fbpx

Значењето на членството во ЕУ и НАТО за Република Македонија

Јулија Брсакоска Базеркоска

Политика

24.09.18

Прегледи

вон. проф. д-р Јулија Брсакоска Базеркоска

julija b bezerkoskaРепублика Македонија е мала држава на Балканот чија основна цел е опстанокот во меѓународните односи и грижа за благосостојбата на сопствените граѓани. За да го постигне ова потребни ѝ се сојузи и сојузници и на глобално и на регионално ниво.

По крајот на крвавите војни при распаѓањето на поранешната југословенска федерација, се чинеше дека Балканот е конечно на пат кон мир, просперитет и стабилност. Ветувањата кои ги нудеше идната евро-атлантска интеграција беа внатрешните реформи кои требаше да ги ослободат новите држави од стегите на корупцијата и од траумите на поранешните војни и да им помогнат да изградат праведни демократски општества кои се базираат на владеење на правото, а притоа да станат членки во Европската Унија и НАТО. Словенија и Хрватска забележаа значителен прогрес и станаа дел од овие меѓународни организации, додека Албанија и Црна Гора се членки само на НАТО алијансата. Освен овие неколку успешни приказни, останатите држави на Балканот останаа надвор од интегративниот процес. Наивно верувајќи дека нивната траекторија е зацртана и неизбежна, полека спласнуваше ангажманот и интересот на ЕУ и на САД за регионот. Ваквиот пасивен однос кон Балканот беше поттикнат и од свртувањето на американските интереси кон Блискиот Исток и Азија, како и од бегалската криза и Брегзит со кои сѐ уште се соочува Европската Унија. Ваквиот развој на настаните, дополнет со зголемена невработеност и корупција, ја поттикна дисолуцијата на и онака слабите институции во државите од Западен Балкан (Atlantic Council).

Неотпочнувањето преговори со Европската Унија во последните неколку години, претходната влада на Република Македонија го искористи како изговор за свртување кон Русија. Исто така, особено по украинската криза, сведоци сме на засилено инволвирање на Русија во регионот. Русија се обидува да ги искористи недостатоците на овие држави за да му се спротивстави на Западот таму каде што е можно и да се наметне како релевантен играч на Балканот, обезбедувајќи си со тоа одвлекување на вниманието на западниот свет од кризата во Украина. Новонастанатиот судир помеѓу Русија и западните сили повторно во фокусот го стави проширувањето на НАТО и истовремено ги потсети државите членки на Европската Унија дека е потребен засилен ангажман околу државите од Балканот за да не се отвори повторно старото крваво жариште. Барањето партнер во Русија, која би претставувала алтернатива за Европската Унија, особено во Република Македонија, се покажа како сценарио кое е опасно и неодржливо. Република Македонија е дел од Европа, па нејзината иднина со самото тоа треба да е во ЕУ и во НАТО.

zaev hanИзвор: Washington Post

Зошто ни сѐ потребни Европската Унија и НАТО?

Поставувајќи ги членството во ЕУ и НАТО како свои надворешнополитички приоритети уште од моментот на нејзината независност, Република Македонија се става во друштво на држави кон кои и географски и вредносно припаѓа. Членството во Европската Унија и во НАТО треба да придонесе кон јакнење на демократските вредности во државата, но и на безбедноста во државата и регионот. Со тоа што ќе стане дел од еден поширок сојуз на држави, една мала држава како нашата добива пристап до поголем пазар, во случајот со ЕУ, и безбедносни гаранции, во случајот со НАТО.

И покрај постоечките проблеми со кои се соочува Унијата – мигрантската криза, Брегзит, порастот на десничарските движења, сепак нејзиниот капацитет за да влијае трансформативно врз државите кои го отпочнуваат процесот на претпристапни преговори е несомнен. Процесот е долг и бара отстапки, но целта е добивање на бенефициите кои зедничкиот пазар ги нуди преку неговите четири основни слободи – слобода на движење на лица, стоки, услуги и капитал, и кој има јасно определени правила на игра, но и механизми за заштита на своите членки. Исто така, ставањето на државата во рамката на претпристапни преговори ѝ нуди подобри механизми во борбата против корупцијата, што е основа во процесот на градење општество кое почива врз принципот на владеење на правото.

Критериумите за зачленување во Европската Унија се однесуваат на неколку сегменти – политички критериуми за демократските капацитети, владеењето на правото и заштита на основните човекови права, економски критериуми за градење на функционална економија која ќе може да се носи со европскиот пазар и критериумите за ефективно градење институционални капацитети за имплементација на европското законодавство - acquis communautaire. Во случајот со Република Македонија, решението на спорот за името со соседна Грција беше ставен како дополнителен услов кој треба да се исполни пред почетокот на преговорите. Една од причините зошто Унијата го наметнува овој услов е фактот дека сојузите се формираат за да ги штитат интересите на своите членки, но и поради фактот што процесот на преговори не може да почне без согласност на една од нејзините држави членки – Грција. Идентичен е и случајот со НАТО, кој е пред сѐ воен сојуз кој треба да ги штити своите држави членки.

Токму поради тоа, за да не биде оставена надвор од овие интегративни текови, Република Македонија треба да почне со примена на Договорот за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратешко партнерство. И покрај неговите слабости кои ги истакнуваат опозиционерите и во двете држави, договорот е резултат на дипломатските напори на двете земји, но и на целокупната меѓународна заедница во обидот да се интегрира Република Македонија, а потоа и целиот регион, со цел да се осигура безбедноста и економската одржливост на државите од Западен Балкан.

Што доколку останеме надвор од евро-атлантските интеграции?

Меѓународната заедница најопшто сфатена ги опфаќа сите држави кои егзистираат на меѓународната сцена, како и меѓународните организации кои ги основаат државите. Сепак, не сите држави имаат исто значење и тежина во меѓународните односи. Постојат големи држави кои имаат глобални интереси и соодветна моќ да ги остварат и регионални сили и мали држави кои се борат за својот опстанок на меѓународната сцена. Република Македонија е мала држава на Балканот чија основна цел е опстанокот во меѓународните односи и грижа за благосостојбата на сопствените граѓани. За да го постигне ова потребни ѝ се сојузи и сојузници и на глобално и на регионално ниво.

Во еден глобализиран свет во кој прогресот на државата зависи од меѓународната соработка со останатите држави во регионот и на светско ниво, останувањето надвор од евро-атлантските интеграции ќе значи целосна маргинализација на Република Македонија. Опстанокот на малите држави во меѓународните односи и благосостојбата на нивните државјани зависи од нивната поврзаност и интегрираност во меѓународното општество во кое е сѐ понагласена улогата на транснационалните врски и значењето на процесот на модернизација и технолошка развиеност. Ниту една држава оставена сама на себе, во денешниот меѓународен систем, не може да биде самодоволна. Затоа, останувањето надвор од овие текови ќе значи комплетна изолација на Република Македонија во меѓународната заедница.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јулија Брсакоска Базеркоска

Јулија Брсакоска Базеркоска е вонреден професор по меѓународни политички односи на Правниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Своите докторски студии ги завршила на Универзитетот во Келн, Германија.