проф. д-р Светомир Шкариќ
Во Законот за концесии и јавно приватно партнерство од 2012 година никаде не се споменува јавниот интерес. Неговото премолчување значи и изостување на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес, прифатен од земјите со пазарна економија уште од 1940 година. Во Законот фигурираат пазарните критериуми - приватниот интерес на концесионерите и интересот на Владата да привлече што поголем број странски инвеститори. На тој начин, добрата од општ интерес, од некомерцијални станаа комерцијални добра, без нивно вреднување од гледиште на јавниот интерес. Тоа е тежок баласт за новата Влада, особено ако продолжи и натаму да зборува за подобар живот на граѓаните.
Во сегашен миг, по промената на власта, се чувствува видлива напнатоста помеѓу приватниот и јавниот интерес, особено кога станува збор за криминалот, развојот на медиумите и нивната улога во развојот на демократијата и заштитата на добрата од општ интерес. Ако во тие области новата власт не покаже поголема сензибилност од претходната, тогаш нека не биде изненадена од отпорот на граѓаните кога приватните интереси на поединци или групи ќе ги загрозат нивните животни интереси.
Јавниот интерес е вон Уставот. Постои само како збор во во членот 30 посветен на експропријацијата на приватното земјиште. Во законите е поприсутен, но недоволно јасно и со заличен назив: „општ интерес“; „национален интерес“ и „посебен интерес“. Како поширок поим фигурира единствено во Законот за заштита на укажувачи од 2015 година (член 2).
Приватниот интерес е продорлив, брз и алчен. Него го движат страстите, профитот и насилството, поддржани од неолибералниот концепт за општеството како агрегат на приватни интереси. Спротивно од тоа, јавниот интерес бавно се осознава и уште побавно го надвладува приватниот интерес. Него го движат јавната дебата и идеите за јавното добро (res publica), поддржани од концептот за комунитарно општество. Затоа по правило доцни 25 години, толку колку што доцнел и јавниот интерес во Франција за време на Балзак (Honnoré de Balsac, Les Paysans, 1823).
Јавниот интерес во кривичното право
Јавниот интерес најтесно се поврзува со борбата против криминалот. Во таа борба, на пример, родена е Римската република во 510 година пред Христа како заедничко добро на Римјаните. На сличен начин родена е и Македонската република во 2001 година како „заедничко добро“ на нејзините граѓани и на народите што живеат на нејзина територија (Амандман XVII).
Кралот Тарквиниј е симнат од власт и протеран од Рим поради тоа што неговиот син Секст ја силувал Лукреција, сопруга на еден богат Римјанин. Протеран е од градот, иако градел споменици, мостови и други објекти. Но, продолжил 13 години да се бори и по прогонството, со желба повторно да се врати на власт. Имал високо мислење за себе, иако Римјаните го прекрстиле во Тарквиниј Лошиот (Tarquinius Superbus).
Од Римската република до денес, правната наука успеа да формулира повеќе елементи на јавниот интерес од универзално значење. Од јавен интерес е секое кривично дело да биде откриено и сторителот да биде казнет. Ако судот го ослободи виновникот, тогаш на судијата му се суди. Неказнувањето повикува на сторување потешки дела. И аболицијата повикува на нови дела, ако е самоволие и ако се затскрива зад помилувањето. По злосторството на еден човек се ценат и злосторствата на другите членови на злосторничкото здружување. Да се согласиш со извршеното кривично дело е исто како да дадеш наредба за негово извршување. Кај кривичните дела се цени намерата на сторителот, а не последиците. Тоа треба да го знаат адвокатите кога ги бранат криминалците.
Од овие универзални принципи произлезе и Специјалното јавно обвинителство како како неопходна нужност. Тоа мораше да се роди бидејќи неказнивоста доби големи размери, а државното обвинителство не пројави желба да ги открива сторителите на кривичните дела. Во лицето на СЈО најдобро се гледа драмата на македонското општество и трагедијата ако не ја наметне казнивоста како неопходност.
Правната наука има принципи за откривање на кривичните дела. Видливите кривични дела не треба да се докажуваат. Вистината прозлегува од устата на два или три сведока. Снимките се признаваат како доказ. Тоа е видливо од одлуките на Европскиот суд за човекови права и Врховниот суд на САД. Нив ги признава и Венецијанската комисија која смета дека содржината на снимките е битна, а не методот со кој се прибавени. Интересот на јавноста да знае одредени информации од јавен карактер има предност во однос на законската должност за тајна.
На таа линија се и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од 2006 и Законот за заштита на приватноста од 2015 година. Првиот закон овозможува објавување на забранета информација ако тоа го налага јавниот интерес (член 6). Вториот закон е уште подециден - прислушувана или тонски снимана изјава или разговор, ако претставуваат јавен интерес, мора да се објаваат, независно дали со нив се нарушува приватноста на личниот и семејниот живот на некого (член 4).
Законот за заштита на приватноста ја омекнува ригидната норма на Законот за кривична постапка во врска со законитоста на доказите (член 12). Ја омекнува и ригидноста на одредбата од Кривичниот законик за општа забрана за објавување на снимките прибавени на незаконит начин, без никаква референца кон јавниот интерес (член 151). А таква референца мора да содржи како што содржи кога е во прашање кривичното дело неовластено откривање на тајна (член 150).
Законот за заштита на приватноста, како понов закон, има предност во однос на постарите закони, како што се Кривичниот законик од 1996 и Законот за кривична постапка од 2010 година. Како lex specialis, овој закон ја става вон сила одредбата од Кривичниот законик за општа забрана за објавување на снимките прибавени на незаконит начин (член 151). Истото важи и за одредбата од Законот за кривична постапка со која се оневозможува засновање на судска одлука врз основа на докази прибавени на незаконит начин (член 12).
Правниот терен е расчистен. На потег се судовите и судиите. Тие треба достоинствено да се исправат од понижувачката положба и да не дозволат неказнивост. Уште од римското право се кажува дека судијата ја изрекува правдата и тогаш кога неговите пресуди не се целосно праведни. А тоа е така затоа што судијата е симбол на правдата и нему му се верува додека не ја загуби довербата. Ако тоа се случи, тогаш тешко нему. Мора да се повлече од судиското место ако јавноста дознае дека на тоа место дошол преку притисокот на министрите и директорот на Управата за безбедност и контраразузнување.
На потег е и Комисијата за реформа на правосудството, формирана од новата Влада. Освен што треба да предложи донесување на нови, треба да предложи и укинување на стари закони од кои извира неправдата и привилегиите на високите функционери. Треба да предложи и амнестија на лустрираните лица и на осудените лица од монтираните процеси (С.Ш., Научно толкување - Устав на Република Македонија, 2014).
Треба да предложи и декриминализација на одредени кривични дела, неспојливи со парламентарната демократија. Такво е, на пример, насилство спрема претставници на највисоките државни органи (КЗ, чл. 311). Врз тој член е градена конструкцијата за судскиот случај „Пуч“, не водејќи сметка дека уставното право како наука ја исклучува противправноста на тоа дело кога се во прашење парламентарните системи во чија група спаѓа и уставниот поредок на Република Македонија.
Јавниот интерес и медиумите
Медиумите се во поделикатна положба од судовите кога е во прашање јавниот интерес. Во својата работа, тие се поцврсто ориентирани кон јавниот интерес, отколку другите субјекти, бидејќи мораат да бидат целосно во функција на јавноста, ако сакаат да опстанат. Новинарите се свесни дека ќе ја загубат смислата на професијата, ако не водат сметка за јавниот интерес.
Оттука, поприфатлива им е јавната од приватната сопственост на медиумските куќи. Поблиска им е и вонпазарната отколку пазарната економија. Инсистираат повеќе на „општествен договор“ со јавноста, а не на законско регулирање на нивниот статус. Бараат самите да го дефинираат јавниот интерес со своите внатрешни акти, а не тоа да го прави државниот империум со закон. На јавниот интерес гледат пошироко, со хоризонт својствен на демократските земји (New American Foundation, 2004).
Поцврста наклонетост кон јавниот интерес е логична последица на демократијата и на улогата на медиумите во информирањето на јавноста. Во демократијата слободата на говорот е сама по себе јавен интерес. Оние медиуми кои не го сфаќаат тоа се осудени на омраза и пропаѓање. Тоа го покажуваат објавените снимки.
Интересно е што медиумите сакаат да одат и чекор подалеку од државната власт и регулаторните тела. Тоа се гледа од нивната желба да прераснат во јавен сервис, каков што е Би-би-си. Англија е прва земја во светот со разграничен приватен и јавен домен, уште од времето на судијата Едвард Коук од 17 век. Оттогаш започнува борбата за судска контрола на правната граница помеѓу јавниот и приватниот интерес (Des Freedman, Javni interes i medijske politike, Kulturpunkt.hr).
Новинарите интуитивно чувствуваат дека немат друг излез, освен да бидат во функција на јавноста. А интуицијата здружена со правото е природно право. Бараат новинарската професија да се третира како јавна служба. А така треба да се третира и државната власт, заедно со регулаторните тела. Така треба да се сфаќа и поимот „јавно-приватно партнерство“, предвиден во Законот за концесии. Државната власт не е империум, туку е „збир на јавни служби“ (Leon Duguit, Les transformations du droit public, 1914).
Извор: Порта3
Добрата од општ интерес и во општа употреба
Добрата од општ интерес се сами по себе јавен интерес, од највисок приоритет. Тие ги опфаќаат природните богатства, растителниот и животинскиот свет. Во исто време, Уставот во член 56 ги познава и добрата во општа употреба, без наведување на нивната содржина.
Наведените термини се преземени од Уставот на СРМ од 1974 година, со таа разлика што од содржината на добрата од општ интерес отстранети се земјиштето, пасиштата, езерата, шумите, водите, водотоците и рудите. Изземени се од посебна заштита и ставени во промет, како стока за продажба (res in comertio). Од некомерцијални станаа комерцијални, привлечни за алчните инвеститори, од дома и странство.
Добрата во општа употреба ги опфаќаат патиштата, плоштадите, улиците, тротоарите, парковите и градежното земјиште. Со Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година, добрата од општ интерес и добрата во општа употреба од јавна поминаа во државна сопственост. Тоа е поголемо злосторство од Законот за приватизација на општествениот капитал од 1993 година. Тоа јавноста не го забележа на време и долго време остана молчелива.
До промената на власта имаше поединечни отпори на граѓаните кога се во прашање добрата во општа употреба, особено во Скопје. Но со промената на власта, расте и отпорот против концесиите за користење на добрата од општ интерес, како што се рудите. Се` уште владее молк на јавноста кога се во прашање концесиите за користење на водите и на езерата. Особено молчи месното население.
Отпорот не е банален, ниту е поединечен. Напротив, станува збор за поширок и потраен отпор. Тоа може да го почувствува секој што разговара со граѓаните, особено во општините каде што е попречено користењето на добрата во општа употреба или каде што се отвараат нови рудници со кои се загрозуваат животите на граѓаните и иднината на младите. Тоа е видливо најдобро од протестите во Дебар Маало во Скопје и од отпорот на населението од Општина Валандово против отварањето на рудникот Казандол.
Дебармаалците протестираат уште од декември 2015 година, преку Граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“. Протестираат против кршење на Законот за планирање, не ги прифаќаат нетранспарентните измени на урбанистичките планови, се бунтуваат против уништувањето на зеленилото и хаосот во сообраќајот. Гласно се слушаат нивните повици: „Здравјето пред профитот!“; „Вратете ни ги тротоарите!“; „Не ни го уништувајте зеленилото!“, „Сакаме безбедни улици за нашите деца кога одат на училиште!“.
На удар е градоначалникот на Општина Центар, кој пред да го добие мандатот во 2014 година ветуваше дека ќе се бори против градежната мафија. Му забележуваат дека се однесува на ист начин како и инволвираните лица во проектот „Скопје 2014“. Бараат да се почитува „граѓанскиот и општиот интерес“.
И жителите на општина Валандово продолжуваат со отпoрот и по референдумот од 20 август 2017 година. Тоа ќе биде долготраен отпор, предводен од млади и постари жители, здружени во „Спас за Валандово“. Отпорот може да го предвиди секој, ако фрли поглед врз локацијата на рудникот и ако се протне угоре до селото Казандол. Лесно ќе заклучи дека валандовската котлина нема да биде веќе здрава средина, дека водата што доаѓа од Беласица не ќе може да се пие како досега, дека сточниот фонд ќе исчезне и дека селото ќе мора да се дислоцира, заедно со убавото школо и селската чешма што служи и за поило.
Златото нема да биде злато, освен за инвеститорот. Но, и инвеститорот е во голем ризик. Ќе биде опсипан со голем број индивидуални тужби за надомест на штета, а ќе има и тужби против давателот на концесијата. Штетата како факт ќе мора да се надомести. Тоа е правна аксиома од универзално значење, како што се и аксиомите против криминалот.
Радува поновата изјава на премиерот, дадена деновиве, дека Владата ќе го штити јавниот интерес, а не интересот за профит.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.