fbpx

Јавните медиуми во Југоисточна Европа: наместо кон граѓаните, тие се свртени кон властите и кон самите себеси!

м-р Давор Марко

Медиуми

17.01.20

Прегледи
ALB  SR

Давор Марко

davor marko 200x250Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани. Тие информации треба да бидат од доверба иод нив граѓаните треба да учат и да донесуваат зрели политички одлуки.

Наместо тоа, добивме институции што се сервилни на властите, институции што не известуваат критички и професионално и чии начини на функционирање и финансирање зависат од политичката волја. За жал, факторите што ги детерминираат јавните сервиси – јавноста и граѓаните - им го свртеа грбот. Неодамнешните истражувања покажуваат дека граѓаните во земјите од нашиот регион сè помалку им веруваат на медиумите, а најмалку им веруваат на јавните медиумски сервиси, кои би требало да бидат нивниот примарен извор на информации, столб на демократскиот поредок и промотор на образовните процеси и критичкиот став кон власта.

Два вида на јавност

Јавните медиумски сервиси, според бројни автори, претставуваат посебен модел на медиумска организација, која е независна во своето делување со висок степен на управувачка и програмска автономија, јавно финансирана, која транспарентно работи, произведува квалитетна програма од јавно значење, која не мора да биде популарна и комерцијална, со истакната информативна, образовна и забавна функција и одговорност пред јавноста. Јавниот сервис, како таков, се обраќа на општата јавност, на сите граѓани/граѓанки и поттикнува општ пристап и учество во јавниот живот.

Како таков, јавниот медиумски сервис е столб на демократското општество, а концептот на „јавност“ и „јавна сфера“ се суштински важни за неговото одредување. Според Сабина Михелј, професорка на Универзитетот во Лоубороу (Обединетото Кралство), има две врсти на јавност (на англиски publicness) кои го дефинираат концептот на јавниот медиумски сервис.

Едната јавност е сфатена како видливост, која го подразбира јавниот медиумски сервис како јавен простор за дискусија, експонирање на одредени јавни идеи и проблеми кои ги засегаат сите граѓани/граѓанки. Таа се однесува на контролната функција што јавниот сервис ја има во општеството. Другата јавност се однесува на споделување мисии што јавните сервиси ја имаат во областа на информирање, образование и забава. Според Михелј, во времето на социјализмот имавме „споделување без видливост“, на почетокот на демократскиот процес имаше „видливост без споделување“, додека денешната ситуација, во која јавните сервиси се сè повеќе политизирани, немаме „ни видливост, ни споделување“.

Во намерата јавните телевизии да ги врати на патот на видливост и споделување, Европската унија на радиодифузери (European Broadcasting Media – EBU) го препозна концептот на „враќање на општеството“ како клучен за проценка на придонесот на своите членови – јавните медиумски радиодифузни сервиси – за демократските процеси во земјите во кои тие работат. Овој концепт се наоѓа во сржта на стратешкиот документ – 'EBU визија 2020'.

Меѓутоа искуствата на земјите од Југоисточна Европа покажуваат сосема поинаква пракса, во која нема ни споделување, ни видливост, ни враќање – на општеството и на граѓаните/граѓанките.

Недоверба од граѓаните

Поголемиот дел од граѓаните во земјите во Југоисточна Европа, дури 68 проценти, смета дека јавните медиумски сервиси се важни за демократијата, наспроти 19,7 проценти кои го мислат спротивното, според резултатите од една голема анкета која во текот на 2019 година ја спроведе медиумската програма на Фондацијата Конрад Аденауер. Истражувањето е спроведено во 10 земји од регионот – Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија и Србија – со примерок од 10 383 испитаници.

Постојат и значајни разлики во одговорите кои ги даваа граѓаните на Хрватска, Бугарија, Романија, Молдавија и Босна и Херцеговина, каде значењето и придонесот на јавните сервиси се истакнуваше во нешто поголем обем, што може да се припише на политичката ситуација. Особено во Хрватска каде јавната медиумска телевизија (Хрватска-радио телевизија) постепено се политизираше по влезот на државата во ЕУ.

Од друга страна, скоро две третини (64 проценти) сметаат дека јавните медиумски сервиси се предмет на политичко влијание. Овој процент е значително повисок во Босна и Херцеговина (88 проценти), Хрватска (83 проценти) и во Црна Гора (71 процент).

Кога станува збор за доверба во медиумите, во општата состојба на недоверба кон медиумите, степенот на доверба кон јавните телевизии е нешто повисок (34 проценти) во однос на комерцијалните (32,4 проценти), но недовербата во овие медиуми исто така е поголема (14,5 проценти наспроти 12,8 проценти). Кај јавните радија, ситуацијата е обратна и кога станува збор за јавните медиумски сервиси, таа е значително полоша.

Javnite mediumi vo Jugoistocna Evropa namesto kon graganite tie se svrteni kon vlastite i kon samite sebesi t1Извор: KAS, A Pillar of Democracy on Shaky Ground (2019), страница 22

И покрај ниските стапки на доверба, граѓаните на овие земји и натаму редовно ги следат програмите на јавните медиумски сервиси. Дури 51 процент тоа го прават секојдневно, 22,5 проценти неделно, 14,3 проценти неколку пати месечно, а само 12,6 проценти од граѓаните се изјасниле дека никогаш не го прават тоа.

Javnite mediumi vo Jugoistocna Evropa namesto kon graganite tie se svrteni kon vlastite i kon samite sebesi t1Извор: digitaltveurope.com

Нема интеракција со публиката

Иако програмите на јавните медиумски сервиси во поголемиот дел од земјите на Југоисточна Европа сè уште се многу популарни и се следат, степенот на доверба во нивната содржина е низок. Тоа делумно се должи на фактот што јавните сервиси не комуницираат редовно со граѓаните/граѓанките и не се приспособуваат на новите трендови. Праксата во развиените европски земји покажува дека јавните сервиси сè повеќе се приспособуваат на начинот на кој функционира публиката, особено помладата. „Би-би-си“ воведува формати (60 секунди) кои се информативни, но и се доволно кратки да го задржат вниманието на публиката, додека фламанскиот јавен сервис (Белгија) организира „денови на отворена врата“ во кои не само што им овозможува на граѓаните да ги посетат, туку и самите да учествуваат во произведувањето на програмите.

Наодите од истражувањето за искуствата од трансформацијата на некогашните државни радиодифузери во јавни медиумски сервиси покажуваат дека станува збор за медиуми со многу популарни програми, на кои многу малку им се верува и кои немаат развиени стратегии за јасна и двонасочна интеракција со својата примарна публика – граѓаните и граѓанките на земјите во кои работат. Истражувањето е спроведено во рамките на регионалниот истражувачки проект наречен „Перспективи и развој на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“, кој го спроведува Аналитика од Сараево и Универзитот на Фрибург, Швајцарија.

Една од причините за недоволна интеракција со публиката не е поврзана само со политизацијата на начинот на функционирање и известување, туку и во наследената структура на самите јавни сервиси. Традиционалните структури што јавните сервиси ги наследија од претходниот систем, кога беа државни телевизии, не содржат ефективни механизми за интеракција со публиката. Од 10 јавни радиодифузери на просторот на Западен Балкан, само три имаат некаков вид на механизам вклучен во своите структури чија задача е да комуницира со публиката. Најактивна по ова прашање е HRT, која има институција наречена Претставник за корисниците на услуги, додека јавниот сервис во Албанија има Совет за гледачи и слушатели, а во Македонија задачата да ги штити интересите на публиката во контекст на програмската понуда ја има Програмскиот совет.

Врвни продукции кои „пребегнаа“ во конкуренцијата!

Независната и висококвалитетна продукција е уште едно поле на кое медиумските јавни сервиси ја губат битката со својата комерцијална конкуренција, пред сè со платформите што нудат филмска и телевизиска содржина преку интернет (over-the-top или ОТТ) како што се Netflix, HBO, или EON (чијшто сопственик е кабелскиот и IPTV провајдер SBB).

Во изминативе две години имавме неколку многу сериозни продукциски проекти, како на пример серијата „Весникот“ ('The Paper'), за чија прва сезона копродуцент беше ХРТ од Хрватска, или „Со утрото сè се менува“ ('Morning changes everything') и „Сенки над Балканот“ ('Black Sun'), за која во улога на копродуцент и продуцент се јавува РТС.

„Весникот“ е транзициска приказна за еден град, луѓето во еден независен медиум, кои поради сплет на политички и финансиски малверзации стануваат политички плен и инструмент во рацете на моќници. Брилијантно напишаната приказна (од новинарот Ивица Џикиќ), одличната режија (на Далибор Матаниќ) и одличниот одек во јавноста не остануваат незабележани, па по првата сезона серијата преминува во рацете на Netflix која ги продуцира следните две сезони.

Слична е и приказната со серијата „Сенки над Балканот“, на која како автор се потпишува Драган Бјелогрлиќ, а чија прва сезона (ко-продукција со РТС) само ги отвора вратите за нови копродукциски потфати. A втората сезона, која во моментов се гледа во Србија и во регионот, е изработена со телевизијата NovaS и е достапна преку апликацијата EON. Во првите 10 дена, повеќе од 20 000 луѓе ја активирале опцијата за гледање на сите десет епизоди една по друга.

На јавните сервиси, според достапните податоци за гледаност, сè уште најгледани се спортските преноси (доколку јавните медиумски сервиси сè уште имаат права на телевизиски пренос), централните информативни емисии и емисиите кои имаат елементи на реално шоу, како на пример „48 часа свадба“ која своевремено се емитуваше на RTS во Србија и имаше голема популарност.

Заклучок и иднина?

Граѓаните во земјите од нашиот регион сè помалку им веруваат на медиумите, а најмалку на јавните медиумски сервиси, кои би требало да бидат нивен примарен извор на информации, столб на демократскиот поредок и промотор на образовните процеси и критичкиот однос кон власта.

Во пракса гледаме сè спротивно на тоа, а задачата на јавните медиумски сервиси ја преземаат истражувачките портали, донекаде и социјалните мрежи, активистичките портали, медиумите што работат за конкретна мисија, заедно. На пример во Србија, квалитетните истражувачки текстови кои се осврнуваат на темите што се од важност за јавноста се резултат на новинарските напори на KRIK, Центарот за истражувачко новинарство на Србија (CINS), како и Балканската мрежа за истражувачко новинарство (BIRN Србија). Слична е и ситуацијата во другите земји од регионот.

Тие не само што известуваат за теми кои се важни за граѓаните, туку со нив одржуваат и редовна и отворена комуникација која доведе до заемна доверба и поддршка.

За да се „спуштат на земја“, јавните медиумски сервиси треба да се приспособат на новиот начин на медиумско функционирање во ова „вмрежено општество“ кое не трпи хиерархии, треба да се ослободат од политичките стеги и притисоци и пред сè од пристапот кој Итреберг (Ytreberg) го нарекува „снисходлив елитизам“ кој се карактеризира со неизбалансиран однос помеѓу јавните сервиси и нивните публики. Останува отворено прашањето како јавните медиумски сервиси да се вратат на граѓаните, како нивното работење да стане поодговорно и потранспарентно, а програмата да биде поквалитетна и попристапна за новите публики во состојба на напната политичка атмосфера, остри поделби во општеството, економска нестабилност, но и нови технолошки предизвици во кои комерцијалната конкуренција драстично ги претекнува.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

м-р Давор Марко

Davor Marko holds PhD in communication and culture from the Faculty of Political Sciences, University of Belgrade. He has expertise in analysis of communication trends in off line and online sphere among youth, and capacity building in domains of communication, policy making and advocacy. He is the author of many local and regional research papers, publications, publications and assessments, and has worked with leading academic, research and international institutions from the region of the Western Balkans and abroad. He collaborated with USAID, OSCE, EBU, Thomson Foundation, and was research fellow of Open society fund in BiH, UNESCO, and Zeit Stifftung from Hamburg. His professional interests include media development, strategic communication, the future of public service media, media and diversity, and the language of the media.