fbpx

Одлуката на референдумот е налог за пратениците и претседателот Иванов

Светомир Шкариќ

Јавен интерес

Политика

24.07.18

Прегледи

проф. д-р Светомир Шкариќ 

svetomir skarik 200x250Во фокусот на референдумското прашање треба да биде Договорот, така како што е насловен, со полно име. Референдумското прашање треба да гласи: „Дали сте за Договор за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните?“ „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Претстојниот референдум ќе биде понеизвесен и поделикатен од референдумот за самостојност од 1991 година. Нема да има етничка поделба на глсачкото тело, но може да се случи помала излезност од 50 посто од вкупниот број избирачи, ако вистинската содржина на Договорот не ја разберат граѓаните. А отпорот кон него е веќе силен, со застрашувачки пораки од повеќе страни. Може да се очекува опструкција и по завршувањето на референдумот, особено кога ќе се отвори постапката за уставните промени која мора да биде брза, да заврши за три месеци, не подоцна од 2018 година.

Референдумот на државно ниво станува актуелно прашање по трет пат, по потпишувањето на Договорот со Грција и неговата ратификација во Собранието на РМ во јуни 2018 година. Во Договорот, референдумот се споменува во два члена. Прво, дека македонската страна може да одржи референдум по ратификацијата на Договорот во Собранието и дека веднаш по ратификацијата ќе ја започне постапката за донесување на уставните амандмани (чл. 1). И второ, дека одлуката на Грција за прием на Македонија во НАТО ќе зависи од исходот на ,,националниот референдум“ и комплетирањето на уставните амандмани (чл. 2).

Станува збор за необврзувачки или факултативен референдум, односно за референдум што може да се распише, но не мора. Одлуката ја донесува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Во одлуката се наведува датумот на одржувањето на рефедрендумот, се прецизира референдумското прашање и се утврдува правната природа на одлуката, дали таа ќе биде императивна или советодавна. Тоа ќе бидат, овој пат, тешки прашања, како никогаш досега.

Цензусот е важно прашање

Референдумот мора да се одржи во рок од 60 дена од објавувањето на одлуката во „Службениот весник на РМ“, но не подоцна од 90 дена. Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните предвидува можност и меѓународните договори да бидат предмет на референдумско изјаснување, но пред нивната ратификација во Собранието. За тоа прашање е предвиден претходен (ante lege), а не дополнителен референдум (post lege). За таа законска обврска македонските преговарачи не воделе сметка кога се утрдуваше финалната верзија на Договорот (чл.24).

Референдумот е предвиден поради противењето на пратениците од опозицијата и шефот на државата на Договорот со Грција. Ако референдумот биде успешен, тогаш опструкцијата може да се надмине, бидејќи референдумската одлука ќе биде задолжителна за сите (erga omnes). А тоа ќе се случи ако се обезбеди цензусот од 50 отсто плус еден гласач и ако мнозинството граѓани гласале „за“. И обратно, ако одлуката биде негативна, односно ако мнозинството граѓани гласале „против“, Договорот ќе пропадне. Договорот ќе пропадне и ако не се обезбеди потребниот цензус на излезност на граѓаните што го бара Уставот: „Одлуката на референдумот е усвоена ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи“ (чл. 73).

Обезбедување на цензусот од најмалку 900.000 избирачи нема да биде лесна задача, особено ако опозицијата повика на бојкот, како што тоа го направи Владата на Хари Костов во 2004 година, кога се одржуваше референдумот за новата територијална поделба. Сегашната влада треба да размисли како ќе го обезбеди цензусот, на кој начин и со каква кампања. Решението за цензусот може да го бара и во поврзувањето на референдумското изјаснување со предвремени парламентарни избори, ако оцени дека има капацитет за тоа.

Со поврзувањето на референдумот со изборите може полесно да се обезбеди цензусот, но и значително да се зајакне легитимитетот на Договорот, ако излезноста на референдумот биде значително поголема од 50 отсто, блиску до она од 1991 година. А Договорот има потреба од силен легитимитет, бидејќи неговата имплементација тешко ќе се остварува со слаба поддршка од граѓаните. Посебно ќе биде тешко остварлива постапката за уставните промени и стратешкото партнерство меѓу двете држави.

odlukata na referendumot e nalog za pratenicite i pretsedatelot ivanovЛидерската средба во состав Зоран Заев (СДСМ), Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ), Али Ахмети (ДУИ) и Билал Касами (Беса). Извор: novamakedonija.com.mk

Референдумското прашање треба да биде чисто

Референдумот ќе предизвика тектонски промени, без оглед на неговите резултати. Ако биде позитивен, тогаш може да ни се случи „Орфеј“, да слушаме „громови“, да гледаме како се совладува отпорот на опозицијата, со помош на гласот на граѓаните. Ако пак биде негативен, тогаш противниците на Договорот ќе мора да осмислат нова алтернатива. А за тоа ќе им треба и повеќе ум и повеќе труд, отколку што им треба за отфрлање на Договорот. По референдумот, граѓаните ќе кажат јасно во која насока ќе се движи земјата (referre), односно која е нивната порака (consilia referenda).

Проблемот е и во тоа што предметот на претстојниот референдум ќе биде комплексен, како ретко кој предмет од досега одржаните референдуми на државно ниво во светот, почнувајќи од 15 век па до денес. Договорот во себе содржи прашања од различен карактер. Некои прашања се од уставен, други од законодавен, трети од административен, а четврти од меѓународен карактер. Сите прашања се синтетизирани во еден пообемен документ, на кои граѓанинот треба да одговори со „за“ или „против“.

Проблемот е и динамиката на остварувањето на Договорот. Постапката на уставните промени мора да започне веднаш по референдумот, да биде „неотповиклива“ и да заврши брзо, за три месеци. Со еден амандман треба да се замени постојното уставно име со име „Република Северна Македонија“ за општа употреба (erga omnes). Со истиот амандман треба да се отстрани и името „Македонија“ што се среќава во преамбулата и во неколку членови од нормативниот текст. Со вториот амандман треба да се интервенира во преамбулата, најчувствителниот дел од Уставот, со големи маки формулиранa во 2001 година. Со третиот амандман треба да се промени членот што го регулира правниот режим на државните граници (чл. 3), а со четвртиот, промена на членот со кој се предвидува грижата на македонската држава за македонското малцинство во соседните земји (чл.49).

Договорот бара и промена на поголем број закони. Предвидува и обврска за имплементација на новата терминологија во официјалната документација, кореспонденцијата и релевантните материјали. Со други зборови, договорената терминологија, освен надвор, треба да се користи и внатре, во сите делови од општественото уредување, со конкретен одраз врз називите на државните органи и институциите од национален карактер. Претстои прецизна работа со ангажман на повеќе стручни лица кои добро го познаваат правниот систем и правната техника.

Договорот е билатерален, но има и пошироко геополитичко значење. Освен што предвидува стратегиско партнертство помеѓу Македонија и Грција, тој претставува и услов за евроатлантската интеграција на македонската држава, за нејзино врамување во одредена геополитичка рамка, која се судрува со друга таква рамка, присутна на Балканот. Договорот има врска и со ООН и се засновува врз нејзините документи, повеќе отколку врз домашното право. Со влегувањето на Договорот во сила, престанува да важи и Привремената спогодба од 1995 година, склучена со посредство на ООН.

Стратегиското партнерство меѓу Македонија и Грција отвора нови можности за македонската држава и за македонскиот народ. Се создава можност за потесно поврзување на народите од двете држави, со градење атмосфера на доверба и добрососедски односи, економска соработка, соработка во областа на културата и науката, развој на пријателските односи и решавање спорови со мирни средства. Од преамбулата на Договорот јасно се гледа желбата на договорните страни да ја трансформираат „политичката географија“ во „функционална географија“, во која географска Македонија може повторно да го најде својот мир – „Pax Macedonia“, водејќи сметка за принципот - секому она што му припаѓа (Suum cuique ).

Затоа, во фокусот на референдумското прашање треба да биде Договорот, така како што е насловен, со полно име. Референдумското прашање треба да гласи: „Дали сте за Договор за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 ( 1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанок на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните?“ „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Од гласачкото ливче, граѓанинот ќе може непосредно да заклучи, со свој ум, за што станува збор. Прво, ќе сфати дека се вклучува со свој глас во конечно решавање на спорот за името што трае уште од 1993 година, наспроти барањето на Советот за безбедност на ООН спорот за разликата брзо да се реши. Второ, прашањето го соочува со резолуциите на Советот за безбедност на ООН, што значи дека спорот е меѓународен, а не само билатерален и дека меѓународното право има поголема тежина за регулирање на спорот со Грција отколку домашното право. Трето, ќе види дека Привремената спогодба со Грција од 1995 година престанува да важи и дека е време односите со таа земја да се уредат на нови основи. И четврто, стратегиското партнерство ќе го поттикне да размислува пошироко и далековидо, односите меѓу Македонија и Грција да ги согледува низ нова перспектива, во контекстот на ЕУ и вредностите и принципите на Советот на Европа, така како што е запишано во преамбулата на Договорот.

Договорот треба да се стави на референдум, без негово замаглување со други прашања. Така е во сите демократски земји во кои референдумот се смета за строга форма на непосредна демократија. Тоа е видливо од референдумите што се оддржуваат во Швајцарија, Италија, Франција, Шпанија и во нордиските замји, како и од референдумите на американските држави ( Калифорнија, Јужна Дакота и Северна Дакота).

Референдумот е имеративен мандат

Одлуката донесена на референдум е од императивен карактер за органите на власта. Тоа е разбирливо ако се има предвид хиерархијата на субјектите на уставниот поредок. На прво место е граѓанинот како извор на власта. На второ место е уставот како основен правен акт и регулатор на односите меѓу граѓаните и власта. Дури на трето место се државните органи. Тоа е видливо од Уставот на Јапонија од 1946 година и од Основниот закон на Германија од 1949 година.

Тоа што ќе го кажат граѓаните е највисоката власт. Граѓаните се извор на власта, но и нејзин најзначаен субјект. Тие се извор и утока на се`. Се извира од нив и се` се влева во нив. Тоа го забележал Токвил за време на неговиот престој во САД, зебележувајќи дека „народот владее со американскиот политички свет како Господ со вселената“.

Референдумското одлучување има задолжителна правна сила. Тоа го тврди Жак Кадар, единствен професор по уставно право кој имал можност да стави забелешки на Нацрт-уставот на РМ, на седницата на Уставната комисија, одржана во Собранието на РМ во септември 1991 година: „Треба да се сфати дека референдумот е еден вид национален и глобален императивен мандат за претставничките тела и за владата. Ако императивниот мандат е неприменлив на ниво на одделен избор, тој е лесно применлив во однос на претставничките органи“ (Шкариќ С., Уставно право, осмо издание).

Одлуката донесена на референдум стапува на сила веднаш по нејзиното донесување. Таа има поголема правна сила од сите правни акти, донесени од претставничките органи. Како таква, таа е извор на уставно право со подолго временско траење. Затоа треба да се внимава кога граѓаните се повикуваат на референдум, кога треба да се чуе нивниот глас.

Референдумското изјаснување има и морална тежина. Тоа се гледа од односот на власта кон одлуките донесени на консултативен референдум. Таквите одлуки се почитуваат, независно од нивниот советодавен карактер. Тоа е видливо од односот на швајцарските кантони и Владата на Норвешка. Кантоналниот орган што го распишува референдумот води сметка за мислењето на граѓаните кога ја донесува конечната одлука. Владата на Норвешка во 1972 година донесе одлука за непристапување на Норвешка кон заедничкиот пазар на Европската заедница, откако 53.5 отсто од гласачите на консултативен референдум гласале против.

Во случај на несовпаѓање помеѓу волјата на граѓаните и волјата на власта, неминовно избива политичка криза, независно дали станува збор за облигаторен или за консултативен референдум. Излезот се бара во оставка на носителите на власта и распишување нови избори. На пример, во 1969 година, по неуспешниот референдум, распишан по барање на Шарл де Гол за укинување на Сенатот и нова регионализација на Франција, францускиот претседател поднесе оставка, обраќајќи му се на францускиот народ со следните зборови: „Господо, ние завршивме... Значи по овој случај, дефинитивно ќе биде свртена нова страница во историјата на Франција“.

Веќе е извесно дека нова страница во историјата ќе биде свртена и во Македонија, независно како ќе заврши референдумот за Договорот од Преспа. Но, неизвесно е дали претседателот Иванов ќе постапи како францускиот претседател, ако референдумот биде позитивен, по неговата изјава од јуни 2018 година дека „нема да легализира политичка дивоградба“.

Не е извесно и дали пратениците од опозицијата ќе се однесуваат како пратениците од Британскиот парламент кои на референдумот гласале против Брегзит, а сега се негови поддржувачи. Така се однесуваат демократите. А поборници на чист Брегзит се министрите на Владата на Тереза Меј кои деновиве поднесоа оставки, во знак на протест проти замаглавуњето на Брегзит и неговото трансформирање од „тврд“ во „мек Брегзит“. Ќе видиме дали така ќе постапат и министрите во Владата на РМ, ако референдумот пропадне?

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Светомир Шкариќ

Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година, во селско семејство. Основно образование завршил во Дојран и Гевгелија, а гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Биран е за асистент на проф. Евгени Димитров, а потоа за доцент и проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Бил на студиски престој во Гренобл, Сапоро и Токио и визитинг професор во Бордо. Предавал 15 години на политичката школа „Јосип Броз Тито“ во Кумровец, заедно со Киро Глигоров, Предраг Враницки, Мухамед Филиповиќ, Мијат Шуковиќ, Милојко Друловиќ и Славој Жижек. Учествувал на повеќе конгреси на Меѓународното здружение за уставно право (L'AIDC), Меѓународно здружение за политички науки (IPSA) и Меѓународно здружение за истражување на мирот (IPRA). Поднесените трудови се објавени во книгата „Македонија на сите континенти“ (2000). Автор е на книгите: Law, Force and Peace - Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување - Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории - нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.