fbpx

Што може да добие Македонија ако се зачлени во Организацијата за црноморска економска соработка

Дениз Мемеди

Економија

10.04.19

Прегледи

Дениз Мемеди

Организацијата за црноморска економска соработка (ЦЕС) не го поседува потенцијалот на Европската Унија, меѓутоа би создала простор за економска соработка на Северна Македонија со држави кои не се дел од ЕУ а со кои досега земјата немала некаква комуникација. Ова во најголема мера би важело за земјите од регионот на Кавказот и Црното Море кои се богати со природни ресурси како нафта и природен гас.

Преку нормализацијата на билатералните односи со соседите и надминувањето на пречките во процесот на интеграцијата во меѓународните организации, меѓу главните стратешки приоритети за 2019 година на сегашната власт ќе биде економскиот развој на земјата. Во оваа насока зачленувањето на Северна Македонија во Организацијата за црноморска економска соработка би отворило нови хоризонти за економска соработка, посебно во регионален контекст (Бугарија, Грција, Албанија и Србија се членки на оваа организација).

По завршувањето на Студената војна, се промени контекстот на меѓународниот систем. Мразот помеѓу Истокот и Западот почна да се топи и се создаде простор за нов пристап на соработка помеѓу државите, особено на регионално ниво. Овој момент почна да го насетува турското лидерство во почетокот на 1990-тите и ја пласираше идејата за создавање организација за економска соработка на земјите од регионот на Црното Море. По низа состаноци со земјите од овој регион во периодот помеѓу 1990-1992, конечно на 25 јуни 1992 Црноморската Економска Соработка (ЦЕС) се создаде како единствен и ветувачки модел на мутилатералната политичка и економска иницијатива со потпишувањето на Декларацијата на Истанбулскиот Самит и Босфорската Декларација од страна на државните лидери и лидерите на владите на земјите од регионот. Покрај земјите од регионот на Црното Море, Азербејџан, Ерменија, Грузија, Молдавија, Романија, Русија, Турција и Украина, како земји основачи на оваа иницијатива се појавија и трите балкански држави, Бугарија, Грција и Албанија.. Целта на поддржувачите на оваа идеја беше да се создаде конекција на различните региони, особено во економски контекст.

Со стапувањето во сила на нејзината Повелба на 1 мај 1999, ЦЕС доби меѓународен правен идентитет и се претвори во полноправна регионална економска организација - Организација на црноморска економска соработка. Во 2004 година кон оваа организација се придружи и Србија.

Главниот одлучувачки орган во рамки на ЦЕС е Советот на министрите за надворешни работи. Според правилата и процедурите на организацијата, мнозинството одлуки овој орган ги носи со консензус (член 11), додека за останатите одлуки се бара мнозинство од 2/3 од земјите членки (член 12). Нова членка во организациата се прифаќа со консензус од страна на Советот. Останати важни органи во ЦЕС се и Постојаниот меѓународен секретаријат како и Комитетот на високи претставници (службеници).

ЦЕС содржи и соодветни тела кои ги извршуваат нивните функции во согласност со принципите на организацијата поставени на Декларацијата на Самитот на 25 јуни 1992. Меѓу поважните се и: Парламентарното собрание на црноморската економска соработка; Деловниот Совет на Организацијата за црноморска економска соработка; Црноморската банка за трговија и развој; Меѓународниот црноморски студиски центар; и Координативниот центар на ЦЕС за размена на статистички податоци и економски информации.

ЦЕС поврзува 2 континента и 350 милиони жители

Една од главните цели на ЦЕС е развој на економска соработка помеѓу земјите членки и другите држави, притоа опфаќајќи го и процесот на економска соработка со другите меѓународни економски институции како и претпријатијата и компаниите. Основањето на ЦЕС создава можност за економска поврзаност меѓу двата континенти (Европа и Азија), како и трите различни региони - Балканот, Кавказот и Црното Море, со површина од 20 милиони квадратни километри кои опфаќаат околу 350 милиони жители. Се смета дека обемот на трговијата во рамки на ЦЕС изнесува приближно 167,3 милијарди долари годишно. Важно е да се потенцира дека географскиот простор кој го покрива ЦЕС го претставува вториот најголем извор на нафта и природен гас следствено на регионот на Персискиот Залив, со што претставува главен снабдувач на енергија за Западна Европа. Постои широк опсег на полињата на соработка помеѓу земјите членки почнувајќи од трговијата и економскиот развој; банките и финансиите; комуникацијата; енергијата; транспортот; земјоделството и агро-индустријата; здравствената и фармацевтска грижа; заштитата на животната средина; туризмот; наукатаи технологијата; размената на статистички податоци и економска информација; царинската сорабока и соработката помеѓу другите граничниоргани; борбата против организираниот криминал како и противзаконската трговија со дрога, оружје и радиоактивни материјали.

Извор: mfa.gov.tr

Впечатоците на балканските земји за ЦЕС

Балканските земји како членки на ЦЕС имаат мултидимензионален пристап кон бенефитите. Ова подразбира дека придобивките од ЦЕС не се однесуваат само на членство во структурите на организацијата и отворање на каналот на економска комуникација помеѓу земјите членки, туку и реализација на заеднички проекти. Ова дојде до израз преку создавањето на Фондот за развој на проекти на 25 октомври 2002 преку усвојување на резолуцијата на Советот на министрите за надворешни работи. Од 2003 година одобрени се дваесет и четири проекти во рамки на Фондот за развој на проекти во областа на земјоделството и агроиндустријата, образованието, енергијата, заштитата на животната средина, здравтството и фармацевтската индустрија, науката и технологијата. Дваесет и еден од овие проекти се завршени, додека три се во тек. Фондот за развој на проекти може да одобри буџет и до 30,000 евра за партнерски проекти (за јавните и приватнте агенции) од најмалку три земји членки на ЦЕС, за на тој начин тие да извршуваат претходни физибилити студии за развојните проекти. Во рамки на реализацијата на еден дел од досегашните проекти, земјите членки од Балканот биле или носители или партнери на проектите.

Вреди да се спомене и Црноморскиот автопат чија изградба започна во 2011 година а се очекува да заврши во 2020 година, а е еден од најзначајните проекти кој е произлезен од средбите на ЦЕС. Се смета дека должината на автопатот изнесува околу 7140 км, а ги опфаќа Турција, Грузија, Русија, Украина, Молдавија, Романија, Грција и Бугарија. Истовремено и Ерменија, Азербејџан, Албанија и Србија, исто така ќе можат да се поврзат со овој автопат преку други дополнителни рути.

Според Агим Пашоли, Директор на Секторот за мултилатерални иницијативи во рамки на Министерството за надворешни работи на Албанија „Денес, сите се согласни дека значајниот напредок на регионалната соработка во рамки на ЦЕС е постигнат. Убедени сме дека нашата соработка која се обидуваме да ја зајакнеме во вид на регионална соработка е битен чекор кон општата интеграција и искрен услов особено за интеграција во ЕУ. Како што е општо познато, ЦЕС е полноправна регионална економска организација, а истовремено е и единствената која дејствува во нашиот регион. Се работи за добро структурирана и институционализирана организација". Треба да се напомене дека по излегувањето од комунистичкиот систем, ЦЕС е една од првите меѓународни организации во кои е зачленета Албанија.

Од друга страна, српскиот Министер за надворешни работи Ивица Дачиќ нагласи „Во текот на последниве 25 години ЦЕС и нејзините членки имаат придонесено кон стабилноста и развојот на овој регион. Преку заедничките иницијативи, проекти и конференции, ЦЕС има за цел да го подобри квалитетот на живот на над 350 милиони жители за четвртина век.“

ЦЕС би отворило нови хоризонти за економска соработка за Македонија

Во ситуација на позитивна клима на соседските односи на Северна Македонија, оваа атмосфера треба максимално да се искористи. Впрочем, четири од пет соседни земји на Северна Македонија се членки во ЦЕС. Тоа треба да се искористи актуелната власт да побара од своите соседи поддршка и лобирање за членство во оваа организација. Наша голема позитивна предност е и Турција како носител на основањето на организацијата. Двете земји уште од почетокот на 1990-тите имаат одлични меѓусебни односи, и несомнено Турција би лобирала за зачленување на Северна Македонија во ЦЕС. Се разбира, ЦЕС не го поседува потенцијалот на Европската Унија, меѓутоа би создала простор за соработка на Северна Македонија во областите на дејствување на организацијата со држави кои не се дел од ЕУ а со кои досега земјата немала некаква комуникација ниту соработка од посебен интерес. Секое идно планирање на мега проекти од областа на енергетиката кои географски потекнуваат од ЦЕС, Северна Македонија би го следела од поблиску и како транзитна земја би можела да оствари корист од гасните цевководи насочени кон Западна Европа. Покрај ова, ЦЕС ќе создаде можности за привлекување странски инвестиции во земјата. Имајќи ја предвид потребата од подобрување на економската ситуација во државата, зачленувањето во регионална економска организација како ЦЕС би отворило уште еден прозорец на можности за остварување економски проекти.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Дениз Мемеди

Дениз Мемеди е докторант по меѓународни односи во универзитетот Јилдиз Текник во Истанбул. Авторот е стипендист на Турската влада. Негови истражувачки интереси се надворешната политика на Турција, меѓународните организации и политичката ситуација во Македонија. Тој е активен во цивилниот сектор, соработник на различни организации на национално ниво и учесник на голем број на меѓународни обуки, семинари и конференции.