fbpx
 

Предвремени избори во јули: граѓанското општество наспроти автократијата во Бугарија

Радосвета Василева

Radosveta vasileva 400x500Секако дека Бојко Борисов веќе се жали дека овие избори нема да бидат фер и дека водат кон апокалиптично сценарио за Бугарија, т.е. дека земјата ќе биде исфрлена од проевропскиот колосек ако тој не биде на власт. Но, сите опозициски партии се проевропски, така што пропагандата на Борисов воопшто не е инвентивна.

Во претходниот текст за Рес публика, објавен во месец март 2021 година, објаснив зошто парламентарните избори во Бугарија планирани за 4 април 2021 година беа од огромна важност за бугарската демократија, и притоа исто така укажав дека е многу веројатно дека новите опозициски партии нема да можат да формираат влада и дека државата ќе оди на брзи парламентарни избори на лето годинава.

Моите прогнози се остварија – на 11 јули 2021 година, бугарските гласачи ќе имаат нова шанса да ѝ покажат црвен картон на автократијата. Тука можеме да го очекуваме и неочекуваното затоа што, како што велиме во Бугарија, змијата каса најсилно пред да умре. И покрај многуте месеци на масовни протести во 2020 година и мошне критичката резолуција донесена од Европскиот парламент во однос на недостатоците во владеењето на правото во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов одби да го прифати фактот дека граѓанското општество се разбуди и дека повеќе не сака да живее во автократија.

Борисов – многу нервозен автократ

Резултатите од парламентарните избори одржани на 4 април 2021 година дефинитивно го вознемирија Борисов, кој не е научен да губи. Точно е дека ГЕРБ беше прва, но таа освои само 75 пратенички места, додека за формирање влада потребни се 121 пратеник. Новите опозициски партии кои или се појавија или добија сила благодарение на протестите (како што се „Има таков народ“ (ИТН), Демократска Бугарија „ДБ) и Стани! Мафијо, оди си!) објавија дека не сакаат да коалицираат со ГЕРБ, како пред така и по изборите. Сепак, Борисов одби да го прифати неговиот реален пораз.

Во предвечерието на изборите во април, тој ѝ се обрати на нацијата велејќи дека имал поддршка од Европската народна партија (ЕПП) и дека, ако ГЕРБ не е во власта, Бугарија ќе се распадне. Се обиде да ја поттикне опозицијата да се согласи да направат експертска влада, но бидејќи никој од опозицијата не се возбуди премногу од оваа идеја, тој изнесе уште еден егзотичен предлог — сакаше новото, четириесет и петто Народно собрание да го отвори патот за Големо народно собрание. Според законите на Бугарија, Големо народно собрание е парламент свикан со цел усвојување на нов Устав, промена на политичкиот систем, итн. Во суштина, Борисов се обиде да ја повтори истата финта од летото 2020 година кога се обиде да ги ублажи протестите. Во август 2020 година тој предложи наводно нов Устав, кој е сегашниот Устав но свртен наопаку, и кажа дека претходното народно собрание треба да го отвори патот за Големо народно собрание. Неговиот предлог само дополнително ја разлути толпата.

Очајните потези на Борисов не завршија тука. Наместо да го врати мандатот за формирање влада на претседателот Румен Радев истиот ден кога го доби, ГЕРБ објави дека тие сепак ќе се обидат да формираат Влада. Партијата на Борисов јасно се надеваше дека ЕПП би ги притиснала другите партии да соработуваат со ГЕРБ. ЕПП со задоволство понуди поддршка и на социјалните мрежи, но, не само што опозицијата и граѓаните воопшто не беа воодушевени од тоа, туку и списокот на министри составен од Борисов дополнително го засили гневот.

Опозицијата наспроти статус кво ситуацијата

Четириесет и петтото Народно собрание, кое претседателот Радев го распушти во месец мај откако, согласно беше заокружена уставната процедура на давање три мандати за формирање влада на три различни партии, имаше краток животен век. Но сепак, можеме да кажеме дека имаше добри постигнувања. Прво, беше формирана комисија за истражување на корупцијата на Бојко Борисов, во чии рамки беа дадени шокантни сведочења за рекетарство и измачување. Освен тоа, опозицијата предложи повеќе закони чија цел беше „расклопување“ на главните карактеристики на автократијата на Борисов – затворање на специјализираните кривични судови кои се претворија во трибунали преку кои беа малтретирани противниците на статус кво-то, реформирање на Комисијата за борба против корупцијата која ги иззема од вина корумпираните политичари и ги злоупотребува противниците, реформа на политизираниот Врховен судски совет, итн. Ако бидат донесени од новото Народно собрание кое ќе биде избрано овој јули, овие закони ќе стават крај на „франкенштајнската“ државата на Борисов.

Четириесет и петтото Народно собрание исто така покажа колку голем страв има Борисов од опозицијата – тој не се одѕва на поканата да се појави во Парламентот на испрашување, и покрај фактот дека Бугарија е парламентарна република и давањето одговори на прашања согласно механизмот на парламентарна контрола претставува обврска. Борисов изведе неколку различни детски финти – си зеде слободен ден за да игра фудбал со внуците дента кога беше поканет на сесијата со прашања. Како коинциденција, додека играл фудбал, го повредил коленото и бил пренесен во болница за да му направат хируршки зафат на менискусот, со што си овозможи и подолготрајно боледување и отсуство.

Predvremeni izbori vo juli graganskoto opstestvo nasproti avtokratijata vo BugarijaИзвор: dailysabah.com

Привремената влада која беше назначена од претседателот Румен Радев исто така покажа голема посветеност на тоа да ги изнесе на виделина сомнителни пракси на режимот на Борисов. Министерот за економија во оваа влада објави дека Бугарската развојна банка, инаку во државна сопственост, која треба да ги поддржува малите и средни претпријатија, им има дадено заеми во износ од 500 милиони евра на само осум компании. Многумина се сомневаат дека се работи за компании кои припаѓаат на потесниот круг на Борисов. Министерот за внатрешни работи ги даде најсмелите јавни изјави. Тој откри дека припадници на опозицијата, вклучително и граѓани кои протестирале, биле незаконски прислушувани за време на протестите против Борисов. Министерот дополнително кажа дека луѓе од правосудството, вклучително и членови на Врховниот судски совет, имале имот и сметки во странство кои не ги пријавиле согласно законот. Ова покренува сомнеж во тоа дали, можеби, ваквиот имот е стекнат на незаконски начин.

Покрај многубројните обвинувања за корупција, американската Влада им изрече санкции за корупција на повеќе бугарски граѓани, вклучително и на Делјан Пеевски, инаку човек на Борисов зад кулисите. Соопштението за медиуми на Министерството за финансии на САД отворено кажува за поткуп кој му бил даван на „актуелниот политички лидер“. Многумина мислат дека единствен кој одговара на овој опис е Борисов.

Кампањата на ГЕРБ – преполна со клишèа

Во оваа фаза, ГЕРБ нема многу добри изгледи. Некои од анкетите покажуваат дека разликата помеѓу ГЕРБ и ИТН е толку мала што ГЕРБ, можеби, нема ни да биде на првото место. Без разлика каков ќе биде исходот од гласањето на 11 јули, јасно е дека ГЕРБ нема да биде дел од идната влада.

Во моментов, изборната кампања е во полн ек. ИТН, ДБ и СУМО се фокусирани на антикорупциски пораки и предлози за реформи. Истовремено, кампањата на ГЕРБ е преполна со клишèа. Тема која постојано провејува е нивниот план „Бугарија да биде најдобро место за водење бизнис“, како да не биле власт во Бугарија во изминативе повеќе од 10 години и како граѓаните да ги забележале катастрофалните последици кои ги имале за државата. Освен тоа, Борисов се обидува да ја продаде заблудата дека привремената влада ја втурнала земјата во хаос, така што мотото на ГЕРБ во оваа кампања е „Да воведеме ред во хаосот“. Секако дека ова звучи претенциозно, затоа што привремената влада е речиси неполн месец и половина на власт и во најголем дел се концентрираше на изнесување на виделина на лошите работи на режимот на Борисов.

Екатерина Захариева, инаку протежè на Борисов, која се фокусираше на македонско-бугарските односи во својата претходна кампања, сега ја споменува Македонија само спорадично. Единствениот опозициски лидер кој даде смели изјави во врска со македонско-бугарските односи е Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија но, како што се чини, истата најверојатно нема да биде дел од идната влада.

Со оглед на горенаведеното, иднината на македонско-бугарските односи е во рацете на ИТН, ДБ и СУМО. Иако голем е бројот на засегнати страни на Балканот и во ЕУ кои со нетрпение очекуваат македонско-бугарските тензии наскоро да бидат решение, засега е тешко да се претпостави каква заедничка позиција би имале овие три партии. Она што дава надеж, сепак, е дека, за разлика од ГЕРБ или (бугарското) ВМРО, кои се потпираа на популизам и кои ги искористуваа овие тензии за домашен политички профит, овие три партии се воздржаа од додавање сол на раната и се фокусираа на вистинските проблеми кои ги има Бугарија – растечката корупција и назадување во владеењето на правото.

Што би направил еден автократ во очај?

Граѓанското општество вистински се надева дека ИТН, ДБ и СУМО ќе ги здружат силите и ќе успеат да формираат влада, и покрај фактот тоа што нивното гласачко тело е многу различно и припаѓа на различни делови на политичкиот спектар. Ова подразбира тешки компромиси. Од тие причини, се чини реално да се очекува дека ќе се договорат за влада која ќе има краток животен век – околу година дена. Со тоа, четириесет и шестото Народно собрание ќе може да имплементира законодавство кое е суштински потребно за разглобување на автократијата на Борисов. Ако тоа не се случи, тој и понатаму ќе ги контролира клучните бугарски институции.

Добро е познато дека во очајни времиња потребни се очајни мерки. Но, што би можел Борисов да направи? Некои припадници на опозицијата го огласија алармот за евентуалното саботирање на изборите што би било направено од ГЕРБ. Од причина што на овие избори ќе може да се гласа само преку машина, има гласини дека намерно ќе биде исклучена струјата. Тука се и обвинувањата дека ГЕРБ побарал од своите гласачи да не брзаат кога се кај машините, за да одземаат време и така да ги оневозможат другите луѓе да гласаат. Привремениот министер за внатрешни работи предупреди на досега „невидениот притисок“ врз гласачите и на шемите за купување гласови. Секако дека Бојко Борисов веќе се жали кај лидерите на ЕПП дека овие избори нема да бидат фер и дека водат кон апокалиптично сценарио за Бугарија, т.е. дека земјата ќе биде исфрлена од проевропскиот колосек ако ГЕРБ не биде на власт. Во меѓувреме, сите опозициски партии се проевропски, така што пропагандата на Борисов воопшто не е инвентивна.

На 11 јули и накусо потоа, со сигурност можеме да очекуваме théâtre à la ГЕРБ. Несомнено е тешко да се падне со достоинство, особено ако на тој некој му е познато дека, конечно, ќе се соочи со истраги за бројни наводни кривични дела. Сепак, сите театарски претстави имаат и дел во кој има разубавување а бугарското општество го загуби трпението со драматурзите од ГЕРБ.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Академик Абдулменаф Беџети: МАНУ е молчалива за сп...
Како владата на Хрватска и даде крилја на „пландем...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 24 Септември 2021

  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.

    Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил.

    Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите.

    Повеќе

  • 1

Следете нè