Анастас Вангели е важно име во истражувањата на односите помеѓу Кина и државите што настанаа по распадот на некогашната СФРЈ. Неговите истражувања тој ги преточи и во книга која деновиве ја промовира низ регионот. Со интервјуто за Рес публика во кое го опсервираме кинеското влијание, добивме продлабочена анализа за тоа колку Кина навистина е заинтересирана за регионот и колку тоа им создава главоболки на ЕУ и САД. „Колку и да е драматична геополитиката, бизнисот си го наоѓа својот пат“, е заедничкиот именител на опсежните одговори што ни ги даде нашиот соговорник. Тој смета и дека Кина, која дојде со своја понуда на Балканот, е во голема мера заслужна за промените во тоа како ЕУ го гледа регионот. Берлинскиот процес и другите иницијативи и мерки, се еден вид европски одговори на кинеското доаѓање во регионов, вели Вангели.
Дали Кина, со оглед на нивното југословенско минато, сè уште ги смета земјите од Западен Балкан како свои идеолошки браќа и сестри?
-СФРЈ е една од најважните референтни точки што Народна Република Кина ги имала во градењето на својата уникатна економска и политичка траекторија. Таа важност на Југославија никогаш не била еднозначна. Имало периоди на идеолошка конфронтација (на пример 1948-1955, но во голема мера се до втората половина на 1970-те), и периоди на идеолошко приближување (и „збратимување“ во периодот на крајот на 1970-те). Конечно, југословенските кризи и трагичниот распад се, исто така, извор на многу важни и контроверзни лекции за Кина кои до ден-денес се дискутираат во кинеските стратешки кругови.
Она што е важно е дека, дури и во периоди на идеолошка конфронтација, Кина и Југославија имале взаемно почитување, затоа што тоа се две земји кои се препознавале како продукти на автентична комунистичка револуција и народноослободителна борба во сличен период. Една од инспирациите за југословенската народноослободителна борба (која е основата на државноста на сите пост-југословенски републики денес) била и народноослободителната борба на кинеските комунисти. Тоа препознавање ја направило нивната врска исклучителна и поразлична од врските што двете страни ги имале со други социјалистички држави.
Понатаму, југословенската храброст, па дури и дрскост, да се конфронтира со СССР, да гради социјализам на свој начин и да експериментира економски, вклучително и преку отворање кон Западот, се преседани кои на прва Кина ги критикувала, но понатаму ги прифатила и ги искористила во воспоставувањето на својот не-советски социјализам „со кинески карактеристики“, заснован на експериментирање со пазарни мерки и интеграција во глобалниот капитализам. Денес, вредностите на пркос, сувереност и самодоверба за експериментирања кои СФРЈ некогаш ги развивала, се подзаборавени на Балканот, но се дел од кинеската политичка ДНК, исто како што се и негативните лекции од распадот на Југославија (која е сè уште болна и табу тема што не се дискутира аналитички во поранешна Југославија).
Но, уште во 1990-те, Кина има донесено две резолуции кои ја оставаат идеологијата во доменот на музејска историја, кога се работи за односите со пост-социјалистичките земји, што ја дава рамката за современите односи кои се интензивираа после глобалната финансиска криза. Кинезите велат дека идеолошката блискост и разлики не се она што ги дефинира современите односи меѓу Кина и пост-социјалистичка Европа, туку долгото и „традиционално“ партнерство со децениски континуитет и низ различни идеолошки премрежја. И тоа е многу побитно, зошто Кина ги гледа земјите од бивша Југославија на поинаков начин, одошто ги гледа останатите земји во Европа. Зближувањето на Кина и Југославија кон крајот на 1970-те се случува во пресвртен контекст за Кина, кога после траумата и изолацијата за време на периодот на културната револуција, Кина се отвора кон светот. Првото патување на кинески лидер надвор од границите на Кина е патувањето на Хуа Гуофенг во Југославија (вклучително и во Скопје) и Романија во 1978. Потоа следи еден период на интензивна размена на стотици делегации од сите области. Кинезите во Југославија (но не само во неа) учеле за секакви производни, менаџерски, управувачки процеси. Имало голема размена на студенти. За една цела генерација на кинески млади луѓе во 1980-те Југославија била прозорец кон светот.

Денес Југославија ја нема, ама Кинезите за кои патувањето во Југославија била формативно искуство, се на високи позиции во најразлични институции. Тие кога доаѓаат назад на Балканот или кога размислуваат за него, тоа го прават со една посебна кинеска верзија на југоносталгија. Надвор од тоа ниво на естаблишментот, старите кинески генерации се растени со југословенски воени филмови (единствените странски филмови прикажувани во Кина во 1970-те) што има создадено исклучително културно влијание – денес, како резултат на култот кон „Валтер го брани Сараево“ и „Мостот на Дрина“ илјадници кинески туристи одат во БиХ (без виза) на „црвен туризам“ (одат и во Србија и во Хрватска). Таа историја и наследство на Југославија, како и сѐ што се случувало пред 1991, се потиснати дома кај нас, но Кина не ги заборава; напротив, тоа е рамката низ која таа ги гледа нашите земји.
Што има меѓу Србија и Кина
Зошто Кина ја преферира Србија со која има тесна соработка? Дали затоа што таму е најшироко отворена вратата или има некој посебен интерес?
-Има неколку фактори зошто од сите земји во регионот токму Србија има најдлабока соработка со Кина, која што не мислам дека се должи на некакви посебни преференции на Кина, туку на комбинација на неколку објективни фактори. Отвореноста и стратегијата на Србија е секако еден битен фактор. Реториката на претседателот и Владата на Србија се ентузијастички насочени кон Кина, и тоа не само во поглед на билатералните односи; Србија официјално има реторика на мулти-векторска надворешна политика и сака да има добро односи со сите – и ЕУ, и САД, и Русија, и Кина. Нагласувам дека тоа е пред сѐ реторика, затоа што во пракса работите се комплицирани и има елементи на контрадикторност – на пример, Србија во екот на воспоставување технолошка соработка со Кина, го потпиша договорот со Косово во Белата Куќа во САД, кој вклучуваше и одредени членови кои се однесуваа на ограничување на соработката со кинески добавувачи на опрема за градење на 5Г мрежа. Но, во основа, реториката на отвореност и пријателство упатена од страна на Србија е важна за кинеската дипломатија, особено од прозаични причини: за КПК, секогаш е добро на кинеската јавност да ѝ се претстави дека Кина е добредојдена во странство.
Дополнително, Србија не е која било странска земја, туку главен носител на југословенското социјалистичко минато кое, како што реков погоре, сè уште има голем позитивен призвук во Кина. За Кина е важен барем симболичкиот континуитет во институционалните односи, а Србија е најголем носител на југословенското наследство а па по таа логика, и главен носител на историјата на односите со Кина. Српските елити вешто го користат тоа во односите со Кина и често пати играат на југословенска карта, иако во поглед на домашната политика тие често пати се антијугословенски настроени (на пример, додека профитираат од југоносталгијата во односите со Кина, во исто време заговараат отстранување на гробот на Тито од Белград).
Но, не е само наследството на СФРЈ важно за српско-кинеските односи. Србија, дополнително, е земјата каде во 1999 за време на воената интервенција на НАТО беше бомбардирана и кинеската амбасада, што беше историски преломен момент за националната самоперцепција на Кина, и развивање на симпатии кон српската кауза.
Сепак, дури и историјата и симболиката на заедничкото страдање во 1999 се од секундарна важност за тоа зошто баш Србија има посебен однос. Кина денес е во основа многу добро пресметан и прагматичен економски актер, за кој најважен фактор е што Србија е најголемата земја во регионот, со висок развоен потенцијал, а притоа српскиот систем е централизиран – па така со еден телефонски повик (кон канцеларијата на претседателот) можат да се договорат многу работи и решат многу проблеми – тоа е начинот на кој најлесно им оди соработка на Кинезите.
Од друга страна, Србија, особено во последните години, е нестабилна земја, кинеското присуство станува контроверзно со оглед на скандалите поврзани со еколошкиот импакт на одредени проекти или рушењето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, така што и опортунизмот има цврсти лимити.
На крајот, би спомнал дека освен политичката реторика и инвестициите гледани само како бројка, каде што Србија е очигледно главен партнер на Кина во регионот, има и други димензии – на пример трговија, каде што главен партнер на Кина во поранешна Југославија не е Србија, туку Словенија (која го има пристаништето во Копер, кое е една од главните влезни точки на кинески електрични возила во ЕУ). Исто така, ако имаме предвид инвестиции од стратешко значење, можеби купувањето на „Горење“ од страна на кинески Хајсенс е многу важно затоа што претставува еден вид на технолошки трансфер.
НАТО членките (не) се алергични на Кина
Три од западно - балканските земји се членки на НАТО - Македонија, Албанија и Црна Гора. Дали тоа е клучниот момент за подигање на бариерите кон Кина?
-Трендот во НАТО круговите е сѐ повеќе да се зборува за критични опасности од соработка со Кина; во ЕУ се зборува за намалување на ризиците; но на билатерално ниво, претпазливоста и пресметаноста често пати се испреплетени со опортунизам. Затвореноста во одредени домени (на пример 5Г) е проследена со отвореност во други. Црна Гора и покрај политичките предизвици и контроверзии продолжува со соработката со Кина, дури и во доменот на инфраструктурата (потпишаа нов договор за патот Тиват-Будва). Албанија се чини најзатворена кон соработка со Кина, и таму може да се насетат и геополитички калкулации, иако трговската размена расте, и Албанија го олесни патувањето за кинески туристи. Македонија мака мачи со автопатот Кичево-Охрид, кој во голема мера го формира мислењето за Кина во Македонија, иако на пример, дури и Владата која беше најексплицитно западно ориентирана (под водство на Зоран Заев) имаше блиска соработка со Кина за време на пандемијата на Ковид-19.
Во регионот има и други НАТО-членки – Хрватска која во овој период се обидува да го искористи симболичкото наследство на Марко Поло (родум од Корчула) за да ги стимулира односите со Кина, а Словенија во Кина гледа можност за диверзификација на своите економски врски во контекст на европската економска криза. Само во блиското соседство на Балканот и поранешна Југославија, има многу други примери на соработка: Кина во НАТО земји гради фабрики за електрични автомобили (Унгарија, Турција), или пак има главен удел во клучни пристаништа (Грција). Во Западна Европа, и внатре во самите држави, дел од актерите се обидуваат да се „заштитат“ од надоаѓањето од Кина, ама друг дел пак гледаат како да се договорат со Кина (добар пример е автомобилската индустрија, каде Кина е и најголемиот извор на главоболки, но потенцијалното носење на кинеската технологија во Европа е дел од решението за тие главоболки). На крајот на денот, и покрај сите тензии, САД, стожерот на НАТО, има огромен бизнис со Кина, и дури и Трамповото одење главечки против Кина најчесто завршува со некаков компромис и договор. Колку и да е драматична геополитиката, бизнисот си го наоѓа својот пат.

Дали поддршката од Кина на ставот на Србија за Косово е уфрлање карта на зелената маса што ја држи Западот или е искрена поддршка поради сличностите со Тајван?
-Ставовите на Кина по прашања на граници и суверенитет, а во тој домен спаѓа прашањето на Косово, се пред сѐ резултат на кинеското читање на меѓународното право, кое пак е тесно поврзано со кинеските интереси или како што Пекинг ги дефинира, „клучни прашања“ во кои спаѓа Тајван, но и региони во кои постоеле сепаратистички движења, како што се Тибет и Шинџјанг. Притоа, мора да се нагласи дека Кина не е единствената земја во светот што не го признава Косово; има дури и ЕУ и НАТО земји кои не го признаваат Косово, исто така водени од нивното читање на меѓународното право, и нивните сопствени предизвици.
Сепак, Косово е исклучително значајно прашање за Кина, затоа што преку примерот на Косово, Кина ги има изградено своето разбирање и позиции во 21 век. Драматичната промена на ставот на Западот за ситуацијата во Косово во 1998 кое беше иницијално третирано како внатрешен проблем на СРЈ за потоа да биде преиначено во кршење на човековите права и воената интервенција на НАТО во 1999, и особено бомбардирањето на Кинеската амбасада во мај 1999, беа формативни настани за тоа како Кина ја разбира светската политика по Студената војна. Прогласувањето на независност на Косово и неговото меѓународно признавање, исто така, беше голем шок. Така што, како резултат на индигнацијата со која Кина гледа на сево ова, некои кинески експерти и политичари тврдат дека дури и Србија еден ден целосно да го признае Косово, Кина нема да го стори тоа.
Сепак, во пракса мислам дека работите се далеку попрагматични. Доколку и никогаш не бидат воспоставени билатерални односи меѓу Косово и Кина, сосема е возможно дека во прва прилика, кинеско-косовската економска соработка би се интензивирала, можеби не директно, туку преку Хонг Конг или други офшор канали.
Суплемент за посниот Запад
Дали одисејата кон ЕУ е виновна што народите од Западен Балкан ја гледаат Кина како алтернатива за некои идно сојузништво на глобалната сцена?
-Не мислам дека некој голем дел од жителите на Балканот во Кина гледаат алтернатива на ЕУ или на Западот. Јас во моите дела Кина ја дефинирам како План Б, План В и План Ш - опција за балканските земји, која се создаде во периодот после глобална финансиска криза и ослабнувањето на понудата од План А - партнерите, а тоа се западните земји и институции. Доколку би имале избор, мислам дека мнозинството луѓе во регионот, кога ќе ги прашате, дали би преферирале европска (или американска) инвестиција или кинеска инвестиција, ќе се изјаснат за европска (американска) – иако верувам дека многумина би одговориле дека не е битно чија е инвестицијата, битно е да ја има. Најпрагматичен би бил одговорот – зошто не и двете? А можеби најзастапен – било која странска инвестиција е добра, доколку помага за развојот на државата – но ниту една инвестиција не е исплатива ако води кон експлоатација, зависност, загадување односно „копање свои гробови за туѓи бели гробови“ како што опеал Рацин во „Денови“.
Сепак, ваквите избори не се прават во вакуум. Светот се менува: во материјална смисла, тежиштето на економска моќ се префрла од Запад (односно, поконкретно Г7) кон Кина и земјите во развој (односно, БРИКС+), а во идеолошка смисла пак, издигнувањето на Кина и останатите економии во развој ги предизвикува западните постулати за тоа како се постигнува високо ниво на развој. На пример, Кина покажува дека слободен пазар не е нужен за да се има врвен технолошки напредок, па дури и една ЕУ ја заменува вербата во неприкосновен слободен пазар со „економска безбедност,“ индустриска политика и интервенционизам. Војната во Украина пак, покажува дека можеби мирот и стабилноста на континентално ниво се дел од минатото. Сето тоа ги комплицира калкулациите и одлуките на малите земји, особено на оние на европската периферија.
Значи, инстинктивно, пост-југословенските народи сакаат со Запад, ама бидејќи Запад не е тоа што беше и не дава колку што тие очекуваат, ја користат Кина како еден вид суплемент (но не алтернатива) на нивниот развој и како „колатерала“ за одреден дел проекти и финансии. На пример, многу од инфраструктурните проекти финансирани од кинески заеми и градени од кинески фирми, се проекти претходно кои се неуспешно нудени кај западни партнери. Затоа идејата за бинарен избор која преовладува во мејнстрим дебатите во регионот ми се чини дека е неадекватна, таа ја рефлектира идејата дека балканските земји се „лузери“ кои на глобалната сцена мора да бираат страна за да преживеат. Ваквото самопоимање со недостаток на самодоверба произлегува директно од распадот на Југославија и мачната транзиција.

Сепак, верувам дека иако поддршката за ЕУ е опадната, во земјите од Западен Балкан конкретно, кај мнозинството од населението (дури и во Србија), идејата за ЕУ е сè уште далеку по оптимистичка, отколку внатре во ЕУ. Во исто време, регионалните елити, со голема понизност и стравопочит гледаат кон трамповата Америка, додека симултано се соочуваат со астрономски високи царини кои ја девастираат нивната економија; едноставно, во нивната фантазија нема иднина без западноцентрична констелација на моќ. Затоа, многу од влијателните гласови во регионот се во агонија кога се соочуваат со реалноста дека геополитиката е неизвесна, отворена, и брзо се менува, па различни сценарија се во игра: можеби Западот ќе остане бр. 1, но можеби она што следи е свет во кој Западот нема да биде бр. 1, или мултиполарен свет во кој нема да има баш јасен бр. 1.
Од друга страна, постои тој реален замор и фрустрација од предолгото чекање на „шалтерот“ за влез во ЕУ, кој се случува во контекст на глобалните промени. Па така, фрустрацијата со Западот, или едноставно отфрлањето на западната визија и идеали, знае, исто така, да резултира со поинакво рефлексно читање на светот низ бинарна логика: сѐ што не е Запад, добредојдено е. Па затоа некогаш на Балканот може да се сретнат и гласови кои се поголеми ентузијасти за Кина (и БРИКС) и од самите Кинези.
Но, во пост-југословенскиот простор има сепак едно големо колективно „несвесно“ и една неартикулирана геополитичка мудрост која е наследена од Студената Војна и периодот на Југославија, која беше потисната за време на транзицијата. Таа мудрост, е заснована на премисата дека во еден комплексен, често пати нелогичен, и во основа опасен свет, политичките актери мораат суверено да навигираат низ немирно море, и да најдат начин како да го задржат идеализмот додека играат прагматично. Таа вредност, која во нашата книга ја нарекувам посибилизам (possibilism), се јавува во општествениот дискурс насекаде низ поранешна Југославија, пред сè, во некаква фолклорна форма на секојдневен сарказам, сатира, „кафеански муабети“ и слично. Под многуте флоскули, постои свесност за лицемерието во глобалната политика, но и свесност за тоа како светот преку ноќ се менува, дека иднината е отворена, и свесност дека ако ние самите не направиме нешто, никој од надвор нема да ни помогне. Таквото, во основа, критичко размислување за светот, во текот на транзицијата беше отфрлано, затоа што ја матеше непоколебливата и некритична верба во телеологијата на „евроатлантските“ интеграции. Но реалноста е дека и НАТО и ЕУ (но и самата Кина?) се проекти со големи слаби точки, нестабилност, потреси. Ниту еден позитивен исход не може да се земе како загарантиран. Констатацијата на таквата реалност не е ништо посебно – тоа е нешто што и просечниот (пост)Југословен го знае – едноставно нема потреба веќе да се преправаме дека веруваме во утопии. Ако тоа си го признаеме, ќе ни биде полесно да се фатиме за работа, и да направиме најмногу што можеме, со тоа што го имаме.
Субјективно сметам дека потиснатото наследство на критичко размислување на светот, е когнитивна предност што општествата од постјугословенскиот простор го имаат, што е особено важно во овој период на глобален хаос. Но, за да биде целосно искористен, тој потенцијал мора сепак да биде поврзан со систематска анализа и создавање на знаење за светот, па дури тогаш да може да се канализира во официјална политика која ќе биде корисна за Балканските земји.
Двогледот на Брисел „шета“ и кон Пекинг
Дали политичките акции на Кина во Западен Балкан може да ја натераат ЕУ да биде поодлучна во проширувањето односно интегрирањето на регионот во своите редови?
-Кина како геополитички и геоекономски актер, кој дојде со своја понуда за соработка на Балканот, е во голема мера веќе заслужна за промените во тоа како ЕУ го гледа регионот во последнава декада. Берлинскиот процес и низа други пропратни иницијативи и мерки, особено во доменот на економскиот развој, се еден вид европски одговори на кинеското надоаѓање.
Сепак, мислам дека проширувањето на ЕУ секогаш се сведува на политичка одлука која зависи првенствено од домашната политичка атмосфера внатре во земјите-членки на ЕУ. Таа политичка одлука ќе биде секако резултат на анализата и на глобалните промени, и евалуацијата на сликата и приликата на Балканот во дадениот момент кога таа одлука ќе се носи, но и на сентиментите на владејачките европски партии и нивните гласачи, кои вклучуваат и голема идентитетска компонента. Мислам дека за одлуката дали да се прими Балканот во ЕУ или не, кинеското присуство нема да биде пресуден фактор.
Притоа, она што е далеку поголемо значење за самата Европа, па и за Балканот, е како ЕУ суштински (и идентитетски) се менува како резултат на издигнувањето на Кина и нејзината глобална проактивност (и воопшто, промените во светот). Една последица на оваа адаптација е тоа што ЕУ целосно се сврте од идеализам на слободниот пазар и една комбинација на самодоверба и отвореност, кон еден модел кој сѐ повеќе се чини дека е насочен кон претпазливост, контрола, и во основа, едно длабоко чувство на несигурност и страв, што се одразува и на внатрешните состојби во ЕУ, и на проширувањето. Без оглед на прашањето за Кина, ваквите промени во ЕУ налагаат и прилагодување на балканските земји во процесот на евроинтеграциите. ЕУ од нашата сегашност не е ЕУ од нашите детства и кампањата „И Сонцето е ѕвезда“, туку една сосема поинаква Унија со поинаков светоглед и очекувања.
Што ги уплаши толку САД за да вршат притисок врз регионот да се приклучи кон бојкотот на Хуавеј?
-Формалната причина зошто САД притискаа за исклучување на Хуавеј од процесот на набавка на 5Г телекомуникациска инфраструктура е стравот дека таа инфраструктура ќе значи проток на податоци, но и можност за кинеско манипулирање со податоците. На пример, стравот дека Кинезите ќе можат преку нивните телекомуникациски кули и кабли да остварат контрола над цивилни но и воени „нешта“ приклучени на Интернет – од компјутери до дронови и сл. Недовербата тука е суштинска – САД едноставно се уверени дека Кина има силни малициозни тенденции. САД има и економски страв, дека кинеските технолошки компании сѐ повеќе ќе им го освојуваат теренот на западните, и дека тоа ќе води кон создавање и на кинески дигитален екосистем во светот.
За земјите во регионот, откажувањето од Хуавеј беше тешко, затоа што Хуавеј беше економски најисплатливата варијанта, а многу од земјите веќе имаа постоечка Хуавеј инфраструктура (4Г и 3Г) која е полесно да се надогради, отколку да се демонтира.
Не сите влади што се одзваа на повикот за рестрикција на кинески производители, нужно го споделуваат стравот од Кина кој Вашингтон го чувствува. Но, одлучноста со која САД настапи по ова прашање, влијаеше на одлуките на многу држави, не само на Балканот, туку низ Европа и светот да ја заменат комерцијалната со политичка одлука. Сепак, и во овој пример, постои една сива зона на опортунизам: повеќе ЕУ членки се решија на крајот за хибриден модел – исклучување на Хуавеј од „јадрото“ на мобилните мрежи и серверите, а задржување на Хуавеј во пошироката мрежа. Парадоксално, таквиот исход, ниту им е по ќеиф на Американците, ниту пак на Кинезите, а нема ниту многу економска смисла за самите држави кои ги прават тие комбинаторики.

Какви се Вашите предвидувања за понатамошните односи на Западен Балкан со Кина, особено во светлина на новиот глобален поредок кој се наѕира?
-Немам кристална топка, но би рекол дека државите од Западен Балкан, и општо во постјугословенскиот простор (па и пошироко) ќе бидат внимателни во односите со Кина. Сигурно ќе има изблици на опортунизам, прагматизам и желба за соработка, но таа ќе биде, барем во блиската иднина „под радарот“. Барем додека се стиши ситуацијата во Украина, и додека се стабилизира (ако воопшто може да се стабилизира после последните случувања) американско-кинеската трговска врска.
Она што јас лично би сакал да го видам, е некоја од балканските влади – или можеби сите заедно – да излезат со платформа со која ќе пробаат Балканот да го редефинираат од арена каде големите сили се натпреваруваат, во арена во која големите сили имаат дијалог за соработка, и развивање на модели кои понатаму можат да биде извезени и надвор од регионот. Во пракса, ова би значело свикување, на пример, на една општа балканска конференција за развој, каде што ќе се работи на изнаоѓање заеднички јазик и комплементарност помеѓу американската, европската, кинеската и останатите политики кон регионот, со цел поддршка на балканскиот регионален развој. Затоа што во основа регионот (а и светот) го нема луксузот да си дозволи поделби кои ќе водат кон сѐ поголеми паралелизми и крахови. Прв чекор во таа насока е да се препознае дека ваквиот пристап кон идејата за дијалог не е наивен идеализам, туку реална политичка нужност.
Во Вашата книга за постјугословенските релации со Кина имате теза дека и Пекинг, поради свои математики, го поддржал Преспанскиот договор кој е производ на западна интервенција. Може ли тоа да го објасните поконкретно?
-Преспанскиот договор беше плод на интензивна западна дипломатија за решавање на спорот со името, со цел Македонија да влезе во НАТО. Се сеќаваме колку многу ресурси беа вложени и од американската и од европската дипломатија во предвечерјето на референдумот, кој заврши неуспешно, иако тоа не играше улога во конечниот исход.
Кина ја имаше признаено Република Македонија под нејзиното уставно име уште од 1993. Кина воедно имаше и блиски односи со Грција, која е дел од форумот на антички цивилизации инициран од Ши Џинпинг. Притоа, Кина не фаќаше страна во поглед на тоа кому припаѓа наследството на Античка Македонија и Александар Велики – според кинескиот мит за Александар, тој е, пред сѐ, фигура на обединување и цивилизациски мостови, еден вид предвесник на Патот на Свилата (кој е важен концепт за кинеската дипломатија). За Кина сепак, спорот за името беше препрека, затоа што тој ја комплицираше соработката помеѓу Македонија и Грција во остварувањето на она што Кинезите го нарекуваат „Поморски и земен експресен коридор помеѓу Кина и Европа“ односно врската помеѓу пристаништето во Пиреја и Будимпешта. Во таксономијата на кинеската дипломатија, Македонија си беше Македонија (без БЈР), а тоа беше препрека за Грците да седнат на истата (кинеска) маса со Македонците. Така што, Кинезите имаа интерес и поддржуваа надминување на билатералниот спор, иако во процесот ниту активно нудеа решенија, ниту сакаа многу да се мешаат. Преспанскиот договор, во таа смисла, им реши еден проблем, без тие да се заморуваат со него.
Еден од позначајните моменти за надворешната политика на Кина во регионот по Преспанскиот договор, беше приклучувањето на Грција кон Иницијативата за соработка помеѓу Кина и земјите од централна и источна Европа (со што 16+1 стана 17+1), рамо до рамо со соседите од сега веќе „Северна“ Македонија. А кога Алексис Ципрас дојде во Скопје, тој меѓу другото зборуваше и за можностите што се отвораат за македонско-грчка соработка, вклучително и инфраструктурно поврзување, во рамки на кинеските иницијативи. Денес гледаме дека тие идеи повторно се актуелизираат, иако во моментов нема индикации за кинеско покровителство.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Приватна архива
