Како Северна Македонија да изгради национален систем против странско мешање и манипулирање со информации

Александар Грижев

Јавен интерес

08.12.25

Прегледи

Интегриран национален механизам за одговор на СММИ не е луксуз, туку предуслов за заштита на изборите, јавниот дискурс и довербата во институциите во години кога информациските закани стануваат сè порафинирани. Прашањето не е дали ќе платиме цена туку туку дали ќе ја платиме однапред, со паметно дизајниран систем, или дополнително, преку кризи, поларизација и изгубена доверба.

Странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) не е „уште една онлајн тема“, туку системски безбедносен предизвик. Анализата покажа дека Северна Македонија има делови од мозаикот (стратегии, институции, поединечни иницијативи и сл.), но нема јасен механизам што ги поврзува во функционален систем за спроведување на овие хибридни и информациски закани. Прашањето сега не е дали ни треба интегриран одговор, туку како да стигнеме до него. Документот за јавна политика „Институционален одговор на странско мешање и манипулирање со информации во Северна Македонија“ предлага три реални институционални модели, засновани на компаративни искуства и локален контекст.

Овој блог се задржува токму на тоа: кои се опциите, што добиваме со секоја и кои се минималните чекори за да се претвори хартијата во секојдневна пракса.

Три модели, три различни патишта

Документот нуди три опции за институционално решение за национален одговор на СММИ:

  1. Самостоен центар за национална отпорност

Оваа опција подразбира формирање нова јавна институција со јасен мандат за СММИ и сродни хибридни закани.

Што значи тоа во пракса?

  • централизирана анализа на ризици, наративи и кампањи;
  • посебен тим за стратешка комуникација и поддршка на институциите во кризен контекст;
  • јасен јавен идентитет: граѓаните знаат „кој е надлежен“ за вакви прашања;
  • стабилен буџет и можност за развој на експертиза на долг рок.

Недостаток? Бара повеќе време, ресурси и политичка волја за да се формира нова институција: законско решение, кадровско зајакнување, нова инфраструктура. Ова би било силно, но не и најбрзо решение.

  1. Национален координативен механизам под Владата („јадро + мрежа“)

Втората опција предвидува мало „јадро“ во рамки на Владата или Генералниот секретаријат, кое координира мрежа од фокални точки во клучните институции.

Клучните карактеристики се:

  • мала, но видлива координативна канцеларија со политичка тежина;
  • редовни состаноци, ситуациски брифови и заеднички одлуки;
  • полесен старт: може да се постави со одлука на Влада, без создавање ново правно лице;
  • ја користи постојната институционална архитектура, без голем административен „отпечаток“.

Ова е најреалистична варијанта за брз почеток, особено во средина со ограничени ресурси. Ризикот е да не се преоптовари „јадрото“ и да не зависи системот од една или две клучни личности.

  1. Зајакнат Совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница

Третата опција е најмалку „видлива“ кон јавноста, но најлесна за имплементација: користење на постојниот Совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со проширен мандат во доменот на СММИ.

Ова значи:

  • подобро искористување на постојните канали за безбедносна координација;
  • брза операционализација преку нови стандарди и процедури;
  • пониска институционална цена: нема нова институција, туку појасни правила.

Недостатокот е што без силен фокус на транспарентна комуникација и јавно присуство, постои ризик СММИ да остане „затворена тема“ во безбедносниот систем, наместо прашање на демократска и општествена отпорност.

Нема „совршен модел“, важно е да има ритам и рутини

Која опција е најдобра? Документот е искрен: нема совршено решение. Изборот зависи од:

  • политичката волја да се гради нова институција или да се зајакнат постојните;
  • достапните ресурси (кадар, буџет, алатки);
  • степенот на доверба меѓу институциите;
  • потребата од јасен јавен идентитет на механизмот.

Но, има нешто поважно од формата: ритамот. Дури и најдобриот модел „на хартија“ ќе остане маргинален, ако нема:

  • стабилен календар на состаноци и брифови;
  • јасна рутина за пријава, процена и одговор;
  • мрежа на фокални точки што навистина работат, а не само постојат во одлука или правилник;
  • систем што учи: преку индикатори, научени лекции и корекција на курсот.

Затоа документот предлага патоказ што важи за сите три опции. Наместо да чекаме идеално решение, се предлага минимален, но практичен сет чекори што може да се преземат во наредните 12–18 месеци.

smakedonija sistem protiv smmi
Фотографија: Дарко Андоновски, архива на ИКС

Патоказ: шест клучни чекори за национален систем

Без оглед кој модел ќе се избере, документот предлага неколку јадрени чекори што ја прават разликата меѓу „имаме стратегија“ и „имаме функционален систем“:

  1. Јасен носител и формален мандат. Првото прашање е едноставно: кој е главен? Без експлицитно дефиниран носител, независно дали би бил центар, координативна канцеларија или засилен совет, сите останати препораки остануваат „ничија работа“. Мандатот треба кратко да ги опише целите, задачите и односот со другите институции.
  2. Мрежа од фокални точки во институциите. Секоја релевантна институција (безбедносни служби, регулатори, министерства, ПР-сектори) треба да номинира фокална точка и заменик. Нивната улога не смее да биде само формална туку потребен е краток опис: што следат, кога сигнализираат, кому и како пренесуваат информации, и колку често известуваат.
  3. Календар на рутини, не само ад-хок состаноци. Интегриран систем не се гради со „состанок кога има криза“. Потребни се:
  • месечни технички состаноци со краток ситуациски бриф;
  • квартални состаноци на повисоко ниво, на кои се носат насоки, се следи имплементацијата и се утврдуваат корективни мерки;
  • краток запис по секој состанок: што е одлучено, кој е задолжен и во кој рок.

Така системот добива ритам и институционална меморија, наместо да зависи од индивидуален ентузијазам.

  1. Едноставна, но обврзувачка постапка „пријава – процена – одговор“. Наместо сложени процедури, важно е да постои еден јасен документ кој одговара на прашањата:
  • кои типови случаи се пријавуваат (сомнителни наративи, координирани кампањи, хибридни инциденти);
  • кој ја прима пријавата и во кој рок прави прва процена;
  • како се одлучува дали случајот ќе остане во редовна процедура или ќе премине на повисоко ниво на аларм;
  • кој ја комуницира одлуката и мерките до јавноста.

Оваа постапка може да биде претставена и како едноставен „flowchart“ што сите фокални точки го познаваат и користат.

  1. Капацитети: обуки, алатки и кадар што знае што прави. Институциите не можат да реагираат координирано на СММИ ако луѓето внатре немаат основни знаења за дигитални кампањи, анализа на наративи, медиумска писменост и кризна комуникација.

Затоа документот препорачува:

  • каталог на обуки на три нивоа: основни за сите фокални точки, напредни за аналитичари и комуникатори, и специјализирани за изборни или кризни ситуации;
  • јасна цел за секоја обука и конкретен резултат (алатка, протокол, шаблон);
  • официјални потврди за завршени обуки, за да се задржи институционалната меморија и при ротирање на кадарот.
  1. Стандардизирана размена на информации и минимална мерливост. За да не се губи време и да не се создава „институционален шум“, потребно е:
  • секој инцидент да се евидентира со минимален, но стандарден сет полиња (датум, извор, краток опис, проценка на влијание, преземени мерки, статус);
  • да постои заеднички, контролираниот репозиториум каде овие записи се чуваат и се надградуваат;
  • да се следи мал сет индикатори: редовност на состаноци, број обучени фокални точки, време од сигнал до прва координирана реакција, досег и разбирливост на пораките.

Не е потребна сложена индикаторска рамка, туку доволен е „минимален пакет“ што покажува дали системот се движи во добра насока и каде има блокади.

Од одлука до имплементација

Големиот ризик за секоја политика за отпорност е да остане „заробена“ во анализи и документи. Токму затоа документот за јавна политика инсистира на патоказ, а не само на опис на модели.

Следните чекори би биле:

  • да се избере институционален модел (или комбинирана фаза: брз старт со координативен механизам, понатаму еволуција кон самостоен центар);
  • да се даде формален мандат и рокови за воспоставување на минималната инфраструктура;
  • да се одредат ресурси т.е. кадар, алатки и буџет, во согласност со избраниот модел;
  • да се воспостави редовен механизам за отчетност кон Владата, Собранието и јавноста.

Додека тоа не се случи, Северна Македонија ќе продолжи да се соочува со странски кампањи за влијание со бавен, фрагментиран и често неусогласен одговор.

Интегриран национален механизам за одговор на СММИ не е луксуз, туку предуслов за заштита на изборите, јавниот дискурс и довербата во институциите во години кога информациските закани стануваат сè порафинирани. Прашањето не е дали ќе платиме цена туку туку дали ќе ја платиме однапред, со паметно дизајниран систем, или дополнително, преку кризи, поларизација и изгубена доверба.

Овој блог не нуди едноставен рецепт, туку покана за конкретна одлука: кој модел на национален механизам ќе го избереме и кога конечно ќе започнеме да го градиме?

Александар Грижев

Д-р Александар Грижев е вонреден професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје и раководител на Катедрата за општествени и хуманистички науки. Неговиот наставно-истражувачки фокус е на безбедносно-одбранбените студии, постконфликтната стабилизација и реконструкција, реформите на безбедносниот сектор (SSR), радикализација и насилен екстремизам, когнитивни операции и родова перспектива во вооружените сили и поширокиот безбедносен сектор. Има оперативно искуство од меѓународни мисии, вклучително и учество во Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина (2019–2021), како и претходни ангажмани во конфликтни и постконфликтни средини. Редовно учествува на меѓународни форуми и е дел од различни проекти и активности со национални и меѓународни партнери (NATO Science and Technology Organization, NATO Committee on Gender Perspective, OSCE, UN, RACVIAC, PfP Consortium). Со посебен интерес во културните и религиозните димензии во операциите, го истражува градењето институционална отпорност кон хибридните закани, со посебен фокус на странското мешање и манипулирање со информации (СММИ), институционална координација, јавна отпорност на манипулативни наративи и етичка комуникација во безбедносниот сектор.