Даглас Елмендорф (Douglas Elmendorf) и Нитин Нориа (Nitin Nohria)
Кога луѓето мислат дека нивните лидери не работат во нивен интерес и дека не ги решаваат нивните вистински потреби, тие губат доверба. За да ја вратат таа доверба, владините претставници мора да изградат и одбранат масивни граѓански институции и политички процеси кои му служат на јавниот интерес.
Неформалните разговори на годишната средба на Светскиот економски форум, која тукушто се одржа во Давос, Швајцарија, често завршуваа со споменување на Барометарот на доверба на Еделман, што всушност е годишна анкета за нивото на доверба што јавноста го има во бизнисот, медиумите, владата и невладините организации. Добро, сепак учесниците на настанот во Давос се лидери во сите овие наведени области, а резултатите од најскорешната анкета се поразителни.
Во 2017 година, 71 отсо од сите испитаници сметале дека владините претставници не заслужуваат доверба или донекаде заслужуваат доверба, а 63 проценти од испитаниците имале ист толку неповолен став кога станува збор за извршните директори. Ова не треба да нè изненадува. Во десетици различни земји луѓето гласно го изразуваат своето незадоволство поради достигнатиот статус кво преку социјални медиуми, преку протести, преку изборот што го прават како потрошувачи или преку гласачкото ливче.
Општествата и економските уредувања плаќаат висока цена кога граѓаните немаат доверба во лидерите од јавниот и приватниот сектор. Недовербата води до политичка поларизација, општа загриженост за иднината и несигурност за внатрешните работи на државата и меѓународните односи. Овие симптоми, пак, дополнително го засилуваат губењето доверба, со што се создава своевиден злобен маѓепсан круг.
Јасно, граѓаните треба да можат да очекуваат повеќе од нивните лидери. За таа цел, како декани на Факултетот Кенеди на Харвард и Факултетот за бизнис на Харвард, ние стремиме кон тоа да им ги пренесеме вредностите на ефективно лидерство на нашите студенти. Ги учиме дека лидерството не е поврзано со опортунизам или победување по секоја цена. Тоа всушност има за цел да ја подобри општата добросостојба и да воведе позитивни промени во светот.
Најефективните бизнис лидери не се грижат само за кварталните профити или за соборување на конкуренцијата, исто како што и најефективните влади не се грижат само за победа на следните избори или за добивање наслови во медиумите. Во секој домен, ефективниот лидер се грижи за секој кој е под негово водство и тој/таа се придржува до зададени суштински вредности.
Ако луѓето кои се на моќни позиции се стремат за оваа визија на принципиелно лидерство, на работата и во нивните лични животи, довербата во бизнисите, владите и граѓанските институции низ целиот свет може повторно да се врати. Во секој случај, тие ќе мора да ги разгледаат основните причини за проблемот.
Прво и основно, луѓето едноставно не веруваат дека нивните лидери секогаш зборуваат искрено. За да го смени тоа, ефективниот лидер мора да покаже дека тој или таа ја цени вистината и доказите повеќе од сè друго. Со вреднување на вистината, човек се обврзува да носи одлуки засновани на солидни причини, наместо на личниот интерес. Кога личниот интерес ќе се појави како искушение, оние кои се стремат да бидат лидери треба да го следат примерот на личности кои се познати по нивната искреност и по кажување на вистината, како што се Ворен Бафет (Warren Buffett) или Винстон Черчил (Winston Churchill).
За да се биде ефективен лидер, покрај искреност, потребно е да се почитуваат луѓето, без оглед на нивното демографско потекло или нивното минато. Разбирливо, луѓето ја губат довербата во владата или во некој бизнис кога ќе увидат дека таа влада или бизнис не ги цени, особено ако таквиот однос е предизвикан поради нивниот род, раса, религија, сексуален идентитет или националност. За да се спречи тоа, лидерите од јавниот и приватниот сектор треба да се фокусираат на градење организации кои ценат разновидност и инклузивност, како што направи Тим Кук (Tim Cook) откако стана главен извршен директор на „Епл“.
Понатаму, да се почитуваат луѓето значи да се ислушаат нивните ставови и да не се занемарува нивниот глас, дури и кога лично не се согласувате со нив. Затоа, ефективниот лидер мора да поттикнува слобода на говор, да се впушта во граѓански дискусии и да биде подготвен за компромис. Дури и кога некоја одлука нема да испадне по нечие видување, лицето што го имало тоа видување сепак сака и заслужува да биде ислушано.
Оттаму, предизвикот за лидерите е да се најдат начини за соработување со луѓе кои имаат различни мислења без тие да отстапат од нивните главни принципи. Еден пример за ваквиот стил на лидерство е Роберт Зимер (Robert Zimmer), претседателот на Универзитетот на Чикаго, кој се залага за слободен и отворен говор дури и кога идеите кои се пропагираат се непопуларни илу дури и невкусни. Како што Зимер напиша во списанието на Универзитет на Чикаго во 2016 година, „Универзитетите не може да се сметаат како засолништа каде владее комфор, туку како места каде се среќаваат различни култури - тие треба да бидат места за спротивставени идеи“.
На крај, ефективно лидерство значи да се понуди одлична услуга која е составена како реакција на потребите на клиентите или гласачите, како што стори Мајкл Блумберг (Michael Bloomberg) како градоначалник на Њујорк. Кога луѓето мислат дека нивните лидери не работат во нивен интерес и дека не ги решаваат нивните вистински потреби, тие губат доверба. За да ја вратат таа доверба, владините претставници мора да изградат и одбранат масивни граѓански институции и политички процеси кои му служат на јавниот интерес, а бизнисите мора да поведат сметка дека работат ефективно за сите кои се дел од нивното работење и за клиентите.
Согласно со тоа, лидерите од јавниот и приватниот сектор треба да најдат начини да им помогнат на оние кои чувствуваат лутина и економска или социјална изоставеност. Еден добар модел е „Година погоре“ (Year Up), брзорастечка непрофитна организација основана од дипломецот од Факултетот за бизнис на Харвард Џералд Чертавијан (Gerald Chertavian) во 2000 година. „Година погоре“ им помага на сиромашни млади лица од урбани средини да ги стекнат вештините кои ќе им бидат потребни за повисоко образование и за професионални кариери. Друг добар модел е „Девојки кои кодираат“ (Girls Who Code), кој Решма Сауџани (Reshma Saujani), дипломец од Факултетот Кенеди на Харвард, го основала во 2012 година со цел намалување на родовиот јаз во технолошкиот сектор.
Успехот на овие програми покажува дека кога лидерите се фокусираат на создавање можности за луѓе кои не добивале праведен третман, тие можат да изградат покохезивни општества и да им дадат можност на повеќе луѓе да дадат продуктивен придонес за економијата. Осврнувајќи се кон иднината, владите, бизнисите и организациите на граѓанското општество мора да применат лидерство водено од вредности како основа за нивните мисии.
Даглас Елмендорф (Douglas Elmendorf) е декан и професор за јавни политики на Факултетот Кенеди на Харвард. Нитин Нориа (Nitin Nohria) е декан на Факултетот за бизнис на Харвард.
Copyright: Project Syndicate, 2018. www.project-syndicate.org