fbpx

Во Мадрид легалитет, а во Барселона легитимитет

Светомир Шкариќ

Јавен интерес

03.11.17

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ

svetomir skarik 200x250Шпанија е повеќе подобна да биде федерална држава, отколку „држава на автономии“. Ако се отвори таква перспектива, тогаш ќе спласнат тензиите помеѓу регионалната и централната власт.

Само под тој услов може да се намали моќта на легалитетот и неговата доминација врз легитимитетот на автономните заедници. Ќе отпадне и потребата од репресивниот член 155 на Уставот кој намерно е вграден во уставниот поредок за да се застрашуваат автономните заедници да не пројавуваат желба за поголема автономија или да бараат независност. Членот виси како тежок меч врз нивната судбина.

Членот 155 од Уставот на Шпанија гласи: „(1) Ако автономната заедница не ги исполнува обврските што ги наметнува Уставот или друг закон или ако постапува на начин кој сериозно го загрозува општиот интерес на Шпанија, Владата, по претходно барање за исполнување на обврските и нивното неизвршување од страна на претседателот на автономната заедница, може, по одлука на Сенатот донесена со апсолутно мнозинство гласови, да преземе неопходни мерки за присилно почитување на обврските и да го заштити спомнатиот општ интерес. (2) За поуспешно спроведување на мерките предвидени во предходниот параграф, претседателот на Владата може да дава инструкции на сите органи на автономната заедница“.

Легалитетот на Мадрид

Членот 155 е познат како „нуклеарна опција“ бидејќи содржи можност централната власт да ја укине автономнота заедница, да ги распушти нејзините органи, да распише нови избори и непосредено да управува со автономната заедница до изборот на новите органи. Станува збор за негово силно дејство еднакво на дејството на нуклеарната бомба фрлена врз одреден регион. Поради тоа наведениот член се означува и како ,,озлогласен член“ кој виси врз автономијата како Дамoклов меч, кој може да се струполи секогаш кога тоа ќе го побара централната влада во Мадрид.

Членот се применува веќе една недела, по одлуката на шпанскиот Сенат донесена итно, еден час по прогласувањето на независноста на Каталонија на 27 октомври 2017 година. Одлуката е донесена на предлог на Владата во Мадрид со 214 гласови за, 47 против и еден воздржан глас. Тоа е првата примена на овој член по донесувањето на Уставот на Шпанија од 1978 година.

Централната влада е овластена да прави што сака. Таа веќе ги укина регионалните органи на Каталонија, полицијата е ставена под нејзина контрола и распишани се нови регионални избори за 21 декември 2017 година. Преку нови избори, Мадрид сака одново да ја врати легалноста во Каталонија. Поставен е и привремен управник со цел да ја воспостави шпанската управа над бунтовниот регион, со сменување на најмалку 150 службени лица на регионално ниво. Тоа е Сораја Саенс де Сантамарија, потпретседателка на Владата на Шпанија и поранешен државен обвинител.

Членот 155 е само една од опциите што му стојат на располагање на шпанскиот премиер, Маријано Рахој, конзервативец по убедување и монархист. Во запирањето на каталонскиот сепаратизам тој може да користи и други мерки, како што се воведување вонредна состојба и забрана на движење и собирање на граѓаните на целата територија на Каталонија. Ако се одлучи за такви мерки, тогаш мора да смета на посилен отпор на групите што ги штитат човековите права. Веќе се јавуваат демонстранти со врзани усти и синџири на раце, укажувајќи дека владее репресија на каталонските улици и плоштади.

Владата може да користи и мерки предвидени со органските закони од 2015 година. На пример, може да донесе одлука за прогласување на безбедносна криза, како и да побара донесување закони по пат на декрети. Обете мерки се вградени во правниот систем на Шпанија по одржаниот консултативен референдум во Каталонија од ноември 2014 година, со цел да се попречи каква било федерализација на земјата. Шпанскиот устав е единствениот устав кој во членот 145 ја забранува федерацијата и предвидува остри казни за федералистите.

Владата веќе го „притисна“ државниот обвинител на Шпанија, Хозе Мануел Маза, кривично да ги гони претседателот и членовите на каталонската влада и пратениците кои гласале за независност. Се подготвуваат обвиненија за кривични дела - побуна, трошење на јавни средства за одржување на нелегален референдум и непочитување на одлуката на Уставниот суд на Шпанија за прогласување на референдумот од 1 октомври 2017 година за неуставен. Само за кривичното дело бунт, Кривичниот законик на Шпанија предвидува казна и до 25 години затвор.

Во одбраната на легалитетот е вклучен и Уставниот суд на Шпанија. На пример, тој ги оцени како неуставни референдумите за независност на Каталонија од 9 ноември 2014 година и од 1 октоври 2017 година. Делува превентивно со претходна забрана за нивно одржување, со што на полицијата и на државното обвинителство им ја отвара вратата за помасовно апсење на сепаратистите.

Потпрена врз легализмот, Владата се определи за брзи и радикални мерки. Тоа може да ја воздигне во очите на Шпанците, но и да ја урне од власта. Може да се упропасти и Шпанија како држава. Баските и другите внимателно го следат секој потег на Владата. Ако преземе непромислен потег, тогаш може да дојде до пошироки нереди и Шпанија да ја загуби поддршката од ЕУ што сега ја добива.

Истражувањата спроведени по референдумот од 2014 година покажуваат дека мнозинството Каталонци се против брзата независност. Но, во исто време тие бараат поширока автономија, која по природата на нештата евулуира во федерација. Исто како што се случи со Белгија, која од унитарна стана федерална држава, по низа уставни измени извршени во периодот од 1970 до 1993 година.

madrid legalitet barselona legitimitetИзвор: rt.com

Легитимитетот на Барселона

Од друга страна, легитимитетот е на страна на Каталонија. Легитимитетот извира од нејзината долга државна традиција и од културната посебност. Уште во 19 век барселонските грофови се здобиле со независност од Шпанската марка на Карло Први. Одреден степен на независност ужива и во 12 век кога се обединува со Арагон. Во 15 век таа се соединува со Кастиља и со неа го оформуваат првиот облик на шпанската држава. Каталонците во тоа време имале свој јазик и своја автономија. Автономијата ја губат кога се отвараат нови трговски патишта преку Атлантикот, кога Кастиља станува поморска сила и кога Каталонија заслабнува на економски план. Во 1714 година ја губи автономија и тогаш кастилјанскиот јазик станува службен јазик на нејзината територија. За време на Наполеон Први Бонапарта, Каталонија е средиште на отпорот против Французите. На почетокот на 20 век се развива движење за национална автономија, а во текот на Втората шпанска република (1931-1939) повторно ја возобновува автономијата. Патот кон независност е запрен со Граѓанската војна (1936-1939) во која Каталонците активно учествувале на страната на републиканците, заедно со југословенските и македонските комунисти. Автономијата ја губат за време на воената диктатура на Франко (1939-1975), а одново ја стекнуваат со Уставот од 1978 година.

Каталонија продолжува со својата борба за независност и по воспоставувањето на демократската власт во 1975 година. Во 2010 година во Барселона се организираат големи демонстрации за независност. Такви демонстрации се организираат и во 2012 година, со барање претседателот на регионалната влада, Артур Мас, да ги превземе сите неопходни мерки за одржување на референдум за независност. На тие демонстрации доминираше слоганот: „Каталонија - следна европска држава“.

На 23 јануари 2013 година Каталонскиот парламент со 85 гласа „за“ и 41 „против“ ја донесе Декларацијата за сувереност на каталонскиот народ. Во Декларацијата е наведено дека каталонскиот народ има „својство на суверено политичко и правно лице“. На 9 ноември 2014 година е одржан консултативен референдум, со излезност од 2,3 милиони граѓани или 37 отсто од вкупниот број избирачи. Од излезените, 80,76 отсто се изјасниле Каталонија да биде независна држава.

Референдумот за независност од 1 октомври 2017 година претставува најзначајна алка во долгиот синџир на борбата за независност. На тој референдум излезноста е поголема за неколку проценти (42,2 проценти) во однос на излезноста од 9 ноември 2014 година. За неколку проценти поголем е и бројот на граѓаните што гласале за независност (90 проценти). Истото мнозинство гласови побара да се воведе и републиканскиот облик на владеење.

Пет пати е прогласувана републиката под склоганите „Каталонска држава“ или „Каталонска република“. Првпат тоа се случи во 17 век за време на Востанието на жетварите, потоа за време на Првата шпанска република во 1873, два пати за време на Втората шпанска република во 1931 и 1934 и најпосле, на 1 октомври 2017 година.

Ако внимателно се прочита текстот ќе се види дека легитимитетот за независноста на Каталонија извира и од самиот Устав на Шпанија. Покрај „шпански народ“ и „шпанска нација“, Уставот ги признава и „народите на Шпанија“. Згора на тоа, Каталонците, Баскијците и Галичаните фигурираат како „историски народи“. Признава и постоење на историски и културни региони и десетина службени јазици. Каталонија има и знаме и свои амблеми, а во нејзиниот статут е запишано дека Каталонците се „нација“.

Федерализација на Шпанија

Каталонија ќе продолжи да се движи кон независност, ако Мадрид не прифати преговори и ако употребува брутална сила како на 1 октомври 2017 година. Правната моќ со која што располага не ќе може да го сосече во корен легитимното право на Каталонците за независност. Во тоа не ќе може да му помогне ни Европската Унија која во овој момент е против независноста. Искуството покажува дека легитимитетот како социолошка категорија на подолг рок е посилен од легалитетот како правна категорија. Тоа е така зашто легалитетот често пати е нелегален, особено ако се наметнува со брутална сила и ако се состои од бројни забрани, вградени во Уставот и законите.

Ќе мора да се седне на маса и да се разговара. Примената на членот 155 може уште повеќе состојбата да ја влоши отколку да ја нормализира. Невозможно е да се воспостави надворешна контрола врз внатрешните состојби во регион со бројно население и посебна култура. Секој тоа може да го заклучи ако се прошета по Барселона, особено по улицата Ла Рамбла и плоштадот Каталуња.

Каталонците се пософистицирани отколку што тоа се гледа на прв поглед. На пример, тие ја бараат поддршката од ЕУ, но не и од Баскија, Корзика и Северна Ирска. Тоа зборува дека не се екстремни националисти и дека нивниот сепаратизам не е национализам. Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемонт бара повеќе правда, повеќе слобода и повеќе братство со сите народи на светот. Значи има космополитски поглед, не го поднесува шпанскиот национализам, ниту концентрацијата на шпанската полиција во околината на Барселона.

Европската Унија за сега е на страната на Шпанија. Стравува независноста на Каталонија да не создаде „пукнатини“ во ЕУ и да не ги поттикне на сецесија и другите региони, посебно Фландрија во Белгија, Корзика во Франција и Ломбардија и Венето во Италија. ЕУ стравува од трупање на голем број мали држави на просторот на Европа. А тоа може лесно да се случи ако ЕУ не им посвети поголемо внимание на регионите како контрабаланс на националните држави и ако не ја гледа репресијата на шпанската полиција.

Најголема одговорност паѓа врз Владата во Мадрид. Кон Каталоноците таа не смее да се однесува одмазнички и сурово како Хернан Кортес кон Ацтеките и Франциско Пизаро кон Инките. Треба да се оцени дали е проеметен балансот во Уставот помеѓу централизацијата и децентрализацијата, од една, и унитарната и регионалната власт, од друга страна.

Темелно треба да се преиспита и уставниот модел на шпанската држава како „држава на автономии“ (Estado autonomico), посебно контрадикторноста на членот 155 со тој модел. Треба да се види дали моделот може да опстане и натаму кога вертикалната димензија на власта очигледно доминира врз хоризонталната. Тоа е одамна забележано, уште на тркалезната маса на Меѓународното здружение за уставно право одржана во 1998 година во Сао Паоло. Од тогаш па наваму, за тоа прашање живо се дебатира во Јужна Америка, повеќе отколку во Европската Унија.

Во овој момент, најзначајно од сè е да не се брза со догматска примена на членот 155 и тој да не се користи како вовед во уставната диктатура. Кон Каталонците, централната влада треба да гледа со емпатија и да не презема сурови мерки против нивните лидери и други претставници. Излезот треба да се бара во федерализацијата на земјата, по примерот на Белгија, која од унитарна стана федерална држава.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.