д-р Благоја Марковски
Бегалската криза се очекува да добие на интензитет пролетва, а Македонија е клучна транзитна врска за да се стигне до „ветените“ земји во Европа. Македонија не може да биде претворена во бегалски кампови во кои присилно ќе се задржуваат бегалци, а противзаконита е и помошта што ѝ се нуди во воени сили од одредени земји. Организираниот превоз на бегалците од Гевгелија до Австрија е малку доколку нема глобален и координиран пристап за справување со кризата и не се постигне траен мир во Сирија.
Во последната деценија бруталната ескалација на вооружените конфликти од Северна Африка до западна Азија принуди милиони луѓе да ги напуштат своите домови. Денес, особено и крајно е нестабилна ситуацијата во земјите на потекло на бегалците - Сирија, Авганистан, Ирак и Иран, со реална опасност наскоро тоа да се случи и во Египет и Либија. Бегајќи од опасноста на воените жаришта, околу 700 илјади Сиријци прибежиште побараа во Јордан, а близу два милиона Сиријци времено се сместија во неколку кампови во Турција, во пограничниот појас и во градовите Измир, Бодрум и Истанбул. Ситуацијата почна да им бега од контрола на турските власти откако илјадници бегалци тргнаа пешки кон Едрене и границата со Грција. На ова му идеше во прилог најавата на германската влада на почетокот од септември минатата година дека ќе ги прими сите Сиријци кои во Германија ќе побараат азил.
Неединствена Европа
Со појавата на првите поголеми бегалски бранови, особено во втората половина на минатата година, се очекуваше дека Европа ќе се здружи и ќе дејствува во согласност со Конвенцијата за статусот на бегалците на ООН од 1951 и нејзиниот придружен протокол од 1967 за статусот на бегалците. Се очекуваше концепт на прифат, заштита и интеграција на бегалците и мигрантите кој требаше да овозможи мерки од страна на државите на ЕУ со кои ќе се респектираат нивните човекови права, недискриминација и достоинство. Се очекуваше и потврда на најавите за додела азил на бегалците со што ќе им се ефектуираа можностите да станат одговорен дел од општествениот, економскиот и социјалниот живот во „ветените земји на ЕУ“. Наспроти тоа, Европа стана сé поподелена. Многу држави од ЕУ одбија да примат бегалци, со што ги оставија соседните држави, сами во својот напор.
Британија и Данска воопшто и не разговараа на темата за прифат и заштита на бегалците, Австрија и Германија воведоа строги контроли на границите со патроли на своите војници и полицајци. Унгарија прва повлече одлучен потег и буквално херметички ја затвори границата кон Србија. Словенија веднаш го запре возот со 150 бегалци кој требаше само да транзитира низ државата на пат кон Австрија. Хрватска донесе одлука со која ги затвори границите кон Србија и тоа само 24 часа откако првиот бегалец стапна на нејзина територија.
Парцијални решенија
Реално, безграничен прием на бегалци во Европа не е можен. Од друга страна, неуспехот на Грција да ги запре бегалците, некои членки на ЕУ во приодот за решавање на бегалската криза ги натера да прибегнат кон парцијални решенија. И за жал, на површина испливаа сопствените национални интереси пред пропагираните европски вредности.
Според концептот на германската канцеларка Ангела Меркел, во справувањето со бегалските бранови се посочува на организирано директно префрлање на стотици илјади бегалци од Турција во земји-членки на ЕУ, а со засилена контрола на Егејот од страна на Грција и Турција, елеминирање на балканската рута.
Концептот на Вишеградската група (Унгарија, Полска, Чешка и Словачка) предвидува блокада на движењето на бегалците со воспоставување на „ѕид“ на границата на Грција со Македонија, Албанија и Бугарија.
Австрија, која го дефинира ограничувачкиот број за прием на бегалци останува доследна во своите барања за затворање на границата на Македонија со Грција.
И земјите од балканската рута, по најавите на Австрија за можното затворање на своите граници за бегалците, веќе ги искажуваат своите ставови за исти мерки по принципот „копирај го северниот сосед и речи дека си немал друг избор“.
Извор: Томислав Георгиев, фотограф
Македонија и бегалските кризи
Во изминатите 25 години Република Македонија пет пати се соочуваше со сериозните предизвици да се справува со бегалски кризи.
Прв пат, тоа беше во текот на 1991 година кога, по настаните во Република Албанија, 1.180 лица од пограничните региони кон Република Македонија побараа заштита и беа згрижени во преспанско-отешевскиот, струшкиот и охридскиот регион.
Во текот на 1992 година, Република Македонија им понуди заштита на 35.000 лица кои бегаа од кризата и воените дејства во Босна и Херцеговина сместувајќи ги во седум колективни центри ширум државата. Овие лица беа под заштита на Македонија се` до 1997 година кога, по надминување на состојбите во Босна и Херцеговина, беше овозможено безбедно и организирано нивно враќање.
Како последица на кризата на Косово во пролетта 1999 година, 360.000 лица - главно етнички Албанци побараа и добија меѓународна заштита во Република Македонија. Со Заклучокот на Владата на Република Македнија за давање на привремена хуманитарна заштита 126.000 лица беа сместени во осум колективни центри, изградени за таа намена на територијата на Република Македонија, а 234.000 лица беа згрижени во семејни домови на граѓаните ширум земјата. Со 91.476 згрижени лица „Стенковец“ беше најголем колективен центар. Привремената хуманитарна заштита за бегалците од Косово траеше се` до 22. септември 2003 година, иако веќе на крајот од 2000 година бројот на бегалците беше сведен на 5.416.
Во текот на ескалацијата на внатрешнодржавната криза во Република Македонија во текот на 2001 година, како последица на вооруженото насилство беа евидентирани 86.954 внатрешно раселени лица, а според податоците на УНЦХР околу 20.000 лица ја напуштија Република Македонија и се упатија на Косово.
Од јуни минатата година Македонија е клучна транзитна врска за преку 700.000 бегалци и мигранти кои ја користат балканска рута со цел да стигнат до „ветените“ земји во западна и северна Европа. Оваа бегалска криза, за сега, за Македонија има транзитен карактер, но со сите последици од хуманитарен, економски и безбедносен карактер. Реално е да се очекува дека овој бегалски бран го нема достигнато својот максимум и дека претстои период на усложнување на состојбите.
Поаѓајќи од обврските кои произлегуваат од Конвенцијата за статусот на бегалците, активностите што на овој план ги презема и ќе ги презема Република Македонија треба да бидат усогласени, како со решенијата на ЕУ, така и со мерките на соседните држави (Грција и Србија). Ова е неопходно за да не се доведеме во безизлезна состојба, со тешки последици по безбедноста и стабилноста на државата. Но, Република Македонија не може да биде претворена во бегалски кампови во кои присилно ќе се задржуваат бегалци кои сакаат да го продолжат патот до некоја од нивните крајни дестинации.
Како што изградбата на ѕидови и огради не можат да ги сопрат брановите на бегалци, а само дополнително ќе ги засили шверцерските групи, така и влегувањето на Македонија во разговори за парцијални и еднострани решенија може да има негативни последици и во однос на безбедноста и по прашањата на репатријацијата. Во тој контекст и за овие цели, особено е неприфатлива помошта што на Македонија ѝ се нуди во воени сили од одредени земји. Тоа би било и противзаконито затоа што во оваа смисла Македонија единствено со Европската унија има ратификувано Спогодба за воспоставување рамка за учество на Република Македонија во операциите на Европската унија за управување со кризи, склучена во Брисел на 29 октомври 2012 година. Согласно Законот за одбрана (член 17, став 7), само Собранието на Република Македонија „ратификува меѓународни договори кои се однесуваат на влегување, поминување или престојување на странски вооружени сили на територијата на Републиката заради вежбовни активности, обука и учество во мировни или хуманитарни операции, како и за учество во тие активности и операции на единиците на АРМ во странство“.
Глобален предизвик бара глобално решение
Една од карактеристиките на оваа криза, која ја прави исклучително тешка, е фактот што не може да се види крајот, а што од друга страна го отежнува справувањето и го прави уште покомплицирано. Никој не знае кога ќе настане мир во Сирија. Прашање е што ќе се случи ако луѓето почнат да бегаат и заради нестабилизираните состојби во Либија, а тоа веќе се наѕира.
Неизвесноста на кризата, чија динамика се очекува да добие на интензитет пролетва, носи сериозен глобален предизвик, но и проблеми и за Македонија и за регионот. Со оглед на огромниот наплив на бегалци од Грција, која очигледно не е во состојба да ги задржи, во преден план се поставува безбедносниот аспект. Проблемот дополнително е усложнет и поради отсуството на јасно дефиниран и единствен концепт на Европската унија за ефикасно справување со прифатот и згрижувањето на бегалците.
Тоа што го понудија Минхенската конференција и Бриселскиот самит, како и договорот на земјите од балканската рута за организиран превоз на бегалците од Гевгелија до границата со Австија е сепак малку доколку не се надмине најголемиот од сите предизвици - постигнувањето траен мир во Сирија. Бегалската криза е само последица на „причините за бегството од Сирија и од бегалските кампови во соседните земји“ (Меркел), а за да се реши овој проблем, „потребно е, пред се, да се постигне политичко решение на конфликтот во Сирија, Либија и во другите земји, чии жители се принудени заради војната и разорувањата да ги напуштаат своите домови“ (Путин). Затоа, за справувањето со моменталната бегалска криза, но и со миграцијата во иднина е неопходна глобална мигрантска стратегија и координиран и глобален пристап на ниво на ЕУ и пошироко.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.