fbpx

Независноста на судството преку стандардите на Стразбур

д-р Мирјана Лазарова Трајковска

Јавен интерес

Правда

02.02.16

Прегледи

д-р Мирјана Лазарова Трајковска

mirjana lazarova trajkovskaМакедонското досие во Судот во Стразбур покажува дека проблемите на судството во врска со независноста во повеќето случаи се поврзани со неподготвеноста на конкретните судии да се соочат со различните форми на влијанија. Од досега завршените седум предмети, во два случаи е проблем наметнувањето на извршната над судската власт, а во пет случаи пристрасноста на судиите.

Независноста на судството е голем предизвик и сложен проблем не само за сиромашните земји и земјите во транзиција како Македонија туку и за побогатите и политички понапреднатите замји. Затоа таа е постојано предмет на продлабочен стручен и поширок јавен интерес. Подолго време македонското судство е изложено на бројни критики за независноста (на пример, последните годишни извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата или Извештајот на Прибе). И покрај бројните критики, судството во Република Македонија остана главно пасивно и остави простор јавната слика да се гради на негативни примери. Регистрираните јавни реакции од судски инстанци на ваквите критики беа насочени главно кон новинари, граѓански здруженија и политичари – обвинувајќи ги за притисок врз судството. Недостасува видливост на определеноста на судството за соочување и справување со критиките во врска со притисоците и влијанијата кои може да доаѓаат од други и многу помоќни извори (како што е извршната власт, на пример), а не само од јавноста.

Сепак, не постои една општо универзална дефиниција и критериум за независноста на судството – како што врочем не постои ни универзална дефиниција за правдата. Затоа е важно познавањето на стандардите кои во врска со независноста на судството ги воспоставуваат референтни инстанци на правдата. За македонското судство таков репер е и, уште повеќе, треба да биде, Европскиот суд за човековите права во Стразбур.

За таа цел, најпрво кратко ги назначуваме главните принципи и стандарди на Судот во Стразбур во однос на независноста на судството. Потоа, го анализираме македонското досие за независноста на судството преку случаите во врска со прашањата за фер и правично судење. Од него, според мене, произлегуваат два главни предизвици: прво, проблеми со поделбата на власта и второ, проблеми со непристрасноста на судиите. Првиот круг проблеми е од системски карактер, а вториот ги отвора прашањата за стручноста, интегритетот и моралноста на судиите. Со досега завршени седум предмети, македонското досие за независноста на судството содржи два случаи од првиот и пет од вториот вид.

Што подразира независноста на судството

Независноста на судството е еден од темелните принципи на остварувањето и заштитата на човековите права и слободи и, врз таа основа, на правната држава. Уставите на демократските општества ја гарантираат независноста на судство на различни начини. Гаранциите се во насока на обезбедување законски, економски, образовни и професионални услови судиите да можат да ја извршуват својата судиска функција без притисок од извршната власт, од странките или од други заинтересирани поединци или групи.

Како еден од предусловите за поделба на властите се подразбира функционална, институционална и индивидуална/лична одделеност на судиите од другите власти. Политичките системи на владеење се разликуваат во однос на заемните односи меѓу трите власти, но почитта кон независното судство и немешањето во судските работи е темелен принцип прифатен и вграден во судската пракса на Судот во Стразбур. Иако не постои прецизна одредба која ќе ја гарантира поделбата на власта, во пресудата Клеин и други (Kleyn and Others) против Холандија, Судот упати порака дека властите мора да делуват во согласност со принципите за правично судење. Тоа подразбира право на „независен и непристрасен“ суд, а со тоа и гаранција дека судовите мора да бидат одвоени од законодавната и од извршната власт. Во Benjamin и Wilson против Обединетото Кралство принципот на поделба на власта е посочен како „фундаментален“, а оддвојувањето на судската од извршната власт како „легитимна цел“ која треба да ги води трите власти.

Само независно и непристрасно судство ќе ги исполнува своите должности vis a vis законодавецот, извршната власт и особено во однос на граѓаните. Ако за судиите независноста на судството треба да биде нивна обврска, за граѓаните тоа е нивно право. Така, на пример, во пресудата Олександр Волков (Oleksandr Volkov) против Украина се обелоденија сериозни системски проблеми во однос на недоволната независност на судството од другите гранки на државната власт во таа земја. Судот ја задолжи Украина да преземе низа општи мерки меѓу кои и законски измени, насочени кон реформирање на системот на судството. Во Финдли (Findlay) против Обединетото Кралство, а подоцна и во Брудницка (Brudnicka) и останатите против Полска, Судот посочи дека за да може суд да се смета за независен, „...важен е начинот на именување на судиите, нивниот мандат, постоењето гаранции против надворешни притисоци и прашањето дали тоа тело има појавна независност“. Овој пристап почива на разбирањето дека поделбата на власта и неговата заштита од страна на судството е право кое им припаѓа на граѓаните и дека правдата мора да е во служба на граѓанството.

Независноста на судството од другите две власти

Во односите на законодавната власт кон судството принципот на правично судење, забранува било каква интервенција на законодавецот за влијание при спроведувањето на правдата и при определувањето на спорот. Неприфатливи се закони со ретроактивно дејство кои би имале за цел да извршат влијание на судското одлучување во спор во кој државата е страна (National and Provincial building society против Обединетото Кралство), или пак јасно е дека судиите не смеат да се вклучуват како советници при изготвувањето на закони за чие подоцнежно спроведување тие ќе бидат надлежни.

Другиот агол на триаголникот во поделбата на власта, извршната власт, мора да ги почитува законите со задолжителност за судска контрола на сите нејзини одлуки. Луис Лопез Гера (Luis Lopes Guera) посочува дека постојат ситуации кога „судиите може да се чувствуваат под пресија и условени од страна на јавните изјави од оние кои се носители на функции со политичка моќ“. Oнаму каде судовите правосилно одлучиле, не треба да има место за интервенција на било кој дел од извршната власт, бидејќи постапување спротивно од ова го доведува во прашање почитувањето на принципот на правна сигурност. Судијата мора да биде неутрален во односот кон учесниците во постапките. Како правило, независноста означува отсуство на предрасуди или наклонетост во однос кон некоја од страните. Затоа, судијата не смее и не е прифатливо да биде носител истовремено на судска и на било каква функција во или блиску до извршната власт.

sud eu

Извор: www.utrinski.mk

Независноста на македонското судство пред огледалото на Стразбур

Македонското досие во Судот во Стразбур во врска со прашањата за независноста на судството се состои од седум случаи. Тие се однесуваат на различни аспекти на независноста на судиите како од извршната и законодавната власт така и од странките, но и од колеги судии.

Во голем број европски демократии неприфатливо е висок претставник на извршната власт да дава коментари и оценки на предмет кој е во постапката пред надлежен судски орган, а уште помалку да биде вклучен во одлуката на судски орган. Така и во предметот на Геровска Попчевска (Gerovska Popčevska), Судот за прв пат на македонски случај навлезе во оценка на прашањето за независноста и заклучи дека присуството и вклученоста на Министерот за правда како член на извршната власт, во носењето на одлука на Судскиот совет за разрешување на судија, ја нарушило независноста на ова тело. Во вториот случај, Ивановски против Република Макеоднија, Судот заклучи дека изјавата на високиот политичар од извршната власт е ipso facto, неспоива со поимот „независен и непристрасен“ суд. При тоа, за Судот беше јасно дека овде не се работи за вистински доказ на влијание или притисок врз судиите, туку за важноста на појавноста на непристрасноста.

Во други два случаи независноста беше доведена во прашање врз основа на претпоставена веројатност за присуство на пристрасност на судија. Во предметот на Николов против Република Македонија, вработувањето на сопругата на судијата кај тужениот, создало сомнеж кај жалителот во врска со непристрасноста на судијата. Во пресудата по жалбата на Бајалџиев против Република Македонија, сомнежот во непристрасноста на Врховниот суд, жалителот го формирал врз фактот дека еден ист судија судел два пати во ист предмет, иако во друго својство - прво како претседател на судечкиот совет на Апелациониот суд, потоа како член на судечкиот совет на Врховниот суд. И во двата случаи, Судот оцени дека постоело објективно оправдување за стравувањето на жалителите дека судијата ја немал очекуваната непристрасност и дошло до повреда на принципот на правично судење.

Во Митриновски (Mitrinovski) и во Попоски и Дума (Poposki and Duma) жалителите го покренаа прашањето на независноста и непристрасноста на Судскиот совет кој одлучувал во врска со нивното разрешување како судии. И во двата сучаи утврдена е повреда на принципот на правично судење поради учество на судии кои биле вклучени во претходните постапки. Воден од истите принципи и во случајот на Јакшовски и Трифуновски против Република Македонија, Судот утврди повреда бидејќи членови на Судскиот совет коишто ја повеле постапка за разрешување на двајцата судии подоцна учествувале во одлуката на Судскиот совет за нивно разрешување.

Предизвици за понатаму

Анализираното досие покажува дека проблемите на судството во врска со независноста во повеќето случаи се поврзани со неподготвеноста на конкретните судии да се соочат со различните форми на влијанија. Во два случаи проблем е наметнувањето на извршната над судската власт.

Надминувањето на овие и слични проблеми претпоставува институционална и лична независност. Првата е поврзана со појасно дефинирање на релациите на судството со другите сегменти од државната власт, а втората со личната, професионална подготвеност на судиите. Тоа освен интелектуален капацитет подразбира соодветна институционална рамка и оперативна подготвеност на судиите (професионален интегритет заснован на познавање и почитување на националните закони и меѓународните стандарди). Законодавна и извршна власт кои се потпираат на судство кое не го одликува независност порано или подоцна ќе се соочат со бумерангот на нестручноста и неквалитетот на истото судството.

Во исто време, судската независност налага судиите да бидат слободни не само од влијанијата од надвор, туку и во самото судство. Независноста внатре во судството претпоставува слобода од директиви и притисоци од колеги-судии или vis-à-vis претпоставените во судството, но и егзистенцијална сигурност и независност. Судијата мора да биде слободен во размислувањето и во постапувањето. Судиите ќе го постигнат тоа ако се борат за својата независност и непристрасност. Во тој нивен предизвик критичката јавност е повикана да ги поттикне и да ги поддржи.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д-р Мирјана Лазарова Трајковска

Мирјана Лазарова Трајковска e судија и претседател на секција во Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Предходно била судија во Уставниот суд на Република Македонија, претседател на Државната изборна комисија, раководител на Секторот за човекови права во Министерството за надворешни работи, како и помошник министер за управни постапки во Министерството за внатрешни работи. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје. Магистрирала и докторирала на Правниот факултет во Љубљана.