Институтот за комуникациски студии (ИКС) e научно-истражувачка организација во областа на студиите по новинарство, медиуми, односи со јавност, политичка комуникација и корпоративно комуницирање. ИКС во Македонија има двоен фокус: со академските и применетите истражувања да ја унапредува науката и да им биде поддршка на практичарите; и преку постдипломските студии да изгради мрежа на млади истражувачи кои ќе ги зајакнуваат столбовите на овие научни дисциплини.
Институтот ги има следниве основни цели:
- ИКС развива академски и применети истражувања кои ќе го надградуваат знаењето во сферата на комуницирањето, медиумите и односите со јавноста;
- Гради темелна истражувачка база која ќе биде користена за процесот на образование во областа на комуницирањето, медиумите и односите со јавноста;
- ИКС промовира иновативни идеи во истражувањата што се поврзани со потребите на индустријата;
- Го поттикнува развојот на младите кадри во истражувачката дејност преку вклучување на студентите и на младите истражувачи во оваа област;
- Институтот ги вложува своите ресурси во јакнењето на професионалните стандарди во областа на новинарството, односите со јавноста и корпоративното комуницирање.
- Со публикување на резултатите од истражувањата за актуелни теми и прашања да се даде придонес во јавната дебата и во градењето на политиката во областите во кои работи Институтот.