проф. д-р Светомир Шкариќ
Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија Езерото кое е прогласено за споменик на природата. Со локалните референдуми, граѓаните одлучија да ја напуштат послушноста кон партиите и нивните лидери, да стапат непосредно на политичката сцена и да ја покажат својата моќ.
Референдумот е ретка појава во нашата средина, како што е редок еделвајзот на француските Алпи. Неговото растење го сотира претставничката демократија која доминира и на локално и на државно ниво. Тоа е така затоа што овој вид демократија се смета дека е позначаен од непосредната демократија, дека избраните претставници (советници и пратеници) се ,,просветлени личности“ кои гледат подалеку од оние што ги избрале. Дури се гордееме пред другите дека сме претставничка, а не непосредна демократија, дека имаме слободен, а не императивен мандат, дека ни е поблизок Монтескје отколку Русо.
Системот е така накриво насаден уште со Уставот од 1991 година, а продолжи да се развива и преку законодавството во претставничка насока. Тоа ѝ одговара на власта, бидејќи сака да биде подалеку од граѓаните, да биде недопирлива, привилегирана и неказнива. Да се грабне што може да се грабне, да се присвои за себе или за блиските по роднинска или партиска линија. Да се експроприра сè што е општо добро, дури и водата, воздухот, тротоарите и плоштадите, езерскиот брег и планините.
Но, така веќе не се може. Се слуша писокот на оштетените и ограбените. Граѓаните се презаситени од лагите на оние што ги избрале да ги претставуваат во јавната сфера. А не веруваат слепо ни во идеата за прогресот, дека автоматски утре ќе биде подобро, само ако се промени власта. Соочени се со груба реалност која ги опкружува од повеќе страни. Во прашање е нивниот опстанок и опстанокот на локалните заедници. Како реакција на тоа е ненадејната ерупција на локалните референдуми, прво во Гевгелија и Богданци, потоа во Дојран и Валандово и најпосле во Василево и Ново Село.
Граѓаните ја бараат смислата на референдумот на локално ниво
Дали има спас од состојбата во која се наоѓаме? Тоа е прашање што чека одговор. Одговорот треба да се бара во откривање на смислата на поблиското и на подалечното минато, на сегашноста во која живееме, но и на иднината што ни претстои. Не е доволно само владеење на знаењето (софократија), ниту само владеење на идеите (идеократија). Потребна ни е и смисолкратијата - термин што првпат го чув во дебатата за руската доктрина водена на бродот „Књажна Анастасија“ (Княжна Анастасия) за време на Јубилејниот Сеславјански конгрес што се оддржа во периодот од 26 мај до 3 јуни 2017 година, на потегот Москва, Углич, Јарослав, Кижи, Свирстрој, Валаам и Петерзбург.
Граѓаните веќе ја бараат смислата на референдумот на локално ниво. Одлучиле да ги земат работите во свои раце, да се откажат од доброволното ропство, да ја напуштат послушноста кон партиите и нивните лидери, да стапат непосредно на политичката сцена и да ја покажат својата моќ, спасувајќи го тоа што може да се спаси.
Македонија е нападната од внатре, и тоа од страна на нејзината власт, а не од надвор, од некоја позната или непозната империјална сила. Владата даде концесија за детални геолошки истражувања на 43 домашни и странски фирми и 370 концесии, од кои десетина за експлоатација на металички минерални суровини кои претставуваат голема опасност за земјината почва, растителниот свет и животната срдина.
Референдумот во Гевгелија од 23 април и во Богданци од 11 јуни 2017 година се одговор на тој брутален и подземен напад. Граѓаните во Гевгелија со 70 отсто и граѓаните на Богданци со 61 процент излезност гласаа со огромно мнозинство против отворање рудниците во нивна или во соседна општина. Во Гевгелија 99 отсто од излезените граѓани гласаа против, а во Богданци 98 проценти.
Се случи нешто ново во Република Македонија што треба да се забележи со златни букви во нејзините анали. Од голема мака и бројни тешкотии се отвори нов етички процес, неопходен за целиот свет, кога е во прашање борбата против екоцидот. Гевгеличаните, барем засега привремено, го заштитија природното лице на Кожув и водите што од него се слеваат на повеќе страни.
Одлуката за референдум е донесена едногласно од страна на Советот на општината, на предлог на Здружението „Спас за Гевгелија“. За 37 дена, од 17 март до 23 април, заврши целата референдумска процедура, без градоначалникот да се дрзне да го искористи правото на вето, иако потекнува од партијата чија влада ја одобри концесијата за отворање на рудник за злато и сребро во селото Коњско и Коњска река.
И општината Богданци спроведе брза постапка и покажа висок степен на единство во разбирањето на смислата на референдумот. Постапката започна на 3 март, а заврши на 11 јуни 2017 година, со клучна улога на Советот на општината, поддржан и од градоначалникот. Во Богданци се гласаше против не само за отворање на нови рудници на територијата на општината, туку и против продолжување со работа на рудникот во Казандол, иако местото се наоѓа на територијата на општината Валандово.
Во општината Валандово референдумот ќе се одржи дури на 20 август 2017 година. Одлуката е веќе донесена од Советот на општината, на иницијатива на 20 проценти од избирачите на општината, односно со потписи на 2213 граѓани. За жал, одлуката е донесена со тесно мнозинство од 8 гласа, со користење на суспензивното вето од страна на градоначалникот на општината. Седум советници,заедно со претседателката на Советот, намерно отсуствуваа од седницата на Советот, со образложение дека „не се надлежни да донесуваат таква одлука“. А тоа не е точно. Амандманот XVII од 2011 година уставно ја обврзува локалната самоуправа да води грижа за заштита на околината.
На 20 август граѓаните на Валандово ќе гласаат дали се „за“ или „против“ продолжувањето со работа на рудникот за бакар, сребро и злато во Казандол. Дозвола за работа е дадена во 2015 година. Казандол се наоѓа на територијата на Општина Валандово, во непосредна близина на општините Богданци и Дојран. Од неговото отворање најмногу може да настрадаат лозјата и калинките во валандовската котлина, но и Дојранското Езеро и земјоделското производство во богданската општина.
Интересно е што претседателот на Републиката, по потекло од Валандово, не се огласува ни „за“, ни „против“ референдумот за рудникот во Казандол. А во изборната кампања од 2014 година за втор претседателски мандат на билбордите се претставуваше како лозар кој на време го подрежува лозјето, а не го заборава ни „Свети Трифун“ - заштитник на лозарите. Не го трогнува ни тоа што Земјата е хранителка на животот, што е кршлива и деликатна, што бара државна заштита и што сите сме должни спрема неа да се однесуваме како кон своја Мајка.
Извор: МКД.мк
Градоначалникот против одржување на референдумот во Дојран
Дојран е поделикатен од Гевгелија и од соседните општини Богданци и Валандово, поради Езерото кое е прогласено за споменик на природата со посебен закон во 2011 година. Токму така пишува во законот, топло и поетски: „Назив на споменикот на природата е Дојранското Езеро“.
Станува збор за дел од Дојранското Езеро на територијата на Република Македонија со површина од 27,2 км². Тој дел, заедно со крајбрежјето и живиот свет во Езерото се прогласени за споменик на природата. Законот го утврдува и режимот на заштитата со припишување голем број забрани (13) како обврски префрлени на општината и на градоначалникот. Републиката се држи по страна, како Езерото да и припаѓа на некоја друга држава или како да е ресурс само од локално, а не и од светско значење, слично на Ладога и Белозерско во Русија, иако е мало.
И Собранието на Република Македонија, како законодавец, се држи по страна и без грижа на совест за еколошката драма во која се наоѓа Езерото. Не се вознемирува ни по објавувањето на резултатите од Проектот на Регионалниот центар за животна средина „Развивање на капацитети за одржливост на Дојранското Езеро“ од 10 декември 2015 година. Неразбирливо и неподносливо однесување, на таков висок орган кој намерно одбегнува да пропишува обврски за себе кога се во прашање заштитата и одржливоста на општите добра во земјата.
Проектот е изготвен по три спроведени научно-едукативни кампа, во текот на сезоните пролет-лето-есен 2015 година од група професори, доценти и дипломирани биолози, заедно со група студенти, предводени од д-р Светислав Крстиќ, професор на Биолошкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Станува збор за обемно изложен проект на 91 страница, проткаен со голем број фотографии, табели и графикони. Такво солидно истражување ретко се случува во нашата средина во последно време.
Проектот содржи заклучоци и констатации кои ниту еден разумен човек не го оставаат на мира: „Добиените вредности за параметрите на физичко-хемиската категоризација на водата во Дојранското Езеро, според сите правни нормативи, го поставуваат екосистемот во исклучително лоша еколошка состојба и V категорија на степенот на загаденост“ (стр. 34).
Во исто време, Научниот тим констатира дека состојбата на Езерото е алармантна и дека вината за неговата агонија паѓа врз грбот и совеста на човекот, пред се`, на оние што живеат покрај Езерото и во неговата околина: „Езерскиот систем дојде до границата на својот опстанок чекајќи единствено на природната судбина. Човекот кој ја започна неговата агонија не презеде ништо за да го намали екоцидот, туку сосем спротивно само го интензивираше со своето безгрижно исфрлање на отпадните материи“ (стр. 89).
Таквата состојба ги крена на нозе граѓаните на општината Дојран, откако слушнале дека во Казандол се отвора рудник кој може дополнително да го кутне Езерото во уште потешка агонија. Прво се разбудија обичните граѓани и Советот на општината, а градоначалникот остана да војува против референдумот до крај, иако е роден покрај Езерото.
Прво се појави граѓанската иницијатива како облик на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето за прашањата од надлежност на локалната самоуправа. Потоа настапи Советот на општината кој едногласно донесе одлука за одржување на референдумот на 18 јуни 2017 година. Но, една недела пред одржувањето на референдумот се дозна дека градоначалникоот на општината не ја потпишал одлуката и дека поради тоа референдумот не може да се одржи на определениот датум. Образложението на градоначалникот беше дека Советот при носење на одлуката, не донел и одлука за финансиските средства за покривање на трошоците за одржување на референдумот.
На 21 јуни 2017 година, советниците на СДСМ поднесоа барање за свикување вонредна седница на Советот, со предлог референдумското ливче да содржи две прашања: (1) „Дали сте ЗА или ПРОТИВ отворање рудници на територијата на Општина Дојран?“ и (2) „Дали сте ЗА или ПРОТИВ рудникот и рударскиот комплекс Казандол?“.
На 27 јуни 2017 година, се одржа вонредна седница на Советот, на која се усвои предложениот текст на референдумското прашање и одново се потврди 23 јули како ден за одржување на референдумот во Општина Дојран. Датумот 23 јули беше утврден уште на 19 јуни, од страна на Советот на Општината.
На 6 јули 2017 година, градоначалникот повторно не ја потпиша одлуката за референдумот во рок од седум дена и повторно го доведе во прашање одржувањето на референдумот. Меѓутоа, Советот брзо закажа нова седница, на која повторно едногласно ја потврди претходно донесената одлука, со што таа стана правосилна, иако е без потпис на градоначалникот на општината.
Владата дала концесија и за отворање рудник за злато, сребро, олово и цинк во Башибос и Бајрамбос, две села во општина Валандово, лоцирани на Беласица, над самото Дојранско Езеро. Тој рудник, ако се отвори, може да биде поштетен за околината и за Дојранското Езоро и од рудникот во Казандол. Не треба да биде вон контрола ниту рудникот за дијабаз во селото Ѓопчели, во непосредна близина на Езерото, даден под концесија на Бетон во 2014 година.