fbpx

Реинтеграција на Ромите повратници: вклучување на „непосакуваните“

Ангел Мојсовски

Ангел Мојсовски

Angel Mojsovski 200x250МВР ги има информациите колку Роми, т.н. лажни азиланти, се вратени, своеволно или присилно, но тие информации понатаму не се споделени со центрите за социјална работа, кои би требало да продолжат со преземање дополнителни мерки за давање помош.

Секојдневните проблеми, а пред се` сиромаштијата како најголем од сите, тераат голем број жители на земјите од Западниот Балкан, вклучително и Македонија да си ја бараат среќата како знаат и умеат. Еден од начините е да мигрираат од земјата и да бараат азил во некоја од западноевропските земји, најчесто Германија и Белгија.

По добивањето на визната либерализација во 2009 година, многу луѓе од нашата земја добија можност непречено да патуваат низ земјите од Европската Унија, од туристички побуди, за посета на своите семејства, но и да бараат работа, најчесто сезонска. Тука доаѓаме до првиот проблем кој делува како поттик за луѓето да заминат од државата - невработеноста, како дел од сиромаштијата која е основна точка на сите проблеми. Голем број од невработените луѓе заминуваат во западноевропските земји на сезонска работа, најчесто во летниот период, и се враќаат на есен. Неретко, дел од нив кои се запознаени со процедурите за барање азил, ги користат. Со ова, тие мислат дека им се дава шанса да останат во земјата или земјите во кои престојуваат.

Лажни азиланти?

Секако, размислувањето дека на овој начин можат да добијат азил е погрешно, а се должи на две причини. Прво, државата не направи напори за да им објасни на граѓаните што значи визната либерализација, кои се придобивките и како е предвидено таа да се користи. Второ, бидејќи од пред две години Република Македонија е тргната од листата на „несигурни земји“, односно таа во моментов има статус на безбедна земја, причините за барање и добивање политички азил се минимални и ретко кое лице успева да го добие овој статус, односно на „граѓаните од т.н. безбедни земји на потекло не им се заканува никаков политички прогон, па нивните апликации се очигледно неосновани“. Со тоа се стекнува перцепцијата дека постојат т.н. лажни азиланти, термин кој не е официјален, но е во функција на оцрнување на оние кои поднесуваат такво барање. Во тој поглед и во создавањето на таквиот наратив имаа удел и туристичките агенции кои ги злоупотребуваа лицата кои бараат азил и им нудеа „пакет аранжмани“ кои го гарантираат нивниот престој во западноевропските земји.

Обвинувањата за т.н. лажни азиланти најмногу беа насочени кон ромското население. Ваквото оцрнување е само продолжување на праксата на дискриминирање кон цел еден народ - Ромите, кое не помага во решавањето на нивните проблеми, а, како што знаеме, ги има многу. Некои од проблемите со кои се соочуваат се во областите на домување, вработување, социјална и здравствена заштита. По обвинувањата кои доаѓаа и од земјите во кои престојуваат овие лица, а во согласност со реадмисионите договори меѓу Македонија и земјите од ЕУ, македонските власти започнаа со процес на прифаќање на лицата кои присилно или доброволно се вратиле, со што се јави и потребата од нивна реинтеграција во областите посочени погоре. Ова подразбира дека се враќаат и лица кои живееле и подолг период граделе живот надвор од Македонија, за да почнат се` од почеток, односно да се „реинтегрираат“ во македонското општество.

reintegracija na romite povratnici vklucuvanje na neposakuvaniteИзвор: dw.com

Едно општество за сите

Воедно, тука доаѓаме до прашањето како да креираме инклузивно општество. Досега беа спроведени многу проекти, особено во рамките на Декадата на Ромите, со бројни предлози за можните начини како да се подобрат условите за живеење на Ромите. Проектите беа насочени за решавање на проблемите од повеќе области, како вклучување на децата Роми во градинки, нивна евиденција во матична книга на родените, како и локална интеграција на бегалци и малцински групи. Сите овие мерки и активности беа без поголем ефект. Дополнително, особено кога зборуваме за мерките кои се предвидени во Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на повратници во Република Македонија, може да се увиди дека на терен оваа програма, која постои уште од 2010 година и нема рокови на имплементација, воопшто не се спроведува. Програмата вклучува мерки за вработување, за образование, за социјална заштита, но тие остануваат на хартија. На ова укажува фактот што многу од Ромите не ги користат услугите и можностите кои произлегуваат од програмата.

Како што вели поговорката „Дај му на човек риба и ќе го нахраниш за еден ден. Научи човек да лови риба и ќе биде најаден за цел живот“, сите ад-хок мерки кои беа спроведени во Декадата на Ромите беа со краток рок и немаат ефект. Така, мерките кои досега не даваа резултат се еднократната парична помош при враќањето на Ромите, бирократски насоки за вадење документи, па дури и привремени сместувања. Не е доволно само да „им се даде“ нешто на овие луѓе. Поентата е да им се покаже дека може и поинаку, дека постои алтернатива за работите кои ги прават и други начини за справување со секојдневните животни препреки, што значи дека не треба да ги лечиме симптомите односно последиците, туку треба да ги решаваме причините за болеста.

Една од мерките кои може да им го олеснат пристапот на Ромите до сите услуги и права, а кои им следуваат со Програмата за помош и поддршка при реинтеграција на повратници (како и за секој друг државјанин на Република Македонија), е создавање на систем за регистрација и препознавање на повратниците, како и зајакнување на системската соработка помеѓу надлежните државни институции, во овој случај МВР и центрите за социјална работа. Досега, од она што е познато, соработката помеѓу овие две институции не постои или е многу мала, бидејќи МВР ги има информациите за тоа колку луѓе се вратени, своеволно или присилно, но тие информации понатаму не се споделени со центрите за социјална работа, кои би требало да продолжат со преземање дополнителни мерки за давање помош.

Затоа за поздравување е една од мерките кои Владата ги предлага во контекст на градење соживот, кој впрочем е клучен за реинтеграција на Ромите повратници. дека „првото место кадешто треба да се градат вредностите на едно заедничко општество се детските градинки и училишта. Затоа, ќе воведеме елементи на мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот“.

Оваа мерка дава надеж дека работите можат да одат напред бидејќи клучот за надминување на проблемите започнува, пред се`, во образованието. Ова треба да биде поттик за сеопфатно вклучување на Ромите во општеството бидејќи и тие се дел од него, а не само декор кој ќе служи за потсмев. Затоа, ако сограѓаните Роми не просперираат, ниту општеството, а ни Македонија како држава нема да просперираат.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ангел Мојсовски

Ангел Мојсовски работи како истражувач во Институтот за европска политика (ЕПИ). Во текот на своите четири години во ЕПИ, Мојсовски работел како проектен-асистент и истражувач на неколку проекти посветени на човековите права, права на малцинствата, со особен фокус на социјалните права. Мојсовски е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први". Теми на негов интерес се прашања од областа на социјалната политика.