fbpx

Зошто праќањето на Ќосето и крстот за Заев мораат да бидат санкционирани

д -р Ненад Живановски

Јавен интерес

Правда

16.12.16

Прегледи

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovskiЗаканата со Ќосето, упатена од Никола Груевски кон Зоран Заев, како и носењето на крст со заковано име и презиме на лидерот на опозицијата се инциденти кои не смеат да се изостават за на јавноста да не ѝ се објасни дека говорот на омраза не претставува само експлицитно изречена омраза, туку дека тој може да биде и во прикриена форма, со употреба на метафори и симболизми. Независно од начинот на кој тој јавно се манифестира, неговата законска санкција мора да биде облигаторна.

 

Многу често, во политичкиот дискурс се сретнуваме со двосмислени искази, фигуративни описи, предимензионираност на стварноста или затскриени пораки, кои само се насетуваат или имплицитно се кажани. Исто така и говорот на омраза не мора секогаш експлицитно да биде изговорен, туку може да биде реализиран и преку некоја стилска фигура или неа да ја содржи како составен ентитет на неговата структура, но и воопшто да не биде вербално материјализиран, туку да се претстави преку предмет, на кој му се дава преносно или симболичко значење, различно од основното.

Метафората со Ќосето како говор на омраза

Метафоричниот говор е особено присутен во политичкиот дискурс. Почесто во ситуации кога намерата е да се навреди и нападне политичкиот противник, отколку да се афирмира личниот успех. Тоа е разбирливо бидејќи секогаш се тежнее личните постигнувања да се промовираат јасно и разбирливо, додека аргументацијата за денунцирање на противникот може да биде и затскриена, двосмислена или само наговестена. И тоа се гледа од самата семантика на зборот метафора, која потекнува од стариот француски збор métaphore, што значи „пренос“, „да пренесува“, „да трансферира“. Оттука, главниот аспект на метафората е вештачко префрлување на еден збор од еден контекст во друг.

Според Аристотел, метафората произлегувала од функцијата која ѝ е доделена да го увери соговорникот во нешто и да го поттикне на некаква дејност, односно има „инструментално – утилитарно“ значење. Нејзината мотивирачка моќ да ги покрене луѓето на дејствие ја разгледувале во своите реторички проблеми и Св. Августин и Тома Аквински, заклучувајќи дека говорништвото и „убавиот збор“ можат да бидат моќно средство во рацете на црквата за освојување на масите.

Кога станува збор за политичкиот дискурс, особено е тешко да се идентификува говор на омраза кој е изречен со метафоричен јазик. За разлика од јасниот, експлицитен и директен говор, пораката со омраза које е метафорично упатена, тешка е да се декодира бидејќи може да се толкува на различен начин (метафората е полисемантична), а не е исклучено и да биде прифатена како позитивна.

kjoseto2

Извор: okno.mk

Како пример за анализа ќе ја земеме изјавата на Никола Груевски дека „да беше Делчев денеска жив...на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“. Со вака употребената метафора, Н. Груевски алузивно се повикувал на улогата по која е познат Ќосето во историјата и го трансферира во рецентни околности. Во својот паралелизам, Груевски воспоставува аналогија меѓу жртвите на Ќосето и Зоран Заев („таков човек“), кои во поимањето на оние на кои им се обраќа Груевски, се сметаат за предавници, шпиони, изроди, непријатели, за да го заврши метафоричниот говор со императивот за дејствување даден од Гоце Делчев да го убие, егзекутира, предавникот („да ја заврши приказната“).

Груевски не зборувал генерално за шпиони, кодоши, предавници, кои се чести и посакувани фиксации за мобилизации во патетичниот етноцентричен наратив на неговата партија, туку, конкретно и директно го посочува Зоран Заев за предавник кој, ако би бил жив Делчев, би бил ликвидиран. Логично се поставува прашањето, ако Заев е виновникот, тогаш на кого Груевски денес му ја доделува улогата на џелат, бидејќи Ќосето од историска личност, сѐ повеќе станува новокованица со синонимно значење за егзекутор, убиец? Исто така, ако Ќосето убивал по наредба на Гоце Делчев, кој е тој што денес би му издал наредба на Ќосето?

Тоа се прашањата кои произлегуваат од овој метафоричен говор, во кој секоја историска личност или улога си има своја проекција во сегашноста: кодошот е Заев, егзекутор е секој патриот во партијата во чие спознание Ќосето се вреднува за позитивна личност од националната борба, додека наредбодавецот, Делчев, иако не е јасно апострофиран, тоа се насетува дека е оној кој јавно ја изрекол метафоричната порака. Затоа и утредента веднаш го добивме современиот Ќосе, кој се понудил да ја изврши наредбата дадена од современиот Делчев.

Другиот аспект за анализа на метафоричниот говор на Груевски е во тоа што метафоричниот пренос и промената на значењето имаат и емоционално-психолошка природа. Овој вонјазичен аспект на метафората и нејзиниот лингвистички механизам укажува на условеноста и субјективната обоеност на метафоричната порака од лицето што ја искажува. Оттука, различни луѓе на различен начин ќе доживеат и ќе изразат една иста појава, при што ќе го изразат својот посебен индивидуален став, емотивна состојба, својот интелект, афинитет и др. Затоа и цитираната изјава кај одредни следбеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои успешно ја разбрале метафората, веројатно ќе предизвика став на одобрување, емотивна возбуда и идентификација со кажаното, исто како што кај одредени симпатизери на СДСМ и останати, кои, исто така, го разбрале метафоричниот јазик, ќе предизвика став на осуда и отфрлање на кажаното како неприфатливо.

Со ваквиот конструкт на пораката, Никола Груевски не само што имплицитно упатил говор на омраза кон Зоран Заев, туку таа се однесува и на секој член или симпатизер на СДСМ. Бидејќи во неа перцепцијата на Заев не е како кон приватно лице, туку како кон политичка институција, неговото посочување за предавник кај неедуцираниот партиски член, изманипулиран со симплифицирана аналогија, би било разбрано дека и следбениците на кодошот мора да се кодоши и дека Ќосето треба и на нив да им се прати. Оттука, изјавата на Груевски треба да се разбере и како повик да се заврши и со граѓаните кои имаат различни политички убедувања.

За симболизмот на крстот со името на Зоран Заев како говор на омраза

Иако симболизмот иманентно се поврзува како правец во ликовната уметност, книжевноста и музичкото творештво, тој е присутен и во многу други општествени области. Она што нас нè интересира – политичкиот дискурс и говорот на омраза, исто така, можат да бидат конотирани со симболите. Иван Чоловиќ, предговорот на својата книга „Политика на симболите“, го почнува со констатацијата дека политиката, во најголема мера, е работа на симболи, а власта е, всушност, владеење над симболите.

Симболизмот е присутен секаде и неговата општа дефиниција би била дека тој е претставување на нештата преку симболи или преставување на нештата со симболичко значење или карактер. Во речникот Oxford Student’s dictionaryѕ of Current English симболизмот е дефиниран како користење предмети, активности и др., преку кои се претставуваат чувства, идеи и др. Оттука, симболот е предмет, акција или идеја која претставува нешто друго од она што самата е, најчесто со апстрактно значење.

Политичкиот симболизам е вид на симболизам кој се користи за да се претстават политички ставови и гледишта и тој може да се појави во различни форми како знаме, петокрака, ѕвезда, крст, полумесечина, акроним, слика, наслов, мото и во уште многу други форми. Според културологот Митја Великоња, симболизмот има голема важност и во воените конфликти, бидејќи, според вечната воена логика, победата на бојното поле е потполна само ако противникот биде и симболички поразен (знамето на победникот да се завее на противничка територија-моја заб.).

Освен како составен дел на политичкиот дискурс, симболизмот може да биде употребен и за говор на омраза, односно пораката на омраза да биде испратена со симболички средства, без притоа да се користи јазикот во неговата говорна или пишувана функција. Така, најчеста форма на симболичко упатување на говор на омраза е кога ќе се нацрта кукест крст на синагога, крст на џамија, полумесечина на црква. Друга форма на говор на омраза преку симболи е оставање свинска глава пред врата на муслиманско семејство или кога на спортските терени некој од публиката ќе фрли банана на терен, со јасна намера да го навреди играчот со црномуреста кожа.

krst prof1

Извор: telma.mk

Сѐ се ова примери кога говорот на омраза јавно се манифесира не преку артикулиран гласовен или пишуван акт туку со употреба на одреден симбол на кој му се извршил трансфер на значење од првобитното кое го имал. Така, во случајот од Битола, значењето на погребниот крст добива преносно значење кое му е несвојствено бидејќи име, презиме, година на раѓање и на умирање не се заковува за лице кое е живо. Овдека станува збор за посакување на туѓа смрт, која се изразува на симболички начин, а прашално е дали таа смрт се посакува само политички или вистински.

Прекршувањето на правилото за носење погребен крст, како дел од христијанската традиција за погребен обред, за човек кој не е починат, е противно на религиската догма (Господ го дава животот и само тој има право да го земе) во која, веројатно, верува и оној кој го носел крстот, но и оној кој го инструирал на тоа. Кога таквиот чин ќе се направи од политички мотиви, не само што со тоа се демаскираат лажните демохристијански вредности на партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку, она што е поважно, се открива и омразата која постои кон политичкиот противник во партијата за национално единство. Самиот морбиден перформанс покажува дека постоела смислена интенција јавно да се демонстрира омраза со злоупотреба на крстот како симболичко средство кое упатува говор на омраза, повторно не кон Заев како личност, туку кон сите оние кои припаѓаат на неговата политичка групација. Посакуваната смрт на Заев е и посакувана смрт на неговите следбеници.

Законска основа за кривична одговорност

Симболизмот со крстот треба да се гледа како продолжение на метафората со Ќосето, со тоа што претставата во Битола е завршниот чин на таа болна опседнатост на Груевски и неговите соработници со смрт и убиства, започната уште со писмото до членството во 2009 год., во кое тој бараше финална битка против транзициските политичари и интелектуалци за конечно да исчезнат од историјата, преку бомбите, во кои се слуша како се посакува да се направи војна, противникот да заврши во ендек или да му се запали куќата.

Психијатриска анализа на Фамилијата би покажала дека нивната танатофилија е индуцирана и од доживеаното мистериозно загинување на блискиот член од семејството (вујко и татко), што, веројатно, влијаело врз формирањето на нивната свест дека убиствата можат да бидат составен дел на политиката, па и применливи ако е во прашање остварување на интересот. Рамнодушноста со која зборуваат во снимените телефонски разговор за убиството на Мартин Нешковски, објавената колумна во која се сведочи дека на ден по убиството на Смилковско езеро, Груевски ноншарлантно организирал разговор со кандидат за прием на работа, неразјаснетото загинување на Никола Младенов, (само)убиството на Коста Крпач, оценувањето на акцијата во Диво насеље за успешна, иако загинале осум полицајци, и невротичното заканување на Влатко Ѓорчев, пред неколку денови, покажуваат дека се работи за ментален склоп на луѓе кои не би се колебале да играат и на картата на провоцирање на граѓански судири.

Затоа и двата случаји на говор на омраза, бидејќи повикуваат на смрт на индивидуа како припадник на група (без разлика што тоа е направено на метафоричен и симболички начин), мораат да имаат третман на криминал од омраза и да бидат санкционирани согласно член 137 од Кривичниот законик на РМ, во делот на кривичните дела против слободите и правата на граѓанинот, во кој се предвидува казна затвор од три месеци до три години.

Нивните опскурни пораки никако не смеат да се релативизираат или да потпаднат под поимањето на изборниот процес како период на валкана политичка кампања во која сѐ е дозволено. Судството, со примена на законите, мора да воспостави црвена линија преку која не смеат да преминуваат ниту политичарите.


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.