fbpx

Како се уништува нашата приватност

Милица Чубриловиќ

Медиуми

21.04.20

Прегледи

Милица Чубриловиќ

svetomir skarik 200x250

Дваесет и првиот век воведе повеќе можности за прибирање лични податоци, кои можеме да ги наречеме и нафта на денешното време, а со тоа и разни начини за прекршување на приватноста на физичките лица. Во денешно време, просечниот граѓанин кој користи интернет е предмет на постојано следење на неговите активности.

„Да се биде оставен намира е најдрагоцената работа во денешно време“.

― Anthony Burgess, Homage To Qwert Yuiop: Essays

Желбата на секоја личност да ја заштити својата приватност на одредено ниво не дојде со појавата на интернетот. Напротив: концептот на приватност има мошне долготрајна историја и може да се каже дека потекнува уште од времето на древните цивилизации. Идејата, всушност, потекнува од правењето разлика помеѓу она што се нарекува „приватно“ и „јавно“, додека аргументите да се прави разлика помеѓу нив се формираа на основа на интуитивните потреби на луѓето да се одвојат себеси од светот околу нив.

Развој на концептот на приватност

Гледано од правен аспект, уште во Законикот на Хамураби имало одредба со која бил осудуван неовластениот упад во нечиј дом, која потоа во целост е преземена и во римското право. Во деветнаесеттиот век, концептот на приватност е поделен на физичка и умствена приватност, и двата правци продолжија да се развиваат одвоено. Чувството за физичка приватност кај луѓето почна да се намалува во времето на урбанизација, кога можеме да кажеме дека начините на нејзино загрозување стануваа сè покреативни: од комшиката во станот карши која постојано нè следи што правиме, до камерите кои нè снимаат секогаш кога влегуваме во зградата во која живееме. Ова значи дека сме набљудувани и во непосредното опкружување на својот дом. Врз основа на ова можеме да заклучиме дека, заедно со еволуцијата на концептот на приватност, се шири и полето на љубопитност на другата страна која нè набљудува.

Еден од првите научни извори на оваа тема кои станаа многу популарни кај правниците е „The Right to Privacy“ („Право на приватност“) од 1890 година, од авторите Семјуел Ворен и Луис Брендис кои се обидоа да го дефинираат правото на приватност, и тоа како „право да бидеме оставени намира“, според кое се подразбираат можност да се влијае на несаканата инвазија врз мислите, емоциите и други приватни карактеристики на конкретна личност. Тие препознаа и две струи кои во иднината значително ќе влијаат на концептот на приватност – едната е технолошката струја т.е. дигиталната револуција, а втората е онаа која се потпира на гореспоменатата љубопитност и на која се базира и жолтиот печат денес. Кога зборуваме за „иднината“ која ја предвидоа авторите, а која денес е наша сегашност, дваесет и првиот век воведе повеќе можности за прибирање лични податоци, кои можеме да ги наречеме и нафта на денешното време, а со тоа и разни начини за прекршување на приватноста на физичките лица.

„Колачињата“ нè следат и се обидуваат да го дефинираат нашиот дигитален отпечаток

Во денешно време, просечниот граѓанин кој користи интернет е предмет на постојано следење на неговите активности. Овие активности се предизвикани од еден мал текстуален фајл кој ни влегува во компјутерот или во телефонот секогаш кога ќе пребараме нешто. Фајлот се нарекува „cookie“ т.е. колаче. Повеќето компании кои ја користат оваа технологија велат дека на тој начин сакаат подобро да го запознаат својот клиент т.е. корисник и неговите потреби. Еден начин да се биде транспарентен, барем и формално, а во врска со користењето колачиња, е имањето политика за колачиња („Cookie Policy“) во која е посочено кои колачиња се користат и кои податоци тие ги собираат. Политиката на користење на колачиња е врз основа на правилата кои ја регулираат заштитата на личните податоци на лицето, и која е задолжителен дел од политиката на приватност на секој интернет сајт кој обработува податоци на корисници на територијата на ЕУ. Ова значи дека колачињата се една од причините зошто, кога пребаруваме нешто на некоја интернет страница, тоа исто пребарување веќе следниот ден ќе ни се појави на Фејсбук.

SHARE Lab и Tactical Tech во 2017 година објавија студија на случај за конкретно лице (господин М) чие движење по интернетот било следено некое време откако тој си заминал од фирмата „Тактикал Тек“ а податоците за тоа негово движење биле анализирани од страна на стручни лица една година потоа. Од овие податоци, тие лица не само што во секој момент знаеле каде живее господинот М, кои сè места ги посетил, дека патувал со авион и каде сè патувал, туку имале и информации за неговите конкретни интереси, како што била неговата опсесија да пробува бургери во секое место кое ќе го посети. И сето ова од податоци кои биле обезбедени за само два часа. Оваа студија на случај јасно ни покажува дека нè следат, кога нè следат и колку нè следат. Господинот М знаел дека некој го следи и дал своја согласност за тоа. Од друга страна, се поставува прашањето дали и колку ние, како корисници, знаеме кога и како нè следат? Секогаш на интернет оставаме мали траги за она што сме го правеле, и овие податоци генерално со прибираат без наша согласност, а многу често и без воопшто да сме свесни за тоа. Така се создава нашиот дигитален отпечаток т.е. она што сме ние денес на интернет.

kako se unishtuva nashata privatnost blog

Извор: digitorc.com

Геолокација и техника на препознавање на лицето

Ако гледаме на приватноста низ призмата на фотографијата, треба да знаеме дека секоја фотографија на нашиот телефон содржи податоци за геолокацијата (значи, каде е сликано). Гугл е водечка компанија во светски рамки која користи геолокација. Гугл Мапс е нешто што повеќето луѓе го користат не само на мобилен телефон туку и на компјутер. Многу често забораваме и тоа дека оперативниот систем Андроид му припаѓа на Гугл. Со користењето на овие услуги, ние на Гугл му откриваме каде се движиме моментално и кои места ги посетуваме, а некогаш му даваме и наговестување за тоа што планираме и каде би оделе, што значи дека ние со него ги делиме нашите мисли и ја загрозуваме нашата умствена приватност која ја споменавме погоре.

Кога зборуваме за фотографиите, добро би било да ја споменеме и биометриската техника за препознавање лица. Се работи за една од ретките техники од овој тип која не е наметлива и која има потенцијал да ја подобри безбедноста на државата, па поради тоа и масовно се користи од страна на државните органи во дваесет и првиот век, како и од банки, објекти за малопродажба и од Фејсбук. Станува збор за софтверот „FaceIt“ кој е обмислен во 2000-та година и е прв софтвер кој успешно ја користи техниката за препознавање лица, со цел решавање на ситуации поврзани со криминал. На оваа техника се засноваат и делови од бизнис моделот на апликации како што се Снепчет. Подоцна овој модел го презедоа и други компании, како што е Инстаграм на Фејсбук. За овие апликации можеби е и логично да бараат пристап до нашата камера, па и да ја користат оваа технологија, но зошто поголем дел од апликациите кои ги инсталираме бараат пристап до нашата камера?

Повеќето од активните корисници на Фејсбук ја користат својата фотографија на профил. Кога компанијата ќе се посомнева во идентитетот на својот корисник, таа ќе побара од него верификација на профилот која се прави со испраќање фотографија или скенирање на некој личен документ, и на тој начин Фејсбук го обезбедува спроведувањето на својата политика – да има што е можно помалку лажни профили а исто така и ја храни својата база на податоци со податоци кои се вистинити. Со функцијата „тагирање“ (означи) т.е. со идентификување на лицата кога се работи за групни фотографии, го започна својот процес на препознавање лица во 2013 година и јавно објави политика за приватност во која е посочено дека Фејсбук користи техника за препознавање на лица. Набргу по објавувањето на политиката на приватност, објавија и текст за софтверот направен специјално за оваа намена: „DeepFace“. Исто така, од Фејсбук велат дека софтверот се потпира на технологија на вештачка интелигенција и дека целта му е да биде доволно напреден до степен да може да се смета дека е сличен со човечкиот ум. Се проценува дека софтверот дава точни резултати во 97% случаи а во 2014 година бил подобар од софтверот на FBI.

Кога се работи за државните органи, тие го оправдуваат користењето техники за препознавање лице со целта да се намалат стапките на криминал и сообраќајни прекршоци. Во други држави, пак, приватност е привилегија во која ќе уживаме ако платиме за тоа, а во трети држави таа е целосно подредена на јавниот интерес, особено на безбедноста како интерес. Кина отворено покажува на кој начин ги користи напредните технологии за целите на надзор и, како една од најмоќните држави во светот, не попушта под притисоците на бранителите на човековите права. Ова е усовршено до тој степен што Кина е горд сопственик на повеќе од 200 милиони CCTV камери (кои се користат за видео надзор), со цел да држи под контрола население кое брои 1.4 милијарди луѓе. Град кој е најмногу под надзор е Синџијанг (во околината на Пекинг) во кој живат 10 милиони сунити муслимани кои „му пречат на општеството“. Технолошките гиганти, како што е компанијата Хуавеи, се лидери во ваквите проекти. Кина и Хувеи овозможија интернет пристап во поголем дел од Африка. Моментот кој претставува опасност тука е фактот што, освен своите технологии, Кина ја шири и својата идеологија: многу надзор а малку почитување на слободата и правата.

Приватност и масовен надзор

Во рамките на проектот „Паметни градови“, Србија потпиша договор за соработка со Кина и со Хуавеи за набавка и инсталирање на повеќе од 2.000 камери со технологија за препознавање лица во градот Белград. Процесот на поставување на овие камери е во тек, а само на еден агол на „Трг Републике“ се поставени четири вакви камери. Она што поттикнува сомнеж за тоа дека овие камери значително ќе ја загрозат приватноста на српските граѓани е дека српското МВР податоците за оваа јавна набавка ги категоризира како доверливи, па така уште од почетоците на оваа постапка до денес МВР не овозможи транспарентни информации поврзани со инсталирањето на масовен видео надзор во Белград. Од друга страна, компанијата Хуавеи објави студија на случај од оваа активност со Србија на својата интернет страница, но истата мошне брзо беше отстранета од нивниот сајт. Единствен документ кој српското МВР го достави до повереникот за информации од јавно значење и заштита на податоци за лица, со цел само формално да ги исполни своите обврски за транспарентност согласно Законот за заштита на податоци за лица е „Procena uticaja na prava građana“. Истиот беше анализиран од страна на правниот тим на SHARE во соработка со Партнерите за демократски промени и Центарот за безбедносна политика од Белград и беше констатирано дека не ги исполнува ниту материјалните ниту формалните услови предвидено со закон. Деталите за овој проект и понатаму се предмет на истражување, оваа постапка трае нешто повеќе од една година и таа постојано го покренува прашањето колку е оправдано постоењето на еден ваков систем.

Уште еден аргумент против инсталирањето камери со технологија за препознавање лица е и фактот дека оваа технологија во светот почнала да се забранува, па така San Francisko е првиот град во САД кој го направил токму тоа. Веднаш по Сан Франциско, Шведска забраниле користење на техники за препознавање на лица низ училиштата, а организации и активисти кои се залаат за концептот на приватност можат да се забележат сè повеќе.

Можеме да заклучиме дека концептот приватност на интернет не е на завидно ниво, и дека корисниците на интернет често ја занемаруваат својата приватност со цел да ги искористат сите можни бенефити на технологијата. Факт е дека интернетот нуди пристап до бесконечно содржини, и тука има многу интересни работи, но кога избираме содржини потребно е добро критички да размислиме (или барем да помислиме) за тоа каде завршуваат нашите податоци? Од сето ова можеме да извлечеме и основана претпоставка дека свеста на граѓаните т.е. на корисниците на интернет во Србија исто така не е на завидно ниво (особено кога станува збор за нивната приватност). Останува да видиме дали 2020 година ќе донесе подобрувања и какви ќе бидат тие.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

 

Милица Чубриловиќ

Милица Чубриловиќ е креативен продуцент и правен истражувач во Фондацијата SHARE во Белград. Таа најчесто работи на креирање на различни визуелни содржини за каналите за комуникација на SHARE и бара нови начини преку кои може да ја пренесе важноста на влијанието на технологијата врз општеството. Кога не се занимава со уметнички креативни процеси, таа ги истражува правните аспекти на приватноста и безбедноста на информациите.