fbpx

Фактори за големата гледаност на турските теленовели на Балкан

Рамадан Чипури

Медиуми

08.02.19

Прегледи

 SR   ALB

проф. д-р Рамадан Чипури (Ramadan Çipuri)

Ramadan Cipuri 200x250Без оглед на тоа дека во некои земји не се на нивниот врв, турските теленовели се чини дека продолжуваат со нивниот успех не само во Турција, туку и во разни земји од светот. Земјите од Западен Балкан се оние кадешто овие теленовели се следат речиси најмногу од било кое друго место. Поаѓајќи од овој факт, го поставуваме прашањето кои се главните карактеристики на турските теленовели, кои го определуваат високото ниво на нивната следеност?

Според анкета спроведена во летото на 2015 година од истражувачот Албан Тартари со 1058 граѓани од Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора, произлегува дека 68 отсто од нив често следат голем број турски теленовели. Овој факт ги поттикна телевизиските станици да ги емитуваат овие теленовели во најважните вечерни часови, заменувајќи голем број програми кои некогаш се емитуваа во ударните вечерни термини. Во интервјуто кое го направив со Алберт Думани, програмски директор на ТВ Клан, една од најголемите телевизиски продукции во Албанија, тој вели дека одредувањето на дневните и неделните програми се прави според анализа на пазарот и на публиката за одредени временски распореди, а потоа најзначајните и најскапите програми се поместуваат во ударно време (prime-time), што подразбира дека продажбата на телевизиското време за реклами во време на емитувањето на овие теленовели е извонредно профитабилно.

Од еден мониторинг кој е правен за време на четири недели во рамки на проектот „Стратегии на програмската шема и предизвиците на телевизиските програми во Албанија“, имплементиран  од Секторот за новинарство и комуникации на Универзитетот во Тирана во летото 2018 година, во случајот на ТВ Клан, теленовелите зафаќаат 28 насто од програмата, најголемо во споредба со другите програмски категории. Истовремено, рекламните простори се меѓу најскапите, а цената по која се откупува една турска серија која трае 40-50 минути варира од 800 до 1200 евра.

Интересен е фактот дека за овие теленовели нема или има многу малку простор во телевизиските програми на развиените западни земји. Постои еден заеднички приод на истражувачи од различни земји во врска со успехот кои овие серии го имаат не само во Турција туку и надвор од неа: темите и субјектите третирани во теленовелите го претставуваат не само животот на поголемиот дел на општеството во земјите на потекло туку и на земјите во кои се емитуваат. Големиот интерес покажан кон сериите се раѓаше токму од тоа што луѓето си го наоѓаа своето минато во главните личности.

Извор: Culture Trip

Посебните карактеристики на турските теленовели кои влијаат на привлекување на публиките

Заедничките историски точки меѓу Турција и земјите во кои се емитуваат турските теленовели. Во интервјуто пто го направив со Ирфан Арик, истражувач од Киргистан, којшто ги истражувал карактеристиките на турските теленовели во време на неговите докторски студии, вели дека овие продукции наишле на голем интерес во оние земји коишто ја делат зедничката историја и култура со Турција. Ова го забележуваме и во земјите од нашиот регион, коишто имаат социјални и културолошки сличности со турската култура, нешто што произлегува и од заедничкото минато со Турција за време на владеењето на Отоманската империја.

Сценарија базирани на поп-културата. Доколку ги анализираме темите и настаните на турските теленовели, се чини дека меѓу нив има голем број сличности. Внатре во нив може да се најде повторување на историите и форматите кои имаат најголема следеност во публиката. За турскиот истражувач Екмел Гечер, важноста која му се посветува на семејството во турските теленовели е многу важен фактор кој ја зголемува нивната гледаност од страна на публиката. Според него, и зад најнегативните улоги во рамките на една теленовела, стои  добронамерно семејство кое постојано ги поддржува.

Драмата како карактеристична особина на турските теленовели. Поголемиот број турски теленовели се карактеризираат со драма која се одвива во мали групи, во работни амбиенти и слично. Оваа форма на реализација се чини дека е една од најесенцијалните разлики меѓу нив и западните теленовели. Според истражувачот од Албанија Албан Тартари, во овие теленовели лошото се осудува, но и доброто не победува. Овој тренд на „несреќен крај“ турските серии ги прават различни од латино-американските или американските. Среќен крај недостига речиси во сите турски серии правејќи ги нив пореалистични.

Романтични елементи. Во речиси сите турски теленовели, било оние кои следат современи настани или оние кои се потпираат на историјата на Отоманската империја, се забележува високо присуство на романтизам. Мостовите за комуникација поставени со духовни врски, жртвите кои се прават заради љубовта, платонските љубови, но и отсуството на рамнотежа меѓу одлучувањето засновано на чувства и она кое извира од менталната рационалност, се чини дека се карактеристики на културите на земјите од Истокот, кои ги карактеризираат и содржините на турските теленовели.

Техники на реализација. Нивото на романтизам са потпира на некои техники употребени при реализацијата на овие теленовели, како што се:

Постојаните погледи на ликовите еден кон друг. Ова е значајна карактеристика на овие теленовели, кадешто личностите комуницираат еден со друг преку невербален јазик. Тие се гледаат едни со други, гледаат во хоризонтот, се сеќаваат на одредени моменти или се враќаат на претходните сцени. Во овие сцени недостига акција и повеќе простор им се остава на романтичните елементи.

Емоционални реакции наместо дијалог. И најмалите проблеми кои можат да се разрешат преку кус дијалог, во турските теленовели се придружени со емоционални реакции на ликовите, кои достигнуваат своевиден екстрем.

„Проблемите на целиот свет“ натежнуваат врз едно семејство. Карактеристика на сценаријата на овие теленовели е да го стави семејството во центарот на вниманието во една низа проблеми кои како да не завршуваат. Кај иста личност можат да се сретнат  проблеми со партнерот, со семејството, со работата, или пак со здравјето.

Заради поголема гледаност, ликовите не се обединуваат и вистината никогаш не се открива. Претерувањето кое честопати се случува се прави преку овие методи и ги претвара овие теленовели во досадни за критичкото око на тие што ги анализираат.

Внимателен избор на глумците. Интересен е фактот што  поголемиот дел од глумците немаат соодветно кинематографско образование, но се земени заради нивниот ангажман во рекламите, на различни конкурси за избор на убавина итн. Откако ќе почнат да се емитуваат теленовелите, во медиумите и во јавноста повеќе се зборува за физичката појава на глумците кои играат во нив. Истовремено, треба да се истакне фактот дека платите (хонорарите) на глумците варираат од 20 до 30 отсто од буџетот на една теленовела.

Политизација на турските теленовели. Динамиката на развојот на внатрешната политика во Турција се чини дека е пресликана и во темите кои се третираат во индустријата на кинематографската продукција. Периодот после деведесетите години од минатиот век се карактеризираше со предавање на хегемонијата од Кемалистичките елити на Конзервативната партија за правда и развиток (АКП), којашто имаше политичка агенда за регулирање на медиумските содржини. Турската истражувачка Кумру Берфин Емре Четин оценува дека постојат четири тренда на политизација на турските телевизиски драми: (1) третирање на теми кои ја допираат актуелноста на Турција, (2) разрешување на проблемите кои постоеле претходно, (3) пристап кон нео-отоманизмот и (4) исламски религиозен пристап и посветеност. Овие тенденции главно се совпаѓаат со посебните политички агенди или проекти.

Следеност на турските теленовели и колку време тоа ќе трае

Како заклучок, може да кажеме дека земјите од Западен Балкан, иако се повеќе склони да ја прифатат западната култура, покажуваат тесни врски со турската култура и традиција,  што впрочем влијае на големата популарност на турските теленовели.

Второ, поаѓајќи од наведените карактеристики, турските теленовели се претпочитаат од публиката заради тоа што се многу едноставни за разбирање, наспроти динамиката која ги придружува сличните западни продукции. Во нив недостасува акција и преовладуваат романтизам, интрига и драма.

Трето, во моментот кога индустријата на кинематографската продукција во регионот е во економски тешкотии и не нуди оригинална домашна продукција, и се додека една серија на турските теленовели чини доста ефтино и ги придружуваат голем број на реклами за кои се плаќа висока цена, присутноста на турските теленовели на нашите екрани ќе продолжи уште долго време.

Напомена: Мислењата и ставовите вo оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Рамадан Чипури

Д-р Рамадан Чипури е професор на Одделот за новинарство и комуникација при Универзитетот во Тирана, Албанија. Неговите студии се фокусирани на прашања поврзани со медиумската етика и е автор на две книги.  Кариерата како академски кадар почнува да ја развива од 2008 година на неколку универзитети во Албанија. Претходно, осум години работел како новинар за некои национални и странски медиуми. Завршил студии по новинарство на Универзитетот во Истанбул, Турција, во 2004 година.