Повеќе осигуреници, но помалку приходи – проблемот на одржливост на пензискиот систем во Македонија

м-р Ивана Велковска

Ivana Velkovska 200x250За да се намали дефицитот предизвикан од разликата меѓу приходите од придонеси и трошоците за пензии кој се повеќе се алиментира на товар на буџетот на Македонија, треба да се зголеми вработеноста. Тоа значи генерирање работни места со високоплатени занимања, што е долготраен процес и бара долгорочни политики за вложување во образованието и инвестирање во индустрии со висока додадена вредност.

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ) бележи се поголеми тековни дефицити како последица на раст на трошоците за пензии наспроти пониските приходи од придонеси од осигурениците како процент од вкупните приходи на фондот. Главен предизвик за пензискиот систем е да се одржи релативното ниво на животниот стандард на пензионерите, при растот на нивниот број, намалувањето на младото население, бавниот раст на вработеноста и ниските плати во Македонија. Според Меѓународниот монетарен фонд, Македонија како прв одговор на растечките дефицити во пензискиот систем треба да ја зголеми старосната граница за пензионирање. Меѓутоа, притисокот врз пензискиот фонд во Македонија не се должи толку на неповолните демографски движења, колку на ниската стапка на креирање нови работни места.

Демографски тенденции на населението во Македонија

Според истражувањето на Центарот за економски анализи, во последните десет години (од 2005 до 2016 година) се намалува бројот на новороденчиња во Македонија и како резултат на тоа, природниот прираст е намален за 36 отсто. Во економска смисла, ова значи дека има намалување на потенцијалната понуда на пазарот на трудот. Од друга страна, за истиот временски период, бројот на починати лица релативно стагнира што подразбира дополнителен притисок врз пензискиот систем во Македонија.

Меѓутоа, доколку се споредат податоците за процентот на население над 65 години од вкупното население во Македонија со официјалните податоци на други земји, може да се заклучи дека Македонија се` уште не се соочува со посериозен проблем на стареење на населението. Имено, според податоците (графикон 1), Македонија не само што е во поповолна позиција од аспект на стареење на населението споредено со развиените земји туку и во споредба со земјите во регионот. Споредено со податоците за развиените земји и земјите од регионот, Македонија има најнизок процент на старо население (со исклучок на Албанија пред 2014 година).

Графикон 1:Процент на население над 65 години во развиените земји и земјите во регионотprocent na naselenie na 65 god vo razvienite zemjiИзвор: Светска банка

Ефекти од зголемениот број пензионери во Македонија

Во далечната 1947 година само 500 пензионирани лица во Македонија биле приматели на пензија во рамките на југословенскиот пензиски систем. Според податоците од фондот на ПИОМ од 1990 година, овој број се зголемил за повеќе од 300 пати, или 166.224 во 2000 година, 241.221 во 2010 година и 307.610 во 2016 година. Постојаното зголемување на бројот на пензионери за анализираниот период подразбира зголемено трошење на средства од фондот за да се обезбедат редовни пензиски исплати. Поради падот на приходите од придонеси како процент од вкупните приходи, дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување постојано се финансира од буџетски трансфери во се` поголем износ.

Важен индикатор за одржливоста на пензискиот систем е индикаторот на поддршка. Тоа е односот на бројот на вработени лица односно осигуреници споредено со бројот на пензионери. Во случајот на Македонија, овој индикатор е зголемен од 1,7 во 1997 на 1,9 во 2016 година. Во 1991 година овој индикатор изнесувал 3, што значи дека 3 осигуреници поддржувале еден пензионер. Во однос на 1991 година вредноста на индикаторот е намалена, но има тенденција за повторен пораст. Овој индикатор бележи најниска вредност во 2003 година кога 1,3 осигуреници поддржувале 1 пензионер.

Ваквиот тренд на индикаторот на поддршка е последица на зголемениот број на пензионери во последните 25 години од една страна и бавното креирање на нови вработувања, од друга страна. Во периодот од 20 години после осамостојувањето на Македонија, бројот на активни осигуреници постојано се намалува (од 534.887 осигуреници во 1991 година до 489.608 осигуреници во 2011 година). Меѓутоа, бројот на осигуреници почна да се зголемува во последните 5 години (од 507.061 осигуреници во 2012 година до 570.169 осигуреници во 2017 година).

Графикон 2: Број на осигуреници и пензионери 1997-2016broj na osigurenici i penzioneri 1997 2016Извор: Извештај за работата на ПИОМ 2016

Уште еден важен индикатор за одржливоста на пензискиот систем е износот на просечната месечна пензија како процент од просечната месечна нето плата. Овој индикатор бележи намалување за 3,2 отсто од 2001 до 2016 година, што е добар знак за пензискиот систем. Пониските износи на индикаторот би значеле дека нивото на платите кои генерираат приходи од придонеси за фондот полесно ќе ги покријат трошоците за пензии. Меѓутоа, загрижувачки е фактот дека во однос на 2010 година, кога овој индикатор ја бележи својата најниската вредност од 47,9 отсто, денес има зголемување за речиси 11 процентни поени (Графикон 3). Од друга страна, во услови кога пензиите не растат со брзина со која расте и месечната плата, а ако знаеме дека околу 65 отсто од вкупните даноци на централно ниво се собрани од даноци на потрошувачка што влијае на сите граѓани независно од способноста за плаќање (ability-to-pay principle), излегува дека ефектот од јазот на растот на месечни плати и пензии онака како што е поставен во Македонија ја зголемува и нееднаквоста и ранливоста на категоријата пензионер.

Графикон 3: Индикатор за однос на пензии и платиindikator za odnos na penzii i platiИзвор: Извештај за работата на ПИОМ 2016

Симулација на ефектот на растот на вработеноста врз одржливоста на ПИОМ

Иако стапката на вработеност и износот на просечната месечна нето плата растат, сепак може да се каже дека овие податоци не ја даваат вистинската слика за состојбата во која се наоѓаат вработените во Македонија. Истражувањето на Министерството за финансии покажа дека Македонија е земја со големи доходовни нееднаквости и иако се бележи раст на просекот на платите, тој главно се должи на растот на примањата на само неколку проценти од најбогатите групи на граѓани, додека најголем дел од населението има ниски плати кои директно влијаат на ниските уплати на придонеси во Фондот.

За да се намали дефицитот предизвикан од разликата меѓу приходите од придонеси и трошоците за пензии, кој се` повеќе се алиментира на товар на буџетот на Македонија, треба да се генерираат работни места надвор од трудоинтензивните нископлатени занимања. Но, секако овој процес на инвестирање во работни места со повисока додадена вредност е долготраен и бара долгорочни политики за вложување во образованието и инвестирање во индустрии со висока додадена вредност. На среден рок, подобрување на одржливоста на пензискиот систем во Македонија би подразбирало креирање на поволен амбиент за отворање на нови работни места.

Доколку се направи симулација преку очекување за вработеноста да почне да расте со дупло повисок процент од досегашниот (просечниот раст во последните 5 години), односно со 6,2 отсто и доколку сите други услови останат исти, средствата кои се одделуваат од буџетот на Македонија за покривање на тековниот дефицит на Фондот постојано би се намалувале, за во 2022 година тие повеќе да не се потребни (Графикон 4).

Графикон 4: Проекција на тековен дефицит при зголемување на вработеностаproekcija na tekoven deficit pri zgolemuvanje na vrabotenostaИзвор: Државен завод за статистика, Извештај за работењето на ПИОМ 2016, лични пресметки

Во второто сценарио од анализата, се предвидува раст од 3,1 отсто годишно кој е и просечен раст на бројот на вработени/осигуреници во последните 5 години. На овој начин, тековниот дефицит ќе се преполови во наредните шест години, не земајќи го предвид растот на просечните плати, но само доколку сите други услови останат исти (не се зема предвид ни растот на бројот на пензионерите и трошоците на Фондот). Може да се каже дека при овие услови треба да се очекува подобрување на одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на среден рок (следните шест години).

Потребен е брз раст на вработеноста и на платите

Според сите изнесени податоци, главниот предизвик за пензискиот систем во Македонија не е стареењето на населението кое во споредба со другите земји е на доста пониско ниво. Од друга страна, иако процентот на младото население се намалува и голем млади се исселуваат во странство, расте вработеноста и бројот на осигуреници во земјата. Но, прашањето е дали овој раст е доволен за одржливост на пензискиот систем имајќи предвид дека платите кои се основа за придонесите растат со многу бавно темпо. Податокот за растот на просечната плата при висока доходовна нееднаквост не значи и зголемување на одржливоста на пензискиот систем, посебно при постоење на плафон за највисоката основица (од 2018 таа е зголемена на 16 просечни плати) за плаќање на социјални придонеси, во кои влегува и придонесот за пензиско и инвалидско осигурување. Ниската стапка на генерирање нови работни места, ниската стапка на раст на вработеноста и на платите се едни од најважните фактори за долгорочна одржливост на пензискиот систем.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Враќање на довербата во лидерството
Како да стигнеме до работна средина каде мажите и ...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Петок, 23 Февруари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: