Никој не ги штити студентите и професорите од дискриминација

Александра Филипова

aleksandra filipova200x250Студентите и професорите често препознаваат дискриминација во високото образование врз основа на пол, партиска определба, етничка припадност и јазик, но не се охрабруваат тоа да го пријават. До Комисијата за заштита и спречување на дискриминација се поднесени само две претставки од областа на високото образование. Во таа насока, потребна е посебна универзитетска комисија која ќе работи на откривање, заштита и спречување на дискриминацијата во високото образование.

При анализа на документите кои ја регулираат дискриминацијата, може да се увиди дека тие недоволно ја обработуваат оваа тематика во високото образование. Таа делумно се третира во неколку правни акти, меѓутоа тоа е генерално дефинирање и ниту еден од овие прописи не ја посочуваат дискриминацијата во високото образование, па оставено е на универзитетите сами да одлучат како и дали ќе постапуваат за да ги заштитат членовите на академската заедница.

Во истражувањето „Анализа на документи и политики на Универзитетот Свети Кирил и Методиј“ од 2013, испитаниците-членови на академската заедница забележуваат висок процент на дискриминација во високото образование врз основа на пол, партиска определба, етничка припадност и јазик. Иако ова е регулирано во Уставот и во повеќе закони, сепак во високото образование нема конкретна мерка наменета за решавање на овој проблем, како на пример функционално тело за заштита на академскиот кадар.

Токму функционалноста на Студентскиот правобранител и Комисијата за студентски жалби, кои би требало да работат на заштита од дискриминација, минатата година ја испитуваше истражувањето на Младинскиот образовен форум. Заклучокот е дека е потребно подобрување на заштитните механизми, со цел студентите, професорите, асистентите, демонстраторите и службениците да имаат поголемо знаење и свест за дискриминацијата, како и познавање на правното регулирање и начините на кои може да се заштитат.

Како е регулирана дискриминацијата во Македонија

Уставот на Република Македонија е највисокиот правен акт што ја регулира дискриминацијата. Членот 9 предивдува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и во правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Уставот, исто така, ја гарантира слободата на здружување, слободата на вероисповедта, слободата на граѓаните да основаат здруженија и политички партии, со исклучок во случаи кога има воена или вонредна состојба.

Дискриминацијата дополнително и пошироко се уредува со Законот за заштита и спречување на дискриминација кој е донесен во 2010 година. Тој ги опфаќа основите на дискриминација и ги инкорпорира и оние што се прифатени и предвидени со други закони или меѓународни договори. Законот наведува дека и образованието е една од областите во кои тој важи. Тој детално ги дефинира директната дискриминација, кога неповолно однесување ги ограничува правата и еднаквоста на одредена група/индивидуа, индиректната дискриминација, кога се става во неповолна положба одредена индивидуа/група на луѓе, позитивната дискриминација, односно афирмативните мерки преземени од надлежните органи за да се постигне потполна фактичка еднаквост како и надлежностите на Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Недостатокот на овој правен акт е во тоа што не предвидува развивање експертиза и креирање интерни акти кои ќе ја регулираат дискриминацијата во различни области од општеството. Токму ова е причината што не е развиена свеста и праксата на креирање механизми за заштита од дискриминација во високото образование.

Понатаму, Законот за работни односи дополнително го уредува односот помеѓу работодавецот и вработените, во случајов помеѓу универзитетите/факултетите и професорите, асистентите, демонстраторите и службениците. Овој закон е применлив во високото образование и вработените може да се повикуваат на него доколку се дискриминирани. Ги содржи истите одредби за заштита од дискриминација како и Законот за заштита од дискриминација.

Последниот закон кој ја уредува оваа материја е Законот за високо образование. Тој ги опфаќа афирмативните мерки за ослободување од плаќање партиципација за студирање за децата без родители, лицата со прв и втор степен на инвалидност, воените инвалиди и лицата растени во домови за напуштени деца.

Државата се обврзува финансиски да обезбеди и високо образование на јазикот на кој зборува најмалку 20 проценти од населението. Сепак, недоволниот број студии на различни јазици на УКИМ предизвикува на него, во најголем процент, да се запишуваат припадници на една етничка заедница, и постои сериозен проблем со диверзитетот во поглед на етничките групи што посетуваат настава на најголемиот универзитет во Македонија. Иако ова е позитивна дискриминација и има за цел да создаде еднаквост помеѓу одредени заедници, фактичката состојба укажува дека ваквата мерка создава нов проблем односно сегрегација. Само 5 проценти од студентите на Државниот универзитет во Тетово се членови на македонската етничка заедница, додека само 0,5 проценти од студентите при УКИМ се Роми, а 11 проценти се Албанци, што посочува на поларизацијата што оваа мерка ја создава. Исто така, универзитетите не водат статистика за бројот на катедри на кои студентите можат да слушаат настава на албански јазик иако Законот за високо образование тоа го пропишува.

diskriminacija studenti profesori
Извор: grid.mk

Механизми за заштита од дискриминација во високото образование:

Еден од механизмите за заштита од дискриминација е Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. При разгледување на нејзините извештаи за работа во периодот од 2011 до 2015 година се утврдува дека се поднесени само две претставки од областа на високото образование. Едната е за дискриминаторски содржини, односно несоодветна содржина во учебник, поднесена од невладини организации. А втората е за дискриминација според возраст во работни односи, поднесена од професор на Институтот за социјална медицина при Медицински факултет. Нема поднесено ниту една претставка за дискриминација при работни односи.

Иако ова може да се протолкува како позитивно, сепак според истражувањето од 2013 година, 26 проценти од испитаниците препознале дискриминација врз основа на пол кога факултетот избирал личност за професор или за асистент. Така, од 23 декани на факулттеите при УКИМ, во моментов само 4 се жени, од кои две се В.Д. деканки. Од вкупно 54 продекани на факултетите, само 17 се жени. Сепак, според Државен завод за статистика во академската 2015/2016 еднаков е бројот на жени и мажи професори.

Дури 51,5 проценти од студентите на УКИМ забележале дискриминација врз основа на партиска определба кога бил вршен избор за звање професор или асистент, а 31,8 процент од нив го забележале овој вид дискриминација, но врз основа на етничка припадност и јазик. Процентот на студенти кои забележале дискриминација со бројот на поднесени претставки до надлежните институции не соодветствува, што алармира дека постои проблем со механизмите за заштита.

Друг орган што е надлежен за заштита од дискриминација е Народниот правобранител, кој е предвиден како орган во самиот Устав. Сепак, мал е бројот на претставки до обдусманот во однос на дискриминација на членови на академската заедница. Дополнително, извештаите на Народниот правобранител не ги содржат целосно причините за поднесување на претставките, туку само повреденото право, затоа и нема некој посебен пример што би можел да се посочи.

Во поглед на механизмите за заштита на студентите при УКИМ, Статутот предвидува формирање Комисија за студентски жалби и Студентски правобранител. Комисијата за студентски жалби има надлежност да ги штити правата на студентите во случај кога тие се повредени со акт на органите на УКИМ и на факултетите. Сепак, за оваа комисија се знае малку. Од друга страна, Студентскиот правобранител има надлежност само да посредува при спорови помеѓу студентите и професорите, Но, на веб-страницата на универзитетот и на факултетите не постојат никакви информации ниту за Комисијата ниту за Студентскиот правобранител, за нивните членови, годишните извештаи за работа, ниту информации за контакт, а доколку постојат, тие се необновени.

Сепак, по испратените барања за пристап до информации од јавен карактер Универзитетот ни ги достави годишните извештаи за работа на Комисијата за студентски жалби. Според извештаите во периодот од 2013 до 2016 година, поднесени се 7 жалби од студенти по различни основи, но ниту еден од тие основи не е поради дискриминација. Она што е важно да се посочи е дека оваа Комисија е надлежна за сите студенти при УКИМ, односно студентите на 23 факултети. Токму поради тоа, симптоматично е што истражувањето од 2013 покажува дека студентите често препознаваат дискриминација по различни основи, но анализата на извештаите на надлежните тела укажува дека не се охрабруваат тоа да го пријават.

Потреба од универзитетска комисија за заштита од дискриминација

Може да се утврди дека не постои систем на евиденција ниту континуитет при решавање на случаите на дискриминација во високото образование. Процентите од истражувањето во 2013 покажуваат дека членовите на академската заедница го препознаваат проблемот, но истражувањето од 2016 покажува дека останува само на препознавање, односно има минимален број на поднесени претставки

Во таа насока, потребата од универзитетска комисија за заштита од дискриминација е од есенцијално значење за унапредување на состојбите во терцијалното образование во областа дискриминација. Оваа комисија ќе работи на унапредување на знаењето и свесноста на тема дискриминација, ќе води статистика на случаите, ќе работи на ефективно решавање и ќе создава континуитет и пракса. Нејзините надлежности ќе се однесуваат на испитување на мислењето и состојбите, спроведување истражувања на темата и креирање ефективни и соодветни политики во зависност од добиените резултати. Комисијата ќе прима претставки од доменот на дискриминација и ќе носи соодветни одлуки и постапки за нив, односно ќе ги решава случаите на дискриминација во високото образование. Таа ќе иницира унапредување на правната регулатива на универзитетите и ќе учествува во креирањето на соодветни политики на универзитетот. Во соработка со државните институции и невладиниот сектор, универзитетска комисија за заштита од дискриминација ќе функционира и како центар за поддршка и кој ќе организира советувалишта, кампањи и други активности кои ќе бидат компатабилни со потребите на Универзитетот.

Универзитетска комисија, за разлика од Комисијата за заштита и спречување дискриминација која е надлежна во рамките на цела држава, ќе има фокус само на академската заедница, што дополнително гарантира дека целосно ќе одговори на потребите, со оглед на познавањето што ќе го има за оваа заедница.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Парите не се секогаш гаранција за врвни успеси во ...
Дали сакаме да се преброиме колку реално не има во...

Коментари 1

 
Guest - Tehniski sorabptnik???????? on Сабота, 18 Март 2017 15:58

Dali moze dekanskata uprava da donese sopstvena odluka po koj asistentite, sorabotnicite koi se izbiraat vo zvanja da ne plakaat magisterski I doktorski studii a nie sto rabotime kako tehnicki sorabotnici so visoko obrazovanie da nemame pravo na besplatni magisterski ili doktorski. Dali ova e diskriminacija ili ne e? Dali nie kako teh. sorabotnici ne spagame vo ovaa kategorija? Zoshto ne sme staveni vo zakonot za visoko obrazovanie kako kadar a laborantot e staven? Zoshto ushte ne tretiraat kako tehnicki personal? Zosto ne ne tretirat kako pomoshen nastaven kadar kako sto e predvideno vo Zakonot za visoko obrazovanie?

Dali moze dekanskata uprava da donese sopstvena odluka po koj asistentite, sorabotnicite koi se izbiraat vo zvanja da ne plakaat magisterski I doktorski studii a nie sto rabotime kako tehnicki sorabotnici so visoko obrazovanie da nemame pravo na besplatni magisterski ili doktorski. Dali ova e diskriminacija ili ne e? Dali nie kako teh. sorabotnici ne spagame vo ovaa kategorija? Zoshto ne sme staveni vo zakonot za visoko obrazovanie kako kadar a laborantot e staven? Zoshto ushte ne tretiraat kako tehnicki personal? Zosto ne ne tretirat kako pomoshen nastaven kadar kako sto e predvideno vo Zakonot za visoko obrazovanie?
Already Registered? Login Here
Guest
Четврток, 30 Март 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: