fbpx

Уште колку животи му остануваат на балканскиот рис?

Кирил Арсовски Пржо

Јавен интерес

30.12.16

Прегледи

Кирил Пржо

Przo200x250Територијата и популацијата на балканскиот рис во Македонија се намалуваат, иако тој е под целосна законска заштита, а единствената област за негова репродукција е Маврово. Најголемата опасност за рисот е уништувањето на неговите живеалишта со дозволување да се лози и да градат ски-центри и хидро-енергетски инсталации во националните паркови. Во Македонија постои национален акционен план за заштита на балканскиот рис, но тој не е усвоен од ресорните министерства. Единствено неколку граѓански организации ја спроведуваат програмата за негова заштита.

Во Европа постојат 228 видови цицачи, од кои 15 проценти, односно еден од шест видови се загрозени. Еден од нив, балканскиот рис, живее кај нас. Него, како посебен подвид  за прв пат го има опишано бугарскиот зоолог Иван Буреш во 1941 година и му го дава името - балкански рис (Lynx lynx balcanicus). Подоцна, српскиот мамолог Џорџе Мириќ по долгогодишнo истражување ќе ја потврди посебноста на балканскиот подвид, но му дава ново систематско име - Lynx lynx martinoi. Но,  најновите генетски истражувањa докажуваат дека балканскиот рис навистина се разликува од останатите подвидови во Европа и дека треба да се смета за посебен подвид. Според Меѓународниот кодекс за зоолошка номенклатура сега рисот се води по своето првично име: балкански рис.  

Како дел од истражување, тимот на Македонското еколошко друштво (МЕД), во 2008 година првпат фотографираше рис во Македонија преку методот на фото замки, со што се потврди повеќедецениската дилема околу неговото постоење. Подоцна, во 2010 година тимот на МЕД, првпат, за научни цели залови жив рис мажјак кој го доби името Марко. Оттогаш, преку методот на ловни кутии се заловени 4 мажјаци (Марко, Спасе, Мартин, Дeки IV), и тоа сите во рамките на Националниот парк Маврово.

Според Црвената листа на Меѓународната заедница за заштита на природата, балканскиот рис влегува во категоријата на критично загрозен вид (Critically Endangered CR). Во оваа категорија спаѓаат видови кај кои бројот на возразни репродуктивни единки во природата е помал од 50. Вкупната популација на балканскиот рис се движи околу 27-52 независни адултни и субадултни единки што значи дека, бројот на возрасни и најважно, репродуктивни единки е околу 20-39. Територијата на која опстојува балканскиот рис е поделена во две целини со што и популацијата е поделена. Едната во Македонија (Националниот Парк Маврово), а другата во Албанија и Црна Гора. Балканскиот рис живее на планински терени, во дабови, букови, зимзелени или мешани шуми. Преку ден може да се сретне на голи карпести области. Во летниот период ги посетува и високопланинските пасишта. Се храни со срни, диви кози, диви зајаци и со други помали цицачи. Во почетокот на 1990-тите со Пан-европската проценка на експерти од регионот е утврдено дека и територијата и популацијата на рисот се во намалување.

Последните проценки на Програмата за заштита на балканскиот рис во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора укажуваат на делумна стабилизација на популацијата и територијата која таа ја опфаќа. Она што е исклучително важно е дека единствената позната област за репродукција на балканскиот рис е Националниот парк Маврово и неговата околина во Македонија.

slika 1 bv

Слика 1: Рис фотографиран на фото-замка

Балканскиот рис не е само национална гордост

Рисот како предатор има екосистемска улога на биоконтролор, односно ја регулира популацијата на другите помали цицачи. Дури, рисот може да има контрола и врз ширење на болести помеѓу дивите животни. Пример за тоа е иберискиот рис кој  хранејќи се со дивиот зајак ја спречил паразитската болест која овие зајаци ја пренесувале низ Европа. И, најважно, рисот претставува чадор вид, односно неговата состојба ја дава сликата за состојбата на екосистемот, популацијата и состојбата на популациите на неговите пленови, состојбата на шумата итн. Според истражувањето објавено во BioScience освен екосистемски улоги, присуството на предатори во екосистемите го менува и ставот на човекот. Поради постоењето на инстинктивен страв кај човекот, се јавува стравопочит кон предаторите, а со тоа и почит кон екосистемот. Во  истражувањето на Keçi E. et al. 2007  спроведено помеѓу жителите на планинските региони каде живее рисот, наведено е дека луѓето и домашната стока не трпат никакви повреди и штети од рисот, споредено со волкот или кафената мечка. Овие резултати укажуваат на тоа дека населението би можело да се вклучи во негова заштита.

Балканскиот рис би можел да помогне и при заштита на други важни биолошки подрачја. Истражувањето на Schwaderer G. et al, 2008 утврдува дека балканскиот рис како заштитен и загрозен вид може да влијае врз одлуките за прогласување нови заштитени подрачја доколку неговото присуство се потврди во тие предели. Ова, во случајот со Македонија би значело прогласување нови заштитени подрачја во делот на Шар Планина и Јабланица.

Заканата за исчезнување е секојдневие за балканскиот рис

Најголемите закани со кои се соочува балканскиот рис се: малата популација, намалувањето на изворите за исхрана (животни за лов), уништувањето на живеалиштата и криволовството. Фактот дека популацијата е составена од 20-39 единки сам по себе претставува опасност за исчезнување на балканскиот рис. Ловот на рисот во Македонија според Законот за ловство е ставен под трајна забрана. Сепак, криволовството постои и тоа негативно делува врз рисот на два начина: директно - преку загуба на единки и индиректно - преку нерегулиран лов на пленот со кој тој се храни. Според Ivanov et al.,2008 присуството на срната, дивата коза и дивиот зајак се клучни за опстанокот на балкансиот рис на територијата на Македонија и Албанија.

Најголемата опасност за рисот е уништувањето на живеалиштата, но голема улога врз популацијата имаат и туристичките и рекреационите активности. Дозволувањето на лов и градењето ски-центри во националните паркови можат да станат најголемите вознемирувачи на дивиот свет, особено на рисот. Според Melovski et al. 2012 регулирањето на ловот како и прогласувањето нови заштитени подрачја позитивно би влијаело врз состојбата на популацијата на балканскиот рис. Информациите од терен упатуваат на индикации дека поради крзното, уловените рисови се продаваат во Грција. Крзно од рис е еднаш забележано во Македонија, но транспорт до друга држава не е потврден. И покрај законската заштита, за жал, препарирани рисови што се користат како декорација може да се сретнат низ селата во западна Македонија и во Албанија.

Најавите за изградба на нови хидро-енергетски инсталации во 2015 година во рамките на Националниот парк Маврово беа директна закана за опстанокот на балканскиот рис. Тоа иницираше петиција против изградбата, која ја поддржаа 100.000 граѓани и 119 научници, за  Европската банка за обнова и развој да ги повлече планираните средства за фининасирање на проектите во овој регион.

slika 2 bv

Слика 2: Анализирање на на последно заловениот рис

Ништо не е готово

Балканскиот рис е под целосна законска заштита и во Македонија и во земјите каде се наоѓа. Но, за да имаме успешна заштита, според анализата на Breitenmoser U. Et al., 2008 мора да се воспостави т.н. заштитарски триаголник. Тоа значи дека, за заштита на балканскиот рис не е доволно само да се спроведуваат истражувања, туку е потребен  комплексен систем во кој ќе бидат вклучени три компоненти: Владата и владините институции, експертската јавност и граѓаните кои се директно поврзани со проблематиката (сточари, ловци, шумари). Во Македонија постои национален акционен план за заштита на балканскиот рис, но тој не е усвоен од ресорните министерства. Акциониот план за целното подрачје во Националниот парк Маврово е одобрен во 2015 година, но  се уште целосно не е имплементиран. Група организации, на чело со Македонското еколошко друштво се единствените институции кои работат на заштита и закрепнување на балканскиот рис и ја спроведуваат програмата за негова заштита. Ниту една друга државна институција не покажала посебен интерес кон рисот. Дел од  државните институции симболично го прогласија рисот за маскота на македонската фудбалска репрезентација и го аплицираа ликот на рисот на брош на новата гардиска униформа на АРМ. Но со тоа не се заштитува балканскиот рис. Досега државните институции, особено ресорните, остануваат неми, па дури и игнорантни во врска со опасностите кон рисот, особено поврзано со предлогот за изградба на нови хидроцентрали во Маврово.  

За заштитита на балканскиот рис потребно е целосно спроведување на предвидените акциски планови, зголемување на едукацијата кај локалното население, особено кај децата, како и  подобра соработка помеѓу невладините организации, стручниот сектор и државните институции. Научниците, биолозите и експертите прават се` што можат да ја заштитат оваа дива мачка. На ред се властите. Потребна е соработка и посветеност, за да не ни се случи рисот да остане само во нашите сеќавања и на монетата со апоен од 5 денари.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кирил Арсовски Пржо

Кирил Арсовски Пржо e еколог и професор по биологија, главен уредник на едукативната веб платформа ДОМА (doma.edu.mk) на Институтот за комуникациски студии. Тој е продуцент и автор на серијалот на еколошки едукативни документарни филмови „Дома“. Полето на негов интерес и истражување е комуникација на науката, екологија и заштита на животната средина. Пишува анализи за национални и регионални еколошки проблеми и често држи јавни предавања од областа на заштита на животната средина. Поранешен претседател на Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), член на Кралското ентомолошко друштво и Меѓународното друштво на бихевиористи.