Кирил Пржо и Магдалена Петкова
Состојбата на националниот парк „Галичица“ е прашање од национално значење. Најавите за изградба на големите проекти директно го загрозува статусот на поголемиот дел на подрачјето што се наоѓа под различна заштита.
Со цел да ја заживее економијата, да го развива туризмот и да отвори нови работни места Владата на Република Македонија излезе со идеја за изградба на три туристички зони на Охридското и Преспанското Езеро, ски центар и експресен пат од Охрид до Свети Наум кој ќе минува низ Националниот парк „Галичица“. По изнесувањето на идејата, голем број активисти, еколози и биолози ја ставија на јавна дискусија потребата за овие градби од еколошки, инфраструктурен и економски аспект и одржливост. Веќе неколку месеци тече диискусија за плановите, нивната потреба и најмногу околу анализата за оценка за влијание врз животната средина, на која екологистите ѝ најдоа многу забелешки, но речиси никаде не се споменува со кои долготрајни последици ќе се соочи Галичица со изградбата и функционирањето на овие градби и инсталации.
Зошто не треба да се гради?
Националниот парк Галичица претставува „жариште“ на биолошката разновидност на Балканот и во Европа. Исклучителното богатство на живеалишта и видови го издвојува Паркот од други подрачја со слична големина. На нешто помалку од 25.000 хектари, се среќаваат повеќе од 35 типови живеалишта, 40 растителни заедници, околу 1.600 видови од васкуларните растенија, повеќе од 480 видови габи и преку 3.231 таксони од фауната. Богатата биолошка разновидност во Паркот има големо национално, европско и глобално значење.
Меѓународното значење на биолошката разновидност во Паркот е потврдено со бројни меѓународни номинации, како на пример: „Емералд подрачје“, „Значајно растително подрачје“, „Примарно подрачје за пеперутки“, „Светско наследство на УНЕСКО“, а потенцијално и „НАТУРА 2000 подрачје“, за чие прогласување постапката е во тек.
НП Галичица е парк-членка на Еуропарк, европската федерација на национални паркови и заштитени региони, со што се обврзува да го заштитува и унапредува паркот како и да промовира одржлив развој, а не деградација на заштитената област.
Деградирањето на природните вредности во едно заштитено подрачје со цел спроведување големи инфраструктурни проекти е спротивно на основната цел на управување со заштитеното подрачје согласно член 74 од Законот за заштита на природата. Дополнитело, член 75 дефинира дека активности кои претставуваат закана за автентичноста на природата на Националниот парк се забранети. Според членот 75(2) дозволени се туристички и рекреативни активности како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.
Кои ќе бидат последиците?
Според Националната агенција на паркови на Канада, уништувањето на живеалишта и прекопување на теренот се меѓу главните причини за уништување на парковите веднаш по загадувањето на воздухот и инвазивните видови. Списанието „Национални паркови“ (National Parks), пак, го посочува политичкото влијание и мешањето во донесувањето одлуки како една од најголемите опасности со кои еден национален парк би можел да се соочи. Во случајот на Галичица, таа се соочува со двете.
Деградирањето на паркот со изградба на новиот пат не е единствениот проблем. Неговото функционирање и сообраќајот што ќе се одвива низ него, постојано ќе влијае врз околината. Загадувањето со издувни гасови како и загадувањето со звук, се фактори кои ќе останат да влијаат врз паркот. Според Националниот сервис за паркови на САД, автомобилите и другите моторни возила се значаен фактор за зголемување на загадувањето со звук во парковите, кое директно влијае врз животот на многу животински видови. Постоењето на пат наменет за сообраќај на моторни возила директно ја загадува околината со тешки метали и други загадувачи кои доаѓаат од испустот на гасови. (Pagotto C, et al.2001) Не смее да се заборави и на можноста за истекување на моторни течности, остатоци од гуми и останати материјали кои би дошле со сообраќајот. Зголемената патна сообраќајна инфраструктура би ја зголемила и човековата присутност во Паркот проследена со сите свои пропратни процеси. Патната инфраструктура во неурбанизирани подрачја негативно влијае врз популациите на птици и цицачи, односно густината на популацијата на птиците и цицачите се намалува како што нивната активност се доближуваат до патиштата. Со зголемена патна инфраструктура особено се загрозуваат грабливите птици и малите цицачи кои лесно може да бидат убиени при обид за премин преку патиштата. (Lоpez A. et al.2010)
Во извештаите за оценка на влијанието на градбите врз паркот, доставени до НП Галичица, се изоставува да се спомне дека и самата изградба на новите инфраструктурни мрежи и објекти ќе влијае врз околината. Имено, сувата прашина што ќе се појави при изградбата, присутноста на тешки градежни машини, споредните привремени објекти, привремените санитарни решенија директно ќе влијаат врз квалитетот и изгледот на околината. Никаде не се споменува сечата и деградацијата на околното земјиште при инсталациите на придружните градежни објекти и структури. Постои и голема можност за испуст на градежни загадувачи во природните водени системи во Паркот. Проблематично е што ниту инвеситорите, ниту нарачателите на проектот не нудат решение за тоа на кој начин ќе се мониторира влијанието на овие проекти во фазата на нивното градење.
Поглед кон Охридското и Преспанското езеро од Галичица
Извор: Славчо Христовски, приватен архив
Другата страна на туризмот
Како главна причина за изградба на овие проекти Владата го наведува туризмот, но без притоа да ја спомне и другата страна од неговата појава, освен заработувачка и промоција на регионот. Зголемениот туризам во заштитени подрачја може негативно да се одрази врз нив. Голем број туристи со себе носат и голем број на загадување (цврст отпад, загадување со звук, моторни возила). Но не само туристите, туку и обезбедување на добри услови за нив може негативно да влијае. Зголемен број на туристи ќе ја зголеми потребата за зголемена патна инфраструктура, изградба на помошни патеки, клупи и места за одмор што само го зголемува стресот на кое е подложено подрачјето. Чести се случаите во кои туристи заробуваат, колекционираат или оштетуваат загрозени или заштитени видови. Присуството на туристи и се` што со нив следува може да го наруши животниот циклус и екологијата на голем број животински видови. (Glenn Kreag)
Туризмот во националните паркови со себе носи загадување и физичко влијание на заштитеното подрачје (Finnessey, 2012). Интензивниот туризам може негативно да влијае и на животинскиот и на растителниот свет. Зголемениот туризам во националните паркови може да влије и на растенијата. Туристичките рекреации може да влијаат врз локалната вегетација преку газење, возење велосипеди, теренски тркала, трасирање на специфични планинарски патеки, јавање коњи и сл. (Pickering et al.2007) Постојаните посети од туристи би можеле да предизвикаат и нарушување на циклусот за парење на големите цицачи (Finnessey,2012).
Но, туризмот може и позитивно да влијае врз националните паркови. Особено еко-туризмот. Со правилна програма и план за работа преку еко-туризмот посетителите и туристите може подобро да се запознаат со работата и задачата на Паркот, со неговата улога и значење. Со ова посетителите можат приватно или професионално да дадат поддршка за паркот со што се потврдува и едукативниот карактер на парковите.
Националните паркови се национално богатство
Националните паркови ни се потребни сега, повеќе од било кога во историјата. Потребни ни се како последни прибежишта на многу растителни и животински видови чијшто опстанок е загрозен во останатите деградирани области. Ни требаат и поради нивните ,,екосистемски услуги“, како што се чиста вода и продукција на кислород, но и како место во кое можеме да го изучуваме и истражуваме животот на многу видови, врз кои, за жал, негативно влијаеме (Peter Lawrence).
Националните паркови треба да се отворени за посетители и истражувачи, треба да се истражуват и мониторираат, преку нив треба да се промовира заштита, но не по цена на нивно оштетување или деградација. Развојот на паркот треба да биде разумен и оддржлив, во согласност со европските и светските стандарди и норми. Националните паркови не смеат да станат „златно грне“ на постојана експлоатација или пак за него да се носат одлуки што би донеле заработувачка за краток период, при што би се уништило подрачјето засекогаш.
Состојбата на националните паркови е прашање од национално значење. Независно од донесените заклучоци и анализи, изградбата на овие големи проекти директно го загрозува и самиот статус на поголемиот дел на подрачјата што се наоѓаат под различна заштита.
Наместо да се посветува време на дневно-политичките случувања, да се фокусираме на најважното - судбината и понатамошната состојба на Галичица. Наместо нови и нецелосно поддржани планови и проекти, да се посветиме на подобрување на состојбата на Паркот, неговиот изглед и унапредување на службата што се грижи за него, која долго време се соочува со мал број на слабо опремени вработени служители и ренџери и управа која е под постојан политички притисок. Да се посветиме околу зачувување на вистинските вредности што Галичица ги има.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.