д-р Ненад Живановски
Новата влада и Министерството за култура треба да ја прекинат својата поддршка во рамките на научно-културните средби „Десет дена Крушевска република“ и во иднина да биде вклучено пристигнувањето на коњаниците „Илинденски марш 1978“ од Лисиче, бидејќи тоа претставува псевдо историски настан кој не се темели на научно поткрепени факти и настани врзани за Илинденското востание. Никој не го оспорува правото да се продолжи со Маршот, кој секоја година почнува на 27-ми јули, но тој треба да биде граѓанска иницијатива, која не е дел од државното одбележување.
Не треба да се биде голем експерт за современа македонска историја (може историјата и само периферно да ви била дел од образованието, па и како самоук да сте површен познавач на историските настани) за да можете здраворазумно да логицирате некои настани од минатото. Еден од тие настани во новата македонска историја е Илинденското востание, чиј неуспех во историските читанки се објаснува со две причини. Првата е разногласието на тогашните лидери: Гоце Делчев сметал дека било сѐ уште рано за востание, Никола Карев бил првично против, потоа се нафатил со негова организација, додека Јане Сандански имал став дека Македонија требала да добие независност преку дипломатија, а не со револуција.
Втората причина била, всушност, и одлучувачка за неуспехот на Востанието: освен во Крушево, било предвидено огинот да се рашири на целата територија од тогашна Македонија. Така налагала и воената теорија: за едно востание да биде успешно, воените дејствија мораат да се прошират на што е можно поголем простор, со што би се обезбедила помасовна поддршка од населението, но и непријателот би ја развлекол својата воена техника и човечки ресурси на поголема област.
Слично било планирано и во 1903 година. Востанието требало да започне во Серскиот, Солунскиот, Струмичкиот, Скопскиот, Битолскиот, Костурскиот, Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и во Кичевскиот револуционерен округ. Сепак, кога громогласно се запукало во поголемиот дел од Македонија, Скопје, главно, останало занемено...
Пасивност на скопските комити
Поткрепа на ова тврдење се наоѓа во делото „Илинденско востание со слика, текст и звук“ на воениот историчар д-р Ванче Стојчев, во кое тој пишува дека со објавувањето на Илинденското востание во Битолскиот округ на втори август, се очекувало да започнат диверзантските акции и во Скопскиот округ. Меѓутоа, овој округ останал пасивен. Aвторот на првата Воена историја на Македонија ја опишува и состојбата која доминирала во востаничкиот период во Скопскиот округ: „Покрај наведениве постоеле други чети организирани од Врховниот македонски комитет и уфрлувани во Скопскиот округ, особено во областите во близина на границата, но тие главно се уфрлувале во втората фаза, односно откако Крушевската република била задушена и главно имале провокативен карактер, односно по првиот вооружен судир со турската војска четите се враќале во Бугарија. Потоа, одмаздата ја поднесувало македонското население“.
Немањето посериозен вооружен одзив во Скопскиот револуционерен округ имало рефлексии и на неуспехот на Крушевското востание, бидејќи на 10-ти и 11-ти август од Косово, преку Скопје, без никаков отпор во битолско биле донесени бројни османлински сили, кои имале примарна цел да го заземат Крушево. Тоа и им успеало на 13-ти август, кога на незапалените куќи во Крушево се истакнале бели знамиња. (Во домен на шпекулативно толкување на историските факти останува прашањето дали текот на историјата би бил поинаков доколку Востанието успеало и дали таквиот успех би ја спречил подоцнежната поделба на Македонија со Букурештанскиот договор?).
Со потврдената историска фактографија за пасивноста на Скопскиот револуционерен округ, се поставува прашањето каква е оправданоста и смислата секоја година на 27-ми јули да тргнуваат на марш коњаници од Скопје за Крушево? Ако во 1903 година, тогашните скопски комити ги оставиле на цедило крушевчани, од каде право на денешните генерации да промовираат маршеви од Скопје за Крушево и триумфално да влегуваат во градот? Која е пораката на нивната приказна, во која сите до еден облечени во комитски униформи препотентно јаваат од Горно Лисиче кон Мечкин камен? И тоа сите до еден избираат да бидат војводи/воини на коњи, а никој не се решава да биде обичен комита, кој пешки ќе киниса кон славното Крушево иако манифестацијата се нарекува Илинденски марш, што би требало да асоцира на пешачење, а не на јавање.
Коњаници на „Илинденски марш 1978“
Историјат на Маршот
Бидејќи Маршот нема никаква историска втемеленост, тој претставува само обична промоција на новокомпониран патриотизам и глумење херојство, таму каде го немало. Крушевското востание било на крушевчани, и ни најмал дел од таа слава немаат право да присвојуваат скопските „new age“ комити. Тоа може да им го објасни и најголемиот историчар меѓу вмровците и најголемиот вмровец меѓу историчарите – проф. д-р Владо Поповски - каква била улогата на скопските комити во Крушевското востание. На истата тема може да се дискутира и на некој нареден научен симпозиум, како дел од програмата „Десет дена Крушевска република“.
Како што е официјално забележано, првиот Илинденски марш се случил на 31-ви јули 1978 година, кога тројца млади луѓе од Горно Лисиче, качени на коњи, пристигнале во Крушево. Никој не знаел од каде се ниту по кој повод се дојдени. Целата идеја се темелела од желбата на младинците да им се оддаде признание на големите Илинденци на 75-годишнината од Востанието и во ниедно сведоштво за манифестацијата Илинденски марш нема реферирање на историски факт дека таков поход од Скопје за Крушево навистина се случил во 1903-тата.
По 20 години прекин, Маршот бил возобновен во 1998 година, и тоа како желба иницијалниот марш од 1978-мата да прераснел во традиционален. Меѓутоа, дали секоја желба за оддавање почит на илинденските херои, била да е таа и од најискрени патриотски и благородни намери, треба да добие државно значење, особено кога таа нема аналогија во соодветен историски настан, односно не претставува ниту научно ниту културно верифициран настан за да биде дел од научно-културните средби „Десет дена Крушевска република“? Што ако решат и Ноќните волци да забрмчат со мотори од Скопје за Крушево, дали би биле третирани исто или би биле обесправени и исклучени од државната програма само затоа што не носат комитски одори туку кожни јакни и наместо коњи јаваат мотори? Или, како алтер его на комитите, што ако почнат и костимирани партизани на Илинден да јаваат за Пелинце?
Граѓанска иницијатива, а не државна манифестација
Владата и Министерстовто за култура треба да се дистанцираат од овој т.н. марш и да прекинат да го поддржуваат. И крушевчани, од пиетет кон славните предци, треба да им се заблагодарат на коњаниците на досегашната улога и во иднина, доколку сакаат да одадат почит на паднатите херои, тоа да го прават скромно, а не привилегирано и, пред сѐ, како обични граѓани – цивили.
„Десет дена Крушевска република“, затоа што е државна манифестација, мора да биде организирана со највисок дигнитет, да се темели само на историски поткрепени факти и да е национално и државно инклузивна. Од друга страна, никој не би требало да има против најразлични граѓански иницијативи да си осмислуваат и организираат сопствени поклонувања на Илинден во Крушево и тоа право на овие ентузијасти патриоти никој не им го оспорува ако е надвор од државната програма.
Друг проблем е и што тие (не)свесно градат впечаток во јавноста дека Маршот е резервиран само за еднопартиски репрезенти што дополнително го дисквалификува да биде дел од државното одбележување на семакедонскиот празник, иако и членови на ВМРО-ДПМНЕ, блиски до Здружението, сведочат за мизерност во организацијата и нетранспарентност во трошењето пари. Но тоа е проблем со кој треба да се занимаваат членовите на Здружението.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.