Голем број на кучиња скитници талкаат ширум Македонија. Улиците на градовите, селата и дури шумите стануваат нов дом на најдобриот пријател на човекот. Но, дали човекот е воопшто добар пријател на кучето? И кога веќе има толку кучиња на улица, мора да прашаме: Кој ги пушти кучињата? За да одговориме, ја разглобивме улогата на напуштените кучињата во урбаните и руралните (еко)системи.
За состојбата со напуштени кучиња, причините за нивниот број, сегашни активности и идните планови за хумано, системско решение зборувавме со Диме Меловски, еколог од Македонското еколошко друштво (МЕД) и Воислав Димитровски, ветеринар. Трет „соговорник“ ни беше трибина на ИКС за напуштени кучиња од минатата година од каде користевме исечоци од говорите на Војо Гоговски, државен советник за шумарство и ловство и Димитар Терзиевски, раководител на одделението за благосостојба на животни во АХВ за појасно да разбереме каде лежи одговорноста.