fbpx

Економскиот раст повеќе не е доволен

Мануел Муњиз

Јавен интерес

17.11.17

Прегледи

Мануел Муњиз (Manuel Muñiz)

Manuel Muniz 200x250Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година. Поголемиот дел од богатството што се создало од 2008-мата наваму отишло кај богатите. Многу од луѓето кои порано беа од западната средна класа сега се дел од средната-ниска или од ниската класа и тие живеат економски понестабилно од кога било порано.

Макроекономските податоци од светските напредни економии знаат да бидат збунувачки кога се разгледуваат посебно. Но кога тие се анализираат колективно, податоците откриваат вознемирувачка вистина: без менување на начинот на кој богатството се генерира и распределува, политичките грчења кои се појавија во целиот свет во последните години ќе станат поинтензивни.

Земете ги за пример платите и вработеноста. Во Соединетите Американски Држави и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година во контекст на БДП и растот на вработеноста.

Дополнително, зголемената вработеност не доведе до забавување или спротивно движење на падот на уделот во плати од вкупниот национален приход. Напротив, поголемиот дел од богатството што се создало од 2008 година наваму отишло кај богатите. Ова може да ги објасни ниските нивоа на потрошувачка кои се карактеристични за повеќето напредни економии и неуспехот на крајно релаксираната монетарна политика да произведе дури и мал раст на инфлацијата.

И вработеноста како да функционира неисправно. Креирањето нови работни места, онаму каде што нови места биле креирани, не ја следело патеката за која историјата вели дека треба да се следи. На пример, поголемиот дел од растот на вработеноста се однесува на работни места за кои се потребни или високи вештини или ниски вештини, занемарувајќи ја средината. Многу од луѓето кои порано беа од западната средна класа сега се дел од средната-ниска или од ниската класа и тие живеат економски понестабилно од кога било порано.

Растот на продуктивноста исто така стана поларизиран. Според ОБСЕ, во последната деценија, продуктивноста во „водечките фирми“ – дефинирани како врвните 5 отсто од фирмите според растот на продуктивноста – е зголемена за повеќе од една третина, а останатиот дел од приватниот сектот скоро и да не доживеал раст во продуктивноста. Со други зборови, помал број на компании оствариле поголеми придобивки во ефикасноста, но скоро и да не постои дифузија на тие придобивки во пошироката економија.

Не е јасно зошто се појавуваат овие трендови, но влијанието на новите технологии и поврзаните мрежни ефекти секако се дел од причината.

На макро ниво, вкупната продуктивност во САД е зголемена за повеќе од 250 отсто споредено со почетокот на 70-тите години од дваесеттиот век, а надниците за час работа стагнираат. Ова значи дека растот на продуктивноста не само што е сконцентриран во тесен круг на фирми, туку и дека продуктивноста и приходите на пазарот на труд веќе не одат рака под рака. Главната последица на ова е тоа што платите веќе не ја имаат централната редистрибутивна улога што ја имаа со децении. Едноставно кажано, придобивките во капиталната продуктивност не се одразуваат во повисоки просечни приходи, што е прекршување на социјалниот договор врз кој се засноваат либералните економии.

Досега треба веќе да е јасно дека многу од економиите во светот подлежат на некаков вид на структурна промена и во пресрет на таа промена триаголникот на дистрибуција „работни места – продуктивност - приходи“ се искриви. Оваа промена во парадигмата доведе до уништување на западната средна класа и до појавување на прекаријатот, што е нова социо-економска класа составена не само од оние кои бараат работа, туку и од оние кои се неформално или нестабилно вработени или кои имат друг вид на несигурна работа.

Сега имаме многу докази што ја поврзуваат перцепцијата на економска нестабилност на западот со анти-елитистичко чувство, политичка радикализација и напади на малцинските групи. Невозможно е да се објасни неодамнешниот подем на популистички политики без да се земат предвид последиците од овие економски патологии врз просечните работници во САД и во Европа.

За да се разбере зошто настануваат отстапувања од очекуваните економски траектории, доволно е само да се видат ефектите што технологијата ги има на работните места. Напредните технологии, особено напредната компјутерска работа и роботиката, овозможија придобивки во продуктивноста без да мора тие да се одразат во соодветен пораст на платите. Наместо тоа, поголемото богатство произведено со повисока продуктивност оди кај сопствениците на овие технологии.

Автоматизацијата на прилично префинетите рутински работни места ја води поларизацијата на пазарот на трудот. Она што останува се задачите кои е тешко да се автоматизираат и за кои се потребни малку вештини или не се потребни никакви вештини или задачите кои е тешко да се автоматизираат и за кои се потребни многу високи вештини. Овие вториве работни места се многу помалубројни од првите и тие се наоѓаат во водечките фирми кои ги дополнуваат ефектите од технологијата за да можат да бидат подобри од директните конкуренти и за да се прошират на нови пазари.

Ова нè води до централното прашање од нашата ера: Како може лидерите да ги решат надворешните влијанија кои се произведени од брзите технолошки промени и со тоа да обезбедат економска и политичка одржливост? Кажано со други зборови, како можеме да составиме нов социјален договор за дигиталното време?

Сепак, потешко е да се најдат решенија отколку дијагнози. Не е јасно, на пример, дали примената на старите економски лекови би ги преиначило сегашните трендови. Залагањето за „структурни реформи“ и дизајнирање тесни макроекономски политики кои се насочени само кон зголемување на продуктивноста може да ги присилат западните работници да се натпреваруваат со технологијата уште повеќе од сега, со што ќе се влоши нестабилноста. Можеби сегашната состојба во економијата може да произведе раст само гледано на вкупно ниво, а во истовреме да ги снижи животните стандарди на поголемиот дел од населението.

Дебатата за решенијата тукушто започна. Намалувањето на економската нееднаквост ќе бара реформирање на образованието и оданочувањето, каде што даночниот товар одлучно ќе треба да се префрли од работната сила врз капиталот. Западните земји исто така ќе треба да создадат нови механизми за редистрибуција за да се поткрепи улогата на платите во нивните економии која е сè послаба.

Податоците многу јасно ја поткрепуваат потребата за таквите реформи. Ако западните лидери сакаат да ги ограничат и на крајот да ги задушат политичките грчења низ кои минуваат нивните земји во моментов, тие немаат друг избор освен да реагираат со тоа што ќе создадат нови инклузивни модели на раст.

Мануел Муњиз е декан на Факултетот за меѓународни односи ИЕ во Мадрид и е постар соработник во Центарот за наука и меѓународни прашања Белфер на Харвардскиот Универзитет.

Copyright: Project Syndicate, 2017.
www.project-syndicate.org

Мануел Муњиз

Мануел Муњиз е декан на Факултетот за меѓународни односи ИЕ во Мадрид и е постар соработник во Центарот за наука и меѓународни прашања Белфер на Харвардскиот Универзитет.