fbpx

Урошевиќ: Меѓу македонскиот и бугарскиот јазик постои ’различна сличност‘

Uncategorised

14.01.21

Прегледи

Влада Урошевиќ (1934, Скопје) е авторот којшто ја одбележа и сѐ уште ја одбележува македонската книжевност. Автор на два века, на огромно поетско, прозно и преведувачко творештво, со еден куп нијанси во него: стихови, раскази, есеи, романи, преводи и препеви, критики, научноистражувачки трудови.

Во Рес публика со него разговараше Татјана Б. Ефтимоска, професорка по македонски јазик и книжевна аналитичарка, негова некогашна студентка која го памети уште од предавањата по Увод во книжевност на Филолошкиот факултет како вистински маг на зборот. „Еднаш да се биде студент или читател на Урошевиќ – се останува негов вечен поклоник. Неговото раскажување го дочекувате како вода што ви ја гаси жедта. Зборува за древните, архетипски времиња на настани, митови и светови, а всушност ви зборува за денешнината, за урбаноста, за градовите и за тајните“, вели неговата верна читателка Ефтимоска, овој пат во улога на новинарка. Такво е и ова интервју: бодро и свежо во коешто неповторливиот академик и писател несебично го споделува своето огромно знаење и необично промислување на нештата.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 1

Татјана Б. Ефтимоска: Професоре, неизбежно е најнапред да ве прашам за ситуацијата во која се најде човештвото последнава неполна година. Онаква како од дистописките романи за коишто толку многу сте пишувале. Мир е, но не е мирно, војна е, но не војуваме. Древните луѓе ги создале митовите токму поради вакви работи. Што значи една природна непогода од општочовечки размери за пишувањето? Како влијае пандемијата врз писателската работа? Сте доживеале ли претходно вакво нешто?

Влада Урошевиќ: Знаете дека низ историјата имало повеќе епидемии, пандемии, а една од најпознатите е онаа во 1348 година, епидемија на чума која ја зафатила и Македонија, цела Европа била опфатена од таа пандемија, ја викале „црна смрт“. И сега да минеме на литература, како резултат на оваа епидемија, настанато е едно славно дело, нели, „Декамерон“ на Џовани Бокачо. Тој десетина години по епидемијата го има објавено „Декамерон“, збирка од 100 раскази, каде што во рамковната приказна се вели дека десет млади благородници од Фиренца избегале од градот поради заразата, избегале на еден полски имот и таму, за да го поминат полесно времето, си раскажуваат помеѓу себе приказни. Секако, имало епидемии на грип и порано. Некаде околу 1850 година, еден француски лекар има напишано „Епидемии низ историјата“, една сериозна научна книга, тоа е една од првите книги од областа на епидемиологијата. Тоа е една сериозна книга, од медицината, но тој имал една необична идеја, да му понуди на славниот сликар и карикатурист Оноре Домие, да му направи илустрации за книгата. И Домие направил десетина извонредни ликовни илустрации за тоа што го кажува докторот во книгата и, помеѓу нив, има една гравира која се вика „Грип во Париз“, која навистина има една грипозна атмосфера во себе. Така што, значи дека, за минатите епидемии немаме само научни факти, туку и уметнички сведоштва.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 2

Татјана Б. Ефтимоска: Без исклучок сте биле и сте останале извонредно модерен автор во македонската книжевност. Во вашите дела ги нема омилените национални теми, како ропствата, крвавата борба, „тешкиот живот на македонскиот народ“ и слични клишеа. Велам „клишеа“ повеќе од гледна точка на учебниците по литература отколку на самата литература. Затоа, пак, напати има посегнувања по фолклорните митови, како универзални човекови искуства. Зошто мислите дека фолклорните мотиви се поважни да се раскажат од националните теми?

Влада Урошевиќ: Знаете, одамна е позната вистината дека големите теми не гарантираат и големи уметнички дела. Инаку, што се однесува до митот, со поголемо задоволство му пристапувам нему во романот „Невестата на змејот“, кој е еден омаж на раскажувачката вештина на Марко Цепенков. И митот мене повеќе ми одговора поради неговата универзалност, поради неговата повеќеслојност на значења и поради неговата секогаш обновлива актуализација.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 3

Татјана Б. Ефтимоска: Градот е лик, карактер во некои од вашите дела. Тие се, ако смеам да кажам, градоцентрични или скопскоцентрични. Нема да ве прашам зошто е тоа така, бидејќи вие сте жител на Скопје уште пред градот да се самоосознае.

Но дали ви е градот сѐ уште убав или не го препознавате повеќе? Ако е Скопје Хипнополис, градот од вашата поезија, дали тоа значи хипнотичен или, можеби, хипнотизиран град?

Влада Урошевиќ: Секој град е еден жив организам кој се менува. И секое време, секоја епоха ги остава своите траги врз ткивото на градот. Секако за нас, постарите скопјани, земјотресот од ’63 година ја уништи сликата на едно Скопје. Ја избриша, но се разбира, оставајќи ја само во нашето сеќавање. Потоа се појави, на местото на некогашното Скопје, еден нов град кој повеќе не е она што Скопје беше. Тоа е сега еден поинаков град. Сега, кога ќе излезам да шетам низ скопските улици, се обидувам да ги препознам некогашните репери од она предземјотресно Скопје, но и да ги препознам новите белези на градот. Се разбира, избегнувам да ги гледам овие, неуспешните споменици, кои се на ниво на семинарски работи на студенти од прва година Ликовна академија и за кои се надевам дека еден ден, некој градоначалник ќе се осмели да ги извади оттука и да ги однесе некаде на друго место.

Исто така се надевам дека ова денешно, современо Скопје ќе им биде на генерациите што доаѓаат исто толку поетично и толку полно со свои симболи и значења како што мене ми беше некогаш она старо Скопје.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 4

Татјана Б. Ефтимоска: Зошто е македонскиот јазик „спорен“ за нашите соседи кои, од друга страна, пак, редовно ги преведуваат нашите писатели, особено современите? Еве, ние со целиот словенски свет, не само со Бугарите, го делиме и Свети Климент, најголемиот просветител на македонското поднебје. Сепак, зошто е толку тешко и макотрпно да се најде заеднички јазик меѓу македонскиот и бугарскиот јазик?

Влада Урошевиќ: Македoнскиот и бугарскиот јазик спаѓаат во една подгрупа на јазици, на европските јазици и нормално е, и поради географската близина, дека тие помеѓу себе имаат и значајни сличности. Пред сѐ, на морфолошки план. Добро, ај да ги спомнам: отсуството на инфинитивот, отсуството на деклинацијата и присуството на членот. Тоа се работи кои нѐ поврзуваат во извесна смисла со бугарскиот јазик, кој, во малку различна форма, ги има истите овие одлики. Но лексички, македонскиот и бугарскиот се доста оддалечени затоа што тие минувале низ различни историски околности и помеѓу нив, постои една, како да речам, една различна сличност.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 5

Татјана Б. Ефтимоска: Без да наметнувам сентименталност или патетика, туку објективно земено – сѐ помалку се чита, сѐ поретко се користи кириличното писмо, библиотеките одамна изумираат, а квалитетот на образованието опаѓа. Каква е, според вас, иднината на македонскиот јазик и на македонската книжевност во олку комплексен контекст?

Влада Урошевиќ: Читањето, само по себе, е едно осаменичко задоволство, „неказнив грев“, како што се изрази еден писател и можеби не одговара понекогаш на менталитетот на модерните времиња. Знаете, можеби има некој судир помеѓу навиката на читање и навиките што го следат живеењето на младата генерација. Има тука нешто што не се совпаѓа. Но што се однесува до иднината на македонскиот јазик, јас мислам дека македонскиот јазик стои во иднина пред големи искушенија. Пред него стојат барем две извонредно големи опасности кои го демнат. Првата е агресивната експанзија на англискиот јазик, тој, би рекол, глобален империјализам кој завладува со светот. Не сум пуританец во тој поглед, знам дека секој јазик кој се развива мора да прима извесен број странски зборови, но мислам дека ние примивме премногу, и тоа е веќе навистина еден сериозен проблем. Друга опасност се овие електронските средства за комуникација со кои ние, еве, се служиме во овој миг. Јас не се служам многу со овие нови средства, но понекогаш погледнувам за да бидам во тек и можам да ви кажам дека она што го гледам на сите тие фејсбуци, мејлови итн., дека тоа се расадници на неписменоста. Повторувам, расадници на неписменоста. Ужасно е нивото на познавањето на македонскиот јазик кое го покажуваат корисниците на овие средства.

Urosevic Megu makedonskiot i bugarskiot jazik postoi razlicna slicnost 6

Татјана Б. Ефтимоска: Драг професоре и писателе, врз што работите сега? Што пишувате? Што ви остана недоречено?

Влада Урошевиќ: Хм, добро е ова „недоречено, да... Па, се обидувам да го средам она што сум го напишал веќе, се занимавав последните месеци со тоа што направив еден избор на мои белешки, објавени и необјавени, за поезијата, и тоа излезе една книга од 150 страници, каде што ги изнесувам своите ставови за тоа што е поезија, каква е нејзината иднина, за што служи поезијата итн. А исто така пишувам еден поголем роман кој ќе треба да биде, ај да речам на англиски, gothic story, готска приказна со многу привиденија, сеништа, куќни духови итн., а кој за амбиент го има Скопје од крајот на 19. век. Тоа се, засега, работи кои ме окупираат во ова време кога, принудно или не, остануваме мошне долго пред компјутерот.

Татјана Б. Ефтимоска: Значи, пандемијата може да биде и поттикнувачка работа. Многу ви благодарам и ви посакувам добро здравје и успех до крајот на целата оваа ситуација да го завршите делото.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии

Автор: Татјана Б. Ефтимоска
Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Погледнете го интервјуто со Влада Урошевиќ