Филип Нацоски
Кога поранешниот тренер на ФК Работнички, Игор Ангеловски летото 2015 година пред турската спортска јавност изјави дека неговиот клуб располага со 350.000 евра, новинарите го прашаа дали е тоа месечен или неделен буџет. Тој одговори дека тоа се пари со кои клубот располага на годишно ниво. Токму пред тој негов состав капитулираше турскиот гигант Трабзон со буџет од 105 милиони евра. Дека парите не се секогаш клучни за конечниот исход на еден фудбалски натпревар, освен Работнички, докажа и австралискиот клуб Бризбејн пред кој се поклони најплатениот фудбалер во историјата, Карлос Тевез, како и Атлетико Мадрид кој се смета за клуб кој знае најпаметно да троши.
Шангај Шенхуа според популарноста и успесите не е ниту Барселона, ниту Реал Мадрид, туку е еден од седумте кинески клубови кои го растресоа светскиот фудбал и истовремено стана предмет за потсмев дури и во Австралија, која не е меѓу водечките фудбалски земји. Зад овој клуб стои Гринленд, најмоќната компанија за недвижен имот во светот чија вредност се проценува на 58 милијарди долари. Во јануари годинава Шенхуа ги помести границите во фудбалскиот пазар и со годишна плата од 40 милиони евра, Карлос Тевез го направи најскап фудбалер во историјата. Токму оваа екипа беше посочена дека понудила астрономски 300 милиони евра за Кристијано Роналдо.
Но во Лигата на шампионите во Азија учесник ќе биде Бризбејн, а Тевез ќе ги гледа на телевизија. Моќниот кинески клуб загуби 2:0 од австралискиот состав чии играчи заедно заработуваат помалку од аргентинската мега ѕвезда.
Кинеските клубови во преодниот рок во сезоната 2012/2013 потрошија 65 милиони евра, во 2013/2014 – 92 милиони евра, во 2014/2015 - 150 милиони евра, а од 2016-та во нивното трошење нема лимити. Плановите им се доста амбициозни, а ги промовираше претседателот на Кина, Крис Џипинг кој вети десетгодишни реформи (2015-2025) во кои покрај засилувањето на лигата со помош на светски фудбалски имиња, во план е отварање на 20.000 фудбалски школи и 70.000 терени до 2020 година. Колку таа стратегија ќе им донесе резултати на Кинезите ќе видиме за неколку години.
Таквиот вид мегаломански проекти не се непознати и за нашите простори каде се пресекоа еден куп ленти, а вечен проблем останаа незагреаните сали за кои стандардно одговорноста за нивното одржување се префрла од едни на други.
Колку и да се подобри инфраструктурата која за жал пркна само во главниот град, од фактите нема бегање. Доволно е да се наведе само еден. Македонската фудбалска репрезентација во 2008 година беше рангирана на 46-та позиција на ранг листата на ФИФА, а на 9 февруари годинава пукна срам. Падна на 165-то место, што е негативен рекорд од осамостојувањето на земјава и што е уште посрамно тоа место го делиме со Косово кое само пред неколку месеци стана членка на ФИФА и УЕФА.
Атлетико Мадрид наспроти Манчестер Јунајтед, Реал, Интер, Милан
„Фајненшал тајмс“ анализираше сметки на 69 европски клубови во текот на последниве четири сезони, користејќи база на податоци од сметководителската групација KPMG. Таа открива дека големите трошоци не се секогаш гаранција за успех.
Најголем буџет за плати во Европа после Барселона има Манчестер Јунајтед кој лани поделил вкупно 321 милиони евра, но неговите резултати во последниве три сезони се далеку под нивото за разлика од времето на Фергусон.
Минатата сезона Јунајтед заврши на разочарувачко петто место во Премиер лигата и не избори место во Лигата на шампионите, а претходно беа седми на табелата. Со потпишувањето на Пол Погба за 105 милиони евра, минатото лето го направи најскапиот трансфер во историјата на фудбалот, но и од тоа никаква полза бидејќи во моментов има 12 бода заостанување зад лидерот Челси. Последната титула ја освоија во сезоната 2012/2013.
Другите богати и славни клубови кои не ги остваруваат посакуваните резултати според трошењето на парите се Реал Мадрид, Интер, Милан и ПСЖ. Последното Скудето на Милан датира од 2011, а на Интер од 2010. Реал Мадрид пак од 2008 до денес има само една освоена шампионска титула во Ла Лига, онаа во 2011/2012.
„Најпаметниот“ клуб според клучната мерка за успех е Атлетико Мадрид. Во периодот од 2011 до 2015 година шпанскиот клуб го надмина бројот на освоени бодови кој статистички се очекуваше да го стигне врз основа на големината на платите кои ги дава во однос на другите екипи во истата лига.
Тие се осми клуб по буџет на плати во Европа, но кај нив парите и купувањето ѕвезди не е приоритет за разлика од нивните конкуренти. Беа две години финалисти во ЛШ (2014 и 2016), во 2013 станаа шампиони во Шпанија, а лани завршија само три бода зад шампионот Барселона кој потроши 372 милиони евра за плати.
Премиер лигата е најбогата, ама со премал меѓународен успех
Вечна дебата меѓу љубителите на фудбалот е која е најдобра лига за гледање, па копјата обично се кршат меѓу англиското и шпанското првенство, а трети не ја даваат италијанската Серија А.
Најголемиот колач од телевизиските права во Европа го делат клубовите од Премиер лигата. Договорот за преноси од 2013 до 2016 изнесуваше 3 милијарди фунти, а според последниот тригодишен договор (2016-2019) Скај Спорт и БТ Спорт се обврзаа на договор тежок 5,1 милијарди фунти.
Затоа и англиските клубови од долниот дел на табелата имаат куповна моќ за трансфери по неколку десетици милиони фунти, но со едно или две скапи индивидуалци тоа не им носи резултат.
И покрај тоа што во Премиер лигата се вртат најголемите пари, тие не им носат голем успех во меѓународни рамки. Од формирањето на Премиер лигата 1992 до денес, клубовите од островот само четири пати биле европски прваци. Тоа се Манчестер Јунајтед (1999 и 2008), Ливерпул (2005) и Челси (2012).
Македонски пример
Кога се зборува за пари, во македонскиот фудбал тоа е бауч тема. Македонската спортска јавност лесно дознава колкава е платата и трансферот на еден играч од Јувентус, Барселона или Баерн, ама нема каде да прочита колку се платени играчите на Вардар, Шкендија или Пелистер, па тие цифри се дознаваат само во чаршиски муабети. Таму може да се слушне дека просечен македонски фудбалер игра за 300, 400, 500 евра месечно во зависност од екипата, со исклучок на Вардар и Шкендија кои имаат богати газди, кои ги плаќаат своите играчи и по неколку илјади евра.
Тие две екипи беа главни на трансфер пазарот во македонската прва лига и пред две години, но во оваа топ листа на 7 играчи каде доминираат, сепак се откриваат сумите на трансферите на само двајца играчи: Дарко Велковски од Работнички во Вардар премина за сума од 140.000 евра, а Марјан Радески од Металург во Шкендија за 150.000 евра.
Кога сме на тема трансфери, во македонскиот фудбал паметиме и еден аматерскиот потег на Вардар во 2013. Потпишаа извесен анонимус Осеи Кофи од Гана, кој наводно бил искусен фудбалер кој ја минал младинската школа на Хамбург, а потоа бил и во Андерлехт, но потоа се испостави дека се работи за моден дизајнер кој брзо исчезна од Македонија.
Истото важи и за годишните буџети на македонските клубови кои не практикуваат да споделуваат такви информации пред новинарите небаре кријат тајни од државен интерес. Работнички во летото 2015 беше на чекор до историски успех за македонскиот фудбал кога стигна до плејофот во Лигата на Европа, последната пречка пред пласманот во фазата по групи. Дотаму стигна откако во третото квалификациско коло направи чудо и го елиминираше Трабзон, клуб со годишен буџет од 105 милиони евра.
Во фудбалот има и нешто што се вика верност, а тоа најдобро го знае Оксер кој од 1961 до 2005 имаше еден ист тренер по име Гај Ру. Кога на 23 години како играч на францускиот клуб му испратил писмо на претседателот, побарал да му ја даде тренерската функција на која нема да бара премии и ќе се задоволи со плата од 600 франки. Оксер тогаш бил во аматерските категории и немал пари за купување играчи. Гај работел напорно, создавал и црпел таленти од младинскиот сектор и ветил дека еден ден ќе ги направи шампиони на Франција. Во 1996-та освојувач на титулата е Оксер на чело со тренерот кој покажа дека љубовта кон фудбалот и боите на клубот се поважни од парите.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.