Трнливиот пат на новата Влада кон реформите и ЕУ

м-р Ардита Абази Имери

ardita abazi imeri 200x250Одвојување на државата и партијата, итни реформи за независно судство, реформска јавна администрaција и ставање крај на деструктивниот национализам се некои од реформите со кои Македонија може да ја врати демократијата и владеењето на правото и да ја одблокира евроатлантската интеграција.

По долгогодишната криза, која кулминираше со крвавите настани во Собранието, Македонија си го доби вниманието што очајно го бараше, но овојпат со осуда од меѓународната и ЕУ заедницата за уназадувањето и упадот врз демократијата нарекувајќи ги инцидентите организиран напад. Ова беше и последниот удар врз и така слабата демократија која што во моментот вештачки се одржува во живот. Преку разрешницата со изборот на новата влада, Македонија добива шанса да ја врати демократијата и владеењето на правото и да им се посвети на реформите, за што има поддршка и од меѓународната заедница, пред се`, од земјите членки на ЕУ и САД.

Оживување на демократијата и владеењето на правото

Првата работа која е очекувана е да се воспостави целосна одговорност за настаните од 27 април 2017, проследена со јасна и транспарентна истражна постапка за сите инволвирани. Неодамнешната судска одлука за условна казна на инволвираните се коментираше од многумина како дно на судството и владеењето на правото во РМ. Без воспоставување на целосна одговорност за вакви кривични дела во кои највисоката институција во државата беше нападната, не можеме да зборуваме за демократија ниту за владеење на правото.

Долгогодишното отсуство на функционална и реформски ориентирана влада, недостатокот на контрола и рамнотежа меѓу извршната, судската и законодавната власт придонесе кон зајакнување на контролата на владеачките политички партии во сите гранки на власта. Ваквата состојба како што ја нотираше и Европската комисија нè доведе до состојба на заробена држава. За да се надмине оваа ситуација, прв приоритет на претстојната влада треба да биде одвојување на државата и партијата т.е. ослободување на државата. Во тој контекст, основен и примарен фокус на новата Влада треба да бидат реформите во областа на владеењето на правото врз основа на препораките на Прибе и Итните реформски приоритети, како и расветлување на настаните во Куманово од мај 2015 година, „Монструм“, смртта на Мартин Нешковски, Никола Младенов, „Бродец“ и „Сопот“. Дополнително, потребно е воспоставување на одговорност на судиите и обвинителите за сите контроверзни судски постапки, како што е онаа за инцидентите во Собранието и другите. Неказнивоста мора да се елиминира и сите треба да бидат одговорни пред правдата на еднаков начин. Само во тој случај новата Влада може да ја врати довербата на граѓаните во државата – што е една од најбитните работи.

trnliv pat nova vlada

Одговорноста е дома и претстои тешка задача

Децениската злоупотреба на политичката моќ, коруптивните практики, клиентелизмот, селективната правда, како и недејствувањето на Јавното обвинителство само ја потврдуваат потребата од итни реформи за независно судство. Во оваа насока, потребно е обезбедување соодветна транспарентност во работењето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Судовите и Јавното обвинителство треба да бидат поинклузивни во однос на граѓанските организации и граѓаните. Со цел да се вратиме на основите на владеењето на правото, од суштинско значење е улогата на Специјалното јавно обвинителство (СJO), овозможување на поволна работна околина и продолжување на мандатот без какви било опструкции и со целосна соработка со други институции.

Клучен сегмент претставува и јавната администрaција. Новата Влада не смее да го примени принципот на реваншизам, туку треба да воспостави систем кој не дискриминира според партиска определеност, а кадрите треба да се искористат во најдобар начин кој ќе придонесе кон реформски дух. Примери за такви активности вклучуваат, но не се ограничени на мерки фокусирани на зајакнување на системот на заслуги во унапредувањето на вработените и кариера во рамките на јавната администрација, со што би се вратила довербата во институциите. Овие мерки е полесно да се кажат отколку да се направат и бараат високо ниво на политичка волја, но и меѓународен притисок.

Крај на деструктивниот национализам

Општеството останува исклучително поларизирано, како по етнички така и по интра-етнички линии. Порастот на национализмот е закана не само во Македонија, туку и во регионот и во ЕУ. Затоа, значајно е да се воспостави помирување на интра и интер-етнички план. Собранието е единственото место каде што политичките партии треба да ги дискутираат сите отворени прашања и новиот претседател на Собранието има голема одговорност да обезбеди платформа во која ќе можат разликите да се надминуваат. Ова се вбројува меѓу најтешките задачи на новата влада.

Потребна е политичка волја и ангажираност на сите страни, вклучувајќи го и граѓанското општество, за промовирање на општество во кое секој поединец ги ужива сите права еднакво. Во оваа насока, извештаите на Европската Комисија веќе со години препорачуваат целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор (ОРД). Затоа, новата влада треба да пристапи сериозно и сериозно да ги разгледа препораките од Прегледот на имплементација на ОРД. Дополнително, нужни се мерки кои ќе стимулираат дијалог преку кој ќе се адресираат прашањата кои се уште се отворени и го продлабочуваат јазот помеѓу заедниците.

Одлучни реформи за одблокирање на интеграциите

Во надворешната политика новата Влада треба да вложи напори за Македонија да добие покана за членство во НАТО и да ги истражи можностите за одблокирање на статус квото со интегрирањето во Европската Унија. За таа цел, нужно е да се реактивираат предлозите за пред-скрининг и отворање на Поглавјето 23: правосудство и темелни права; и Поглавјето 24: правда, слобода и безбедност. Иако пред–скринигот беше најавуван уште од 2009 година од страна на Европската комисија за државите од процесот на стабилизација и асоцијација, согласно индивидуалниот степен на интеграција, сепак не беа познати детали за тоа како се планира да се одвива овој процес и што тој точно ќе содржи. Овој пред-скриниг никогаш не случи. Од друга страна, процесот на усогласување и прогресот во поглавјата 23 и 24 се следи во текот на целиот процес на преговори и последни се затвараат. 

За реактивирање неопходен е силен меѓународен ангажман и поставување на реформите во владеењето на правото на централно место во програмата на новата Влада. Истовремено, потребен е обид од страна на институциите на ЕУ соодветно да се оценат состојбите и да помогнат во изнаоѓање решенија. Ваквата посветеност од страна на Унијата ќе придонесе кон создавање поттик кој е потребен за општеството да види дека процесот на евроинтеграција се придвижува, во ситуација кога формалниот механизам на ЕУ за донесување одлуки го спречува отварањето на преговорите. Интеграцијата во Европската Унија ќе мора да се забрза и да се искористи значајната поддршка која доаѓа од таму во моментов. Но и покрај надежите што се полагаат во ЕУ, одговорноста е дома и претстои голема работа.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Хулиганското навивање го уништи славјето на улицит...
Неуставни и незаконски игри со локалната власт
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Четврток, 29 Јуни 2017
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: