fbpx

Етичноста на борбата против отпорност на лекови

Кристијан Мунте (Christian Munthe)

Јавен интерес

Здравство

01.06.18

Прегледи

Кристијан Мунте (Christian Munthe)

Christian Munthe 200x250Кога луѓето неодговорно користат антибиотици за да се изборат со обична настинка, кога фармерите користат антибиотици за да ја зголемат продуктивноста на добитокот или кога фармацевтските фабрики испуштаат антибиотици во животната средина за да ги намалат трошоците за производство, бактериите што тие лекови треба да ги убијат стануваат имуни.

Во 2014 година, Светската здравствена организација извести дека отпорноста на лекови, особено отпорноста на антибиотици претставува сè поголема опасност за здравјето на луѓето, за безбедноста на храната и за „постигнувањата на современата медицина“. СЗО изјави дека т.н. „ера пост-антибиотици“ воопшто не е „апокалиптична фантазија“, туку е „многу реална можност за дваесет и првиот век“.

Отпорноста на лекови претставува закана за успешно лекување на сè подолга листа на преносливи болести – од бактериски инфекции до вирусни и габични заболувања. Кога луѓето неодговорно користат антибиотици за да се изборат со обична настинка, кога фармерите користат антибиотици за да ја зголемат продуктивноста на добитокот или кога фармацевтските фабрики испуштаат антибиотици во животната средина за да ги намалат трошоците за производство, бактериите што тие лекови треба да ги убијат стануваат имуни. Колку повеќе антибиотици се консумираат и испуштаат, толку побрзо се развива отпорноста, што води до создавање „супербактерии“ кои го загрозуваат здравјето на луѓето со тоа што се зголемува ризикот за масовна смртоносна епидемија и со што се загрозуваат здравствените услуги како на пример хируршките зафати и лекувањето на рак, кои се потпираат на делотворни антибиотици.

Оваа застрашувачка реалност континуирано ги фрустрира здравствените работници. Секако, постои решение за кризата на отпорност на лекови: ограничено консумирање, подобро дијагностицирање заедно со надзор на заболувањата и зголемено клиничко развивање на нови лекови се три примери за тоа. Во Глобалниот план за акција на СЗО се преземени некои почетни координирани постапки. Но секое решение има етичка компонента и четири години откако е направена проценката на СЗО, етичката мапа за решавање на оваа итна здравствена состојба и натаму е опасно лошо дефинирана.

Политиките за здравствена грижа во кои се дефинирани долгорочни цели, најчесто имаат краткорочни лоши последици за добросостојбата на луѓето, животните и животната средина. На пример, ограничувањето на консумирањето антибиотици кај некои групи на население може да доведе до тоа луѓето кои се посклони кон заболувања да бидат отпуштени од работа. Чекорите што се преземаат за да се спречат инфекции може исто така да претставуваат нарушување на личната приватност, затоа што епидемиолозите сакаат да ги идентификуваат и да ги следат луѓето кои се носители на отпорни бактерии. Напорите за контролирање може да претставуваат ограничување на слободите на поединците, како на пример при влез во болници или качување во авиони.

Дополнително, ставањето горна граница за употреба на антибиотици може да доведе до повисоки цени на лековите, со што станува потежок пристапот до лековите за оние на кои име се потребни. Додека на многумина можеби повеќе им се допаѓа „статус кво“ пристапот со кој забрзано се развиваат нови антибиотици, а сегашната ниво на консумирање останува исто, ова решение носи со себе повеќе етички прашања, како на пример како и кога да се намали времетраењето на клиничките испитувања.

Поради сите овие причини, етичарите, здравствените истражувачи и општествените научници почнаа да бараат начини со кои ќе се осигури дека стратегиите за справување со отпорноста на лекови се етички одговорни. Во 2015 година, една година по објавување на извештајот на СЗО, журналот Public Health Ethics („Етика на јавното здравство“) објави специјално издание целосно посветено на оваа тема.

Потоа, во ноември 2017 година, Центарот за истражување на антиобиотска отпорност (ЦИАО/CARe) кој е во рамки на мојот универзитет, го одржа првиот голем симпозиум на истата тема, на кој беа присутни водечки научници од областите на економија, етика, право, јавни политики, општествени науки и здравствена грижа. Дводневната конференција понуди платформа за развивање заеднички синергии, а резултатите од истражувањето треба да се објават во журналот Bioethics („Биоетика“).

Ваквите собири на научници помогнаа да се зголеми академскиот интерес за етичките прашања за отпорноста на лекови, но тие се само мал дел од она што е потребно за да му се помогне на светот безбедно да мине низ опасното минско поле на морални предизвици. За секаков напор за ограничување на употребата на антибиотици, за регулирање на прехранбената и фармацевтската индустрија или за менување на човековото однесување – а сите овие се стратегии кои во моментов се предмет на дискусија – ќе биде потребно сложено етичко размислување и анализа.

Првата етичка пречка е да се дојде до консензус за тоа како да се карактеризира отпорноста на лекови. Многу етичари го сметаат тоа за „проблем за кој треба колективно дејствување“, односно проблем на јавното здравје што мора да се реши на организиран, сеопфатен начин. Сепак, нема толку општа согласност за тоа каков вид на проблем за колективно дејствување е. Дали е слично со другите глобални предизвици како што се климатските промени, сиромаштијата или нерамноправноста? Или пак е повеќе национално прашање, кое најдобро е да се препушти на суверените власти? Начинот на кој ќе го дефинираме проблемот ќе одреди какви жртвувања се подготвени да направат луѓето и владите.

Неколку учесници на симпозиумот на ЦИАО го нагласија овој проблем, велејќи дека за успешно да се спроведат стратегиите за отпорност на лекови, владите мора да постигнат баланс помеѓу глобалната медицинска одговорност и доброто на локалната јавност. Една идеја која беше предложена е да се оданочува месото произведено со антибиотици, што е пристап кој би можел да го придвижи животинското земјоделство во посоодветна насока. Да, цените за месо би пораснале, но отпорноста на лекови кај добитокот би опаднала, заедно со други негативни последици за животната средина. Етичкото прашање е дали вакво решение би било праведно на глобално ниво, особено ако резултатот од него е поскапа храна.

Како што предизвиците поврзани со отпорноста на лекови стануваат поитни, човек може да помисли дека не треба да се троши време на етички дебати. Но, земајќи ги предвид ризиците поврзани со спроведување избрзани решенија, внимателно размислување за етичките импликации на стратегиите за отпорност на лекови е од клучна важност.

Кристијан Мунте е биоетичар и професор по филозофија на Универзитетот во Готенбург.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Кристијан Мунте (Christian Munthe)

Кристијан Мунте е биоетичар и професор по филозофија на Универзитетот во Готенбург.