Нематеријалното културно наследство – чувар на нашиот идентитет

Лидија Топузовска

Јавен интерес

03.11.25

Прегледи

Македонското културно наследство е македонскиот културен и национален идентитет. Поради исклучителната важност на културното наследство во легитимирањето на македонската самобитност, Република Македонија треба да вложи максимум напори за континуирана заштита на нематеријалното културно наследство.

Заштитата на културното наследство може да се дефинира како потреба на општо-цивилизацискиот интерес за самоодржување, за развој и за сочувување на културната колективна меморија на човештвото преку заштитата на материјалните и нематеријалните културни добра и во таа насока УНЕСКО ги има донесено, покрај другите, и следните конвенции:

Конвенциите на УНЕСКО се инструменти за сензибилизирање на свеста на поединецот, на државата и на современото општество за значењето на културното наследство во конституирањето на идентитетот на една цивилизација. Уништено културно наследство и културни добра кои не се дел од културно-историските архиви на човештвото не можат да бидат препознатливи маркери на идентитетот на современата цивилизација.

Исчезнувањето на културните маркери е вовед во исчезнувањето на цивилизацискиот идентитет. Затоа, човештвото е должно да презема соодветни мерки и да донесува соодветни акти за спречување на уништување на културните добра, за ревитализација на културното наследство, за поттикнување на политиките на заштита на наследените културни добра кои и кога имаат етнички или национален белег, се наднационални и му припаѓаат на човештвото.

Нематеријално културно наледство во национален контекст

Во овој текст посебно внимание ќе посветам на нематеријалното културно наследство по повод одбележувањето на 17 октомври, Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство кој УНЕСКО го прогласи на своето Генерално заседание во 2023 година.

Терминот „нематеријално културно наследство“ значи обичаи, претставувања, изрази, знаење, вештини, како и инструменти, предмети, артефакти и културни предели што се во врска со нив кои што заедниците, групите и во одредени случаи, поединци ги препознаваат како дел од своето културно наследство. Нематеријалното културно наследство e збир на традиции, обичаи, знаења и вештини што се пренесуваат од генерација на генерација и ја одразуваат културната посебност и идентитет на една заедница.

Нематеријалното културно наследство се манифестира во следните домени:

  • усна традиција и изразувања, вклучувајки го и јазикот како пренесувач на нематеријалното културно наследство,
  • изведувачки уметности,
  • обичаи, обреди и празнични случувања,
  • сознанија и обичаи што се однесуваат на природата и
  • традиционални занаети.

Заедниците, особено автохтоните заедници, групите, и во одредени случаи, поединците играат важна улога во создавањето, заштитата, одржувањето и повторното создавање на нематеријалното културно наследство, а на тој начин помагаат во збогатувањето на културната различност и креативност на човештвото.

Нематеријалното културно наследство претставува значаен фактор за идентитетот на нашата држава. Низ долгата и богата историја на македонскиот народ и другите етнички заедници, како и поединци, создале и развиле традиционално нематеријално богатство од кое и денес младите генерации црпат едно чувство на идентитет, љубов и почит кон своите корени и традиционални вредности.

Извор: pexels.com

Воедно, благодарение на нематеријалното наследство го имаме заштитен и кодифициран македонскиот јазик кој претставува нематеријално културно наследство кое и со закон е заштитено.

Нематеријалното културно наследство претставува и една вековна хронологија за еден народ. Така македонските јуначки песни посветени на народните херои усно се пренесувале низ вековите и ја раскажувале бурната историја и непокорливиот дух на македонскиот народ кои низ вековите се бореле за слобода и самостојност.

Нематеријалното културно наследство има голема улога и во економскиот развој на Македонија преку атрактивноста и привлекувањето на туристите и вклучувањето на ранливата популација, вклучување на жените и социјално загрозените лица. Тоа претставува непроценливо богатство на знаење и вредности кои го јакнат постојаниот човечки и економски развој. Затоа е потребно нематеријалното културно наследство што е можно подобро да се интегрира за постојан развој на локалните заедници и територии, менувајќи ги релациите помеѓу руралниот и урбаниот живот, карактеристиките на социјалните врски, како и другите општествени и културни трансформации.

Македонија УНЕСКО-вата Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство ја ратификува на 13 јуни 2004 година.

Со заедничка координирана соработка на Националната комисија за УНЕСКО, Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство, со впишување на  неколку елементи-добра на Репрезентативните листи на УНЕСКО и тоа: „Чет`рсе - прославување на светите четириесет маченици“ (2013), „Копачката - машко соборно оро од село Драмче, Пијанец“ (2014), заедничката апликација на Македонија и Турција „Хидерлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија „Пролетно прославување – Мартинките“ (2017) и „Традиционалното знаење и вештини на изработка и свирење на гајда“ (заедно со Р. Турција), во 2024 година на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015) на Листата на УНЕСКО за загрозено нематеријално културно наследство.

За впишување на листата на УНЕСКО секој елемент/нематеријално наследство треба да има универзална вредност, да биде практикувано подолг период во својата оригинална форма и на национално ниво да биде прогласено за  нематеријално културно наследство од особено значење.

Македонија има цела ризница на нематеријално културно наследство кое е создадено и пренесувано низ вековите од генерации на генерации и по својата вредност и уникатност можат достојно да бидат вклучени на Репрезентативната листа на УНЕСКО, како на пример: машките поворки (Русалии), јуначките песни, празнувањето на Водици во Охрид, свадбарските обичаи, обичајот за стапување во брак кај Албанците, Лазарското пеење, преданијата за кралот Марко и други.

Заштитата на културното наследство не може да биде успешно ако се одвива неконтинуирано или ако е селективно. Заштитата на културното наследство треба да биде заеднички интерес на сите народи и држави во светот и треба да ги почитуваат општите меѓународни принципи, утврдени и регулирани токму со конвенциите на УНЕСКО кои претставуваат темелни акти во заштитата воопшто.

Македонското културно наследство е македонскиот културен и национален идентитет. Поради исклучителната важност на културното наследство во легитимирањето на македонската самобитност, Република Македонија треба да вложи максимум напори за континуирана заштита на нематеријалното културно наследство, негово евидентирање, идентификација, вреднување, пренесување, подигање на свеста за неговото значење особено преку формалното и неформалното образование, медиумска промоција, поголема поддршка на носителите на нематеријалното културно наследство и поддршка за меѓународна промоција и соработка.

За да се обезбеди идентификација во смисла на заштита, секоја држава, во согласност со состојбата, треба да изготви еден или повеќе инвентари на нематеријалното културно наследство присутно на нејзината територија.

Во нашата држава национален инвентар/регистар на нематеријално културно наследство изготвува Управата за заштита на културното наследство.

Покрај Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура и туризам, овластени институции за нематеријалното културно наследство се:

  • ЈНУ Институт за фолклор „Марко Цепенков“ - Скопје
  • НУ Музеј на Република Северна Македонија – Скопје
  • ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ – Скопје
  • ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп
  • ЈНУ Институт за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје
  • Институт за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ - Скопје

Но, согласно Конвенцијата на УНЕСКО, за да се усвои генерална политика за промоција и заштита на нематеријалното културно наследство во општеството и за интегрирање на тоа наследство во планирањето на програмите, потребно е да се формира едно посебно компетентно тело.

Ова тело би ја спроведувало генералната политика за промоција и заштита на нематеријалното културно наследство, во координација со надлежните и овластени институции би ги идентификувал елементите кои се наоѓаат во опасност од исчезнување и би преземал и предлагал активности истите да се заштитат. Воедно, би ги поддржувал и евидентирал сите активности на нематеријалните елементи кои се впишани на Репрезентативната листа на УНЕСКО со цел собирање на сите податоци потребни за периодичните национални извештаи кои треба да се доставуваат до УНЕСКО, да организира разни едукативни активности со цел подигање на свеста кај младите, давање поддршка на носителите на нематеријалното културно наследство, медиумска афирмација на истото и др.

Едукацијата и информираноста за значењето и заштитата на нематеријалното културно наследство е еден од главните предуслови во сложениот процес на заштита.

Имплементирањето на домашните постоечки закони како и меѓународните акти во нашата земја претставува доближување на Република Македонија до меѓународните стандарди за заштита и е од витално значење за македонското културно наследство кое е секојдневно изложено на разни искушенија (несоодветна или ненавремена заштита, уништување од човечка негрижа, не стимулирање и поддршка на носителите на нематеријалните елементи и сл.).

Во таа насока сметам дека Конвенциите на УНЕСКО за заштита на културното наследство треба со посебно внимание да се презентираат и вклучат во нашите образовни институции, особено на факултетите за етнологија, македонски јазик и литература, право, археологија, туризам, како и да се имплементираат од страна на надлежните институции кои впрочем и се должни тоа да го прават, бидејќи со ратификувањето на конвенциите од страна на нашата држава наша обврска е истите и да ги применуваме и да даваме периодични национални извештаи за нивната имплементација.

Лидија Топузовска

Лидија Топузовска е дипломиран професор по книжевност и македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, како и почесен доктор на науки на Факултетот за менаџмент и туризам, Скопје. Таа е и поранешен Генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО (1998 - 2017).