓутоа политиката ќе изгледа уште повеќе насилна, дехуманизирана или накратко, ќе се создава хаотичен политички амбиент, што нема да ја направи Македонија поубаво место за живеење. Голема вина тука има и политичката дебата која е многу екстремна. Луѓето се делат на предавници, патриоти, феминистки, радикали наспроти шовинисти, либертаријанци наспроти крајни десничари. Досега токму центарот на политичкиот спектар ја одржуваше стабилноста на демократиите. Сега, во овие дебати, луѓето одат или во крајна левица или во крајна десница, што создава вакуум во политичката понуда на центарот и се создаваат екстремни ситуации. Покрај тоа, за партиите да почнат да зборуваат за конкретни решенија и политики и истите да ги спроведуваат, треба да имаат конкуренција од другата страна која ќе го прави тоа. Нашиот политички и изборен систем се така поставени што тешко дозволуваат пробив на нови партии и уште повеќе нивен раст. Големите партии имаат армии лојални гласачи кои секако ќе гласаат за нив, и затоа не се грижат многу дали незадоволните ќе апстинираат од гласање. Оттука немаат ни притисок да испорачаат реални резултати и реформи.
Какво сценарио може да се очекува во случај да не успеат уставните измени? Што е реално да се случи на крај на оваа година во контекст на ЕУ интеграциите?
Во случај да не се случат уставните измени, ќе чекаме нови избори, за да видиме дали тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе препознае дали е момент да ги поддржи уставните измени. Но, во суштина, сметам дека треба да се разговара кои се забелешките на ВМРО-ДПМНЕ. Тие не можат да ја сменат преговарачката рамка, ниту пак може да добијат гаранции дека истата нема да биде злоупотребена од Бугарија. Тоа е реалноста. Повторно велам, единствено високата политика и ЕУ може да ја спречи Бугарија да ја злоупотребува рамката или пак кај соседот на власт да дојдат поразумни и прогресивни партии. Така што, оваа година и да не се случат уставните измени нема да биде катастрофа бидејќи ако втората меѓувладина конференција не се одржи во ноември, ќе се одржи некој нареден пат. Може да биде свикана било кога. Меѓутоа, ќе биде повторно ново изгубено време за нашата земја, кое носи нови циклуси на разочарување и носи популизам.
Има ли руско влијание во Македонија или се тоа приказни за заплашување?
Руско влијание, според сите истражувања, е предимензионирана закана, затоа што Русија нема ниту значаен капитал тука, ниту пак е нашата земја нешто премногу зависна од Русија. Што се однесува до дезинформациите – да, тоа влијание е сè поголемо и системски поприсутно. Меѓутоа во огромен дел, барем до неодамна, тие дезинформации доаѓаа преку српските медиуми или домашни медиуми во унгарска сопственост. Имаме примери и на веб сајтови и на државни телевизии со национална концесија кои имаат сопственички удели, кои ако се следат стигаат до некакви руски интереси, меѓутоа далеку од тоа дека е нешто загрижувачко како што е во Србија или во Бугарија која во споредба со нас е повеќе изложена на руско влијание.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.